Велосипедизам – здравје, туризам и придобивки

Пандемија – поттик за здрави навики

Сите ние сме сведоци на ковид-19 пандемијата која што за многу кратко време значително го промени начинот на живот на глобално ниво. Поради тоа, лично јас бев поттикнат да започнам некој спорт кој нема да биде во затворен простор. По краток период на размислување и размена на идеи, сфатив дека велосипедизмот е тоа што го барам. Од денот кога ја направив првата тура, овој спорт ми стана пасија и од ден на ден се повеќе време поминувам на велосипед.

Со задоволство можам да споделам спомени од многу туристички места кои сум ги посетил со велосипед, а како едни од поубавите со кои располага нашата држава се: „Тур де лејк” (Охридско Езеро), Галичица, НП Маврово, Скопска Црна Гора, Козјак, Дојран, Беровско Езеро, Равна Река, Ченгино Кале, Врв Рамно, Планинарски дом “Караџица” и многу други.

Покрај тоа што велосипедизмот е алтернативна форма на туризам, тој со себе носи и низа здравствени придобивки и придобивки за животната средина. Во продолжение ќе издвоиме некои од нив:

  • Возењето велосипед е добро за здравјето на срцето

Една неодамнешна студија објавена во Medicine & Science in Sport & Exercise, ги следела активностите на над 1.500 волонтери. Тие кои биле секојдневно активни, имале 31% помала веројатност за развивање хипертензија (висок крвен притисок).

Возењето велосипед го зајакнува срцевиот мускул, го намалува пулсот при мирување и ги намалува маснотиите во крвта. Ова го потврди и данска студија во времетраење од 14 години, чии испитаници биле над 30.000 луѓе на возраст од 20 до 93 години, со заклучок дека велосипедизмот како физичка активност дефинитивно заштитува од повеќе кардиоваскуларни заболувања.

  • Умерена активност која е добра за зглобовите

Возењето велосипед е умерена активност која е добра и лесна за зглобовите. Кога возиме велосипед нашата тежина ја пренесуваме на седиштето, додека кога трчаме или пешачиме, тежината се пренесува на нозете. Експертите од областа на ортопедијата ја препорачуваат оваа активност за луѓе кои имаат проблеми со зглобовите.

  • Велосипедизмот ги гради и затегнува мускулите

При возењето, во фаза на притискање на педалите се употребуваат речиси сите мускули на нозете. Дополнително, се користат и абдоменалните, односно стомачните мускули за одржување на рамнотежа, а мускулите на рацете за контрола на велосипедот.

  • Велосипедот е најеколошко превозно средство

Велосипедот како превозно средство ја користи исклучиво нашата енергија, а не онаа произведена од фосилни горива кои во атмосферата емитуваат стакленички гасови. Според тоа, велосипедот е достапно и еколошки идеално превозно средство за замена на автомобилите и јавниот превоз во градските метежи.

  • Помага при процесот на намалување на телесната тежина

Освен што не троши енергија која е штетна за животната средина, велосипедот ја троши енергијата на човечкото тело која често ја имаме вишок. Велосипедот е умерена активност и како таква придонесува за побрзо топење на маснотиите споредено со интензивните активности.

Градењето на мускулите, исто така е поттикнато од често возење на велосипед и  овозможува побрзо согорување на калории дури и кога одмараме.

  • Активност која го подобрува балансот и координацијата

При возењето неопходно е одржување на баланс, односно позиционираност и координација. Балансот се намалува со текот на стареењето и неактивноста, па затоа оваа активност е идеална за негово одржување и во подоцнежните години, кога е многу важно за избегнување на скршеници.

  • Подобрено ментално здравје

Возењето велосипед може да го намали чувството на стрес, депресија и анксиозност.

Фокусирањето на патот додека возиме ни помага во развивање концентрација и свесност за сегашниот миг. Ова може да помогне да се оттргне фокусот од непријатните мисли и чувства. Ако имате некои од горенаведените чувства, обидете се да поминете некој километар со велосипед. Физичката активност предизвикува лачење на ендрофини, хормони кои помагаат да се чувствувате добро и да се намали стресот.

  • Одлична вежба за почетници

Возењето велосипед е активност која не бара значајна физичка подготвеност. Тоа ја прави погодна за сите возрасни групи.

ременски