Личните податоци на луѓето се обработуваат секоја секунда – на работа, во нивната секојдневна комуникација во јавните установи, во здравствените институции, кога купуваат стоки или услуги, патуваат или сурфаат на интернет. Луѓето генерално не се запознаени со ризиците поврзани со заштитата на нивните лични податоци и кои се нивните права во овој поглед. Тие ретко се свесни за тоа што можат да направат ако сметаат дека нивните права се прекршени или за улогата на националните агенции за заштита на податоците.
Со развојот на технологијата се зголемува и опасноста од злоупотреба на личните податоци. Технологиите кои се базираат на вештачка интелигенција, се поголемата мрежна поврзаност и се поголемиот број на податоци во облак, го зголемуваат и ризикот од разни малверзации кои се поврзани со личните податоци како што се: кражба на идентитет, разни уцени и слично.
Имајќи ја во предвид важноста на личните податоци, Советот на Европа на 26 април 2006 година донесе одлука 28 јануари да биде прогласен за Ден за заштита на податоците. Всушност овој ден претставува годишнина од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, кој претставува првиот правно обврзувачки меѓународен документ од областа на заштитата на личните податоци, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци.
Европскиот ден за заштита на личните податоци е годишен настан кој ја подига свеста за важноста на заштитата на податоците и приватноста. Овој ден, исто така, промовира дијалог и соработка помеѓу поединци, организации и влади за прашања поврзани со заштитата на податоците и приватноста.
Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа како и од институциите на ЕУ.
Овој ден се одбележува и во нашата држава, и по повод истото, оваа година Агенцијата за заштита на личните податоци, во соработка со Делегација на Европската Унија, Фондацијата за Интернет и општество Метаморфозис и Центарот за правни истражувања и анализи, ќе организираат јавен настан насловен ,,Заедно за заштита на личните податоци‘‘.
Сава пензиско друштво го усогласи своето работење и постапување со Законот за заштита на личните податоци, а со една и единствена цел, да се исполнат стандардите и начелата поврзани со обработката на личните податоци во насока на обезбедување на законитост, правичност, транспарентност и точност на личните податоци, како и доверливост, интегритет и достапност на личните податоци во информацискиот систем, соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно во однос на целта заради кои се прибираат, со запазување на роковите за чување на личните податоци.