Во овој блог пост ќе зборуваме за нешто што често делува како далечно и апстрактно, но е длабоко вкоренето во секојдневието на човекот, а тоа е статистиката. Поточно, ќе зборуваме за улогата што статистиката ја има во пензискиот систем, но и во сите делови од нашето живеење. Затоа, и оваа тема ја отвораме со истиот пристап како кај другите животни прашања, со „игра на зборови“ која се обидува да ја доближи суштината до реалноста на човекот.
На прв поглед, статистиката изгледа како наука на броеви, проценти, табели и графици. Но, кога ќе ја погледнеме низ призмата на животниот тек, таа е многу повеќе од тоа. Таа е приказна за луѓето, нивните навики, очекувања, надежи и стравови. Ако пензиското осигурување е дискретен придружник кој нè следи 35-40 години, тогаш статистиката е она што стои зад сцената, ги следи нашите чекори и во тишина ја води приказната напред.
Статистиката како наука ни дава одговор на неколку битни прашања како што се: Колку години живее човекот? Колку време работи? Колкава пензија ќе добие? Одговорите на овие прашања не се интуитивни, тие се статистички пресметани. Просечната возраст на пензионирање, очекуваниот животен век по пензионирање, колку време човекот ќе прима пензија, колку треба да штеди месечно за да има достоен живот… сето тоа е статистика. И секој од тие податоци не е само број, туку носи директни последици по финансиската безбедност на секој поединец.
Одбележување на Денот на статистиката е важен бидејќи е ден кога треба да се потсетиме дека бројките не се само бројки, тие се основата врз која се градат здравствените политики, економските стратегии, пензиските модели и секојдневните животни одлуки. Статистиката го овозможува она што изгледа едноставно: да знаеш колку да вложиш денес за да имаш утре. Таа стои зад формулите со кои се калкулира колку ќе биде твојата пензија, врз неа се базираат и законските измени за старосната граница, а преку неа се пресметуваат и очекуваните приноси на инвестициите.
Еден од најголемите парадокси е што луѓето често го занемаруваат она што ги следи секој ден. Како што пензиското осигурување е присутно 40 години во нашиот живот без да го забележиме, така и статистиката е присутна секој ден во вестите, прогнозите, рекламите, мобилните апликации, но сепак таа останува невидлива. И токму таа невидливост прави помалку да ја цениме.
Кога ќе одлучите да уплатите средства во доброволен пензиски фонд, вие се потпирате на статистика. На проценки за принос, на проекции за инфлација, на податоци за старосна структура, на анализи за движење на пазарите. Тоа не се пусти бројки, тоа се алатки со кои градиш иднина. Статистиката е, на некој начин, животен сојузник кој знае што следува, дури и кога ние не размислуваме за тоа.
Колку се 33 денари на ден?
Би рекле едно кафе помалку, но дури ни во домашни услови не е таа цената на кафето, па ни на пакетче гуми за џвакање. Но, ако погледнеме статистички, тоа се преку 12.000 денари годишно, или преку Калкулатор за пензиска заштеда пресметај самиот колку е тоа заштеда во денари во период од 40 години. Тоа е моќта на бројките, кога ги користиме свесно, тие работат за нас. И тука не зборуваме за сложени анализи. Зборуваме за секојдневна математика која прави животна разлика.
Затоа, да не дозволиме статистиката да остане нем сведок на нашите животи. Да ја направиме дел од нашето одлучување, дел од нашето штедење во доброволен пензиски фонд и дел од нашето разбирање за пензијата, не како крај, туку како логично продолжение на една подготвена животна приказна.
Во нашето општество постои мит за кој сум слушнал повеќепати и гласи отприлика вака: Живееме во лоши времиња, зошто да штедам за пензија која веројатно не би ја доживеал.
Ако овој мит е вистина, апсолутно се сложувам дека нема поента да штедиш ако не очекуваш дека ќе бидеш жив за да си ги користиш заштедените пари, секако оплодени за времето поминато. Но, дали е тоа вистина, и ако е вистина – кои се шансите да доживееме пензија?
