Поглед над облаците – споделување на информации со вработените

Ако ги замислиме компаниите како облакодери, вработените се наоѓаат на пониските катови а менаџментот во врвот на облакодерот, односно над облаците. Она што може да го види менаџментот, не можат да го видат вработените. Им пречат облаците. Па дури и во практика, во голем дел од компаниите во минатото, па и денес, на највисокиот кат од деловниот објект е сместен врвниот менаџмент.

Несомнено, преку оваа симболика се прави јасна дистинкција помеѓу улогата, значењето, одговорноста, „погледот“’ на двете страни: менаџментот и вработените.

И, да, несомнено, менаџментот треба да има поглед над облаците, бидејќи една од неговите главни улоги е да ја креира визијата, мисијата, да ги поставува целите на компанијата.

Но, факт е дека оваа позиција на врвот, над облаците, многу менаџери во минатото ја доживуваа како ексклузивитет, нешто што им дава предност во однос на вработените, па дури и можност за себе промовирање, држејќи ги вработените во темнина, незнаење и ограничен „поглед“.

Нештата се менуваат. Сѐ повеќе менаџери се свесни дека и тие и нивните вработени, сите, се наоѓаат во ист облакодер. А, во тој облакодер, треба да има непречен проток на информации од врвот надолу, исто толку колку што и од долу кон врвот.

Вработените треба да бидат запознаени со визијата, мисијата и вредностите на својата компанија. Но, има сѐ повеќе примери на добра практика на споделување информации со вработените и за:

  • Постигнатите резултати на компанијата во одреден временски период;
  • Краткорочни и среднорочни деловни и финансиски планови на компанијата;
  • Поставени и реализирани финансиски и нефинансиски цели,
  • Стратешки активности.

Некои од предностите на споделување на информации со вработените се:

  • Кај вработените се развива свесност за патот по кој оди компанијата и нивната улога во минатото кое завршило и иднината која доаѓа. Иако некои информации треба да се држат во тајност, сепак, со посочување на одредени показатели им помага на вработените да станат свесни за својот придонес во резултатите;
  • Вработените стануваат свесни за своите одговорности, но и за одговорностите на другите членови на тимот и како тие се надополнуваат едни со други;
  • Полесно се идентификуваат со целите на компанијата кога ги знаат;
  • Се создава чувство на заедништво и доверба помеѓу вработените и помеѓу вработените и менаџментот;
  • Менаџментот не се доживува како спротивставена страна во услови кога сите имаат и ја знаат заедничката цел. Менаџментот испраќа порака дека има партнерски однос со своите вработени;
  • На вработените им се овозможува активно да се вклучат во дискусија и да презентираат идеја. Добриот глас не се знае од каде може да дојде, а менаџментот секогаш треба да биде подготвен да ги слушне своите вработени;
  • Се промовира синергија меѓу вработените. Честопати постои меѓу секторски натпревар, кој сектор придонесува повеќе за компанијата и кој работи повеќе. Сознанието за улогата на секој сектор во мозаикот помага да се надмине овој натпревар;
  • Се зголемува продуктивноста и процентот на ангажирани вработени. Чувството дека менаџментот има доверба во вработениот создава лојални, посветени вработени со развиено чувство за припадност кон компанијата.

За мене претставува особено задоволство да работам во компанија каде Визијата и Мисијата на Сава пензиско друштво и пензиските фондови со кои управуваме се постојано комуницирани од врвот кон сите вработени.

Размената на информации во врска со резултатите и активностите е постојана, како вертикално, така и хоризонтално во рамки на компанијата, како и со останатите засегнати страни.

На прво место, во согласност со визијата и вредностите на нашата компанија, членовите на пензиските фондови се континуирано навремено и точно информирани, со поголемо ниво на транспарентност од законски пропишаното.  

Дизајнирање на работно место за време на КОВИД-19 и потоа

Враќањето на вработените на своите работни места за време на пандемијата КОВИД-19 и по нејзино завршување нема да биде едноставно. Динамичниот тек на непредвидливиот корона вирус доведе до измена на многу работни места, со што беше потребно брзо приспособување кон новонастанатите услови.

