
Ако ја земеме просечната старост на населението и индексот на стареење, со цел да го увидиме стадиумот на демографско стареење, може да се утврди дека Република С. Македонија се наоѓа во демографска старост. Ваквата демографска структура претставува значаен ризик фактор по одржливоста на нашиот пензиски систем. Клучен показател за согледување на одржливоста на еден пензиски систем претставува бројот на вработени на 1 корисник на пензија. Овој показател треба да изнесува минимум 3 (три), за да се одржи стабилен пензискиот систем без значајна поддршка од државниот буџет. Според податоците од ФПИОСМ[1], во 2023 година овој показател во Македонија изнесува 1,7.
Дополнително, нашата земја се соочува со неповолни миграциони движења, односно голем број на лица кои исселуваат од земјата. Исто така, постојат ограничувачки фактори на пазарот на труд во земјата, односно во споредба со развиените земји, релативно поголем дел од работоспособното население (15-64 години), не е вклучено во пазарот на труд.
Се чини дека во земјата постои свесност за демографскиот проблем. Носителите на одлуки и денес и во минатото ги истакнувале демографските предизвици на земјата, предлагајќи и воведувајќи извесни решенија кои имале за цел надминување на неповолните состојби. Сепак, треба да се има предвид дека демографските промени имаат комплексна природа и голем број фактори влијаат на истите, кои не секогаш е лесно да се изолираат и адресираат. Дотолку повеќе што се работи за долгорочни процеси каде решенијата никогаш не можат да бидат адекватно поставени гледајќи низ краткорочна призма, ниту пак резултатите можат да дојдат и да бидат видливи преку ноќ. Секако, демографската слика е особено значајна, би рекла и клучна за дефинирање, поставување и водење на долгорочни стратегии за раст во речиси секој сегмент од една држава.
Реформата во пензискиот систем и поставувањето на тростолбен пензиски систем, помеѓу другото, имаше за цел да ги адресира демографските предизвици и овие прашања, и истата започна во период кога демографските бројки и не беа така алармантни како денес. Ваквите бројки упатуваат на неопходност од продолжување на реформите, и понатамошно задржување на долгорочниот поглед и широката слика како и имање стратешка перспектива од носителите на одлуки при понатамошното постапување и изнаоѓање долгорочни решенија за одржување на стабилноста на пензискиот систем во земјата.
Кога зборуваме за демографските предизвици со кои се соочува Македонија, важно е да знаеме дека не сме сами. Ако многу поразвиени земји и системи од нас се соочуваат со истото, можеме да погледнеме како носителите на одлуки во овие земји ги адресираат демографските прашања, кои системски решенија (линк – https://nikogassami.mk/chlenuvanje/germanska-ide-a-do-site-roditeli/) биле донесени и дали и на каков начин нивните пристапи можат да бидат корисни за нас, имајќи ги предвид сите специфики на нашето општество. Во контекст на поставеност на пензиски системи, всушност според некои согледувања, токму најупешните пензиски системи се во земји кои исто така се соочуваат со демографски предизвици.
Кога станува збор за решенијата, треба да постои свесноста дека не постои инстант решение за овој проблем. При поставување на одржлив систем секогаш треба да се имаат предвид статистиката и социјалните аспекти . Зголемувањето на старосната граница за пензионирање по примерот на западноевропските земји е непопуларно и непосакувано решение за голем број граѓани. Исто така, очекуваниот животен век во Македонија е понизок од просекот на земјите-членки на ОЕЦД, што е дополнителен ограничувачки фактор за ваквата мерка, имајќи предвид дека треба да постои линк помеѓу старосната граница за пензионирање и очекуваниот животен век на луѓето.
[1] Извештај за работата на Фонд на ПИОСМ во 2023 година

Потпирањето на pay-as-you-go системите, односно целосно на првиот пензиски столб при вакви демографски очекувања е субоптимално. Тековно, јавните издатоци за пензии се околу 10% во однос на БДП, што е повисоко од просекот кај земјите-членки на ОЕЦД. Со оглед на тековно значајниот пензиски дефицит во Фондот на ПИОСМ, и очекувањата за намалување на бројот на население во земјата со паралелно стареење на населението, целосно потпирање единствено на првиот столб во голема мера значи очекување дека при затегнат пазар на труд во идинина, помал број на вработени и намален износ на уплатени придонеси, државата е таа која ќе обезебеди пензии и ќе се погрижи за идните пензионери. Ова е можно, но не и извесно, со оглед на континуираниот тренд на задолжување, и раст на буџетски дефицити и на глобално ниво и кај нас. Односно, можноста на државата доминантно да ги покрива пензиските издатоци (кои во иднина се очекува да бидат уште повисоки) е неизвесна.
Понатамошните чекори, имајќи ги предвид искуствата од развиени земји кои се соочуваат со слични предизвици, како и некои препораки од Светска Банка, вклучуваат:
- Подобрувања на пазарот на труд, раст на работната сила (преквалификации на дел од работната сила, увоз на странски работници);
- Постепено зголемување на стапката на придонес наменета за втор столб;
- Даночни ослободувања и стимули за трет столб;
- Зголемување на можностите за оплодување на средствата во вториот столб (зголемени можности за инвестирање и управување со ризиците преку воведување на мултифондови/ фондови поврзани со животен циклус).