1.За да го решиме овој мит ќе ги разгледаме издадените статистички податоци за смртноста во нашата земја од Државниот завод за статистика. Ова е јавен податок и секој од вас може да ги погледне објавените податоци на следната патека: www.stat.gov.mk – Макстат база – Население – Морталитетни таблици.
2.Со оглед на тоа што имаме податоци (таблица на смртност 2019-2021) следен чекор е да пресметаме математички кои се навистина шансите да доживеете пензија ако сте на одредена возраст x. Поради тоа што имаме посебни статистички податоци за мажи и за жени ќе направиме и посебна пресметка која би се разликувала – мажите и жените имаат различна должина на животен век.
3.Со употреба на математичката формула n^p x – која претставува веројатност одредено лице на возраст x да доживее x+n години, ги добиваме резултатите подолу:
Возраст
Веројатност – маж, 64г
Веројатност – жена, 62г
25
79,38%
90,27%
26
79,42%
90,30%
27
79,47%
90,33%
28
79,53%
90,36%
29
79,57%
90,38%
30
79,62%
90,42%
31
79,66%
90,45%
32
79,71%
90,49%
33
79,79%
90,54%
34
79,87%
90,60%
35
79,96%
90,64%
36
80,06%
90,72%
37
80,16%
90,80%
38
80,26%
90,85%
39
80,39%
90,91%
40
80,54%
91,01%
41
80,71%
91,10%
42
80,85%
91,22%
43
81,02%
91,34%
44
81,22%
91,48%
45
81,46%
91,63%
46
81,73%
91,79%
47
82,01%
92,01%
48
82,37%
92,20%
49
82,74%
92,45%
50
83,17%
92,79%
*Објаснување: Во првата колона е презентирана возраста која ја имате денес. Во втората и третата колона е претставена веројатноста да доживеете пензија, во зависност од полот.
4.Во првата колона е презентирана возраста која ја имате денес. За секоја возраст има различна стапка на веројатност да доживеете пензија. Логично, со секоја измината година вие сте поблиску до возраста за пензија – тоа е 64 години за мажи и 62 години за жени, а со тоа и веројатноста да ја доживеете таа возраст се зголемува. Во втората и третата колона е претставена веројатноста за маж/жена да доживее пензија – за дадена возраст x.
Како треба да се толкуваат резултатите?
Маж на возраст 30 години – има веројатност од 79,62% дека ќе доживее 64 години – односно возраст за пензија. Жена на возраст од 30 години – има веројатност од 90,42% дека ќе доживее 62 години – односно возраст за пензија.
Од добиените резултати може да се забележи дека веројатноста кај жените да доживеат пензија е значително повисока во однос на мажите, поради 2 причини:
Жените имаат подолг животен век од мажите, и
Жените се пензионираат на 62 години – две години порано од мажите.
Со оглед на резултатите и значителната веројатност секој од нас да доживее пензија, мислам дека лесно го разбивме овој мит. Во оваа насока битно е да се напомени дека редовните уплати во третиот столб – доброволно пензиско осигурување претставуваат долгорочно пензиско штедење кои ќе ни овозможат повисока пензија и подобар животен стандард во нашите пензионерски денови.
Втор дел: Општествена одговорност на долга патека – Улогата на деловниот сектор во намалувањето на одливот на население
Во претходниот дел ја разработував проблематиката за тоа како Македонската држава финансира а другите држави профитираат од одливот на млади луѓе од РС Македонија во изминатиот период. Во овој дел ќе истакнам одредени идеи кои можат да претставуваат општествена одговорност на долга патека и која би можела да биде улогата на деловниот сектор во намалувањето на одливот на население.
Одливот на население, особено на младите, допрва ќе има негативни ефекти врз домашната економија, со очекувано негативни последици врз повеќе сфери на општеството. Оттука, постои простор деловниот сектор да пружи поддршка во справувањето со овој важен предизвик, за што конкретен предлог е даден во продолжение.
Предлог: Работа со скратено време за студенти + доброволно пензиско осигурување
Идеја:
Големите компании, банките и институции да им понудат на студентите можност за вработување 3 пати неделно по 4 часа, со минимална плата, менторство, и редовна уплата на доброволно пензиско осигурување.
