Ако и вие како мене некогаш сте слушнале една од речениците: „Никогаш не би рекол дека си едно дете“, „Мислев дека имаш брат или сестра, така се однесуваш“, „Не разбираш, немаш брат/сестра“ или „Сигурно твоите не те разгалиле, затоа не се познава“, сигурно сте се соочиле со потреба да објаснувате на што се должи вашето „нормално“ однесување. Сигурно сте имале братучеди кои ве научиле да делите со другите или родителите биле строги со вас.
Во суштина, со оглед на предрасудите со кои се соочени, дали децата-единци навистина заслужуваат да бидат обележани со такви негативни карактеристики?
Негативните стереотипи околу децата-единци постојат со векови: без разлика на нивните посебности, тие се разгалени, нефлексибилни, срамежливи и асоцијални. Негативните стереотипи поврзани со децата-единци имаат длабока историја, која потекнува од викторијанската ера и појавата на детската психологија како академско поле на студии.
Во современа смисла, се смета дека родителите кои ги заштитуваат и разгалуваат своите единствени деца подоцна во животот предизвикуваат тие да се претвораат во пречувствителни и нарцисоидни возрасни личности. Ова мислење е вкоренето во луѓето иако ваквите истражувања биле побиени.
Со најновите истражувања откриено е дека децата-единци на многу рана возраст ги прифаќаат барањата на колективното опкружување, дисциплината, возрасните начини на дружење и полесно се придржуваат до социјалните норми. Спротивно на стереотипот за срамежливи и социјално неприлагодени личност, децата-единци се природно опремени да се дружат.
Напротив, тие може да бидат дури и во предност од нивните врсници кои имаат браќа и сестри, бидејќи, без браќа и сестри на кои би можеле да сметаат, тие морале да научат да градат пријателства и да споделуваат за да се вклопат со други деца од различни семејства.
Всушност, растењето како единствено дете се поврзува со многу предности и позитивни особини. Некои студии ги поврзуваат децата-единци со говорни вештини далеку пододобри од оние на врсниците; други заклучуваат дека децата-единци се помотивирани и подготвени да се соочат со различни предизвици.
Се верува дека непреченото внимание и средства пружени од страна на родителите можат позитивно да влијаат на децата. Финансиите играат улога во тоа, но, исто така, децата го добиваат целото нивно време, богатиот јазичен фонд и поорганизиран живот отколку кога во семејството има неколку деца.
Тие се чувствуваат удобно во повозрасно друштво затоа што секогаш со родителите разговарале како со врсници и биле опкружени со нивните возрасни пријатели. Најверојатно затоа и немаат проблеми во односот со личности во авторитативна положба и добро се снаоѓаат во формални ситуации.
Има и некои негативни страни, како што е фактот дека браќата и сестрите можат да имаат ефект на ублажување кога има несогласувања меѓу родителите во домот, во кој случај имањето браќа и сестри може да го разблажи негативното влијание на таквите ситуации.
Дополнително, децата-единци можеби потешко се справуваат со хаосот и не се снаодливи во стресни ситуации. Од причина што ретко се соочувале со непредвидливи ситуации, тешко ги прифаќаат негативните исходи на нештата кои се вон нивна контрола и тие тешко ги поднесуваат неуспесите и несогласувањата со блиските.
Дури и проблемите на професионален и приватен план ги сфаќаат премногу сериозно затоа што чувствуваат притисок да бидат успешни во сите потфати, како што им било наметнато од мали нозе затоа што должност на наследување и продолжување на семејнот стебло немало начин да се распореди на друг. Неуспехот го припишуваат на сопствените недостатоци и се екстремно самокритични.
Во суштина, децата-единци се соочуваат со поголеми предизвици кога ќе навлезат во светот на возрасните, и тоа може негативно да влијае врз нив самите. За разлика од мислењето дека децата-единци се непријателски настроени кон луѓето кои ги опкружуваат, би можело да се каже дека нивната околина има потенцијал да биде непријателски настроена кон нив.
Тие го чувствуваат генарацискиот притисок да бидат успешни без да имаат со кого да ја поделат таа обврска, но и да ги остварат сите желби и надежите на претходната генерација. Позитивната финансиска дискриминација во која уживале во младоста им се наплатува кога тие стануваат единствена финансиска потпора на своите родители во нивната старост, но и наследници како на нивниот имот, така и на нивните долгови.
Во суштина, нема голема разлика помеѓу единците и децата кои имаат браќа и сестри. Сите ние се соочуваме со предизвици и предности како резултат на бројни фактори. Сепак, да се биде единец не значи дека детето ќе биде добро или лошо. Околината, родителските вредности, врските со пријателите и поширокото семејство, се сите фактори кои помагаат да се формираат карактеристиките на личноста на едно дете.
„Дете-единец“ би можеле да кажеме дека е само уште една етикета која некој ја доделува некому за да ги нагласи неговите разлики.