20 години работа во интерес на членовите – Што направивме и како е нужно заеднички да се движиме за одржлив пензиски систем

Сава пензиско друштво годинава одбележува значаен јубилеј – 20 години континуиран раст, развој и посветена работа во интерес на своите членови. Друштвото успешно управува со два фонда: Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус.

Пензиските фондови претставуваат втор по големина сегмент на домашниот финансиски систем, со изразен социјален карактер и висока фидуцијарна одговорност – вредности кои се во основата на работењето на Сава пензиско друштво.

Во текот на своето работење, Друштвото има добиено значајни европски признанија, стекнати во конкуренција со пензиски друштва од Европа кои располагаат со многу подолга традиција, поголеми ресурси и значително повисоки средства под управување.

Едно од наградуваните домашни друштва за управување со пензиски фондови е и Сава Пензиско Друштво, кое во 2023 година победи во категоријата „Small pension fund“ (Мал пензиски фонд) и влезе во најтесен избор за победа во категоријата „Equities“ (Акции) на ниво на Европа, со што се продолжи серијата на достигнувања на ова своевидно Европско Првенство на пензиски друштва.

На престижниот европски настан IPE Awards 2024, Сава пензиско друштво за првпат се најде во најтесниот избор за награди во дури три категории:

  • „Equities“ (Акции),
  • „Active Management“ (Активно управување) и
  • „Portfolio Construction & Diversification“ (Конструкција и диверзификација на портфолио).

Овој успех претставува потврда на нашата стручност и професионалност во силна конкуренција со пензиски фондови кои постојат и повеќе од 100 години, како и доказ дека продолжува континуитетот  на значајни признанија за стручноста и професионалниот пристап во управувањето со пензиските средства.

Важноста на овие награди е во фактот дека строги жирија на европско ниво ја ценат, издвојуваат и наградуваат нашата работа што е потврда за нашата стручност, посветеност и сериозност во управувањето со пензиските заштеди, во систем во кој демографските предизвици налагаат сериозен, стратешки и долгорочен пристап за да се најде соодветен одговор на прашањата: “Од кои извори ќе доаѓа мојата пензија во иднина и колку се стабилни и одржливи тие извори? Луѓето се иселуваат, од чија работа ние ќе земаме пензија?“ Токму стабилноста и одржливоста на првиот столб во пресрет на продолжени неповолни демографски движења всушност и беше аргумент за реформата која доведе до воведување на вториот и третиот столб, во период кога демографските проекции и не беа толку загрижувачки како што се во моментов.

И покрај сите предизвици и краткорочни ценовни флуктуации, средствата на членовите на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво продолжуваат да растат. На крајот од 2024 година, повеќе од една третина од вкупните средства на Отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд беа всушност средства заработени преку инвестирање на пензиските заштеди и нивно оплодување.

Доколку се осврнеме на пензиската акумулација во вториот столб која зависи во најголем дел од висината на примени придонеси и остварените приноси од вложувања на средствата, но и од наплатените надоместоци, прашања кои бараат стратешки пристап во наоѓањето на одговори и имплементација на решенија со позитивни долгорочни ефекти се: Кои се оптималните нивоа на првите две варијабли и кои фактори влијаат врз истите.

Сава пензиско друштво во подолг временски период иницираше и беше вклучено во иницијативи за законски измени со аргументи во интерес на членовите и пензионираните членови на двата фонда, кои остануваат валидни и сега. Имено, соодветен редизајн на регулативата би значел адаптација кон изменетите пазарни услови и кон изразените долгорочни предизвици. Ваквите измени веќе беа воведени во Хрватска, а се интегрален дел од работењето на најуспешните светски пензиски фондови:

  • Вложувањата кои нудат висока заштита од инфлација (алтернативни вложувања) и се погодни за долгорочни инвеститори, како и употребата на современи алатки за управување со ризици се надвор од законските можности за домашните пензиски фондови. Измени на регулативата во овој дел, во функција на повисоки и побезбедни приноси во иднина би биле во интерес на сегашните членови на капитално финансираното пензиско осигурување, а идни пензионери.
  • При инвестирањето на средствата на повозрасните категории на вработени важно е нивните пензиски заштеди да бидат заштитени од краткорочни ценовни флуктуации. Ова би се постигнало со воведување на мулти фондови, што би значело постоење на фондови со различен сооднос на преземен ризик и очекуван принос зависно од возраста на членовите, која ја определува и оптималната структура на вложувањата на фондот во кој членуваат.

Во периодот кој следи, пензиските фондови ќе влезат во фаза на исплата на пензии, што наметнува потреба од соодветно адаптирање на регулативата со цел оптимално поставување на соодветен систем.

