Моќта на времето: Како долгорочното размислување ја дефинира пензиската заштеда

Кога луѓето првпат ќе го слушнат зборот „пензија“, тоа често изгледа далечно, апстрактно и речиси неважно за сегашниот момент. Од таа перспектива, пензионирањето е нешто што доаѓа после неколку децении, а итноста на денешните трошоци, амбиции и задоволства лесно може да ја засени идејата за штедење. Сепак, суштината на пензиската заштеда лежи во долгорочниот аспект. Не се работи за тоа колку ќе одвоиме денес или утре, туку за тоа како придонесите и заштедите растат, се оплодуваат и се трансформираат низ годините и децениите. Разбирањето на оваа долгорочна перспектива е клучно за финансиска сигурност и мир во подоцнежниот дел од животот.

Долгиот рок е важен во штедењето поради инвестирањето. Инвестирањето е тивката сила што претвора скромни, редовни придонеси во значителна заштеда со текот на времето. Замислете дека садите дрво. Во првите неколку години растот изгледа бавен и речиси незабележлив. Но, како што минуваат годините, дрвото станува поцврсто, повисоко и поотпорно. Пензиската заштеда функционира на сличен начин. Колку порано започнете, толку повеќе време има вашата заштеда да расте, а позитивниот ефект од инвестирањето постојано се зголемува. Мал придонес направен во дваесеттите години може да вреди многу повеќе од голем придонес направен во четириесеттите, едноставно поради подолгиот инвестициски хоризонт.

Уште една причина зошто долгорочноста е толку клучна во пензиската заштеда е неизбежноста на пазарните флуктуации. Финансиските пазари растат и паѓаат, понекогаш драматично и искушението е да се реагира емотивно на краткорочната нестабилност. Но, пензиите не се наменети за краток рок. Тие мора да се отпорни на различни несакани настани, да преживеат падови и да остварат корист од закрепнувањата. Со тоа што го ставаме фокусот на долгорочниот хоризонтот, а не на движењата во блиска иднина и дозволуваме на нашата заштеда да го оствари она за што е создадена, односно да расте стабилно со текот на времето. Историјата покажала дека пазарите на капитал ја наградуваат трпеливоста.

Долгорочното размислување исто така го менува начинот на кој гледаме на ризикот. На краток рок ризикот изгледа заканувачки, како ненадејно намалување на вредноста на заштедата или неочекувана економска криза. Но низ децениите, ризикот станува управлив, па дури и корисен. Инвестициите во инструменти со повисок ризик како акции, вообичаено носат повисоки приноси на долг рок, а со тоа заземаат посебна улога во инвестирањето на пензиските заштеди. Фокусирајќи се на долг рок, штедачите можат да си дозволат да преземат поголем ризик на почетокот од своите кариери, знаејќи дека имаат доволно време за покривање на повремени надолни движења, а трпението ќе ги награди со поголем раст. Затоа пензиските фондови често алоцираат значителен дел од средствата на помладите членови во акции и потоа постепено ги префрлаат кон пласмани со понизок очекуван ризик како што се  приближува пензионирањето.

Покрај добивките од инвестирањето како награда за преземениот ризик, долгорочноста во пензиската заштеда има и психолошка димензија. Таа бара дисциплина, конзистентност и подготвеност да се стави иднината пред моменталните желби. Ова не е секогаш лесно. Животот носи голем број потреби, како станбено прашање, образование, семејство, патувања и притоа штедењето за пензија може да изгледа како жртва. Но ако ја формулираме пензиската заштеда како инвестиција во финансиска слобода, независност и достоинство подоцна во животот, долгорочната перспектива станува многу попривлечна. Не се работи за тоа да си ги одземеме задоволствата денес, туку се работи за тоа да обезбедиме доволно средства за живот во постабилни услови утре.

