Значајни приливи од дивиденди и камати во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 23.06.2023–02.07.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 5.153.307,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 5.397.546,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      24.050,84 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд HEALTH CARE SELECT SECTOR SPDR FUND;

–      11.276,58 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–      4.617,56 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      9.766,05 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      14.273,50 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR;

–      61.871,22 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF и

–      38.943,74 евра, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC.

Исто така, Ве информираме дека во периодот од 23.06.2023–02.07.2023 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 165.307,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 299.821,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      681,58 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд HEALTH CARE SELECT SECTOR SPDR FUND;

–      298,21 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–      63,87 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      247,81 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      397,03 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR;

–      2.436,87 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF и

–      1.525,66 евра, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Видови деловно пишување и принципи на деловното пишување

Деловното пишување се користи за професионална и деловна комуникација. Тоа е наменски дел од пишувањето што му пренесува релевантни информации на читателот на јасен, концизен и ефективен начин. Тука се вклучени понуди до клиенти, извештаи, белешки, е-пошта и известувања. Умешноста во деловното пишување е критичен аспект на ефективната комуникација на работното место и пренесување на саканата порака. 

Видови на деловно пишување 

Деловното пишување може да се категоризира во четири типа: поучен (инструктивен) , информативен, убедлив и трансакциски тип
 
 1. Поучен (инструктивен) тип
Типот на  деловно пишување е насочувачки и има за цел да го води читателот низ чекорите за полесно завршување на задачата. Ваквото пишување всушност претставува еден вид упатство во кое се напишани насоките според кои треба да се извршат зададените задачи.


2. Информативен тип
Информативното деловно пишување се однесува на точно и доследно пренесување на деловните информации. Се состои од документи од суштинско значење за основните функции на бизнисот за следење на резултатите, презентирање на плановите и усогласување со законските обврски. На пример тоа се: финансиските извештаи на една компанија, записниците од состаноци и можеби најважното, пишувањето извештаи. Можам да истакнам, во нашето друштво редовно се практикува овој тип на пишување за одлуките од редовните деловни состаноци. Се подготвуваат и праќаат извештаи до сите вработени за да се информираат за дневниот ред на состанокот и за донесените одлуките.-


3. Убедлив тип
Целта на убедливото пишување е да го импресионира читателот и да влијае на неговата одлука. Пренесува релевантни информации за да ги убеди дека одреден производ, услуга или компанија нуди најдобра вредност. Таквиот тип на пишување е генерално поврзан со маркетинг и продажба. Вклучува предлози, е-пошта за продажба на големо и соопштенија за печатот. 

 
4. Трансакциски тип
Секојдневната комуникација на работното место спаѓа во категоријата трансакциско деловно пишување. Најголемиот дел од таквата комуникација е преку е-пошта, но вклучува и официјални писма, формулари и фактури.

Принципи на добро деловно пишување 

Јасност на целта 
Пред да започнеме деловен документ, белешка или е-пошта, треба да размислиме за две основни прашања: 
-Кој е читателот? 
-Што сакам да му пренесам на читателот преку моето пишување? 
Јасната цел му дава насока на пишувањето и го развива неговиот тон, структура и тек. 
 
Јасност на мислата 
Пред да се почне со пишување треба да се осмисли напишаното, тоа  го прави пишувањето помалку структурирано, и повторливо. Деловното пишување бара умешност да се редуцираат долгите, раскошни реченици во концизни, јасни. Треба да се извлече што е значајно за јасно да се напише. 
 
Пренесување точни и релевантни информации 
Примарната цел на деловното пишување е да пренесе вредни информации. Неточната или неважна содржина влијае на целта на документот. За ефективно деловно пишување, информациите мора да бидат со дополнителна вредност и целосни. 
 
Избегнување жаргони
Едноставниот стил на пишување многу помага во комуникацијата и пренесување на пораката до читателот. Грандиозното пишување полно со звучни зборови, акроними и жаргони треба да се избегнува до максимална можна мера. Во спротивно, читателот нема да  може да го разбере документот или ќе изгуби интерес за него. 
 
Прочитајте и потврдете
Читањето на пасусите гласно по завршување на пишувањето може да открие недостатоци и празнини во аргументите. Затоа се препорачува да се побараат повратни информации од колегите за да се потврди некоја грешка и да се изврши корекција доколку е потребно.

Праксата е клучот 
Умеење во деловното пишување може да се постигне преку редовна пракса. Посветување внимание на вокабуларот, структурата на реченицата и стилот на пишување додека читате текстови од други, може да помогне да се развие ист или сличен стил.

 
Бидете директни 
кога станува збор за деловно пишување презентирањето на суштината најдобро е да биде на самиот почеток. Со тоа му заштедувате и време на читателот. 
 
Избегнувајте опширно пишување 
Ако значењето може да се пренесе со три збора, не треба да се протега на пет. Обемното пишување е непривлечно за читателот . На пример, наместо да напишете „написот користи повеќе зборови отколку што е потребно“, напишете „написот е опширен“. 
 
