5 совети за градење на односи со колегите во услови на хибриден модел на работа

Сите знаеме дека доколку имаме добар пријател на работа тоа може многу да ни помогне да имаме уште поголема сатисфакција при работењето, а задоволен вработен постигнува подобри резултати во работата.

Сега, во време на Ковид пандемија, кога во компаниите се практикува хибриден модел на работа, односно работа од дома и работа од канцеларија, пријателството со колегите ни е уште поважно.

Додека работиме од дома и додека практикуваме социјална дистанца, пријателите се многу важни за нашето ментално здравје и благосостојба.  Тие можат да ни помогнат да изградиме подобра перспектива, да имаме поголема самоконтрола и да го дадеме најдоброто од себе, како на работа така и во општеството во целина.

Дури и додека работиме од дома и не сме секогаш физички на работа, пријателството е од фундаментално значење за социјалниот живот.

Бројни истражувања откриваат дека добрите односи со колегите и соработката се многу важни за успешна работа. Во продолжение 5 совети за градење и одржување на пријателството со колегите особено во услови кога не сме во канцеларија сите заедно.

  1. Заедничко работење

Еден од најдобрите начини да се гради и одржува пријателство на работа е всушност самата работа. Иако и тим билдинг е убаво да се има, сепак заедничкото работење на сериозни проекти и самата соработка помагаат да се влијае позитивно на пријателството.

  • Избегнување конкуренција

Иако конкуренцијата се чини дека е дел од секоја работа, многу е важно да се најдат начини таа конкуренција да се насочи само кон надворешноста на компанијата.

  • Да си помагаме едни на други

Да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе, за да и другите го направат истото. Помагајте и бидете одговорни за луѓето околу себе и на тој начин ќе се зацврстат односите со колегите на работа.

  • Да бидеме реални

Понекогаш давањето поддршка на некој од колегите коj се соочува со посериозен проблем, а притоа да се биде реален е од особено значење за решавање на проблемот. Многу е подобро да се биде искрен во тој момент отколку само да се каже дека “ти го можеш тоа”.

  • Да се слушаме едни со други

Ново истражување од Универзитетот Вејк Форест покажува дека нивото на кортизолот се намалува кога сме поддржани од колега или претпоставен кој ги слуша и знае нашите чувства. Тоа е од особено значење и на работното место за да се намали стресот и да се постигнат уште подобри резултати.

Околностите во кои се работи за време на Ковид пандемијата, во кои работиме од дома и немаме можност за физички контакти, ги направија пријателствата уште поважни за сите нас. Без разлика низ што поминуваме и колку години имаме, пријателите можат да ни помогнат да го дадеме најдоброто од себе и притоа да се изградат односи на работа кои ќе ни помогнат да напредуваме како на професионален, така и на личен план.

Благосостојбата на вработените во период на КОВИД-19

Пандемијата со КОВИД-19 ни наметна „ново нормално“ како во приватниот, така и во професионалниот живот.

Социјалната изолација, осаменоста, „тенката“ граница помеѓу работните обврски и приватниот живот, стравот од губењето на работата или саканата личност, создаваат тежина, која може да биде голема и значително да влијае на менталното здравје. 

Принудени да се борат со овие дополнителни стресови, додека сè уште треба да работaт, вработените се соочуваат со неочекувани предизвици кога станува збор за нивната ментална благосостојба и имаат потреба од поддршка, додека се на своите работни места.

Свесни за ова и загрижени за своите вработени, кои во голема мера своите активности ги извршуваа од дома,  Сава пензиско друштво, спроведе истражување каде низ повеќе прашања ги истражи ставовите на своите вработени за нивната благосостојба и ментално здравје во време на пандемијата, како и нивните стравови и надежи за работата и состојбата по завршувањето на пандемијата.

Резултатите беа очекувани и за истите сметаме дека може да се генерализираат и разгледуваат во еден поширок контекст.

Над 43 % од вработените се изјасниле дека имаат високо ниво на благосостојба. Сепак, кај голем дел од нив се јавува некое средно ниво на истрошеност, кое перспективно при продолжување на овие услови, може да премине во високо ниво и да доведе до зголемување на истрошеноста и намалување на продуктивноста и благосостојбата на вработените.

Фактори кои имале најголемо влијание врз продуктивноста на вработените се:

  • Намалена социјализација и недостаток на комуникација со колегите;
  • Тешкотии при гасење на „работниот“ режим. И покрај тоа што над 88 % од нашите вработени целосно или делумно настојуваат да го задржат ритамот на животот и рутините кои ги имале пред промените поради КОВИД-19, сепак, по осумчасовна работа, вработените имаат тешкотии  да воспостават соодветен баланс работа-дома и да се исклучат од работа;
  • Грижа за член од семејството. Една поголема слабост на работата од дома е тоа што и покрај тоа што се елиминираат дистракциите кои можат да се јават при работа од канцеларија, сепак, доколку вработениот нема соодветни услови за работа од дома, може лесно да се деконцентрира поради бучавата или други домашни обврски, како и грижата за децата или повозрасни членови од семејството;
  • Недостатокот на јасна визија или план за живот на професионално и приватно ниво, по завршувањето на пандемијата создава загриженост и анксиозност. Најчести симптоми на анксиозност кои се почувствувале кај вработените во изминатиот период се: неможност за релаксација, напнатост, вознемиреност и нервоза, како и преголема загриженост за различни нешта.

Како најголем страв за вработените за постпандемискиот период е евентуалното продолжување со тековното темпо на работа, кое, воедно, е и главна причина за истрошеност и дебаланс на приватен професионален живот.

Исто така, вработените стравуваат дека постпандемискиот живот ќе се одликува со намалена грижа за вработениот и намалена флексибилност на работното место.

Најголема желба на вработените е да се подобри балансот работа-дома, кое се поврзува со желбата во иднина да се продолжи комбинираниот начин на работа, токму поради поголемата флексибилност што ја нуди тој начин на работа.

Како топ 3 причини зошто би се вратиле на работното место, кои нашите вработени ги избраа се: недостаток на работната атмосфера, социјализација и поголема продуктивност на работното место.

Во согласност со податоците добиени од спроведената анкета, Сава пензиско друштво продолжува да ги подобрува работните услови и да ги приспособува работните процеси, а притоа да ги задоволи желбите и потребите на своите вработени, со цел подобрување на нивната севкупна благосостојба, притоа без да се влијае на дејноста на Друштвото.