Родени во време на глобализација и технолошка револуција, Генерацијата Z (Ген Z), родени во период 1996-2010 година, се првата вистинска генерација „дигитални староседелци“ кои живеат онлајн и ја користат технологијата за да го сменат светот.
Според многубројни истражувања и анкети, Ген Z не се разликува многу од миленијалците во поглед на гледиштата кои ги имаат, но, сепак, постојат и некои разлики, односно карактеристики кои би се потенцирале.
Како прва и највидлива карактеристика на Ген Z претставува користењето на бенефициите од интернетот и социјалните мрежи, како за олеснување на секојдневните активности така и за деловните активности.
Тие се сметаат за:
- Слободоумни и независни;
- Преземаат помалку ризици;
- Имаат натпреварувачки карактер и се големи реалисти;
- Имаат добар претприемачки дух и се истакнуваат во мултитаскингот;
- Прифаќаат различности и не се склони кон класичното образование;
- Пројавуваат голем интерес за финансиите, поради свесноста за тоа колку тие го движат економскиот свет и важноста финансиски да се образовани.
Оваа генерација веќе е навлезена на пазарот на трудот и до 2025 година ќе зафаќа околу 27 % од работната сила. Ген Z преферира работни места кои нудат можности за личен развој, што го посочуваат студии со кои се дошло до заклучок дека вработените повеќе би сакале да добијат можност да работат на различни проекти, сметајќи дека со тоа ќе научат нешто ново и корисно, наместо да добијат повисока функција.
Со работата на различни проекти и разновидни задачи, сметаат дека ќе ја зголемат довербата за нивниот квалитет кај работодавецот, бидејќи со вклучување во различни проекти им се зголемува чувството на успешност.
Уште повеќе, како вработени, Ген Z сакаат јасни очекувања, процени и комуникации кога станува збор за описот на нивната работа. Кога станува збор за повратни информации тие сакаат директна, честа комуникација и проверки со нивните супервизори за евалуација на перформансите.
Од аспект на финансиската стабилност тие не се разликуваат многу од претходните генерации во поглед на платата која е нивен приоритет. Тие се подготвени да работат повеќе часови, ако тоа значи заработка на повисока плата. Многу членови на Ген Z изразуваат финансиски мислења кои ја фаворизираат безбедноста и штедењето.
Според некои истражувања 90 % од работниците на Ген Z преферираат динамична и брза работна средина и сметаат дека флексибилноста на работното место е придобивка број еден што ја бараат.
Исто така, тие во текот на нивната кариера се залагаат за менување на повеќе работни места, што ја доведува во прашање нивната лојалност кон работодавците, а ја истакнува нивната желба за започнување на сопствен бизнис, која желба во последните години е сè поизразена.
Со оглед на тоа што оваа генерација ќе биде сѐ повеќе застапена на пазарот на трудот, компаниите треба да се запознаат со нивните карактеристики, нивниот однос кон работата и нивните очекувања, со цел да бидат атрактивен работодавец за оваа нова генерација на пазарот на труд.