Три начини да процените колку вашите колеги ви веруваат

Доверба – именка од женски род што значи верба, сигурност, увереност во искреноста, чесноста, добронамерноста и  способностите на некого.

Но, како да ја изградиме или стекнеме довербата? Дали, само ако работам многу колегите ќе имаат доверба во мене? Дали почитувањето е еднакво на довербата? Ова се само дел од многуте прашања кои една личност може да си ги постави сам на себе во потрага по вистинскиот одговор.

На почетокот да разграничиме дека, да имаш доверба во некој или да почитуваш некого се два различни поими. Кога станува збор за компанија, вработените најчесто ги почитуваат своите колеги и претпоставени. Почитувањето на тимот не секогаш резултира со доверба во реалниот деловен свет. Луѓето во своите компании меѓусебно се почитуваат и спроведувајќи ги редовните работни задачи ги остваруваат зацртаните цели на таа компанија.

Кога станува збор за довербата, тука веќе зборуваме за нешто што е поголемо и поинтимно. Како да дојдеме до моментот, колегите да ни веруваат во процесот на работење?

Прво, насила не се постигнува ништо. Довербата е процес кој трае, се гради и се стекнува.

Ако сте на висока позиција во една компанија дали некогаш сте си го поставиле прашањето: Дали и колку моите колеги ми веруваат? Одговорот ќе го добиете на едноставен начин. Земете лист хартија и запишете ги имињата на сите на кои во изминатиот месец им подадовте „рака за помош“, им кажавте убав збор, им бевте поддршка во процесот на реализација на активностите. Потрудете се да се присетите на сите добри работи кои ги направивте за нив.

Ако кругот на колеги кои се наоѓаат на оваа листа е разновиден и е долг, тогаш можете да бидете спокојни бидејќи колегите ја имаат вашата доверба. Но, ако листата на имиња е кратка и ако во нив се повторуваат имиња на најблиски соработници или колеги од вашиот сектор, тогаш можеби е време да почнете да работите на себе. Вас колегите ве почитуваат поради позицијата што ја имате во моментот, но за жал поголемиот дел не ви верува.

Исто е и со оние што немаат висока работна позиција во компанијата. И најчесто луѓето што не се обременети со функцијата раководител, директор, член на Управен одбор, имаат поголема доверба кај своите колеги.

Вториот начин за да го проверите ова е тимската работа. Разгледајте еден ваш работен ден и направете анализа на работните задачи. Колку активности сте делегирале или префрлиле на вашиот колега, а колку сте ги сработиле заедно? Дали во текот на денот му понудивте помош на колегата во некој дел од неговата работа или дополнително му префрливте уште задачи?

Луѓето што се свесни за кратките рокови, обемот на работа и интензитетот да се заврши еден процес, секогаш ќе имаат поголема доверба кај своите колеги, бидејќи тие се подготвени да пружат помош, подготвени се „да му се најдат“ на својот колега кога има краток рок или поголем обем на работа.

И третиот начин е самокритичноста. Доколку сте свесни за одредени пропусти во тековното работење ваше  или на секторот (ако сте на позиција) и имате доблест да ја признаете грешката, а да не барате виновник во некој друг, тогаш со сигурност вашите колеги ќе чувствуваат дека вие сте личноста со која сакаат да работат и на која можат да и веруваат.

Животот е релативно краток период во кој луѓето како социјални битија треба да бидат насочени кон градење на искрени, отворени и стабилни врски со своите колеги. Затоа, опуштете се од притисокот кој понекогаш самите си го наметнувате. Бидете природни и бидете искрени со сите. Градете позитивен имиџ што ќе биде потврден од вашите колеги, затоа што сè што е вештачко и наметнато брзо излегува на површина. Искрениот однос заснован на меѓусебна почит и доверба помеѓу колегите може значајно да придонесе за работниот амбиент зголемувајќи го задоволството на сите и поттикнувајќи ја продуктивноста и ефикасноста во работењето.

