Дали сте размислувале да се пензионирате порано? Со рано пензионирање ќе имате слободно време да се посветите на вашите најблиски, да патувате и да правите работи што вие ги сакате. За да си го овозможите ова ќе треба да заштедите одредена сума на пари – од која самите ќе се финансирате до крај на животот.
Висината на заштедата која треба да ја имате ќе зависи од следните две прашања:
- На која возраст би сакале да се пензионирате, и
- Колку посакувате да трошите – на месечно ниво.
Логично, доколку сакате да се пензионирате порано ќе ви треба повисок износ на средства отколку да се пензионирате подоцна. Доколку посакувате да трошите повеќе ќе треба да планирате и повисока заштеда.
- За да може да ја пресметате вкупната сума ќе ви треба податок за тоа колку долго живее просечен македонец на одредена возраст – односно да знаете за колку месеци треба да ги покриете вашите потреби. Интересно е тоа што овој податок има јавен карактер и редовно се објавува од Државниот завод за статистика во рамки на „морталитетни таблици“ за одреден период.
Овие „морталитетни таблици“ покрај веројатноста за доживување или смрт до секој нареден роденден го содржат и податокот кој нас ни треба за оваа пресметка – „очекувано траење на живот“.
Во продолжение е наведено очекуваното траење на живот за мажи и жени на одредена возраст, преземено од последните објавени морталитетни таблици за период 2018-2020 година.
Очекувано траење на животот | ||
Возраст | маж | жена |
50 | 25,83 | 29,34 |
51 | 24,96 | 28,42 |
52 | 24,07 | 27,49 |
53 | 23,23 | 26,58 |
54 | 22,40 | 25,68 |
55 | 21,58 | 24,78 |
56 | 20,75 | 23,89 |
57 | 19,95 | 23,02 |
58 | 19,16 | 22,17 |
59 | 18,41 | 21,31 |
60 | 17,65 | 20,46 |
61 | 16,92 | 19,63 |
62 | 16,20 | 18,79 |
63 | 15,51 | 17,99 |
64 | 14,83 | 17,18 |
65 | 14,14 | 16,38 |
66 | 13,50 | 15,62 |
67 | 12,87 | 14,86 |
68 | 12,24 | 14,10 |
69 | 11,62 | 13,36 |
70 | 10,99 | 12,61 |
Табелата се чита на следниот начин:
- маж на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 25,83 години или 309,96 месеци = 25,83*12=309,96;
- жена на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 29,34 години или 352,08 месеци = 29,34*12=352,08.
- Со оглед на тоа што веќе знаете колку би живееле во просек доколку се пензионирате на определена возраст, следниот чекор е да се пресмета вкупната сума врз основа на посакуваниот месечен износ кој би го трошеле за периодот. Оваа вкупна сума предлагам да биде пресметана на едноставен начин:
Вкупна сума = посакуван месечен износ * очекувано траење на живот во месеци
На пример, доколку сте жена и планирате да се пензионирате на 50 години и планирате месечна пензија од 300ЕУР, ќе ви биде потребна вкупна сума од 105.624 ЕУР:
300 ЕУР * 29,34 *12 = 105.624 ЕУР
На истиот начин може да се пресмета дека ќе ви бидат потребни 176.040 ЕУР доколку посакувате месечен износ од 500 ЕУР.
Нормално, овие пресметани износи погоре ќе бидат дополнување на вашите приходи од други извори, вклучително и:
- Приходи по основ на старосна пензија од прв столб и втор столб – по навршување на 62 години за жена и 64 години за маж;
- Други приходи: кирии, дивиденди и слично.
- Неопходен елемент при планирањето е солидна стапка на принос за да го одржите стандардот најмалку на ниво на инфлација за која пишував во претходните блогови. Покрај тоа, потребно е да се земат предвид и следните битни работи:
- Што ако живеете подолго од просечниот македонец?
- Што ако ви бидат потребни дополнителни средства за лекување?
Очигледно е дека покрај основната вкупна сума паметно е да планирате и дополнителна заштеда која ќе служи како маргина во случај да се појават одредени непредвидени трошоци во голем износ.
Се надевам дека со мојот краток текст ве поттикнав на размислување за оваа важна тема. Доколку имате одредени прашања или сугестии, слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.