ESG Концептот – дел од секојдневното работење на Сава пензиско друштво а.д. Скопје

Во деловниот свет, сè поголемо значење се дава на прашањата за одржливост, општествена одговорност и добро управување. Концептот на ESG (животна средина, социјала и управување) стана клучна рамка за оценување и управување со овие прашања.

ЕСГ е збир на еколошки, социјални и управувачки прашања кои компаниите ги земаат предвид кога управуваат со нивниот бизнис, а инвеститорите кога инвестираат, во смисла на ризици, влијанија и можности што ги носат овие фактори.

Одржливото работење како крајна цел се остварува преку

EHS / ESG – EHS (Животна средина, здравје, безбедност) – Фокус на заштита на животната средина, здравје и безбедност на работното место во контекст на усогласеноста со соодветните прописи и стандарди.

GHG / ESG – GHG Емисии на стакленички гасови (Greenhouse Gas – GHG) – Важен аспект од „Е“димензијата на ESG, заради значајното влијание врз животната средина и климатските промени.

SDGs (Sustainable Development Goals – Цели за одржлив развој) ја претставуваат рамката преку која ООН има за цел да биде постигнат одржлив развој до 2030 година, а се однесуваат на широка низа на прашања, вклучувајќи сиромаштија, здравје, образование, родова еднаквост, климатски промени и други.

CSR / ESG – (Corporate Social Responsibility – Корпоративна Општествена Одговорност) – има за цел да ја промовира компанијата и нејзиното работење како одговорен и одржлив бизнис, кој постигнува позитивни социјални влијанија и добро влијае врз животната средина.

Предности на водење бизнис во согласност со критериумите за ESG

Интеграцијата на ESG принципите во деловната стратегија на компанијата носи бројни предности, а некои од нив се: Намалување на ризикот и зголемување на отпорноста, Градење доверба и углед, Подобри перформанси, Усогласеност со регулаторните барања, Пристап до инвестиции и капитал.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје и ESG стандардите

Сава пензиско друштво ад Скопје како дел од Сава Осигурителна Групација, се залага да биде препознаено како Друштво кое е: кредибилно и општествено одговорен партнер, општествено одговорен управувач со имотот и со капиталот, одговорен и привлечен работодавач, општествено одговорно кон пошироката заедница.

При реализацијата на основните насоки Друштвото ги следи:

  • целите на одржливиот развој на ООН, односно Агендата 2030, при што при донесувањето на своите одлуки се води сметка особено на следењето и постигнувањето на две цели:
  • цел 3: Здравје и добро расположение – со поттикнувањето на грижата за здрав живот и општо добро расположение во сите периоди од животот;
  • цел 13: Климатски промени – со донесување на мерки за борба против климатските промени и нивните последици;
  • обврските, преземени на меѓународно ниво:
  • UN Global Compact, којшто го сочинуваат десет начела за одговорно раководење со Друштвото од областа на човековите права, работните стандарди, климата и борбата против корупцијата;
  • UN PRI, којшто со своите шест начела ги насочува инвеститорите кон одговорно постапување при донесувањето на своите инвестициски одлуки.

Одржливиот пристап значајно влијае на стекнувањето и зачувувањето на довербата на релевантните учесници и пошироката заедница.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје, како дел од Сава Осигурителна Групација, од 2020 година го започна процесот на интеграција на ESG стандардите во секојдневното работење. Друштвото во изминатиот период го прилагоди работењето на овие стандарди со единствена цел за намалување на емисиите на јаглеродните честички кои ги произведува секојдневно.