Одржливоста на пензиските системи е тема која опфаќа многу повеќе аспекти од инвестициските политики, но во интерес на иднината е секој фактор да биде согледан и анализиран одговорно, со поглед подалеку од краткорочните предизвици. Притоа, во интерес на идните пензионери е користење на соодветни поуки не само од успешните приказни кои упатуваат како треба, туку и од неуспешните кои упатуваат како не треба, секако нужно ставени во контекст на она што нас нѐ чека, а тоа за жал е помалубројна идна работна сила од чии тековни бруто плати би биле поддржувани идните пензионери.

Сава пензиско друштво продолжува посветено да работи во интерес на членовите и пензионираните членови, да придонесува кон подобро општество преку практики кои промовираат и поддржуваат општествена одговорност и да ги става на располагање своите капацитети градени низ годините во функција на поддршка на промени насочени кон подобрување на одржливоста на домашниот пензиски систем на долг рок.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

International plastic free day / Меѓународен ден без пластика

International Plastic Free Day (Меѓународниот ден без пластика) е релативно нова иницијатива на светско ниво, која се одбележува на 25 мај секоја година, со цел да се привлече вниманието на секој индивидуалец за пластиката која ја користиме секој ден. Ова се должи на потребата да се подигне свеста за негативното влијание на пластиката врз животната средина, особено употребата на еднократната пластика, како и да се поттикнат луѓето, компаниите, организациите и заедницата да преминат кон поодржливи решенија на долг рок.

Меѓународниот ден без пластика праќа порака за тоа колку пластика употребуваме секојдневно и како можеме да ја намалиме нејзината употреба. Загадувањето со пластика е еден од најважните предизвици за одржливоста со кои се соочуваат луѓето, предизвикувајќи голема штета на нашето здравје, животната средина и снабдувањето со храна, бидејќи дури над 380 милиони тони пластика[1] се произведуваат секоја година, од кои околу половина е за еднократна употреба, што би значело дека се фрла по само една употреба, а само околу 9% од целата пластика се рециклира, додека поголемиот дел од неа завршува во депониите, природата и води кон загадување на водите.

Имено согласно United Nations Environment Programme (Програмата на Обединетите нации за животна средина)[2] предвидено е дека до 2040 година загадувањето со пластика на земјата ќе биде до 1,3 милијарди тони, што е енормно загрижувачка бројка. Во самиот извештај се предлагаат промени на системот за секој земја да може да се справи со причините за загадување со пластика, на начин што ќе се започне со намалување на проблематичната и непотребна употреба на пластика, редизајнирање на производите и нивното пакување, односно одбегнување на пластични амбалажи, како и рециклирање и акции за справување со загадувањето со пластика. Како и на светско ниво, така и во нашата држава се соочуваме со голема употреба на пластиката, недоволно рециклирање од страна на луѓето и компаниите, како и недоволна едукација за одржливоста, односно штетноста од пластиката и како да се одбегне нејзиното користење.

Постојат иницијативи во делот на одржливата потрошувачка, која вклучува едукација за штетноста од пластиката и нејзина намалена употреба, но тоа во најголем дел е поттикнато од еколошките невладини организации.
Можеме да кажеме и дека компаниите од нашата групација Sava Re, како и нашата компанија Сава пензиско друштво а.д. Скопје ја промовираат културата на одржливост преку различни канали на комуникација и преку подигање на свеста кај вработените за еколошките прашања и за целите за одржлив развој. Тие во голема мера ја вклучуваат и употребата на пластиката и намалување на отпадот од пластика, како и поттикот да се преземаат иницијативи од самите компании да се намалат пластичните производи во секојдневното работење на компаниите. Ова е еден од елементите содржани во  Стратегијата за одржлив развој на Сава Осигурителна Групацијата за 2023-2027 година (Sustainable development strategy of the Sava Insurance Group for 2023-2027)[3]. И надвор од корпоративните практики,  и ние како индивидуалци преку нашето однесување, нашата култура и нашите навики треба да се насочиме кон намалување на користењето на пластиката и целосна замена на пластичните производи, особено производите за еднократна употреба со поодржливи производи, како што се производите од компостирачки материјали, дрво, стакло и сл. Од таа причина ве повикуваме сите заедно да ја подигнеме заеднички свеста за штетноста на пластиката, да се охрабриме себе си и другите да не користиме пластика за еднократна употреба во текот на денот, односно да не користиме пластички сламки, чаши, шишиња, кеси и истите да ги замениме со амбалажи за повеќекратна употреба. На овој начин заеднички да допринесеме кон намалување на користење на пластиката и секако оваа практика да ни премине во навика во секојдневниот живот.


[1] https://cinea.ec.europa.eu/news-events/news/life-plastic-its-not-fantastic-2024-04-22_en

[2] //www.unep.org/resources/turning-off-tap-end-plastic-pollution-create-circular-economy

[3] SAVA-Strategija-ANG_SAJ-v17-1-23-24-54_1.pdf