Долгорочноста е важна и за политиката и општеството. Пензиските системи, јавни или приватни, се потпираат на принципот на редовно и стабилно издвојување од доход низ целиот работен век. Кога ја занемаруваме долгорочноста, последиците се шират и создаваат притисок врз социјалните системи и идните генерации. Со прифаќање на долгорочното штедење, не само што си ја обезбедуваме сопствена финансиска иднина, туку придонесуваме и за стабилноста на поширокиот систем. Тоа е колективен напор изграден врз индивидуална дисциплина.

На крајот, пензиската заштеда не е само бројка на хартија, а долгорочноста во пензиското штедење не е само финансиски концепт. Тоа е и филозофија. Таа не учи на трпеливост во свет опседнат со непосредност, предвидливост во култура водена од моментално задоволство и отпорност во услови на неизвесност. Таа не потсетува дека ефектите од изборите што ги правиме денес ќе ги чувствуваме низ децениите кои следат, обликувајќи го квалитетот на нашиот живот кога работниот век ќе биде зад нас, а времето ќе биде целосно наше за да го уживаме.

Затоа, иако може да изгледа примамливо да го сметаме пензиското штедење како нешто за што ќе се грижиме подоцна, вистината е дека „подоцна“ целосно зависи од тоа што правиме сега. Долгорочноста не е далечен хоризонт, таа започнува денес. Секој придонес, секоја одлука, секој момент во кој покажуваме дисциплина води кон иднина во која финансиската сигурност не е надеж туку реалност.

Пензискиот систем во Македонија некогаш и сега

Живееме во време на промени. Најголемиот број на жители во нашата држава се лица кои се родени во последните декади на 20тиот век. Растени и воспитувани во време на социјализмот, а денес активно работоспособно население во капитализмот. Овие генерации на луѓе целиот свој живот се прилагодуваат на новините кои ги носи времето.

Една од тие промени е и промената или реформата на пензискиот систем. Во време на социјализмот пензискиот систем претставувал суштински дел од социјалната политика на државата, бидејќи имал за цел да обезбеди материјална сигурност и достоинствен живот за граѓаните по завршување на нивниот работен век. Начинот на кој се организирал и финансирал пензискиот систем, зависeл од економскиот модел и од идеолошките вредности на општеството. Во социјалистички систем, пензијата се сметала за колективно право и дел од социјалната правда, додека пак денес таа се третира како резултат на индивидуална работа, уплатените придонеси и остварениот принос од инвестициите. Овие различни пристапи не само што ја одредуваат економската структура на државата, туку и нејзината социјална кохезија и стабилност.

Во Југославија (СФРЈ), како и во другите социјалистички држави, пензискиот систем бил управуван од државата. Тој бил заснован на принципот на меѓугенерациска солидарност, што значи дека тогашните вработени со своите придонеси ги финансирале пензиите на постарите генерации. Сите вработени задолжително плаќале придонеси во државниот фонд, а висината на пензијата се одредувала според бројот на години стаж и просечната плата во последните години од работниот век. За овој период карактеристично е и тоа што демографските предизвици биле во корист на вака поставениот пензиски систем.

Во ова време, пензијата не зависела многу од индивидуалните приноси, туку повеќе од општите државни политики. Од тука и еднаквоста била поважна од економската разлика. На пример, вработен во фабрика и доктор добивале слични пензии, бидејќи идеологијата на системот настојувала да спречи класни разлики. Овој модел имал голема предност во тоа што обезбедувал социјална сигурност за сите, дури и за оние кои немале целосен стаж или високи приходи.

Сепак, социјалистичкиот систем имал и значителни слабости. Бидејќи пензискиот фонд бил дел од државниот буџет, неговата стабилност зависела од економската состојба на земјата. Во 80-тите години, кога Југославија се соочила со економска криза, инфлација и зголемена невработеност, системот започнал да покажува знаци на финансиска неодржливост. Бројот на пензионери растел побрзо од бројот на активни работници што довело до недостиг на средства и намалување на реалната вредност на пензиите.

