Среќата е феномен на доживување на позитивни настани кои се надвор од нашата контрола. За одредени професии како за спортистите – среќата може да има високо значење дали на одреден меч ќе се постигне победа или пораз. Во оваа насока често може да се види како во одлучувачки моменти од спортската игра или при изведување на слободни фрлања во кошарката – спортистот изведува одреден ритуал со надеж да ја предизвика добрата среќа.
Постојат многу ретки примери на исклучителна среќа како примерот на Франо Селак кој бил професор по музичко образование во Хрватска и кој преживеал низа несреќи со смртни последици: Во 1962 година преживеал железничка несреќа во која загинале 17 патници, во 1963 година преживеал авионска несреќа во која загинале 19 патници, во 1966 година автобусот во кој се возел излетал од патот и паднал во река – загинале 4 патници. Покрај ова Франо доживеал и 4 сообраќајни несреќи и имал среќа да остане жив. Понатаму, во 2002 година на свои 73 години Франо освоил премија на лото во износ од околу 900 илјади евра. Ова e неверојатна приказна за исклучителна среќа која има минимална веројатност да се повтори.
Но, што е со сите нас останати кои имаме нормални професии и кои досега не сме имале исклучителна среќа како премија на лото? Дали постои начин да ја предизвикаме добрата среќа и да го промениме нашиот живот? Верувам дека единствен начин како можеме да ја предизвикаме добрата среќа е преку негување и практицирање на низа позитивни постапки:
Да бидеме про-активни, да одредиме јасни цели и да превземеме конкретни чекори во оваа насока;
Да бидеме подготвени да ја зграбиме шансата и да носиме одлуки со одмерен и прифатлив ризик;
Да бидеме позитивни личности, да веруваме дека сме среќни и да очекуваме да ни се случат позитивни работи;
Да негуваме блиски односи со нашите роднини, пријатели и колеги;
Да бидеме благодарни за она што го имаме денес.
Исто така верувам дека овие позитивни особини ги имаат и сите долгорочни штедачи вклучително и нашите членови во доброволниот пензиски фонд – Сава пензија плус. Со одредување на јасна цел каков стандард на живот посакувате да постигнете на повозрасни години и превземање на конкретен чекор во оваа насока со уплата во нашиот доброволен пензиски фонд, јас и моите колеги можеме да потврдиме од пракса дека повеќе од половина работа е завршена.
Во самиот центар на Скопје стои еден објект кој преживеал повеќе од половина век – зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Со својата монументалност и цврста конструкција, таа е еден од симболите на постземјотресното Скопје.
Се прераскажува урбана легенда дека нејзиниот архитект или инженер бил казнет затоа што потрошил „премногу бетон и арматура“ – повеќе од дозволеното. Во систем со строго планирани ресурси, тоа можело да се смета за прекршок. Но, кога земјотресот во 1963 година го разурна Скопје, токму таа зграда остана речиси недопрена. Митот доби морална димензија: она што изгледало како прекумерен трошок, станало симбол на преживување.
Кога денес вложуваме во својата иднина, кога одделуваме средства кои на прв поглед можеби изгледаат како трошок, всушност градиме нешто што ќе нè заштити утре. Како што зградата на ССМ ја преживеа најсилната криза поради својата стабилна основа, така и пензискиот фонд создава стабилна основа за иднината на секој поединец.
Капитално финансираното пензиско осигурување – вториот столб – се гради врз исти такви темели: инвестициони стратегии кои не бараат брз раст, туку долгорочна сигурност. Не премногу голем, но ни премногу мал принос. Балансиран, стабилен, отпорен на шокови.
Ако некогаш се случи „финансиски земјотрес“, може ќе се изгреба фасадата – ќе има краткорочни флуктуации – но конструкцијата ќе остане нечепната. Пензискиот систем е дизајниран така што најважното – вашата иднина – да остане сигурна. И не е можеби случајно што токму во оваа зграда, на последниот кат, во 2005 година се одржуваа првите испити за агенти во капитално финансираното пензиско осигурување. Колку само млади луѓе тогаш, со ентузијазам и верба, започнаа да градат нов систем што на долг рок ќе донесе благодет за целото општество. Тоа беше почетокот на една нова архитектура – не од бетон, туку од доверба, одговорност и визија.