Од таа причина, многу фирми имаа потреба да подготват нови правилници или да ги променат старите за да може да ги усогласат активностите во деловното работење со „новата нормала“.

Но, се поставува прашањето, како би изгледала таа „нова нормала“ во поглед на работното место?

Одговорот на ова прашање воопшто не е едноставен. Новото секојдневие кое се јави како последица на коронавирусот доведе до тоа вработените секојдневно да носат маски, меѓусебно да се одделуваат со заштитни прегради и да избегнуваат физички контакти.

Но, кои фактори треба да се земат предвид при креирање на новата деловна политика за дизајнирање на работното место?

  1. Безбедност на работното место

Прв и најзначаен фактор во дизајнирањето на работното место е безбедноста на работното место. Безбедноста и здравствените мерки се специфични за секоја компанија, а секое работно место може да игра важна улога во контролата на појава на болеста, со преземање мерки како што се:

  • Организирање на работата за намалување на физичките контакти, обезбедување физичко растојание на работното место или спроведување на договори за работа од далечина;
  • Редовно дезинфицирање на работните простории;
  • Одржување на добра хигиена во работната средина и добра вентилација во затворен простор;
  • Унапредување на хигиената на респираторниот систем (обезбедување маски за лице на работниците);
  • Други мерки кои се во согласност со обврските наложени од Министерството за здравство и трудовите инспекторати според националното законодавство и практика.

    2. Подобрување на задоволството на вработените во компанијата

Коронавирусот остави многубројни последици врз нормалното функционирање на вработените во компаниите. Високите нивоа на стрес, анксиозност и несигурност доведоа до намалување на задоволството на вработените, со што индиректно влијаеја и врз продуктивноста во самата компанија.

Постојат методи кои можат да го засилат и одржуваат задоволството кај вработените, но на нив не треба да се гледа како на еднократно решение , туку како трајна вредност. Дел од таквите методи кои се применуваат во една компанија се:

  • Разбирање на корпоративните вредности на компаниите од страна на вработените;
  • Создавање отворена линија на комуникација во компанијата и обезбедување на повратни информации;
  • Организирање на активности што ќе го зголемат задоволството од работното место;
  • Поттикнување на професионален развој кај вработените.

    3. Тимска работа – клуч на успехот

Тимската работа е пресудна за успех. Кога работиме со други луѓе, имаме поголема интеракција и мотивација за да постигнеме подобри резултати кои ќе доведат до поголема продуктивност во самата компанија. Но, ситуацијата предизвикана од пандемијата КОВИД-19, бараше брз одговор од сите компании и одреден степен на дигитална трансформација.

Но, се јави недоумица како работењето во домашни услови со помош на технологијата може да ја поттикне тимската работа и да придонесе до поголем успех на сите вработени во една компанија?       

Одговорот на ова прашање се наоѓа во создавање на универзална комуникациска платформа преку која се одржуваат онлајн обуки и виртуелни настани.  Организирањето онлајн обуки бараше брзо преквалификување и подобрување на цели сегменти на работната сила.

Како резултат на сето тоа, започна процес на создавање виртуелни тимови, кои сега се во средиште на новиот  нормален начин на работа. Како главни алатки за обуки преку интернет се платформите за видео повици, како што се Zoom и Microsoft Teams.

Кризата предизвикана од физичката изолација и седењето дома, неможноста за дружба со нашите колеги и пријатели нѐ поттикнаа да размислуваме како да го надминеме „новото секојдневие“, како да ги прескокнеме нашите секојдневни рутини и да се приспособиме на некои нови настани.

Одговорот е јасен бидејќи знаеме дека сѐ може да се постигне ако сите поединечно преземеме акција. Само сплотени, но НИКОГАШ САМИ, можеме да ги надминеме сите проблеми кои ни стојат на патот наречен успех на работното место.

Стефан Пужовски

Како менаџментот се справува со новиот хибриден модел на работа?