Граматика и структура на реченицата 

Добрата граматика и структурата на речениците го прикажуваат вниманието посветено на деталите и вештината во деловното пишување ,тоа се особини кои се високо ценети во бизнисот. 
 
Деловното пишување се надградува со текот на времето, како и граматиката. На пример, знаци (emoticons) кои се почесто се користат стануваат сè по прифатени во деловното пишување. Добриот пишувач секогаш треба да се прилагодува и надградува со настанатите промени за да ја усовршува својата вештина. 
 
Лесно за паметење 
Деловните соработници го ценат документот што може да ја пренесе својата порака со површен поглед. Деловните документи може да се подобрат преку употреба на списоци со бројки или точки, јасни наслови, концизни параграфи и разумна употреба на задебелено форматирање за да се истакнат клучните зборови. 


Јасноста на мислата, правилната структура на граматиката и реченицата и едноставниот јазик го карактеризираат ефективното деловно пишување. 

Предвремено пензионирање

Сигурно некаде сте слушнале или сте прочитале за поимотearly retirement (предвремено пензионирање). Можеби Ви звучело невозможно или Ве асоцирал на предвремено пензионирање поради бенефициран стаж, меѓутоа не е точно ниту едното, ниту другото. Во овој блог пост нема да пишувам за предвремено пензионирање поради бенефициран стаж, туку ќе го објаснам поимот early retirement и финансиска независност.

Најпрво, важно е да знаете еден клучен податок, а тоа е податокот дека не постои закон кој што вели дека мора да работите до 64/62 години. Сè повеќе станува популарен трендот на барање начини преку кои ќе можете да го напуштите работното место неколку години пред возраста за пензионирање, а да останете финансиски независни. На Запад, тој тренд зема и поголеми размери каде младите бараат начин да се пензионираат и во 30-тите, 40-тите години од својот живот.

Предвременото пензионирање и финансиската независност се овозможи и во Македонија со основањето на доброволните пензиски фондови. Токму доброволните пензиски фондови се еден од подобрите начини да стигнете до таа цел. Приватниот Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус со својата инвестициска стратегија за остварување соодветен долгорочен принос на средствата на фондот, нуди начин таа идеја да се преточи во реалност.

Со цел подобро разбирање на овој концепт, во продолжение ќе биде објаснет концептот на предвремено пензионирање и финансиска независност преку т.н. F.I.R.E. (Financial Independence, Retire Early) movement.

Што е Financial Independence, Retire Early (F.I.R.E) Movement?

Наједноставно дефинирано, целта на F.I.R.E. концептот значи заштеда на поголемиот дел од вашиот тековен приход со цел да се акумулираат доволно средства за да можете да бидете финансиски независни. Тоа значи дека можете да станете финансиски независни и на возраст од 40 години, доколку пред тоа сте штеделе и инвестирале 50-70% од вашиот приход.

Самиот F.I.R.E. концепт не значи само заштеда денес, за да можете утре да си заминете од работното место каде што сте сега, туку значи, штедење денес, за да можете утре да работите колку сакате, каде сакате и како сакате, а во исто време да имате прилив на средства кои ќе ви обезбедат финансиски стабилен живот и животен стандард кој што вие го посакувате.

Со цел да станете финансиски независни и да можете предвремено да се пензионирате потребно е да направите неколку чекори и тоа:

  1. Да направите промени во тековниот буџет

Првиот чекор до финансиска независност е кратење на трошоците и заштедување минимум 50% од вашата нето плата на месечно ниво. Во реалност тоа би значело бришење и исплата на целиот долг кој го имате што е можно побрзо, наоѓање начини за намалување на трошоците за храна, транспорт, куќните трошоци и останатите трошоци кои ги имате на месечно ниво. Исто така, колку ви е повисока платата и со тоа поголема можноста за штедење, толку побрзо ќе ги акумулирате средствата потребни за предвремено пензионирање, со што пожелно е изнаоѓање и начини за остварување на поголем приход.

  • Пресметка на потребните средства за пензионирање на годишно ниво

Најголем дел од нас знаеме колку средства месечно ни се потребни за одржување на животниот стандард кој го преферираме. Со тоа, ќе знаете и колку средства ќе ви требаат на месечно или годишно ниво, доколку одлучите да се пензионирате предвремено. За ваша поголема сигурност, препорачливо е зголемување на износот кој го предвидивте за 10-20%.

Доста важен дел од планирањето на потребните средства за предвремено пензионирање е планирањето на здравственото осигурување. Со оглед на фактот дека вие одлучувате да ја напуштите работата, тоа значи дека нема повеќе да бидете здравствено осигурани, па треба да најдете опција која ќе ви нуди здравствено осигурување. Прва опција би била приватно здравствено осигурување, а втора опција би била наоѓање работа со пола работно време кое ви нуди државно здравствено осигурување, вклучено во вашата бруто плата.

  • Предвидување на вкупната заштеда која ви е потребна

За да бидете финансиски независни, најважниот момент кој мора да го планирате е токму овој, односно да ги предвидите вкупните средства кои треба да ги имате како заштеда.