Ова претставува:
Финансиска помош и стабилност за студентот,
Развој на практични вештини и кариерен пат,
Поврзаност со домашниот пазар на трудот,
Долгорочна сигурност преку формирање пензиско салдо уште од 18 години.
Зошто ова може да биде паметна стратегија:
1. Придобивки за младите
Финансиска стабилност: Минимална плата (или повеќе) за 12 часа неделно може да им помогне на студентите да ги покријат трошоците за студии и живот.
Работно искуство: По завршување на факултет, тие веќе имаат 3–4 години реално искуство во струка. Овие млади луѓе нема да почнуваат од нула. Ќе имаат неколку години практично знаење, контакти и разбирање на пазарот.
Помал економски притисок за време на студии.
Менторство и професионален развој;
Развој на професионални навики: Учениците учат одговорност, работа во тим, управување со време.
Изградба на работни навики и самодоверба.
И денес многу млади денес студираат и работат, често неформално и без права. Со ваков модел, студентите добиваат:
Регуларна плата,
Пријавен работен стаж,
Можност да стекнат искуство во својата идна професија.
Зголемена поврзаност со локалната економија.
2. Придобивки за компаниите и банките
Градење кадар од внатре: Наместо да бараат работници од странство или да конкурираат на пазарот, тие тренираат свои луѓе од млада возраст. Рано откривање на таленти.
Градење на лојални и подготвени кадри. Компаниите и банките ќе добијат мотивирани млади луѓе, кои не само што работат, туку и учат. Со соодветно менторство, тие можат да станат идни лидери во истата институција.
Поголема поврзаност со локалната заедница и едукациските институции.
Лојалност и задржување: Млади кои се развиваат во компанијата имаат поголема веројатност да останат.
Подобрување на корпоративната репутација преку општествена одговорност.
Придобивка за брендот: Социјално одговорно работење го зголемува угледот.
Развој на „интерна академија“ на млади професионалци.
Можност за влијание врз практичната едукација.
3. Придобивки за државата
Помал одлив на млади: Ако студентите гледаат реална кариера во Р.С. Македонија, ќе имаат помала мотивација да заминат.
Намалување на невработеност кај младите.
Подобрување на продуктивноста и даночната основа.
Помал одлив на образовани кадри.
Подобро искористување на државната инвестиција по дете и подобра искористеност на вложените јавни средства.
Конверзија на јавната инвестиција – секое дете кое оди во странство ја губи државната вложба од 17.000–26.000 евра. Ако остане, таа инвестиција се враќа преку даноци, потрошувачка и јавни услуги.
Стратешко поврзување на образованието и економијата.
Можни предизвици и ризици:
1. Злоупотреба на трудот
Потребна е јасна регулатива која ќе спречи компании да ги користат студентите како евтина работна сила без реална едукација или напредок.
2. Премногу оптоварување
Некои факултети се интензивни и не секој студент ќе може да работи 12 часа неделно. Поради тоа е потребна вклученост на универзитетите, синдикатите и младинските организации.
Решение: Флексибилност, можност за пауза, договор по семестар.
3. Нееднакви услови меѓу студентите
Може да се создадат разлики ако само одредени компании/банки го нудат ова. Потребно е национално координирање или платформа. Рамноправен пристап за сите – не само во Скопје, туку и во други градови.
Да се мери ефектот – следење на резултатите, задоволството и професионалниот напредок на студентите.
Предизвик
Решение
Злоупотреба на студентски труд
Јасна регулатива и инспекциски надзор – санкции за компании што понудуваат непропорционално ниски плати и без реален менторски процес.
Судир со академски обврски
Флексибилни распореди – студентот може да паузира или намали часови во испитен период; одобрување од факултет.
Нееднакви можности во градовите
Државни субвенции за компании во помали градови и рурални средини, за да се обезбеди рамномерен раст.
Недостаток на информираност
Кампании и работилници – на факултети, со поддршка од студентски организации и центри за кариера.
Предлог за модел на реализација
Како да изгледа овој модел?
