Сите знаеме дека доколку имаме добар пријател на работа тоа може многу да ни помогне да имаме уште поголема сатисфакција при работењето, а задоволен вработен постигнува подобри резултати во работата.
Сега, во време на Ковид пандемија, кога во компаниите се практикува хибриден модел на работа, односно работа од дома и работа од канцеларија, пријателството со колегите ни е уште поважно.
Додека работиме од дома и додека практикуваме социјална дистанца, пријателите се многу важни за нашето ментално здравје и благосостојба. Тие можат да ни помогнат да изградиме подобра перспектива, да имаме поголема самоконтрола и да го дадеме најдоброто од себе, како на работа така и во општеството во целина.
Дури и додека работиме од дома и не сме секогаш физички на работа, пријателството е од фундаментално значење за социјалниот живот.
Бројни истражувања откриваат дека добрите односи со колегите и соработката се многу важни за успешна работа. Во продолжение 5 совети за градење и одржување на пријателството со колегите особено во услови кога не сме во канцеларија сите заедно.
- Заедничко работење
Еден од најдобрите начини да се гради и одржува пријателство на работа е всушност самата работа. Иако и тим билдинг е убаво да се има, сепак заедничкото работење на сериозни проекти и самата соработка помагаат да се влијае позитивно на пријателството.
- Избегнување конкуренција
Иако конкуренцијата се чини дека е дел од секоја работа, многу е важно да се најдат начини таа конкуренција да се насочи само кон надворешноста на компанијата.
- Да си помагаме едни на други
Да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе, за да и другите го направат истото. Помагајте и бидете одговорни за луѓето околу себе и на тој начин ќе се зацврстат односите со колегите на работа.
- Да бидеме реални
Понекогаш давањето поддршка на некој од колегите коj се соочува со посериозен проблем, а притоа да се биде реален е од особено значење за решавање на проблемот. Многу е подобро да се биде искрен во тој момент отколку само да се каже дека “ти го можеш тоа”.
- Да се слушаме едни со други
Ново истражување од Универзитетот Вејк Форест покажува дека нивото на кортизолот се намалува кога сме поддржани од колега или претпоставен кој ги слуша и знае нашите чувства. Тоа е од особено значење и на работното место за да се намали стресот и да се постигнат уште подобри резултати.
Околностите во кои се работи за време на Ковид пандемијата, во кои работиме од дома и немаме можност за физички контакти, ги направија пријателствата уште поважни за сите нас. Без разлика низ што поминуваме и колку години имаме, пријателите можат да ни помогнат да го дадеме најдоброто од себе и притоа да се изградат односи на работа кои ќе ни помогнат да напредуваме како на професионален, така и на личен план.