Првото правило за да го постигнете тоа е правилото на 25. Имено, вие треба да имате средства во износ од најмалку 25 пати од годишните трошоци пред да се пензионирате. Тоа значи дека доколку годишно трошите 10.000 евра, потребно е да имате минимум 250.000 евра како заштеда пред да се пензионирате.

Практичен пример за F.I.R.E. концептот би бил следниот:

Вие сте на возраст од 34 години, ангажирани како Senior Developer, и имате нето плата од 120.000 денари. Да претпоставиме дека платата не ви се намалила/зголемила во периодот на штедење за предвремено пензионирање (секако овој пример можете да го прилагодите кон Вашите примања и годишни трошоци кои ги имате).

50% од вашата нето плата ја заштедувате и тоа: 70% на индивидуална сметка во доброволен пензиски фонд, а останатите 30% распределени во: приватно здравствено осигурување, инвестирање во акции или во инвестициски фондови или ги депонирате средствата во банка. Тоа значи дека 60.000 денари ги распределувате: 42.000 денари во доброволен пензиски фонд, а останатите 18.000 денари во претходното наведените финансиски продукти.

Со помош на калкулаторот на веб страната на Сава пензиското друштво – „Mој пензиски план“ (Калкулатор), ќе бидат преставени трите сценарија и пресметка на акумулираната сума во трите сценарија на очекуван принос.

Бруто акумулирана сума, во МКД*

 очекуван номинален принос, на годишно ниво
Период на вложување4% – песимистичко5% – базично6% – оптимистичко
20 години14.948.09516.685.39618.658.694
25 години18.658.69424.083.55027.828.835

Ако земеме една од опциите од табелата за пример1, со месечна уплата од 42.000 денари во период од 20 години (законски смеете средствата да ги повлекувате на 54/52 години), вие би уплатиле вкупно 10.080.000 денари за 20 години. Под претпоставка дека стапката на принос е 5%, приносот на тие средства би бил 6.605.396 денари, што значи дека вкупно акумулираните средства би биле 16.685.396 денари. Доколку ги претвориме тие средства во евра, на вашата индивидуална сметка би имале 271.307 евра.

Оваа пресметка е од информативна природа, но доволно го докажува ефектот на штедењето и сложената каматна стапка. Лесно може да се воочи ефектот на „времето“, односно колку подолго штедите, толку поголема акумулација на средства би имале, благодарение на сложената каматна стапка (види претходен текст, 8-то светско чудо, сложената каматна стапка).

Исплатата на средства може да започне на 54/52 години. Во однос на износот на приливи кои може да ги очекувате на месечно ниво, за некоја основна информација поделете ја акумулираната сума на онолку години/месеци колку би сакале да примате пензиски надоместок. Имајте на ум, дека при опција за постепено повлекување на парите, остатокот и понатаму би бил дел од фондот и на тој износ низ годините би се остварувал принос.

Овој пример докажува дека доброволните пензиски фондови треба да ви се прв  избор доколку одлучите да го изберете патот на предвремено пензионирање. Доброволните пензиски фондови ви нудат целосна флексибилност на планирање на уплатите и исплатите доколку се одлучите за предвремено пензионирање. Едноставноста, немањето на никакви обврски за редовност или висина на уплати кај доброволното капитално финансирано пензиско осигурување ви нуди начин, вашите планови и соништа да ги реализирате многу побрзо од очекуваното.

  1. Пресметката е од информативна природа. Добиениот износ на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите кои корисникот самиот ги внесува: период на уплата, моментална состојба на доброволна индивидуална сметка, месечен или годишен износ на доброволен придонес, надомест од уплатени придонеси и очекувана стапка на принос. Во пресметката се вклучени ставките: „надоместок за управување со средствата“ и „трансакциски трошоци“, за повеќе детали отвори.
    Приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот Доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со Доброволниот пензиски фонд. Идните стапки на принос не се гарантирани.
    Исплатата на пензиски надоместок од доброволно пензиско осигурување се оданочува согласно одредбите од Законот за данок на личен доход.

Зошто инвестирам во доброволното пензиско осигурување на Сава пензиско

Сите ние од време на време имаме дилема како да ја инвестираме својата заштеда. Притоа, комерцијалистите ни нудат најразлични продукти за кои најчесто ни ги презентираат предностите, а негативните страни подоцна ги дознаваме самите. Јас имав прилика како вработен во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, кое управува со доброволниот пензиски фонд Сава Пензија плус, да ги увидам и предностите и негативностите на овој продукт и активно го користам.

Што ми се допаѓа кај доброволното пензиско осигурување?

  • Можам да вршам уплати кога сакам и колку сакам. Не постојат годишни прагови што мора да се уплатат и штедењето се врши согласно со можностите.    
  • Уплатите можам да ги вршам со траен налог. Трајниот налог повлекува средства автоматски на дефиниран датум кој самиот го одредувам.
  • Приносот на инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд е значајно подобар од приносот кај традиционалните облици на штедење.
  • Во секое време имам можност да ги прегледувам уплатите и остварениот принос на мојата доброволна индивидуална сметка, а еднаш годишно добивам и Извештај за пензиска заштеда или т.н. „зелен плик“.
  • Постои можност и работодавецот да одвојува средства за своите вработени преку организирање на професионална пензиска шема.

