Тивките „пријатели“ на реформираниот пензиски систем

Пензискиот систем во Македонија има долг историски развој проследен со надградба во текот на времето. Пред воведување на реформата, пензискиот систем го претставуваше само Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (Фондот на ПИОМ) кој функционира на принцип на генерациска солидарност и се финансира на тековна основа што значи дека со придонесите од постојните осигуреници се исплаќа пензија на тековните пензионери, пресметани врз основа на принцип на т.н. дефинирани пензии.

Социоекономските промени, како и демографските фактори не го оставија имун ниту пензискиот систем кој се соочи со големи тешкотии во неговото нормално функционирање, со што се наметнала потреба од темелна реформа на пензиското и инвалидското осигурување во нашата држава. Од овие причини се дизајнирање и имплементираше темелна реформа на пензиски систем со што се воспостави тростолбен пензиски систем, со комбиниран начин на финансирање на идните пензии и со диверзификација на демографските и економски ризици, со цел обезбедување сигурна пензија за сегашните и идни генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем.

Согласно горенаведеното, често се поставува прашање кои се „пријателите“ на реформираниот пензиски систем?

1. Сложена камата

Што претставува каматно-каматниот ефект или попознат како сложена камата?

Сложена камата е онаа камата, која, откако ќе се пресмета се додава на основицата за понатамошно вкаматување. Според тоа, сложената камата после секој период на вкаматување се додава на капиталот, за да во следниот период се пресмета камата и на каматата.

Во продолжение следи практичен пример за поедноставно разбирање на сложената камата:

  • Почетен износ: 10 000
  • Годишна камата: 5%
  • Период: 5 години
  • Сложена камата – еднаш годишно
  • Формула: FV=PV*(1+r)n, каде FV-идна вредност, PV-почетен износ, r-каматна стапка,      n-број на години

Што се забележува од примерот?

  • Каматата расте секоја година. Иако каматната стапка е иста, номиналниот износ се зголемува. Во првата година износот на каматата е 500, а во петтата година е 608.
  • Има „снежна топка ефект“, односно парите се зголемуваат експоненцијално. Колку подолго трае периодот, толку растот е побрз.
  • Се зголемува добивката со тек на времето, иако ризикот е ист.

2.  Времето на инвестирање на средствата

Времето на инвестирање на средствата е поважно од висината на уплатата. Порано започната уплата значи повеќе години за акумулација, дури и ако месечните износи се скромни.

Пример: ако едно лице уплаќа 40 години по 500 денари месечно, а друго лице уплаќа 20 години по 1000 денари месечно. Износот на уплата и кај двете лица е ист – 240 000 денари. Дадени се пресметки со просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно ниво, во три сценарија: песимистично сценарио со 4%, реално сценарио со 5% и оптимистично сценарио со 6%. Лицата немаат претходна уплата (моменталната состојба е 0), а влезната провизија изнесува 2,5%.

Првото лице:

Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:500
Период на уплата (во години):40
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:4%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:567 872
Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:500
Период на уплата (во години):40
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:5%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:725 675
Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:500
Период на уплата (во години):40
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:6%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:934 520

Второто лице:

Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:1000
Период на уплата (во години):20
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:4%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:355 907
Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:1000
Период на уплата (во години):20
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:5%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:397 271
Начин на уплата:Месечно
Износ на уплата:1000
Период на уплата (во години):20
Влезна провизија:2,5%
Просечна очекувана номинална стапка на принос, на годишно нивo:6%
Вкупно уплатени средства:240 000
Бруто акумулирана сума на крај на период:444 255

Пресметката е од информативна природа. Добиениот износ на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите: период на уплата, моментална состојба, месечен износ на уплатен придонес, надомест од уплатени придонеси и очекувана стапка на принос. Во пресметката се вклучени ставките: „надоместок за управување со средствата“ и „трансакциски трошоци“ кои можете да ги погледнете на следниот линк: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/insurance/voluntary-pension-fund/investments/fees/

Што можеме да забележиме од двата примера?

Иако износот на вкупно уплатените средства е ист, бруто акумулираната сума на крајот на периодот во сите три сценарија е далеку од иста. Имено, можеме да заклучиме дека времето на инвестирање на средствата е поважно од висината на уплатата. Порано започната уплата значи повеќе години за акумулација на истите. Ова е всушност процесот на капитализација – претворање на приходите во дополнителен капитал. Придонесите и приносите се акумулираат на индивидуална сметка, а остварената добивка повторно се инвестира, што овозможува раст на средствата со текот на времето.ето.

