„ Со менаџирањето луѓето се убедуваат да прават работи што не сакаат да ги прават, додека лидерството ги инспирира луѓето да прават работи за кои никогаш не мислеле дека можат. “
Стив Џобс
Економската и социјалната неизвесност што пандемијата на коронавирус ја предизвика низ целиот свет, создадоа многу нови и тешки предизвици за деловните лидери. Во деловниот свет, лидерите се борат да се справат со новите реалности на социјално дистанцирање и зголемената потреба за работа од дома.
Ова е време кога лидерите треба да инспирираат надеж на своите вработени дури и кога се борат да ги одржат своите бизниси во живот. Но, кои вештини треба да ги поседува еден добар лидер во услови на КОВИД-19?
Добрите лидери треба да поседуваат силен сет на квалитети на лидерство кои помагаат позитивно да комуницираат со вработените, членовите на тимот и клиентите. Некои лидери се природно родени за „ оваа функција “, но, честопати, лидерските вештини може да се научат низ работното искуство и истите да се надградат.
Како најважни лидерски квалитети и вештини што треба да ги поседува еден лидер во услови на КОВИД-19 се:
- Комуникација
Добрите комуникациски вештини се клучни, а особено во новото секојдневие, каде голем дел од вработените работат од дома. Лидерите треба јасно и концизно да им ги објаснат работните задачи и организациски цели на своите колеги и вработени. Еден добар лидер треба да биде активен слушател и да воспостави постојан проток на комуникација меѓу членовите на тимот, како и редовно да биде достапен за дискусија за прашања и проблеми од вработените.
- Учење
Лидерот никогаш не престанува да учи, а особено во ова динамично време предизвикано од пандемијата со коронавирусот. Лидерот треба да биде целосно љубопитен и да трага по континуирано знаење, кое ќе му овозможи брзо надминување на евентуалните неуспеси во работата на тимот.
Приспособувањето кон дигиталните алатки и организирањето на онлајн состаноци, каде лидерот ќе им го пренесе своето знаење во областа, се клучен фактор за одржување на позитивни резултати во една корпорација.
- Интегритет и доверба
Врз основа на доследноста во комуникацијата и самоувереноста во дејствата што ги презема еден лидер се гради интегритетот и довербата во работниот тим. Лидерот треба да е полн со енергија и на работите да гледа со своја објективна визија за да може да им ги пренесе на вработените своите цели и планови во иднина. Во услови на пандемија, членовите на тимот го препознаваат секој атом на енергија вложен од лидерот кон нивно обучување и усовршување и се трудат максимално да одговорат на работните обврски.
- Флексибилност
Во услови на комбинирана работа – канцеларија – дома, флексибилноста во работата која ја спроведува лидерот е клучна за непрекинато извршување на работните задачи во еден тим. Флексибилните лидери прават напори да ги приспособат личните ставови и потреби со работните обврски и им овозможуваат поголема слобода на вработените во остварување на целите.
- Решавање на конфликти
Конфликтите кои се јавуваат во една организација се дефинираат како несогласување меѓу членовите или групите во организацијата предизвикано од повеќе причини и тие се неизбежност во еден организациски систем. Конфликтите, особено, се изразени во услови на КОВИД-19 каде лидерот и вработените не можат да воспостават тековна комуникација во поглед на проблемите во извршувањето на работните цели и задачи.
Сепак, конфликтот може да биде продуктивен и да води кон унапредување на работата, а задачата на менаџерот е да се справи со него и да го реши на оптимален начин за организацијата. Како еден од најдобрите начини за решавањето на конфликтите, а кој треба да ги користи еден лидер, е компромисот.
Во процесот на постигнување компромис, секоја од страните делумно губи, а делумно и добива, но на крајот се наоѓа решение што е прифатливо за двете страни.
Лидер не може да биде човек кој не е подготвен за промени, без визија пред себе и доволно храброст, способност, вештина и мудрост, таа визија да ја реализира. Вистинскиот лидер посветува повеќе внимание на третирањето на сите вработени подеднакво, а нивните сугестии ги смета за пожелни и добредојдени.
Секој лидер е различен на свој начин, но едно е заедничко за сите нив, а тоа е дека тие водат поголема група на приврзаници кои веруваат во нив, во нивните идеи и чекорат по патот кој лидерите го трасираат. Успешната соработка на лидерите со вработените претставува голем двигател во постигнувањето на успешни резултати во една компанија.