Во февруари 2024 година задржана динамиката на високи приливи од камати и дивиденди од инвестирањето на пензиските заштеди

Ве информираме дека во периодот од 01.02.2024–29.02.2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 76.419.118,00 денари и приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 85.951,25 долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 55.140,33 долари и 98.762,56 евра, од кои ги издвојуваме:

  • УСД 3.368.40 од компанијата APPLE INC.;
  • УСД 13.068,92 од компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC.;
  • ЕУР 98.762,56 од компанијата SIEMENS AG;
  • УСД 38.703,01 од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.264.002,00 денари, приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 2.660,00 долари и приливи од дивиденди во вкупен износ од 1.358,40 долари и 3.737,21 евра, од кои издвојуваме:

  • ЕУР 3.737,21 од компанијата SIEMENS AG;
  • УСД 855,23 од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2023/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Пензискиот систем во Република Северна Македонија

Демографските фактори како стареењето на населението, забавувањето на економскиот раст и затегнатите владини буџети на крајот на изминатиот век доведоа до раст на трошоците за пензии и пад на ресурсите со кои владите ги финансираат пензиските обврски. На ваквите промени се одговара на различни начини. Промени во стапките на придонеси, промени во возраста на пензионирање, понатаму структурни промени и воведување на приватно-управувани пензиски фондови, односно повеќестолбен пензиски систем. Голем број земји во светот пристапија кон реформи на своите пензиски системи и процеси чија цел е да одговорат на предизвиците и да осигураат одржливост на самите системи.

Неодржливата состојба во пензискиот систем во првата декада по осамостојувањето на нашата земја била причина за реформа на пензискиот систем и стапување на сила на повеќестолбен пензиски систем. Така, Р. С. Македонија започна реформа на пензискиот систем иницирана во 1997 година со проект на Министерството за труд и социјална политика. Во 2002 година, македонскиот парламент донесе Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Реформата вклучуваше воведување на втор и трет столб, односно приватно капитално-финансирано пензиско осигурување. Така, веќе во 2005 година започнаа со работа Друштвата за управување со пензиски фондови.

Демографските трендови, тековните состојби на пазарот на труд и во економијата, како и промените во стапките на придонес за пензиско осигурување во минатото се доминантни фактори кои имаат влијание врз одржливоста на пензискиот систем.

Демографските трендови во Р. С. Македонија се неповолни. Просечната возраст на населението се зголемува, додека стапката на фертилитет е под просекот на европските земји. Коефициентот на старосна зависност бележи влошување. Индексот на стареење кој се смета за еден од најдобрите показатели за староста на популацијата според пописот од 2021 година, бележи вредност повисока од 100 што подразбира поголемо учество на лицата од 65 и повеќе години во вкупното население во споредба со лицата до 14 години. Демографскиот проблем во Р.С. Македонија е значаен ризик фактор за одржливоста на пензискиот систем.

Неповолните економски состојби влијаат негативно на пазарот на труд. Состојбите на пазарот на труд во земјава прикажуваат сè уште релативно висока стапка на невработеност, особено кај помладата популација, што не оди во прилог на обезбедувањето на одржливост на пензискиот систем. Покрај високата невработеност, пазарот на труд се соочува и со недостиг на квалификувана работна сила, особено во одредени сектори. Политиките со цел зголемување на вработеноста, а со тоа и зголемување на уплата на придонеси се аспект кој е од голема важност во обезбедувањето долгорочна одржливост на пензискиот систем. Сепак, овој аспект, без координирани политики за подобрување кај останатите аспекти, не може да придонесе за целосна одржливост на пензискиот систем.

Во однос на функционирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Р.С. Македонија (ФПИОСМ), неговото ефикасно функционирање е загрозено доколку нема дотации од Буџетот на Р. С. Македонија. Во 2022 година, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, покривал 33,6% од своите вкупни расходи со средства од Буџетот. Овие средства претставуваат 3,4% од БДП.

Вториот столб започна да функционира во 2006 година. Капитално финансираното пензиско осигурување се разликува од системот на генерациска солидарност во однос на третманот и евиденцијата на уплатените придонеси и во однос на утврдување и исплатата на пензијата. Во ваквиот модел, секој член има сопствена сметка на која се евидентираат неговите уплатени придонеси. Овие средства се акумулираат и понатаму се инвестираат, а приносот од инвестициите намален за трошоците на работење на системот, се додава на средствата акумулирани на сметките. На овој начин се обезбедува поврзаност помеѓу средствата акумулирани на индивидуалните сметки и идните пензии што ќе ги остваруваат лицата вклучени во капитално финансираното пензиско осигурување.