Пензискиот систем во Македонија по осамостојувањето во 1990-тите започнува да го чувствува ваквиот товар и започнува со подготовка на реформа која ќе биде најсоодветна за нашата држава. На почетокот на новиот век, македонскиот пензиски систем ја воведува реформата во системот и започнува да функционира како тростолбен пензиски систем кој опфаќа:

  1. Државен пензиски фонд (ПИОСМ) – обезбедува основна социјална сигурност за сите граѓани, брз основа на генерациска солидарност.
  2. Задолжителен пензиски фонд – секој вработен има своја пензиска сметка во приватен фонд, каде што неговите средства се акумулираат и истите се инвестираат.
  3. Доброволен пензиски фонд – во кој граѓаните можат дополнително да штедат за повисока пензија.

Ако направиме споредбата помеѓу двата модели може да се забележат неколку суштински разлики:

  • Пензискиот систем во време на социјализмот нудел сигурност и социјална правда, но страда од неефикасност, низок стимул за работа и финансиска зависност од државата.
  • Капитално финансираниот пензиски систем овозможува сигурност, флексибилност, повисоки пензии и лична контрола.

Пензискиот систем е огледало на општествената и економската филозофија на една држава. Во социјалистички општества, тој претставувал израз на колективната грижа и идејата за еднаквост, но бил финансиски ранлив и недоволно стимулативен. Во капиталистичките држави, пензијата е резултат на лична иницијатива и пазарна логика, што создава динамика и можности за напредок, но и ризици и нееднаквост.

Искуството на Македонија, како земја која помина од социјалистички кон капиталистички систем и која се соочува со големи демографски предизвици, покажува дека трансформацијата на пензискиот модел бара внимателен баланс меѓу сигурноста и пазарната ефикасност. Пензиските друштва докажуваат дека одржлив пензиски систем е оној кој комбинира државна заштита со индивидуална одговорност, гарантирајќи достоинствен живот за сите генерации.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје е првото пензиско друштво во нашата држава кое ја воведе реформата во пензискиот систем и кое денес управува со отворениот задолжителен пензиски фонд „Сава пензиски фонд“ и отворениот доброволен пензиски фонд „Сава пензија плус“ и управува со повеќе од 280.000 сметки на своите членови во двата фонда. Нашата цел е да обезбедиме финансиска сигурност и одржлива иднина за нашите членови, преку раст на вредноста на пензиските заштеди и обезбедување соодветна пензија за нив.

За финансиската писменост

Што претставува писменоста како поим?

Секој народ на планетата се соочил со фазата на писменоста. Историски гледано, писменоста започнала уште многу одамна. Луѓето цртале во пештерите за да опишат настан или некоја случка за да остане за поколението. Во минатото, луѓето немале печатени книги, пишувале на камени плочи, на книжни свитоци и ракописите се копирале рачно, што било бавен и скап процес. Во 15ти век е создадена првата механичка печатарска преса, со што се овозможило побрзо производство на книги. Со развојот на науката и техниката се јавуваат многу современи алакти за споделување информации и раст на писменоста на кои сме сведоци денес.

Писменоста е основата на комуникацијата, но и олицетворение на културниот идентитет на еден народ. Преку писменоста, човекот, го изразува својот внатрешен свет, учи, се информира и се поврзува со другите. Писменоста е сила за достоинство. Во денешно време, писменоста добива и ново значење. Со развојот на технологијата, се појавуваат нови форми на писменост-дигитална, информатичка, медиумска и така натаму. Сето ова впрочем и значи дека современиот човек треба да биде способен не само да чита, туку и критички да разбира информации од различен карактер.