Во изминатите четири години со цел намалување на СО2 емисии овозможивме услови и воведовме хибриден модел на работа, со воведување на работа од дома. За потребите за извршување на работните обврски во градот Скопје обезбедивме велосипеди, а воедно и го промовираме велосипедот како еколошко превозно средство со кое не само што се намалуваат СО2 емисиите туку и се подобрува физичката активност преку велосипедската трка и тура Сава Мариово. Во насока на воведување на здрави животни навики кај нашите вработени, не само за време на работните саати, иницираме пешачење, возење велосипд или трчање и мериме колку со овие активности заштедуваме СО2. Само во изминатата година имаме испешачено повеќе од 18.000 км, со велосипед поминато повеќе од 3.500км и заштедено повеќе од 5.000 кг СО2.

Во изминатите години се грижиме и ја намалуваме прошувачката на хартија во секојдневното работење, како и редовно спроведуваме активности за рециклирање на истата. Оваа година Друштвото рециклираше околу 2.000 кг хартија.

Една од нашите карактеристики е и воведувањето на корпоративното волонтерство и учеството на вработените во процесот на помош на заедницата. Оваа година вработените одработеа повеќе од 90 часа волонтерска работа.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје во процесот на инвестирање на средствата на Фондовите ги зема предвид ЕСГ критериуми, но инвестира согласно законската обврска за остварување на максимален принос единствено во интерес на членовите и пензионираните членови.

Идентификување на уникатни конкурентски предности на големи компании

Во динамичниот пејзаж на глобалната економија, големите компании со нивните обемни ресурси и значајно пазарно учество, постојано се стремат да создаваат и одржуваат уникатни конкурентски предности. Овие предности се критични бидејќи ја разликуваат компанијата од нејзините конкуренти и придонесуваат кон одржување на растот и профитабилноста на долг рок. Идентификувањето на овие уникатни конкурентски предности од страна на инвеститорите вклучува повеќестран пристап, кој зема предвид различни внатрешни и надворешни фактори. Во продолжение на овој текст разгледуваме дел од потенцијалните конкурентски предности, како и практични примери преку дел од компаниите во кои се инвестирани средствата на пензиските фондови.

Во делот на интерните фактори, најчесто фокус се става на различните капацитети на самата компанија, економијата од обем и силниот бренд.

Големите компании обично поседуваат уникатни способности или ресурси што ги издвојуваат од конкурентите. Ваквите капацитети може да вклучуваат напредни технолошки способности, супериорно управување со таленти, процеси за развој на иновативни производи или сопствени системи и процеси кои ја подобруваат оперативната ефикасност. На пример, компаниите како Apple Inc. се познати по нивниот напреден дизајн и иновативни способности, кои претставуваат значајна конкурентна предност.

Друга предност на големите компании е нивната способност да постигнат економии од обем. Ова им овозможува да ги намалат трошоците по единица производ преку масовно производство, ефикасно управување со синџирот на снабдување и силна преговарачка моќ со добавувачите. Практичен пример е Nestle, чија глобална мрежа на производствени операции и супериорни логистички способности му овозможуваат да нуди производи по релативно пониски цени во споредба со конкурентите.

Моќниот и добро препознатлив бренд може да биде една од најзначајните конкурентски предности. Големите компании константно инвестираат во активности за градење на силен бренд во насока на поттикнување лојалност и довербата на клиентите. Брендовите како Louis Vuitton и Tom Ford (во сопственост на LVMH и The Estee Lauder Companies, соодветно) се добро етаблирани, препознатливи и почитувани од страна на потрошувачите, и претставуваат силна конкурентска предност на матичните компании.

Во делот на екстерните фактори, фокус се става на релативната позиција на компанијата на соодветниот пазар, мрежата, регулаторното окружување, бариерите за влез и стратешките сојузништва.

Доминантната позиција на пазарот и широката мрежа може да бидат клучни конкурентски предности на големите компании. Практичен пример во овој дел е Amazon.com, компанија со силна мрежа гледано од мултидимензионален аспект, каде што вредноста на услугите кои ги нуди се зголемува паралелно со приклучувањето на повеќе клиенти и продавачи/партнери во нејзиниот екосистем. Ова создава самозајакнувачки циклус кој ја зацврстува лидерската позиција на пазарот и ги зголемува бариерите за влез на нови и помали конкуренти.