Затоа инвестираме со ум и срце – со знаење, со податоци, со професионализам, но и со грижа за иднината на секој член. Затоа што зад секој број стои човек, зад секој процент – нечие достоинствено пензионирање, зад секој стратешки избор – нашата заедничка одговорност.
Затоа градиме на цврсти темели – темели што се планираат внимателно, се следат доследно и се зајакнуваат со време. Тоа не се само финансиски модели – тоа се вредности: долгорочност, доверба, стабилност. Како што без темел нема зграда, така без темелно поставен систем – нема сигурна пензија.
А најважниот темел од сите: средствата во вториот столб се ваша лична сопственост.
Тоа се ваши пари, акумулирани на ваше име.
Тоа е темелот што никој не може да ви го одземе.
Затоа капиталното пензиско осигурување е вашата лична зграда – стабилна, отпорна и подготвена за секој предизвик.
Меѓународната Шаховска Федерација (ФИДЕ) и шахистите ширум светот го слават Светскиот ден на шахот (World Chess Day) секоја година на 20 јули. На овој ден се организираат шаховски турнири и натпревари, работилници за деца и шаховски почетници како и предавања за историјата и значењето на шахот. Шахот е спорт кој е многу популарен низ целиот свет. Многу професионалци и аматери ја играат оваа интелектуална но исклучително интересна игра на табла за двајца играчи.
За неговото потекло нема сигурни податоци, но се претпоставува дека играта се појавила пред повеќе од 2000 години во Индија. Шахот е древна игра на табла која има вкупно 64 полиња која бара, но и развива концентрација и креативност и е една од омилените форми на забава за сите возрасти. Тој исто така е и глобална игра која промовира правичност, меѓусебно почитување, поттикнува дијалог, солидарност и придонесува за атмосфера на толеранција и разбирање помеѓу луѓето. Денес над 600 милиони луѓе играат шах и овој број секојдневно се зголемува.
Правилата за шахот се прилично едноставни. Шахот е игра помеѓу двајца играчи – со бели и црни фигури – кои се менуваат после секој потег. Играчот со белите фигури секогаш прв повлекува потег. Играта е практично битка помеѓу две војски и истата не се добива со еден потег, туку со серија мудри одлуки. За да има придобивки шахистот – тој се потпира на стратегија која ќе му помогне во изнаоѓање на најдобрите планови и движења во дадена позиција. На сличен начин функционира и доброволното пензиско осигурување – и шахот и долгорочното планирање на дополнителната пензија бараат стратегиско размислување, трпеливост, анализа на ризици и фокус на долгорочни цели.
Шахот е игра која го развива умот и за која е неопходно размислување од неколку потези однапред. Инвестирањето во пензискиот фонд е слично, со планирање однапред – денес вложуваш за утре да имаш. Затоа започнувањето со мала инвестиција денес, со текот на времето може да значи победа за вас и вашето семејство.
Шахистите знаат дека во шахот не се победува само со користење на најсилната фигура – кралицата, туку со употреба на сите фигури. Играчот уште во почетната фаза ги развива своите фигури за да создаде силна позиција. Во инвестирањето исто така не се препорачува да се вложи сé во една акција или сектор, туку да се инвестира во повеќе различни финансиски инструменти (акции, обврзници). Преку диверзификација на инвестициите се гради стабилност на портфолиото и се намалува ризикот и опасноста од “еден лош потег”.