Работата од дома или комбинираната работа, која сè уште е актуелна поради пандемијата со КОВИД-19, претставува предизвик за вработените, а особено за менаџментот, кој треба да излезе надвор од границите на досегашните алатки за следење на вработените и организирање на работниот процес.

Како тоа да се направи во услови кога менаџерите не ги „гледаат“’ своите вработени?

Размислувањата на ова подрачје се дека комбинираната работа ќе бара приспособување на раководните нивоа на новиот начин на организирање на работата, редизајнирање на процесите и изнаоѓање  решенија за да им се помогне на вработените во услови на нови модалитети за работа.

Сава пензиско друштво истражи и ги праша своите менаџери на темата „Комбинирана работа“, а еве ги одговорите:

Врз основа на досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа најчести проблеми со кои се соочил менаџментот се:

  • Поместување на работното време и пролонгирање на работните процеси и по завршување на работното време;
  • Отежната комуникација поради отсуството на повремените непосредни контакти, кое го оптоварува времето и работењето; 
  • Недоволно изградени модели на следење на ефикасност и продуктивност.

Најчести позитивни искуства кои ги посочуваат од досегашното искуство на работа од дома или комбинирана работа, кои воедно би биле и најголема предност зошто да се организира работа од дома или комбинирана работа и во нормални услови се:

  • Флексибилноста на работното место, која дава можност за поголема адаптибилност на вработените;
  • Порационално искористување на времето. Не се губи време за доаѓање и заминување на работа, а воедно секој вработен има повеќе време за своето семејство;
  • Поинтензивна комуникација меѓу членовите во тимот;
  • Штедење на ресурси, како за компанијата (се намалуваат трошоците за греење/ладење, струја, вода…), така и за работникот ( намалени трошоци за гориво, храна, облека, паркинг).

Нашиот менаџмент поддржува комбинирана работа дома-канцеларија, при што за да се надминат предизвиците препорачуваат  формализиран процес и  дефинирани правила за  комбиниран систем на работа, имајќи ги предвид сите аспекти кои се релевантни, а притоа да се постигне соодветен баланс помеѓу барањата за работа и благосостојбата на работникот.

Како аспекти кои треба да се земат предвид во овој процес на формализација ги посочуваат: обезбедување на соодветна техничка опременост и реорганизација на работен простор, категоризација на работните процеси кои се подобни за работа од дома, начин на одобрување и начин на следење на работата од дома, обезбедување на адекватно окружување при работа од дома, дефинирање на начини на одржување на состаноци, формални и неформални, во рамки на секторски тимови или проектни групи, како и канали на комуникација, пристап до информацискиот систем, сигурност и контрола, како и јасна и редовна комуникација со менаџментот.

Сава пензиско друштво со својата навремена реакција, преку човечки инфраструктурни и ИТ ресурси успеа за брзо време да се приспособи на новата состојба, но состојбата ја потврди потребата секој работодавач да ја обликува културата на својата работна сила, која ќе вклучува создавање на системи во кои вработените ќе напредуваат физички и психички.

Оттука Друштвото ја препозна потребата  да изработи сеопфатна, добро дефинирана процедура за комбинирана работа, која ќе биде насочена кон зголемување на транспарентноста, флексибилноста и нов пристап на работа, кој ќе се фокусира на благосостојбата на вработените и поинспиративни форми на лидерство.

Дали треба да се штеди додека трае пандемијата?

Пандемијата со КОВИД-19 ги промени поголемиот дел од нашите навики и обичаи. Прашањето кое си го поставуваме сега е дали треба да се откажеме и од штедење? Дали е возможно да се штеди за „златните денови“, кога моментално ги преживуваме „црните денови?“

За време на оваа криза предизвикана од КОВИД-19 најважно нешто за сите нас е да останеме во добро здравје, лекција која уште повеќе ја научивме откако се појави првиот случај со новиот вирус.