Секако продуктот има и свои недостатоци од кои би ги навел следните:

  • Друштвото наплаќа надоместоци за потребите на своето работење. Притоа, од досегашното мое искуство остварениот принос на моите средства значително ги надоместува пресметаните надоместоци.
  • Средствата може да се користат 10 години пред правото на остварување на пензија од прв столб, односно на 54/52 години за мажи/жени. Тоа е долг период во рамки на кој не сум во можност да ги користам средствата, но сепак истото може да се гледа и како предност доколку се земе предвид дека се работи за пензиско осигурување и дека со оваа мерка на некој начин се заштитуваме самите од себе, за да не ги искористиме средствата за краткорочни потреби.  

За крај, би сакал да наведам дека исклучително корисна е мобилната апликација Sava penzisko plan каде имам преглед на сите важни информации кои се однесуваат на моето пензиско осигурување, како за доброволниот така и за задолжителниот пензиски фонд. Апликацијата се состои од прегледи за вредноста на сметководствената единица, аналитика на уплати, принос од инвестициите, вредноста на средствата на конкретен датум и многу други корисни информации.  Со истата може да се врши и ажурирање на личните податоци, како и да се одбере доставата на годишните известувања да се врши на е-маил адреса.

Младите мајки и мултитаскингот како стил на живеење

„Да правиш две работи истовремено е како да не правиш воопшто ништо“ – вели една американска студија поврзана со мултитаскингот. Асоцијацијата на американски психолози преку студија направена од оваа област истакнува дека при менталното „префрлање“ од една на друга задача се троши повеќе време отколку што се заштедува.

Дополнително, заклучиле дека вообичаено, кога мислиме дека извршуваме успешно повеќе работи одеднаш, всушност не го постигнуваме тоа. Напротив, само рапидно го префрламе нашето внимание од една задача на друга, занемарувајќи го квалитетот во извршувањето.

Мултитаскингот како дел од мајчинството

Способноста за мултитаскинг е есенцијална особина за една млада, современа мајка. Со раѓањето на детето, таа способност се тренира и надоградува секојдневно.

Зарем не се сеќавате на првиот пат кога го земавте во прегратка, а истовремено бришевте истурено млеко на подот? Кога го храневте, а истовремено со една рака си го подготвувате омиленото кафе за кое повеќе од половина ден чекавте погоден момент? Кога го успивавте долго време, па си ставивте bluetooth слушалки и го пуштивте омилениот филм на ТВ?

Со тек на време, ваквата динамика станува рутина и откривате за себеси дека можете многу повеќе од тоа што сте мислеле. 

Мултитаскингот како неопходност

И токму кога ќе воспоставите некаков ред на нештата, доаѓа новиот предизвик – мама се враќа на работа, а детето оди во градинка. Ново ниво на мултитаскинг, нов предизвик. Одговорност на секое поле. Обврски, обврски…како стотици облачиња надвиснуваат над вас. Излезот е да се најде начин како да се исполнуваат, пред да се истурат како пороен дожд врз вас.

Многу често слушам од блиските „фокусирај се само на една работа, никој не очекува сè од тебе“.

Звучи идеално.

Но, реалниот живот на младите мајки не им го допушта ова едноставно решение. Особено ако не растете деца со многу, па и со малку помош. Паровите со деца кои живеат во град различен од фамилијата, знаат на што мислам. Кога сте мултитаскинг мајка бидејќи стилот на живот го бара тоа од вас, потребно е да си го пронајдете најдобриот и најздравиот начин за да ги исполните сите обврски.

Велам и најздравиот, бидејќи секојдневниот мултитаскинг на долг период може да доведе до акумулиран стрес, анксиозност, чувство на вина (зошто не се поминало повеќе време со децата) и очаен недостиг на време за себе.

Порано или подоцна, секоја млада мајка ќе се соочи со истите проблеми, па еве неколку совети од моето искуство кои би сакала да ги споделам со сите Вас:

1.     Воспоставете си граница помеѓу работата и домот

Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ни е овозможен хибриден модел на работење. Комбинирана работа од дома со работа во канцеларија. Ова е благодат за младите мајки, бидејќи мене лично ми овозможува во деновите кога работам од дома да заштедам време за превоз, кое во голем град значи многу. Заштеденото време го искористувам за домашните обврски – корисна бенефиција два до три пати неделно.

Сепак, имајте предвид дека работниот простор во домот треба да ви биде место во кое го имате целото ваше внимание и фокус, без дистракции како „Мама, ајде кога ќе завршиш да си играме?“, „Мама, ќе седам до тебе и мирен ќе бидам“, а притоа ќе добиете илјада прашања кои чекаат одговор и сто желби кои чекаат да се остварат.

Работата од дома, со сеприсутно дете до вас не би го препорачала никому – таквиот начин на живот не е добар, ниту за мајката, ниту за детето. Секако, работата од дома е препорачана кога децата се згрижени во градинка или некој друг член од семејството се грижи за нив.