Високо ниво на регулаторни барања и критериуми исто така создава конкурентска предност на големите компании. Овие компании најчесто ги имаат потребните ресурси да се справат со сложените регулаторни барања или да лобираат за промени на политиката во нивна корист. Дополнително, овие компании може да имаат корист и од големи бариери за влез кои спречуваат лесен влез на нови учесници на пазарот. Пример за ваква индустрија со високо ниво на регулација, капитална интензивност и други бариери за влез е авионската индустрија. Како практичен пример за ваква компанија од нашите портфолија би ја издвоиле Airbus, која остварува значителна корист од оваа конкурентска предност.

Формирањето стратешки сојузништва и партнерства е уште еден начин на кој големите компании можат да ги подобрат своите конкурентски предности. Соработката со други фирми, истражувачки институции или стопански комори може да доведе до споделување на знаење, оптимизација на ресурсите, различни синергии и отворање на нови пазарни можности. Како практичен пример од нашите портфолија го издвојуваме Google (Alphabet Inc.), кој преку стратешкото партнерство со Samsung успеа да го направи Android најкористен оперативен систем на смартфони на глобално ниво.

Секако, во процесот на идентификување на конкурентски предности, мора да се земат предвид и други аспекти, покрај горенаведените.

Анализата на финансиските извештаи и перформансот на компанијата, преку различни показатели како стапка на поврат на капиталот, профитните маржи, стапките на раст на приходите и добивките, може да открие многу за оперативната ефикасност и пазарната позиција. Големите компании кои поседуваат силни конкурентски предности е многу веројатно константно да остваруваат подобри финансиски резултати од конкурентите.

Потоа, разбирањето на перцепцијата на потрошувачите и тековните пазарни трендови преку фидбек и различни потрошувачки анкети и други истражувања, како и анализи на перцепцијата за поединечни брендови, се клучни аспекти во анализирањето на релативната конкурентска позиција на соодветната компанија. Преку ова може да се детектираат сегментите во кои компанијата има лидерска позиција и различни заклучоци во форма на очекувања за задржување на истата во иднина.

За крај, но не помалку важна, е и анализата на достапните податоци за инвестициите во иновации и истражување и развој. Компаниите кои континуирано инвестираат во овој сегмент и претставуваат нови иновативни производи, услуги и решенија се во најдобра позиција за одржување на конкурентските предности на долг рок.

Идентификацијата на уникатни конкурентски предности кај големите компании вклучува сеопфатна анализа на интерните капацитети, пазарната динамика, регулаторни фактори, стратешки иницијативи и други фактори. Преку соодветно и ефикасно искористување на сопствените способности, постигнувањето на економии од обем, градењето на силни брендови и стратешките соработки, се зајакнува конкурентската позиција на компанијата и од истата се очекува да биде двигател на успехот на долг рок.

Сава пензиски фонд и Сава пензија плус се изложени кон поголемиот дел од компаниите кои се земени како практични примери во овој текст, преку инвестирање на дел од средствата во акции издадени од истите. Деталните податоци за инвестициите на фондовите можат да се најдат во најновите неревидирани финансиски извештаи заклучно со 30.09.2024 година. Овој текст е од информативен карактер и не претставува финансиски совет.

Да научиме повеќе за обврзници за катастрофа

Што се тоа обврзници за катастрофа (CAT bonds)?

Во последните години, поради зголемениот број на климатски непогоди и нивниот интензитет, сѐ повеќе во светот се зборува за обврзници за катастрофа. Тие се еден вид хартии од вредност поврзани со осигурување (ILS или insurance-linked security). Обврзниците за катастрофа се должнички инструменти издадени од осигурителни и реосигурителни компании за собирање средства во случај на поголема катастрофа, како што е земјотрес, ураган или поплава. Доколку се случи наведената катастрофа, издавачот на обврзниците (обично осигурителна компанија) може да ги искористи средствата за исплата на штети, а инвеститорите може да изгубат дел или целата главнина. Обврзниците за катастрофи потекнуваат од последиците на неколку големи природни катастрофи кои ги погодија Соединетите Американски Држави во 1990-тите и предизвикаа осигурителната и реосигурителната индустрија да ги преиспита нивните досегашни методи.