Но тоа не значи дека не треба да размислуваме за тоа каква ќе ни биде иднината, каков ќе ни биде животниот стандард за неколку години и за тоа од што и како ќе живееме? Приоритетите и потребите на луѓето нагло се променети, пред сѐ, поради неизвесноста што ни претстои во наредниот период.

Во моменти на голема неизвесност, воопшто, не е лесно да се размислува за нешто толку далечно, како, на пример, нашата пензија. Но, дали толку долго може да го избегнуваме размислувањето за оваа тема?

Одговорот би бил дека во одреден период, навистина, би можеле да го заобиколиме тоа прашање, но со сигурност ќе дојде тој ден кога ќе се запрашаме што ќе правиме кога ќе се пензионираме.

Според просечната возраст на членовите кои одлучиле да штедат за пензија преку третиот пензиски столб, според статистиката на МАПАС најголем дел од членовите се на возраст над 41 година– (Извор: Kvartalen-statistichki-izvestaj-62_30062021_web.pdf (mapas.mk)).

Овој податок ни укажува дека свесноста за пензијата во нашата држава, за жал, се зголемува со нејзиното приближување, а тогаш, веќе, релативно е доцна за акумулирање на соодветна сума на пензиски заштеди кои ќе овозможат задржување на животниот стандард и по пензионирањето.

Во акумулација на соодветна пензиска заштеда времето работи во корист на оние кои порано ќе почнат да размислуваат за пензија, па така, зголемената свест во помлади години значително ја намалува потребата за поголеми одвојувања во подоцнежните години од работниот век.

Пензискиот систем во Република Северна Македонија е составен од три столба, од кои првите два се задолжителни, а третиот е на доброволна основа. Придонесот за Вториот задолжителен пензиски фонд изнесува 6 % од бруто-плата на секое вработено лице кое е дел од реформираниот пензиски систем.

Важно е да се знае дека како се менува висината на платата, така се менува и придонесот уплатен во Вториот задолжителен пензиски фонд. Неколку месеци помала плата нема да има големо влијание врз висината на идната пензија, но доколку тој период е подолг тогаш може да настане проблем да се задржи животниот стандард по влегување во пензија.

Како решение, за таа цел постои третиот пензиски столб, кој е доброволен и му дава можност на членот да уплатува средства кога сака и колку сака како би се надополнила пензијата од првиот и вториот пензиски столб. Сава пензиско друштво управува со Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус кој ги има следниве карактеристики:

  • ФЛЕКСИБИЛНА И НЕОБВРЗУВАЧКА ВИСИНА НА УПЛАТА

Средствата кои ги штедите, можете да ги уплатувате кога сакате и колку можете, нема дефиниран минимален или максимален износ за уплата.

  • ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРИХОДИ

Се грижите за својата иднина, преку обезбедување на дополнителни приходи за периодот по пензионирањето.

  • ПРИНОС

Приносот кој се остварува од управувањето со средствата на Пензискиот фонд, им припаѓа на членовите и на пензионираните членови на Фондот и сразмерно се распределува на нивните сметки. 

  • ПРАВО НА КОРИСТЕЊЕ НА ПЕНЗИСКАТА ЗАШТЕДА

Средствата може да започнете да ги користите најрано десет години пред возрасната граница за остварување право на старосна пензија, односно во општ случај со навршени 54 години старост за мажи и 52 години старост за жени. Уплатените средства се наследни.

  • ИНФОРМАТИВНА ПРЕСМЕТКА

Впишете го посакуваниот износ во калкулаторот и проверете колкава ќе биде Вашата очекувана пензиска заштеда доколку се зачлените во Сава пензија плус преку индивидуално членство. https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/calculator/voluntary-individual-plan/

Без оглед на флексибилноста која постои кај овој начин на штедење, секогаш е важно да се нагласи дека со континуирана и редовна уплата на подолг рок може да се постигне посакуваниот ефект на ова штедење, а тоа е поголема пензија.

Континуирано вложување во нормални, па и во кризни услови како што е сега, важно е и од аспект на зголемување на приносот. При постепено вложување на подолг период, краткорочните промени на финансиските пазари нема да им наштетат на долгорочните штедачи.