Елемент
Предлог
Работно време
3 дена по 4 часа (вкупно 12 часа неделно)
Надомест
Минимална плата или повисока, законски регулирана
Врска со студии
Работа во област соодветна на факултетот/струката
Менторство
Секој студент добива ментор од компанијата
Уплата за осигурување
Исплата на здравствено осигурување и доброволно пензиско осигурување
Траење
Од прва до трета/четврта година, со флексибилност
Договор
Годишен, со можност за продолжување или прекин по избор на студентот
Улогата на државата: Клучни министерства што треба да го поддржат овој модел
Овој модел не бара само добра волја од приватниот сектор, туку и целосна системска поддршка од државата. Клучните институции што треба да ги водат овие политики се:
Министерство за економија
Стимули за компании: Делумно ослободување од придонеси за плати, субвенции за обука и менторство.
Програми за развој на домашен кадар: Вклучување на земјоделски, индустриски и услужни компании.
Промоција на јавни повици: За компании од сите градови да учествуваат во програмата.
Министерство за социјална политика, демографија и млади
Демографска мотивација: Програми кои ги поврзуваат младите со семејна политика, станбени кредити и поддршка за младенец.
Следење и статистика: Систем за евидентирање на студентите што остануваат и ефектите врз демографската слика.
Координација со факултети: За да се усклади академската и работната агенда, без да се наруши квалитетот на студиите.
Министерство за образование и наука
Интеграција на практична работа во студиите: Развој на програми кои овозможуваат студентите да стекнат практично искуство како дел од нивното образование.
Поддршка за менторски програми: Соработка со компании за обезбедување на ментори за студентите.
Флексибилни академски програми: Прилагодување на наставните програми за да се овозможи комбинирање на студии и работа.
Заклучок: Од трошок до системско вложување
Ако државата вложила десетици илјади евра во секој млад човек, тогаш има и право, и обврска да создаде услови тој човек да остане, да се развие и да придонесе дома. Иницијативата за студентска работа со скратено време, поддржана од големите компании, банките и министерствата е: реалистична – веќе има примери од европската пракса, одржлива – не бара огромни годишни буџети, туку само делумни субвенции, силно средство – за намалување на младинската невработеност, поврзување на образованието со пазарот на трудот и заживување на домашната економија како и намалување на младинската невработеност, поврзување на образованието со пазарот на трудот и оживување на домашната економија.
Долгорочните ефекти треба да донесат сигурна иднина односно младите граѓани да ја чувствуваат поддршката тука, од рана возраст до пензија, да донесат поврат на инвестиција: во форма на даноци и создавање нови семејства и бизниси како и да се развива култура на партнерство помеѓу државата, компаниите и студентите работат заедно за заедничка иднина.
Оваа идеја е одлична можност да се поврзе образованието со економијата, да се намали младинската невработеност и да се гради мост меѓу студентите и идните работодавачи. Да го намалиме одливот на мозоци, да ја конвертираме државната инвестиција во реален економски поврат. Ако не ја задржиме младината, државата ќе продолжи да ја финансира иднината на други држави. Потребно е да изградиме нова генерација мотивирани, образовани и вклучени граѓани.Време е институциите, компаниите и универзитетите заеднички да создадат систем што ќе работи за младите – а не против нив.Нашата земја има млади луѓе полни со енергија и идеи – а токму нашите компании и банки можат да бидат тие што ќе им дадат шанса да останат, да се развијат и да придонесат тука. Со помош не големите компании и банки, со нивно вклучување, се создава партнерство со цел задржување на талентите во земјата. Тие не само што ќе придонесат за економски развој, туку и ќе помогнат државата да ја „зачува“ својата инвестиција во секое дете што го школува. Прашањето кое треба да се постави е дали би било фер секоја компанија со над 100 вработени задолжително да има програма за вклучување на студенти? Дали вашата компанија би вклучила млади луѓе и со тоа ја зајакнала иднината на земјата?
Време е да се прашаме дали ќе продолжиме да ја подаруваме нашата иднина на други држави, или ќе почнеме да ја градиме тука, заедно?