По развивањето на фигурите од шахистите и борба помеѓу двете војски доаѓа последната фаза од партијата, односно крајот на играта. Успехот ќе зависи од претходното добро планирање на играта. Слично како и во шахот, периодот на нашето пензионирање е на некој начин резултат од играта и развивањето на нашите фигури (уплати) во текот на повеќе години. Финаниската сигурност во тој период ќе зависи од тоа колку паметно сме планирање и инвестирале во текот на целиот наш работен век. Доколку сè уште не сте започнале да размислувате за инвестирање во пензиски фонд, не е доцна да почнете со помали инвестиции. Шахот не е само игра, туку е и животна лекција за размислување, трпеливост и стратегија. Крајната цел во играта е да се даде мат на противникот т.е. да се зароби противничкиот крал. Кај пензиското осигурување крајната цел е финансиската независност и достоинствена пензија, без грижи дали ќе имаме доволно средства за животот во пензионерските денови.
Играњето на шах и разбирањето на самата игра нè учи да гледаме на поголемата слика, да ги проценуваме ризиците и да донесуваме паметни одлуки. Токму тие квалитети се клучни за успешни долгорочни инвестиции.
Меѓународниот ден на популацијата (World Population Day) се одбележува секоја година на 11 јули. Овој ден е прогласен од Обединетите нации во 1989 година, со цел да се подигне свеста за прашањата поврзани со популацијата, како што се растот на населението, планирањето на семејството, здравјето на мајките, еднаквоста меѓу луѓето и одржливиот развој.
Легитимно е да си го поставиме прашањето, што може да направи секој од нас? Како да ни треба уште малку, само еден вистински чекор за да го запреме одливот на луѓе, одливот на мозоци, за да создадеме функционална, праведна, пристојна држава во која луѓето ќе сакаат да останат.
По повод Меѓународниот ден на популацијата, се потсетуваме дека зад секоја бројка во популацијата стои чoвекова приказна. Во светот на пензиските фондови, анализата и статистиката не се само броеви. Тие претставуваат животна состојба, миграција, економија, семејства. Иако често работиме со просечни вредности, мора да признаеме дека, како што велат, еден јаде месо, друг зелка – а во просек сите сме јаделе сарма. Но, анализата и статистиката не смее да останат само на просекот. Тие треба да потсетат дека зад секој параметар се крие реален живот.
Работам во капитално финансираното пензиско осигурување, во Сава пензиско друштво од 2005 година и секоја година повторно се среќавам со еден ист феномен – функционалноста на членството на пензиските фондови. Тоа значи: дали членовите редовно добиваат придонеси, дали се активни, дали се тука. Во минатото намалувањето на функционалноста лежеше во проблемот на невработеноста, во отпуштањата. Но, денес кога бројот на вработени расте, функционалноста не се зголемува.
Зошто? Затоа што луѓето си заминуваат.
Овој феномен, кој го следам низ бројки и извештаи, доби една посебна човечка димензија во моите мисли потсетувајќи се на едно мое патување кое го имам остварено во минатото.
Пред околу десетина години ја посетив Индија — земја полна со контрасти, каде минатото и сегашноста живеат рамо до рамо. Престојувавме во хотел во Пондичери, посебна територија на југоисточниот брег на Индија која, иако е географски опкружена со сојузната држава Тамил Наду, не ѝ припаѓа. Пондичери е дел од поранешна Француска Индија и тоа француско наследство сè уште се чувствува — во архитектурата, атмосферата, па дури и во имињата на улиците напишани на француски.
Нашиот домаќин, мал бизнисмен од Пондичери, еден ден нè поведе на патување кон неговото родно село во внатрешноста на Тамил Наду. Патиштата беа широки, но не автопати. Од двете страни, луѓето одеа — боси, тивки, со товари на главите и деца во рацете. Во Индија, патот не е само сообраќајница, туку сцена на животот. Постои некоја безвременска динамика — сè се движи, секој оди некаде, со или без цел.
Стигнавме во селото. Куќите беа од плитар, со покриви од слама. Само една куќа беше од цврста градба — онаа на нашиот домаќин. Тој, иако веќе живееше во градот, ја задржал куќата за своите родители. Но и покрај тоа, тие спиеја на дрвени кревети без душеци, во скромни услови што говорат многу за секојдневието на милиони луѓе во тој регион. Животот беше тежок, но достоинствен.
