Јас отсекогаш сум бил љубител на спортот, но одбојка немав гледано никогаш. Една од моите пријателки која играше за ОК Работнички ме покани да одам да гледам нивен натпревар и јас со задоволство ја прифатив поканата и одлучив да отидам да видам еден одбојкарски натпревар. Тој ден бев многу пријатно изненаден и импресиониран од сите девојки, одбојкарки бидејќи дојдоа да ме поздрават и да ми се заблагодарат што сум дошол да ги бодрам.
После натпреварот мојата пријателка ме праша дали сакам да се фотографираме, јас помислив дека ќе се фотографирам само со неа, но сите девојки од клубот сакаа да се запознаат со мене и да се фотографираат. Ми рекоа дека сум им носел среќа и дека сум поканет на секој следен натпревар повторно да им дадам поддршка.
Се спријателив со сите девојки и почнаа секој натпревар да ме викаат да одам да им држам среќа, ме викаа заедно со нив и на кафе и на концерти. Бев изненаден и фасциниран од девојките, беа многу дружељубиви, но и полни со ентузијазам за победа. Се играше финален натпревар од купот на Македонија во Струмица. Јас не можев да отидам бидејќи немав превоз и одлучив да гледам на телевизија. Силно во себе знаев дека девојките ќе го освојат купот. Во нивните очи се гледаше силна желба за победа, но и голема борбеност, истрајност и посветеност на натпреварот. Дадоа максимум од себе, одлично одиграа и заслужено победија.
По завршување на мечот и освојувањето на купот, во текот доделувањето на медалите, капитенот на тимот Тамара Стојанова и Антонија Баталаковска, моите најдобри пријателки, ме поздравија со симболичен гест со направено срце за мене, бидејќи играле за мене. Им бев премногу благодарен. Многу убав гест кој што првпат ми се случи и никогаш нема да го заборавам. Бев пријатно изненаден и премногу среќен. Девојките се многу добри, паметни, културни, воспитани и со големо срце. Многу ги засакав и ми влегоа во срце. Кога станаа шампиони и го освоија првенството, на прославата ме поканија и мене, како дел од нив.
Прекрасно е чувството да бидеш опкружен со прекрасни личности како девојките, кои знаат да го ценат искреното пријателство. Чест и задоволство ми беше да бидам дел од такво пријателство.
Оттогаш на секој натпревар бев посебен гостин кој што седеше на нивната клупа, дури ако требаше некој од стручниот штаб ќе отидеше горе на трибина, само за да седам јас доле кај девојките. Како дел од нив секогаш имаше место за мене и тоа ме натера да го засакам тој тим. Бев горд на нив, силно верував во нив и секогаш ги бодрев.
Секој натпревар го играа од срце за клубот ОК Работнички. Тие девојки се како едно семејство и јас бев дел од тоа семејство, и се чувствував така бидејќи тие искрено правеа да се чувствувам така. Тоа е едно големо и искрено пријателство кое не може да се опише со зборови и секој треба да го доживее.
Девојките од другите тимови кои не ме познаваа доволно, а ме гледаа секој натпревар како ги бодрам одбојкарките на ОК Работнички, ме прашуваа кој сум јас, и дали сум спонзорот на тимот. И така еден ден ми дојде идеја и одлучив на еден од моите колеги, Коста Ивановски, Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво (користам прилика да го поздравам) да му раскажам за сите овие убави моменти и да го прашам дали постои можност да им помогнеме и да бидеме спонзор на тимот, бидејќи нашето Друштво дава поддршка на спортски субјекти за развој на спортот во нашата земја.
Мој предлог беше да им дадеме поддршка и предлогот беше одлично прифатен од страна на мојот драг колега. Со задоволство ме поддржа и рече ,,Зошто да не, вреди за нив да направиме мал чекор, а тие тоа многу ќе го ценат’’. Така и се случи, Сава пензиско друштво стана спонзор на ОК Работнички и на дресовите гордо го носат нашето лого и име на Друштвото.
Оваа сезона силно верував дека со наша поддршка ќе успеат да постигнат високи резултати. Започнаа одлично во првенството, се бореа како лавици, се трудеа и немаа ниеден пораз на 20 првенствени натпревари.
Оваа година се играше финален натпревар од купот на Македонија во Кавадарци. На почетокот на натпреварот започнаа со просечно играње, помалку од максимумот што можеа да го дадат, но не се предадоа и се вратија од негатива која крајно финализираше со победите. Докажаа дека со макотрпна работа, тимска игра и позитивна поддршка може да успеат во целта.
Јас не можев да присуствувам, но им давав поддршка пред малите екрани и силно верував дека ќе успеат во тоа и не ме разочараа. Со одлична игра стигнаа и до финалето на првенството на Македонија без никакви потешкотии со само еден пораз.
Но девојките кои многу добро ги познавам никогаш не се откажуваат лесно, се трудат секогаш да го дадат својот максимум и да се вратат од негатива од 2-0 во натпревари на 2-1 и секако, тоа само по себе дава поголема самодоверба дека можат да се вратат целосно и дека ништо не е готово.
На четвртиот натпревар покажаа сила дека можат да одиграатперфектно за да не дозволат домаќините да го освојат првенството на свој терен, бидејќи така беше полесно. Но нашите девојки тоа не го дозволија и се вратија од негатива на нерешен резултат кој се играше до три добиени натпревари.
Последниот натпревар беше одлучувачки за тоа кој ќе освои и ќе биде подобар . Тоа и се случи. оваа година ја освоија двојната круна и многу ме израдуваа. Мило ми е што за нив се потрудив да направам мал чекор, бидејќи заслужуваат. И го оправдаа. И повеќе од тоа.