Гледано не само на долг, туку и на среден рок, нашиот пензиски систем се соочува со влошени демографски проекции, предизвик кој бара стратешки и натпартиски пристап. Ваквата реалност води кон неизбежниот заклучок дека за посигурни пензионерски денови штедењето во доброволен пензиски фонд станува неопходност.
Еден од факторите за влошената демографска слика е секако одливот на населението. Одливот на мозоци не е само демографски, туку и економски и национален проблем. Р.С. Македонија мора итно да преземе системски мерки за да ги задржи младите – преку создавање услови тие да ја гледаат својата иднина овде, а не во странство.
Во изминатите децении, Р.С. Македонија изгуби значителен број млади и образовани граѓани. Одливот на мозоци не е само лична одлука и нема само резултати само на индивидуално ниво – тој има длабоки економски, социјални и стратешки последици. Секој млад човек кој ја напушта државата, го носи со себе не само својот потенцијал, туку и инвестицијата која државата ја направила во неговото детство и образование.
Кога едно дете ќе се роди, државата веднаш почнува да вложува во неговиот раст, здравје, образование и социјален развој. Овие вложувања не се само морална обврска на државата – тие се и економска инвестиција со конкретна вредност.
Р.С. Македонија вложува помеѓу 17.000 и 26.000 евра по дете до неговата полнолетност – преку образование, здравство, социјални услуги и субвенции. Но, кога тоа дете по средно или високо образование ќе замине во странство – нашата држава всушност ја „почестува“ друга држава со целосно подготвен и образован граѓанин. Таму тие „деца“ кои во меѓувреме станале возрасни луѓе ќе плаќаат даноци, ќе трошат пари, ќе основаат семејства и ќе ја јакнат туѓата држава – со македонска инвестиција. Секое „дете“ што ќе замине во странство ја носи со себе и оваа инвестиција, без поврат во општеството каде што израснал и се формирал како личност.
Колку е поголем одливот – толку е поголема и економската загуба. Ова значи дека кога една личност по средно или високо образование заминува од земјата – државата губи десетици илјади евра, без поврат на инвестицијата преку даноци, иновации или општествен придонес.Пример: ако само 1.000 млади лица годишно заминат на студии или работа во странство, тоа значи: 17–26 милиони евра државна инвестиција која ѝ се подарува на туѓа економија.
Табела 1. Апроксимативни пресметки за трошокот кој го издвојува државата по дете до полнолетство
Сектор
Годишен трошок по дете (приближно)
Вкупно до 18 години
Јавно образование (основно и средно)
1.000 – 1.500 €
12.000 – 18.000 €
Јавно здравство
300 – 400 €
5.000 – 7.000 €
Детски додатоци/субвенции
100 – 150 €
1.800 – 2.500 €
Јавна инфраструктура (училишта, улици, вода, енергија и сл.)
–
2.000 – 3.000 €
Вкупно
помеѓу 17.000 – 26.000 €
Ова е не само демографска и социјална загуба – туку и директна финансиска дупка која го поткопува развојот на самата држава. Со оваа појава губиме потенцијални даночни обврзници и млади професионалци (идни лекари, инженери, наставници и претприемачи) и уште многу позначајно од аспект на општеството, губиме родители кои би формирале семејства и нови генерации тука.
Одливот на млади и талентирани луѓе е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјава. Секоја личност која заминува во странство не претставува само загубен човечки потенцијал, туку и изгубена државна инвестиција. Главните причини за оваа појава се: ниските плати и недостиг на кариерни можности, корупција, непотизам и недоверба во институциите, недоволна поддршка за претприемништво и иновации како и недоволен квалитет на живот и јавни услуги.
Решенија: Како да ги задржиме младите? Што може да се направи, дали е се изгубено?
Доколку го вклучиме и периодот по средно образование – државната инвестиција може да достигне и 35.000 – 40.000 евра по лице. Но, бесцелно е да се зборува и пресметува доколку не се размислува за долгорочни системски решенија. Она што е потребно се системски решенија, кои ќе создадат мотивација за останување, а не само патриотска порака. Со системски решенија кои е потребно добро да се осмислат можеме да дојдеме до:
1. Подобрување на економските можности
Зголемување на платите, особено во стратешки сектори (ИТ, медицина, инженерство).