Таму живееја Тамилци — еден од најстарите народи во светот, со длабоки културни корени. Тамилскиот јазик е еден од најстарите живи јазици во светот, со пишани траги што датираат над 2.000 години. Тамилците се горд народ, со своја литература, музика, уметност и систем на вредности што преживеал империјализам, колонијализам и сиромаштија. Но и покрај тоа, денес многумина живеат во крајна беда — без инфраструктура, без социјална заштита, со приходи што едвај ги задоволуваат основните потреби.
Купивме една вреќа кокосови ореви за 100 рупии — околу 100 денари. Евтино за нас, но таму секој орев беше резултат на труд, сонце и чекање. Нема ништо романтично во сиромаштијата кога ја гледаш одблиску.
На враќање назад кон хотелот во Пондичери, седев во тишина. Ги впивав тие слики — прашливи патишта, лица со историја, живот со тежина. И тогаш, погледнав кон небото. Месечината. Сјаеше. Иста како дома. И покрај сè што беше различно — јазици, мириси, живот — месечината беше иста. Тој момент ми ги врза двата света.
Се запрашав – дали е системот тој што прави една култура со илјадници години зад себе да остане во сиромаштија? Во Индија, капитализмот влезе со полна сила, но во општество каде што милиони беа без основа. Тој донесе богатство за некои, но остави многумина зад себе. Македонија, пак, излезе од социјализмот во 1991 година. Се поставува прашањето, што направивме за речиси 25 години? Дали градиме системски решенија, што не важат само за еден ден? Дали постои една кратковидост, која за жал нѐ не носи кон долгорочно одржливи решенија?
Ние, Македонците, не сме ни два милиони. Имаме своја држава, свој јазик, своја територија и исто така древна култура. Изградивме многу — институции, патишта, системи. Но, нешто недостасува. Како да ни треба уште малку, само еден вистински чекор за да го запреме одливот на луѓе, одливот на мозоци, за да создадеме функционална, праведна, пристојна држава во која луѓето ќе сакаат да останат. Држава со систем на кој му веруваме. За разлика од нас Тамилците немаат своја независна држава. Припаѓаат на една голема федеративна држава која се нарекува Индија. Но, имаме уште една значајна разлика со Тамилците, тие се многу. Традицијата на многудетни семејства опстојува и нивниот опстанок како народ не е доведен во прашање, иако процесот на намалување на многудетните семејства кај нив е веќе длабоко навлезен особено во урбаните средини.
Можеби одговорот на нашето долгорочно опстојување како народ лежи во еден нов баланс —социјална сигурност во која мораме да дадеме и личен пример, свесност и придонес, систем во кој има конкуренција, но и заштита на најслабите. Во кој има пазар, но и ред. Во кој има успех, но и правда.
Во таа смисла, вреди да се сетиме на една мисла што неодамна ми ја кажа еден мој драг пријател. Оваа мисла често му се припишува дека ја кажал Бенџамин Френклин, иако тоа до крај не е потврдено:
„Демократијата е кога два волка и едно јагне гласаат што да ручаат. Слободата е кога јагнето е наоружано и го оспорува гласот.“
Оваа слика на суровата демократија ни укажува дека бројките сами по себе не создаваат праведност. Вистинскиот систем треба да го заштити јагнето дури и кога е малцинство.
Можеби тоа е нашиот пат: да го прифатиме најдоброто од двата света — динамиката на капитализмот и солидарноста на социјализмот. Капитализам со социјални корективи, со закон и ред. Да изградиме држава што не ги јаде своите најслаби, туку ги штити и им дава можност.
Месечината е иста — и над Индија, и над Македонија. Но какво ќе биде нашето место под неа, зависи од тоа каков систем ќе изградиме тука долу, а изграденото да го почитуваме и надградиме.