Во последно време сме сведоци на акцентирањето на глобалниот концепт за одржлив развој, што, всушност, претставува предизвик со кој се соочува секоја индивидуа, држава, а и светот, воопшто, сè со единствена цел да се обезбеди континуирано зголемување на квалитетот на животот и благосостојбата во државата и да се обезбеди одржлив развој за сегашните генерации без, притоа, да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации.
Имајќи го предвид тоа, зелените обврзници се еден од инструментите кои можат да одиграат важна улога во напорите за обезбедување на одржлив развој.
Што се, всушност, зелени обврзници и кои критериуми треба да ги исполнуваат? Зелените обврзници се какви било обврзнички инструменти каде нето-прибраните средства (прибрани средства намалени за трошоците за нивно издавање) или нивниот еквивалентен износ ексклузивно ќе бидат употребени за финансирање или рефинансирање, делумно или целосно, нови и/или постојни подобни зелени проекти и кои се усогласени со Принципите на зелени обврзници (ПЗО) при Меѓународната асоцијација на пазарот на капитал (ICMA).
Што претставувват Принципите на зелени обврзници?
ПЗО се доброволни насоки кои препорачуваат транспарентност и обелоденување и промовираат интегритет поради развој на пазарот на зелени обврзници со појаснување на пристапот на издавање на овие инструменти.
ПЗО се наменети за широка употреба на пазарот, бидејќи ги насочуваат издавачите кон клучните компоненти за лансирање на кредибилни зелени обврзници; им помагаат на инвеститорите преку промовирање достапност на информации потребни за оценување на влијанието врз животната средина од зелените обврзници во кои би инвестирале и им асистираат на преземачите на ризик (underwriters) нудејќи витални чекори кои ги олеснуваат трансакциите и го зачувуваат интегритетот на пазарите.
ПЗО препорачуваат јасен процес на обелоденување за издавачите, кои инвеститори, банки, преземачи на ризик и останати можат да го користат за да ги разберат карактеристиките на која било зелена обврзница. ПЗО ја нагласуваат потребната транспарентност, прецизност и интегритет на информациите кои ќе бидат обелоденети и објавени од издавачите до засегнатите страни преку основни компоненти и клучни препораки.
Какви видови зелени обврзници постојат?
Тековно, постојат четири видови зелени обврзници (дополнителни типови може да се појават како што се развива пазарот и тие ќе бидат вградени во ажурирањата на ПЗО):
- Обврзница со стандардна зелена употреба на нето-прибраните средства е стандарден должнички инструмент кој е усогласен со ПЗО. Во случај на банкрот на издавачот, имателот на обврзницата има право да бара дополнителни средства од издавачот доколку состојбата на долгот ја надмине вредноста на колатералот.
- Зелена приходна обврзница е инструмент чија кредитна изложеност е поврзана со заложените готовински текови од приходите, провизиите, даноците итн. Нето-прибраните средства се користат за финансирање на поврзани или неповрзани зелени проекти кои ги следат ПЗО.
- Зелена проектна обврзница е проектна обврзница за финансирање на еден или повеќе зелени проекти за кои инвеститорот има директна изложеност на ризик кон проектот или проектите со или без потенцијален регрес од издавачот.
- Зелена секјуритизирана обврзница е обврзница која е обезбедена со еден или повеќе специфични зелени проекти, вклучително, но не и ограничена со колатерализирани обврзници, хипотекарни обврзници или слични структури. Овој инструмент ги следи ПЗО и вообичаено првиот извор на отплата е готовинскиот тек на средствата. На пример, хипотекарните обврзници можат да вклучуваат заеми за енергетски ефикасни домови. [1]
Кои категории зелени проекти можат да бидат финансирани преку издавање зелени обврзници? Подобните категории на зелени проекти вклучуваат, но не се ограничени на финансирање:
- Обновливи извори на енергија (вклучувајќи производство, пренос, апарати и производи);
- Енергетска ефикасност (како, на пример, во нови и обновени згради, складирање енергија, централно греење, паметни мрежи, апарати и производи);
- Спречување и контрола на загадувањето (вклучувајќи намалување на штетни воздушни емисии, контрола на стакленички гасови, санација на почвата, намалување на отпадот, рециклирање отпад итн.);
- Еколошки одржливо управување со живите природни ресурси и користење на земјиштето (вклучително и еколошки одржливо земјоделство, сточарство, шумарство итн., пошумување и реставрација на природни предели);
- Копнена и водна биолошка разновидност;
- Чист транспорт (редуцирање и елиминирање на штетни емисии преку употреба на возила кои не користат фосилни горива);
- Одржливо управување со водите и отпадните води;
- Адаптација кон климатските промени (преку следење на истите и развивање системи кои рано предупредуваат на можна опасност);
- Производи, производни технологии и процеси кои се приспособени на циркуларна економија (креирање и користење на компоненти кои можат да се рециклираат);
- Зелени објекти кои ги задоволуваат локалните, националните и меѓународните стандарди или сертификати за еколошки перформанси.
[1] Забелешка на авторот.