Недостигот на писменост носи бројни пречки. Необразованите лица, често се соочуваат со потешкотии при вработување, ограничен пристап до информации, па дури и социјална изолација. Реалноста впрочем покажува дека милиони луѓе ширум светот се уште се неписмени. Повеќето од нив се жени и деца, особено од сиромашни и рурални средини. Токму затоа УНЕСКО повикува на подобрување на образовниот систем и полесен пристап до книгите, наставните материјали, но пристап и до дигиталните алатки со што информациите до учениците ќе бидат многу полесни и побрзи.

За финансиската писменост

Во многу далечното минато започнала и финансиската писменост. Размената на стоки и трговијата на големо и мало била присутна, се негувала и растела. Првично, трговците се разменувале со производи, потоа настанале монетите како средство за наплата. Откако се настанати монетите, всушност настанало и штедењето.  Во минатото, финансиската писменост била привилегија на богатите. Од размена на стоки, па се до дигитални валути денес, долг е патот на парите низ историјата.

Финансиската писменост е клучна животна вештина која овозможува луѓето да донесуваат информирани и одговорни одлуки за своите пари. Таа опфаќа знаење, вештини и ставови поврзани со управување со личните финансии. Ваквите знаења опфаќаат познавања за основните финансиски концепти, како што се разбирање за временска вредност на парите, каматни стапки, инфлација, диверзификација итн, кои применети, треба да водат кон правилни финансиски одлуки при управувањето со личниот или семејниот буџет. Ова вклучува соодветна проценка и адекватни финансиски одлуки поврзани со штедењето и/или инвестирањето, кредитирањето и обезбедувањето дополнителни финансии, познавање на финансиските продукти кои се нудат на пазарот.

Еден таков финансиски продукт претставува штедењето во доброволен пензиски фонд, кое што на граѓаните им се овозможува да ја надополнат пензијата од првиот и вториот пензиски столб и да си осигураат дополнителни примања за старост. Доброволното издвојување за пензиски заштеди значи свесност за долгорочните процеси во управувањето со финансиите и инвестирање во иднината.

Во нашата земја, за жал финансиската писменост е на релативно ниско ниво. Голем дел од граѓаните не ги разбираат основните финансиски концепти, притоа донесувајќи ризични одлуки како вклучување во понзи шеми или земање кредити по неповолни услови, дополнително нарушувајќи го управувањето со личните финансии.

Финансиската писменост има големо влијание врз индивидуалната и општествената благосостојба. Финансиската писменост треба да започне од воспитувањето на детето во самото семејство. Податоците во форма на пари се одличен начин за едукација на детето и начинот на нивно чување. Нам како родители ни е должност да ги научиме нашите деца дека парите не се трошат веднаш сите и тоа за некоја неполезна работа, туку е соодветно дел да бидат заштедени и инвестирани. На овој начин ќе поттикнеме поголема финансиска дисциплина кај децата. Така, тие кога ќе пораснат ќе ја вкусат благодатта од штедењето и ќе ни бидат благодарни. Ваквата финансиска писменост, што можеме ние како родители да им ја дадеме на децата, може да прерасне во убава навика и да се пренесува од колено на колено. Со тоа сме обезбедиле здрава нација која знае да вреднува и штеди.

Образовните процеси исто така е важно да ги опфатат концепитите на финансиска писменост и управување со личните финансии. Поголемата финансиска дисциплина и зголемената финансиска писменост понатаму во животот ќе придонесат за избегнување на долгови и финансиски проблеми и подобро планирање за иднината (образование, пензија итн.) на детето. На општествено ниво, зголемената финансиска писменост може да придонесе за економска стабилност и намалување на сиромаштијата во земјата.

Учениците разбираат дека писмениот човек е богат со зборови, но и со мудрост и можности. Писменоста е клучот што ги отклучува вратите на знаењето и слободата. Финансиската писменост, во овој контекст, е основа за адекватно управување со личните финансии и столб на личната финансиска независност. Едноставно кажано: Финансиската писменост не треба да се разбере како привилегија, туку како основно знаење кое секој треба да го поседува за да донесува правилни финансиски одлуки.