Приносот кој приватните пензиски фондови во Р. С. Македонија го остваруваат е на задоволително ниво. Според податоците објавени од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, , од почетокот на функционирање на фондовите, заклучно со 31.12.2023 кај задолжителните фондови бил остварен просечен номинален годишен принос од 5,23%, додека кај доброволните фондови бил остварен просечен номинален годишен принос од 5,47%. Солидните приноси не значат и екстремна ризичност. Напротив, доколку ја погледнеме структурата на средствата на приватните пензиски фондови, односно ризичниот профил на пензиските фондови ќе забележиме дека фондовите се одликуваат со средна ризичност, односно учеството на вложувања во ризични инструменти се движи во рамки од 20% – 50% од вкупните средства.

Законската рамка во која е регулирано функционирањето на приватните пензиски фондови со цел намалување на ризичноста, пред се поради социјалните аспекти на овие фондови, поставува ограничувања во однос на видот и ризичноста на инструментите. Сепак, треба да се истакне дека постои потреба од унапредување на законската рамка во делот на инвестиционите ограничувања кои приватните пензиски фондови ги имаат во насока на поголеми можности за управување со ризиците како и за поголема диверзификација на портфолијата на приватните пензиски фондови преку можност за инвестирање на одреден процент од средствата во недвижности, инфраструктура, берзански стоки и други алтернативни инвестиции следејќи го примерот на голем број развиени пензиски системи низ светот.

Во однос на идните перспективи во капитално финансираното пензиско осигурување, воведувањето на мултифондови е концепт кој е применет во голем број земји. Мултифондовите подразбираат создавање на повеќе портфолија со различна ризичност при што осигурениците самите ќе имаат избор каде да се вложат нивните средства. Генерално во фондовите со поголема ризичност е препорачливо да се инвестираат средствата на помладите членови, додека средствата на постарите членови препорачливо е да се инвестираат во поконзервативни фондови, поради приближувањето на времето до пензионирање.

За време на изминатите декади е направен голем прогрес во спроведувањето на реформите во пензискиот систем во Република Северна Македонија. Но сè уште остануваат многу предизвици кои треба да бидат решени. Неповолноста на демографските трендови продолжува, а обврските за пензии на државата сè уште се високи.

Дел од предложените решенија за надминување на неповолните состојби вклучуваат:

  • Преквалификација на дел од работната сила во земјата со цел намалување на невработеноста и надополнување на недостигот од работна сила во одредени сектори. на пазарот на труд;
  • Потреба од увоз на работна сила од странство (поради недостиг на работници во одредени дејности каде што има недостиг на работна сила). Оваа мерка вклучува либерализација на пазарот на труд и зголемување на квотите за странските работници;
  • Етапно зголемување на вкупната стапка на придонес за пензиско осигурување;
  • Постепено зголемување на стапката на придонес во вториот столб;
  • Финансирање на трансферите од Буџетот на Република Северна Македонија кон Фонд на ПИОСМ со индиректни даноци (или со воведување на нови акцизи, пример: акциза на производи кои имаат штетни ефекти врз здравјето на луѓето, како што се производи кои содржат сода, производи кои содржат големи количини шеќер и сл.);
  • Зајакнување на III столб со колективни договори преку преговарање со синдикати и државата (вклучување на вработените во приватниот сектор во трет столб и издвојување на процент како придонес во ППШ, по примерот на К-15).

Следењето на состојбите и континуираното унапредување на пензискиот систем во Република Северна Македонија во насока на одржливост се неопходност. Одржувањето на стабилноста на пензискиот систем е главна цел на реформите кои се спроведуваат и креирањето на идни решенија и препораки секогаш треба да биде во насока на креирање одржлив и стабилен пензиски систем.

Целосната анализа може да ја преземете тука.