Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (2 дел)

Во претходниот блог пишував за правото на старосна пензија како и начинот на пресметка на пензијата од првиот столб, односно Фондот на ПИОСМ. Сепак пензијата од Фондот на ПИОСМ е само еден дел од твојата старосна пензија. Вториот дел треба да се исплаќа од твојата акумулација во вториот столб.

Прашањето е колкава пензија може да се добие од вториот столб?

Одговорот зависи од повеќе фактори:

  • Висина на пензиска сметка – колку е повисок износот, толку е повисока пензијата;
  • Возраст на пензионирање – доколку подоцна се пензионирате ќе имате и повисока пензија со оглед на намалување на период на користење на пензијата;
  • Пол на пензионерот – жените во просек живеат подолго од мажите што значи период на користење на пензијата во просек е подолг во однос на мажите – следствено жените би имале понизок износ на пензија. 

Од овие фактори, најважен е факторот „висина на пензиска сметка“ кој зависи од висината на твојата плата и годините на работа до пензија. Исто така многу важен услов за повисока сметка е и стапката на номинален принос остварена од твоето пензиско друштво. Последните остварени номинални стапки на принос од пензиските друштва може да ги погледнете на следниот линк: Принос

Со оглед на тоа што е практично невозможно прецизно да се пресмета висина на пензиска сметка во момент на пензионирање, предлагам секој од вас да направи апроксимативна пресметка на следниот начин.

  1. Направете груба пресметка на вашата пензија од првиот столб – види пресметка од мојот претходен блог „ Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (1) “ за висина на пензија од прв столб;
  2. Изберете ниво на заменска стапка кое сакате да го постигнете кога ќе се пензионирате;
  3. Пресметајте уште колку средства ќе ви бидат потребни до возраст 62/64 години;

Пример:

Параметри:

Жена на возраст 62 години

Работен стаж од 30 години, целиот работен стаж е во период после 01.01.2006 година

Пензиска основица во година на пензионирање = 30.000 МКД

Заменска стапка = 30 години * 1,14% = 34,20%

Пензиска основица = 30.000 МКД

Старосна пензија од првиот столб = 34,20% * 30.000 МКД = 10.260 МКД

  1. Од примерот погоре може да се заклучи дека жена за 30 години стаж ќе има заменска стапка од 34,20%.
  2. Доколку сакате заменска стапка од 100% – а тоа значи да имате пензија колку што сте имале просечна плата, тогаш ви недостасуваат уште 65,80%, односно 65,80% * 30.000 МКД = 19.740 МКД
  • Во претходниот блог „колку пари ви требаат за рано пензионирање?“ пишував како грубо да пресметате посакувана сума за пензионирање. Според примерот погоре и текстот во претходниот блог, жена на возраст од 62 години има очекувано траење на живот 18,79 години и доколку посакувана пензија е 19.740 МКД, сумата која ќе ви биде потребна е:

19.740 МКД * 18,79 * 12 = 4.450.975 МКД

Сепак, во овој износ не е вклучен и ефект на инфлација кој би ја задржал куповната моќ на денешните 19.740 МКД а кој би требало да го добивате после повеќе години. За ова ќе ви треба и солидна стапка на принос на овие средства за целото време – пред и после пензионирање.

Следен чекор е да ја проверите вашата сметка во вториот столб  и да видите колкава акумулација имате. Пресметајте доколку работите секој месец до пензија со тековниот придонес во вториот столб уште колку средства би се собрале. Овде треба да се предвиди и добивање на унапредување или зголемување на плата за перидот до пензија. Додадете и стапка на принос за целиот период до пензионирање.

Како стоите во однос на планот?

Дали можеби треба да уплаќате дополнителни средства во третиот столб за да го остварите планираното?