Каков е принципот на функционирање на овој тип обврзници?

Кога се издаваат обврзниците за катастрофа, осигурителната компанија ги депонира собраните средства на посебна сметка, со тоа што потоа овие средства се инвестираат во нискоризични хартии од вреност. Инвеститорите добиваат периодични исплати на камати од оваа сметка. Доколку се случи настан кој предизвикува активирање (на пример ураган со одредена јачина), издавачот на обврзниците може да ја искористи главнината за покривање на побарувањата од осигурениците по основ на штети, а инвеститорите можат да ја загубат својата инвестиција, целосно или делумно.

Кои се придобивките на обврзниците за катастрофа?

  • Диверзификација: Обврзниците за катастрофа им нудат на инвеститорите можност да ги диверзифицираат своите портфолија со класа на средства што не е во корелација со традиционалните финансиски пазари.
  • Високи приноси: Поради повисокиот ризик, обврзниците за катастрофа вообичаено нудат повисоки приноси споредено со останатите инструменти со фиксен принос.
  • Трансфер на ризик: Осигурителните и реосигурителните компании ги користат овие обврзници за да извршат трансфер на ризик од катастрофални настани на инвеститорите, овозможувајќи им да управуваат со нивната финансиска изложеност.

Кои се главните ризици поврзани со обврзниците за катастрофа?

  • Загуба на главнината: Инвеститорите можат да загубат дел или цела главнина доколку се случи настан за активирање.
  • Комплексност: Обврзниците за катастрофа можат да претставувват комплексни финансиски инструменти, кои бараат добро разбирање од моделирање на ризици и осигурителните пазари.
  • Пазарни услови: Вредноста на обврзниците за катастрофи може да биде под влијание на промени во пазарните услови, како каматните стапки и побарувачката од инвеститорите.

Која е големината на пазарот на обврзници за катастрофа?

Заклучно со првиот квартал на 2024 година, пазарот на обврзници за катастрофа достигна рекордна големина од $44,53 милијарди. [1]Ова претставува значителен пораст од претходните години, доколку имаме предвид дека на крајот на 2022 година големината на овој пазар била околу $35,5 милијарди. Новите издавања само во 1. квартал на 2024 година изнесуваат над $4,2 милијарди. Растот на овој пазар ја одразува зголемената побарувачка за алтернативни механизми за пренос на ризик и привлечноста на диверзифицираните инвестиции со висок принос.

Каква е иднината на ваквите обврзници?

Бидејќи климатските промени и урбаниот развој продолжуваат да ја прецртуваат мапата за осигурување, се очекува побарувачката за обврзници за катастрофа да расте. Овие обврзници обезбедуваат вредна алатка за осигурителните компании да управуваат со нивната изложеност на ризик, притоа нудејќи им на инвеститорите атрактивни приноси. Накратко, обврзниците за катастрофа се единствен и иновативен начин за управување со финансиските ризици поврзани со природните катастрофи. Тие нудат бенефиции и за осигурителните компании и за инвеститорите, но доаѓаат со свој сет на ризици кои треба внимателно да се разгледаат.

Инфографик за обврзници за катастрофа

Важна напомена: Содржината на овој блог е од информативен карактер. Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус досега не се изложени на никаков начин кон оваа класа средства, бидејќи не постојат услови согласно актуелните законски и подзаконски акти. 

[1] https://www.applebyglobal.com/wp-content/uploads/catastrophe-bond-ils-market-report-q1-2024.pdf?citationMarker=43dcd9a7-70db-4a1f-b0ae-981daa162054, посетен на 13.12.2024