Поттикнување на стартапи и иновативни мали бизниси преку финансиска и менторска поддршка.
Регионален развој: повеќе можности и надвор од Скопје.
2. Модернизација на образованието
Подобро усогласување со потребите на пазарот на труд.
Промоција на дуално образование (учење + пракса).
Поддршка за истражување и развој во високо образование.
3. Вклучување на дијаспората
Стимули за враќање (ослободување од данок, старт-ап грантови).
Креирање мрежи за соработка со македонски професионалци во странство.
4. Зајакнување на институциите
Воведување на транспарентни и фер системи за вработување и напредување.
Борба против корупција и фаворизирање.
5. Подобрување на квалитетот на живот
Подобро здравство, сообраќај, урбанизам и јавни услуги.
Повеќе културни, спортски и рекреативни содржини за млади.
Од инвестиција до партнерство со големите компании и банките
Сепак, со цел да останеме фокусирани на конкретниот предлог што следува – се задржуваме на клучниот момент кога младите се соочуваат со избор да заминат на студии и работа во странство, или да останат во земјава и да започнат да придонесуваат тука. Можеме да добиеме, ако инвестицијата не заврши со средното образование – туку се трансформира во партнерство со младите односно ако создадеме механизми што ќе им понудат на младите реални причини да останат и да се развиваат дома.
Големите компании и банките можат (и треба) да играат клучна улога во спречување на одливот на млади луѓе од Р.С. Македонија. Еве како:
Улогата на големите компании и банки
1. Создавање квалитетни работни места
Инвестирање во човечки капитал преку подобри плати, обуки и кариерни патеки.
Вработување на млади таленти без барање „5 години искуство“.
Развој на програми за платена пракса и менторство.
2. Соработка со образовни институции
Воведување на дуално образование – каде што учениците дел од времето учат, а дел од времето работат во компанија.
Поддршка на факултети и средни училишта преку:
Гостински предавачи од индустријата.
Донации на опрема или стипендии.
Заеднички истражувачки проекти.
3. Финансиска поддршка за стартапи и иновации
Банки и корпорации можат да креираат фондови за млади претприемачи.
Партнерства со инкубатори, акцелератори и технолошки паркови.
4. Социјална одговорност и заеднички иницијативи
Програми за заедницата: културни настани, волонтерски активности, еко-иницијативи – сето тоа создава чувство на припадност кај младите.
Поддршка на локални проекти кои ја подобруваат урбаната средина, јавниот превоз или дигиталната инфраструктура.
5. Модел за фер и транспарентна работна култура
Примена на меритократија и еднакви шанси.
Јасни и фер процеси за регрутација и унапредување.
Поттикнување на повратници од странство со конкретни понуди за работа.
Зошто тоа им одговара и на компаниите?
Помал одлив на кадар: Наместо да бараат таленти во странство, ќе имаат пристап до обучени и мотивирани млади дома.
Подобра репутација: Компаниите што инвестираат во заедницата добиваат поголема лојалност и доверба.
Поголема продуктивност: Задоволни и мотивирани вработени создаваат повеќе вредност.
Партнер на државата: Компаниите стануваат активен чинител во долгорочниот развој на Р.С. Македонија.
За прв пат Светскиот ден без тутун беше создаден од земјите-членки на Светската здравствена организација (СЗО) во 1987 година и се одбележува секоја година на крајот на месец Мај. Овој ден е наменет за поттикнување на 24 часовна апстиненција од сите форми на консумација на тутун низ целиот свет и има за цел да привлече внимание кон негативните ефекти од широката распространетост и употреба на тутунот врз здравјето.
Никотинот и другите слични алкалоиди влијаат на психоактивната состојба и заедно со катранот (остаток кој содржи смола и други пропратни соединенија) имаат негативни здравствени последици. Tие последици вклучуваат рак на белите дробови, рак на грлото и рак на устата, срцеви болести, удари, емфисема, хроничен бронхитис и дегенерација на кожата.