2.     Планирајте ги обврските во работната недела

Јас сум планер по природа и секогаш чувствувам помалку стрес доколку направам организација за неколку дена однапред.

Планирајте кој ден ќе работите од дома, а кој од канцеларија.

Вообичаено деновите кога имам повеќе домашни или приватни обврски после работа, како спортски активности или средба со пријатели, избирам да работам од дома. На тој начин од една страна заштедувам време во превоз низ град, а од друга страна работам попродуктивно и поефикасно. Вообичаено е дека после работниот ден од дома ми следува физичка активност која ќе го надомести чувството на не напуштање на домот цел ден.

3.     Поставувајте си приоритети

При планирањето на обврските, најважно е да направите приоретизирање. Речиси невозможно е да ги исполниме сите обврски кои сме ги замислиле. Затоа, мора прво да ги поделиме обврските на два дела – обврски кои навистина е потребно да ги завршиме што побрзо и обврски кои би било добро да ги завршиме, а ќе преживееме и ако не ги завршиме најбрзо.

На првата група и давам поголем приоритет. Потоа го правиме истото за секоја од групите и така сè додека сите обврски не се подредени по приоритет.

На тој начин, дури и кога некоја обврска ќе остане незавршена ќе се чувствуваме подобро, бидејќи ќе знаеме дека тоа се случило од причина да завршиме други – поважни по приоритетот обврски.

4.     Не си поставувајте нереални цели и барајте помош

Ми требаше подолго време да го научам ова. Најчесто бев во трка со себеси колку повеќе задачи да се сработат и сето тоа да биде квалитетно и точно. Тоа е едно чувство на растргнатост, чувство на „недоволно добар за сите“, чувство на „зошто не завршив уште нешто“, желба да се клонираш и да постигнеш сè.

За кого?  Кој ќе биде среќен од една преморена мајка/сопруга/вработена?

Вистината е дека секоја мајка и домаќинка ќе се сложи со мене дека на обврските им нема крај. Но, треба да одлучиме што е важно денес да се заврши, а што може да почека. Рамнотежа помеѓу обврските и очекувањата.

Лично достигнување ми е моментот кога си признав себеси дека барањето поддршка, во било кој облик, не значи слабост. Затоа е важно да не си правиме самите притисок со некоја утописка перфекција за себеси и да се осигураме дека уживаме во времето поминато со нашите деца.

Подобри мајки ќе бидеме ако и само ако и ние самите сме среќни.

5.     Верувајте во себе

Кога пишувам за мултитаскинг мајки кои работат, прашањето кое ми се наметнува е – „Постои ли жена која не работи?“.

Факт е дека сите жени работат, само нивните области на работа може да бидат различни. Некои работат надвор од домот, а други работат full-time како интегрален дел од семејниот систем – домаќинки.

Без разлика на која страна припаѓаме, наша одговорност ни се семејството и работата. Но, на страна од обврските секогаш треба да бидеме јасни со „времето за себе“.

Фокусот и квалитетното работење од една страна, и сакањето, верувањето и почитувањето на себеси од друга страна, се главните мантри за успех на секое поле.

Со финансиска едукација против лошите финансиски одлуки

Деновите на финансиска писменост се одбележуваат секоја година при крајот на месецот Ноември,  период по промотивните периоди на штедењето преку „Месец на штедење“ кој се одбележува во месецот Октомври, како и 1ви Ноември „Националниот ден на осигурувањето“ кој исто така се користи за промоција и подигнувањето на свеста на населението за важноста и придобивките од осигурителните продукти на пазарот.

Првенствено, добро е да разграничиме што е тоа финансиска писменост и како истата придонесува во благосостојбата на поединецот. Дефиниција за финансиска писменост според Investopedia[1] е „способноста да се разберат и да се користат различни финансиски вештини при избор на финансиски продукти со цел управување со личните финансии, буџетирањето и инвестирањето“.

Најпрактична примена на финансиската писменост во нашето секојдневие е користење на основните банкарски производи како кредит и депозит во остварувањето на личните финансиски планови, а во последно време, со нивниот раст и понуда на пазарот, комбинирањето на осигурителни и инвестициски продукти во остварувањето на истите тие планови.

Па така, основа за финансиската писменост се временската вредност на парите (time value of money) и сложената каматна стапка (compounded interest rate) како концепти преку кои можат да се разберат сите понудени финансиски продукти на пазарот.

Дополнителен и многу важен сегмент на финансиската писменост е концептот на претворање на човечкиот во финансиски капитал или темата за успешен план за пензионирање, теми кои се обработувани на нашиот блог www.nikogassami.mk како наш придонес за подобра финансиска писменост во нашето општество. На крајот, но не и според важноста, е разбирањето на концептот на ризикот вграден во финансиските продукти и начините на управување со истиот.   

Како овие теми можат да влијаат на нашата благосостојба? Првенствено, и најважна придобивка од зголемена финансиска писменост е избегнувањето на лоши финансиски одлуки. Дополнително, финансиската писменост треба да придонесе кон побрзо финансиско осамостојување и постигнување финансиска стабилност.

Еден едноставен пример за лоша финансиска одлука е непродуктивните задолжувања, односно задолжување за покривање на сегашна потрошувачка без истата да придонесе за зголемување на идните приходи и без конкретен план за враќање на долгот. Ефектите од оваа лоша одлука можат да доведат и до финансиска катастрофа доколку долгот е земен од институции и поединци кои нудат брзи кредити со високи камати.

Втор пример за лоша финансиска одлука е чување на финансиски средства народски кажано „под перница“ во услови на висока инфлација со каква се соочуваме денес. Листата може да се надополни и со инвестирање во ризични финансиски продукти (фондови) со средства кои со голема веројатност ќе бидат потребни во краток временски период за животни потреби или доспевање на некоја обврска, како и купување на полиса за животно осигурување како форма на штедење при неизвесни месечни примања, минимални или никакви ризици по животот на осигуреникот, немање долг и зависни лица.

Да бидеме реални, ова не е едноставен предизвик, посебно за земја со скоро никаква традиција на функционален финансиски пазар и релативно кратка историја на постоење на софистицирани штедни и инвестициски продукти. Денес живееме во време и систем каде што единствен одговорен за сопствената финансиска стабилност во работниот век, но уште поважно во деновите во пензија сме самите ние, па така потребата за што поголема финансиска писменост на населението е од суштинско значење, како за поединецот, така и за целото општество.

Финансиската писменост денес е предизвик и за општества со многу поголема традиција на функционален финансиски пазар, од причини што околностите се многу променети. Според Аналинда Лусарди, професорка по економија од Универзитетот Џорџ Вашингтон[2], денешните одлуки во врска со планирањето на пензијата кои треба да ги донесат младите луѓе се значително покомплексни од одлуките кои ги носеле нивните родители.

Големиот период на ниски каматни стапки ја исклучи можноста младите да штедат во некоја досадна банка без да се грижат каков е ефектот на инфлацијата. Во потрага по повисоки приноси тие се вртат кон акциските пазари на капитал како рационално место за остварување на долгорочните цели, но во исто време се изложуваат и на безброј можности да се направат катастрофални грешки.

Дополнително, повеќе од јасно е дека демографската слика кај нас, а и во Светот укажува на тоа дека државните пензиски фондови нема да можат да исплаќаат пензии во износ каков што исплаќале на претходните генерации, што е и една од причините за реформираниот пензиски систем и кај нас.  Според Лусарди, „потребата од широко распространета едукација за како да се штеди и управува со средства е поголема од било кога“.

Доколку се прашувате, што јас можам денес да направам за да си ја подобрам сопствената финансиска писменост, би ве упатил на еден многу едноставен чекор: да си ја проверите вашата пензиска заштеда во вториот пензиски фонд. Контактирајте го Вашето пензиско друштво или директно, или преку овластен агент, погледнете ја динамиката на уплатени придонеси, остварениот принос на вашата заштеда и наплатените надоместоци, поставувајте прашања во однос на начинот на инвестирање и остварување принос, човечките и техничките потенцијали на Друштвото и очекувањата за иднината.

На ваше располагање е и државната регулаторна агенција МАПАС (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување) каде можете да добиете информација во кое пензиско друштво се акумулира вашата пензија од вториот столб (https://mapas.mk/proverka-i-raspredelba-na-osigurenik/).

Важен извор на информации е и веб страната www.penzija.mk која е производ на заедничката едукативна кампања на пензиските друштва. Посебно е важно да бидете целосно информирани и при понуда да преминете во друго пензиско Друштво, одлука која може да има значајно влијание врз вашата пензиска заштеда.

Корисни извори на информации и текстови за финансиска писменост:


[1] https://www.investopedia.com/terms/f/financial-literacy.asp#:~:text=Financial%20literacy%20is%20the%20ability,a%20lifelong%20journey%20of%20learning.

[2] https://www.ft.com/content/b6a8107c-99f4-4a43-8adc-9686e6bd603e

Кои ви се правата при обработка на вашите лични податоци

Живееме во свет управуван од податоци. Речиси секоја интеракција, општење и трансакција што ги имаме со повеќето организации, вклучува споделување на лични податоци, како што се име и презиме, адреса и датум на раѓање. Воедно, секојдневно споделуваме лични податоци и онлајн, секој пат кога ќе посетиме веб-страна, кога пребаруваме или купуваме нешто, користејќи социјални медиуми или кога испраќаме е-пошта. Споделувањето податоци помага да го направи животот полесен и поудобен, како и да сме постојано ‘конектед‘ и во тек со случувањата.

НО, вашите лични податоци се Ваши податоци! Тоа Ви припаѓа вам, па затоа е важно истите да се користат разумно и да останат безбедни. Законот за заштита на личните податоци ги гарантира вашите права при обработката на личните податоци како и начинот како правилно и законски да се користат.

Секоја организација/компанија/давател на услуги- контролор, кој на било каков начин ги обработува вашите лични податоци, е обврзан да ве информира за истото. Меѓу другото, контролорите се должни да ве информираат за кои цели ги обработуваат вашите лични податоци, за вашите права, за тоа кој ги користи податоците, рокови на чување на личните податоци итн.