Чадот од цигарите не влијае само на пушачите, туку и на непушачите. Луѓето околу пушачите се исто така изложени на ризик од здравствени проблеми, особено децата. Пасивното пушење може да предизвика респираторни состојби, карцином и срцеви болести.
КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ АКО СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД ЦИГАРИТЕ?
Кога знаеме дека пушењето цигари може да биде штетно врз нашето здравје и здравјето на луѓето околу нас, време е да се откажеме од оваа лоша навика. Откажувањето на цигарите носи позитивни ефекти како:
Намален ризик од кардиоваскуларни болести. Откажувањето од цигарите го намалува ризикот од повторен срцев удар и смрт од срцеви болести за 50%. Доколку престанете со пушењето го намалувате ризикот од висок крвен притисок, болест на периферната артерија и мозочен удар.
Намален ризик од развивање на други болести вклучително дијабетес, карцином на бели дробови и грлото, емфезема, хроничен бронхитис, хронична астма, чиреви, болести на непцата и многу други болести.
Ќе се чувствувате поздрави. По откажувањето, нема да имате суво грло или да кашлате како претходно, а ќе имате и повеќе енергија.
Ќе изгледате и ќе се чувствувате подобро. Откажувањето од цигарите помага во превенција на брчки на лицето, ослободување од жолтите наслаги на забите, подобрување на изгледот на кожата па дури и ослободување од лошиот мирис на вашата облека и коса.
Ќе заштедите. Имено, доколку во просек дневно трошите по 150 денари за една кутија на цигари, тогаш на месечно ниво Вашите трошоци изнесуваат 4.500 денари (150*30).
Наместо 4500 денари на месечно ниво да ги трошиме за цигари и да го нарушуваме нашето здравје, можете истите средства да ги вложиме во доброволниот пензиски фонд – Сава пензија плус со што ќе си обезбедиме посигурни пензионерски денови.
Ве предизвикуваме да се обидете, внесете во КАЛКУЛАТОРОТ месечна уплата од 4.500 денари во Сава пензија плус, за временски период до Вашето пензионирање и ќе видите прво колку вкупно средства ќе потрошите за цигари за тој период, а износот на акумулираната сума со остварениот принос низ годините ќе ви даде уште појасна слика што ќе значи откажувањето од цигарите за Вашите финансии.
Пресметката е од информативна природа и треба да имате во предвид дека приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот Доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со Доброволниот пензиски фонд. Идните стапки на принос не се гарантирани.
Што треба да знаете за доброволниот пензиски фонд (трет пензиски столб)?
Третиот пензиски столб е доброволно пензиско осигурување каде средствата се уплаќаат индивидуално или пак од страна на работодавец на пензиската сметка на членот, а за истите не постои обврска за редовност во уплати или висина на уплати.
Уплатата на индивидуална сметка се врши исклучително од трансакциска сметка на членот и/или уплатувачот или од сметка поврзана со трансакциската сметка (кога постои друго физичко лице уплатувач). Уплата на професионална сметка се врши од трансакциска сметка на осигурителот/фирмата или од сметка поврзана со трансакциската сметка.
Член на доброволен пензиски фонд може да стане секое лице кое ги исполнува условите за зачленување пропишани со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, доколку има најмалку 15 и најмногу 70 години возраст.
Право на исплата на пензиски надоместок од Трет столб се овозможува најрано десет години пред возраста за стекнување на право на старосна пензија, што во општ случај значи на возраст од 52 години за жена, односно 54 години за маж.
Зачленувањето во Сава пензија плус можете да го извршите во некое од нашите продажни места, во седиштето на Сава Пензиско друштво а.д. Скопје на ул. Димче Мирчев бр.20 или преку лиценцираните агенти во продажба.
ОДБЕРЕТЕ ПОДОБАР НАЧИН НА ЖИВОТ БЕЗ ЦИГАРИ!
ОДБЕРЕТЕ ПОДОБА ИДНИНА СО ВЛОЖУВАЊЕ ВО ДОБРОВОЛНИОТ ПЕНЗИСКИ ФОНД – САВА ПЕНЗИЈА ПЛУС!