На пример, доколку се регистрирате за користење на услуги за електронска пошта или пак ја активирате функцијата за праќање инстант пораки на вашиот телефонски број, Контролорот е должен на јасен и разбирлив јазик да ви ги даде сите инфорамции пропишани со закон во врска со обработката на вашата е-маил адреса односно телефонскиот број.

Доколку сакате да дознаете дали вашите лични податоци ги обработува Контролорот, имате право да побарате и да добиете информација за истото, да добиете копија и дополнителни информации за обработката, на пример, целите на обработката или категориите на лични податоци што се обработуваат.

На пример, банката каде што сте клиент, на ваше барање може да ви издаде копија од договорот за кредит или пак докторот да ви даде копија од вашето медицинско досие бидејќи овие документи содржат лични податоци за вас.

Ако увидите дека Контролорот има зачувано неточни/ погрешни информации за вас, може да поднесете Барање за исправка при што Контролорот е должен да постапи во законски определен рок.

Може да побарате од Контролорот да ги избрише Вашите лични податоци  доколку повеќе не се потребни за целите за кои сте ги дале, доколку ја повлечете вашата согласност за обработка на истите или пак поднесете приговор на обработката. Како алтернатива на барањето за бришење на лични податоци е барањето за ограничување на обработката, кое овозможува ограничување на начините на кои контролорите ги користат вашите лични податоци.

Во секој случај, она што е најважно е секогаш кога ги давате личните податоци да бидете внимателни и информирани поради која цел ги давате.

Your Personal Information is Valuable! Protect it!

Финансиски институции, PISA тестови, идни пензии и селективност

Веќе извесно време внимание на јавност предизвикуваат неповолните резултати од PISA тестирањето на учениците од средните училишта. Притоа, далеку помала популарност имаат резултатите од истражувањата за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови, кои укажуваат на релативно неповолно ниво на познавања на членовите на пензиските фондови за капитално финансираното пензиско осигурување.

Зошто е ова важно? Затоа што станува збор за сегмент од домашниот финансиски систем кој се однесува на идните пензии, па оттука, заради социјалната димензија, има посебна улога во домашниот финансиски систем и суштински се разликува од останатите чинители на истиот.

Имајќи го предвид ова, кај друштвата кои управуваат со пензиските фондови, како и кај Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), покрај високото ниво на транспарентност во работењето, се преземаат и низа активности за едукација на членството, што е особено видливо на веб страницата https://penzija.mk/edukacija/.

Сава пензиско друштво вложува дополнителни напори за едукација на јавноста, преку објава на едукативни текстови со кои се настојува на поблизок начин да се појасни не само начинот на работа на Друштвото, туку и поставеноста на капитално финансираниот пензиски систем во целина.

Впечатокот за потребата од интензивирање на едукативните активности се засилува во периоди на ценовни корекции на пазарите на капитал, кои имаат влијание врз вредноста на сметководствената единица, која претставува пропорционален удел на членот во нето вредноста на фондот.

Во години на солидни приноси и раст на вредноста на сметководствената единица, во кои во суштина се акумулира одредена „резерва“, интересот на јавноста за перформансот на фондовите вообичаено е низок.

Но, при неповолни движења, на социјалните мрежи па дури и во одредени медуми, се коментираат краткорочните движења на сметководствената единица, без да се земе предвид фактот дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори и како такви средствата ги инвестираат на долг рок, низ повеќе деловни циклуси кои опфаќаат фази на раст, но и на пад на економската активност, факти познати на секој дипломиран економист и присутни отсекогаш.

Целта на пензиските фондови е да се обезбеди оптимален принос на долг рок, до моментот на пензионирање на членот на задолжителниот фонд, односно до моментот во кој член на доброволниот фонд кој има право на повлекување на средствата, носи одлука тоа право да го искористи.

Гледано наназад, приносот се остварува во подолг временски период во чии рамки можат да се носат различни заклучоци зависно од изборот на временскиот период кој се анализира. Нормално е да постојат разлики помеѓу приносот остварен во текот на една година, просечните приноси остварени низ 2, 3, 4 или повеќе години, како и просечниот принос остварен од датумот на формирањето на фондот.

Можноста за избор на временската рамка за која ќе се коментираат резултатите дава можност за селективност, но и можност за покажување на свесност, одговорност поврзана со опасностите од short-termism, познавање на или напор за запознавање со проблематиката, како и фокус кон прашања кои се релевантни сега, а кои ќе имаат влијание врз идните остварувања.

Имено, во сферата на инвестирањето познато е дека минатите приноси не се гаранција за идните остварувања.

Исто така, познато е и дека пензиските системи еволуираат и дека промените бараат соодветна адаптација на инвестицискиот универзум, која на пензиските фондови би им ја проширила листата на можни вложувања по примерот на пензиските фондови во развиените држави, но и по примерот на актуелните промени во Хрватска.

Сава пензиско друштво останува посветено при управувањето на средствата на пензиските фондови, при носењето на одлуките, при барањата за регулаторни измени и при секое постапување да работи исклучиво во интерес на членството, со долгорочен фокус при носење и имплементација на инвестициските одлуки.

Како и досега, Сава пензиско друштво продолжува со едукативните активности и останува отворено за сите прашања поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување.

Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (2 дел)

Во претходниот блог пишував за правото на старосна пензија како и начинот на пресметка на пензијата од првиот столб, односно Фондот на ПИОСМ. Сепак пензијата од Фондот на ПИОСМ е само еден дел од твојата старосна пензија. Вториот дел треба да се исплаќа од твојата акумулација во вториот столб.

Прашањето е колкава пензија може да се добие од вториот столб?

Одговорот зависи од повеќе фактори:

  • Висина на пензиска сметка – колку е повисок износот, толку е повисока пензијата;
  • Возраст на пензионирање – доколку подоцна се пензионирате ќе имате и повисока пензија со оглед на намалување на период на користење на пензијата;
  • Пол на пензионерот – жените во просек живеат подолго од мажите што значи период на користење на пензијата во просек е подолг во однос на мажите – следствено жените би имале понизок износ на пензија. 

Од овие фактори, најважен е факторот „висина на пензиска сметка“ кој зависи од висината на твојата плата и годините на работа до пензија. Исто така многу важен услов за повисока сметка е и стапката на номинален принос остварена од твоето пензиско друштво. Последните остварени номинални стапки на принос од пензиските друштва може да ги погледнете на следниот линк: Принос

Со оглед на тоа што е практично невозможно прецизно да се пресмета висина на пензиска сметка во момент на пензионирање, предлагам секој од вас да направи апроксимативна пресметка на следниот начин.

  1. Направете груба пресметка на вашата пензија од првиот столб – види пресметка од мојот претходен блог „ Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (1) “ за висина на пензија од прв столб;
  2. Изберете ниво на заменска стапка кое сакате да го постигнете кога ќе се пензионирате;
  3. Пресметајте уште колку средства ќе ви бидат потребни до возраст 62/64 години;

Пример:

Параметри:

Жена на возраст 62 години

Работен стаж од 30 години, целиот работен стаж е во период после 01.01.2006 година

Пензиска основица во година на пензионирање = 30.000 МКД

Заменска стапка = 30 години * 1,14% = 34,20%

Пензиска основица = 30.000 МКД

Старосна пензија од првиот столб = 34,20% * 30.000 МКД = 10.260 МКД

  1. Од примерот погоре може да се заклучи дека жена за 30 години стаж ќе има заменска стапка од 34,20%.
  2. Доколку сакате заменска стапка од 100% – а тоа значи да имате пензија колку што сте имале просечна плата, тогаш ви недостасуваат уште 65,80%, односно 65,80% * 30.000 МКД = 19.740 МКД
  • Во претходниот блог „колку пари ви требаат за рано пензионирање?“ пишував како грубо да пресметате посакувана сума за пензионирање. Според примерот погоре и текстот во претходниот блог, жена на возраст од 62 години има очекувано траење на живот 18,79 години и доколку посакувана пензија е 19.740 МКД, сумата која ќе ви биде потребна е:

19.740 МКД * 18,79 * 12 = 4.450.975 МКД

Сепак, во овој износ не е вклучен и ефект на инфлација кој би ја задржал куповната моќ на денешните 19.740 МКД а кој би требало да го добивате после повеќе години. За ова ќе ви треба и солидна стапка на принос на овие средства за целото време – пред и после пензионирање.

Следен чекор е да ја проверите вашата сметка во вториот столб  и да видите колкава акумулација имате. Пресметајте доколку работите секој месец до пензија со тековниот придонес во вториот столб уште колку средства би се собрале. Овде треба да се предвиди и добивање на унапредување или зголемување на плата за перидот до пензија. Додадете и стапка на принос за целиот период до пензионирање.

Како стоите во однос на планот?

Дали можеби треба да уплаќате дополнителни средства во третиот столб за да го остварите планираното?

Над 100 илјади долари приливи од дивиденди и повеќе од 80 милиони денари приливи од камати во задолжителниот пензиски фонд Сава пензиски фонд

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 19.09.2022 – 29.09.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 802.275,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 79.963.789,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      34.680,25 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      37.654,68 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;

–      11.179,02 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      9.627,10 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;

–      4.821,73 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      2.979,75 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–     13.337,85 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR и

–     308.550,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ФЕРШПЕД АД СКОПЈЕ.

Во истиот период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна прилив од каматa во износ од 6.183,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.101.199,00 денари, како и приливи од дивиденди во износ од:

–      1.251,75 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      912,87 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;

–      283,67 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      349,72 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;

–      66,69 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      91,02 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–     371,00 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR и

–     8.800,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ФЕРШПЕД АД СКОПЈЕ.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, влијаат на висината на пензиските заштеди на членовите и на пензионираните членови на фондовите. Повеќе информации за резултатите од управувањето со пензиските фондови на Сава пензиско друштво имате во последните квартални извештаи на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk, (02) 3224 229