3. Диверзификација на инвестициското портфолио на пензиските фондови

Пензиските фондови ги распределуваат средствата во различни финансиски инструменти за да се намали ризикот и да се обезбеди стабилен раст. Најчесто тоа вклучува:

  • домашни обврзници и државни записи
  • депозити во банки
  • акции од домашни и странски компании
  • домашни и странски инвестициски фондови и
  • други финансиски инструменти

Управувањето со ризиците на портфолиото преку диверзификација на портфолиото, инвестирање во инструменти со висок кредитен рејтинг, како и високо ликвидни инструменти, придонесува да се намали вкупниот ризик на портфолиото, а од тоа да имаат бенефит сите членови на пензискиот фонд.

4. Транспарентност на средствата

Транспарентноста на средствата во вториот и третиот пензиски столб е голем „пријател“ на овој реформиран систем. Имено, каматната стапка е двигателот, секој член во вториот и третиот пензиски столб има право на редовен увид во сопствената сметка – онлајн, преку апликација или преку годишен извештај за пензиска заштеда. Во извештајот за пензиска заштеда може да се видат сите уплати, состојбата на пензиската заштеда, инвестирање на средствата, како и приносот и надоместоците за управување со фондот. Благодарение на ова, секој член во секој момент може да го провери растот на неговата пензиска заштеда и да се увери дека средствата се управуваат професионално и одговорно.

Откако се запознавме со „пријателите“ на реформираниот пензиски систем, треба да донесеме заклучок за нивното влијание и улогата која ја имаат.

Имено, приносот е двигателот на позитивните промени со кои се среќава членот.

Времето е сојузник, колку повеќе го имаш како пријател, толку неговата вредност се зголемува.

Диверзификацијата е штитот на пензискиот систем, придонесува да се намали вкупниот ризик на портфолиото.

Транспарентноста на средствата е всушност довербата која ги поврзува  двете страни – пензиското друштво кое управува со пензиските фондови од една страна и самиот осигуреник (член) од другата страна.

Колку порано вложуваш, толку приносот и времето повеќе работат за тебе.

Колку е пошироко распределен ризикот, толку е посигурна иднината на членовите.

Колку е поголема транспарентноста, толку е помала неизвесноста.

ПЕНЗИЈАТА НЕ СЕ ЧЕКА! ТАА СЕ ГРАДИ, СО БРОЈКИ, СО ВРЕМЕ И СО МУДРИ ОДЛУКИ!

Користена литература:
https://mapas.mk
https://www.sava-penzisko.mk
https://www.nbrm.mk
https://penzija.mk/

Ризици со кои се соочуваат индивидуалните инвеститори

Кога се работи за инвестирањето, особено за инвестиции во финансиски инструменти, еден од главните параметри при инвестиционото одлучување е очекуваниот принос. Несомнено, доколку приносот кој го очекуваме од една инвестиција е еднаков или повисок од приносот кој што посакуваме да го оствариме во одреден временски период,  тогаш таа инвестиција би била прифатлива за нас како индивидуални инвеститори.

Сепак, ниедно инвестирање не е без ризик. Иако ризиците најчесто не се главен фокус на инвеститорите, сепак истите се неизоставен дел при инвестиционото одлучување. Постојат голем број ризици релевантни при носење на една инвестициона одлука, но подолу ќе издвоиме неколку основни ризици кои секој индивидуален инвеститор би требало да ги има предвид при носење на одлука за инвестирање во одреден финансиски инструмент. Имено, еден индивидуален инвеститор при носењето на одлука за инвестирање треба да има свесност дека цените на финансиските инструменти се нестабилни и дека може да растат, но и да опаѓаат – и тоа со различен интензитет, зависно од видот на инструментот. Исто така, еден индивидуален инвеститор кога одлучува да инвестира средства во одредена инвестиција, треба да има свесност дека во одреден временски период, постои веројатност (која може да биде незначително мала, но и незанемарливо висока), дека може да има значајна загуба на сопствениот вложен капитал. Ултимативно, еден индивидуален инвеститор треба да има свесност дека постои ризик да не ги оствари своите лични финансиски цели врз основа на кои ги донесува своите инвестициски одлуки. Подолу кратко појаснување за секој од овие ризици:

  1. Нестабилност на цените на финансиските инструменти – ризикот од пазарна нестабилност или т.н. пазарна волатилност се однесува на флуктациите          во вредноста и приносите на една инвестиција со текот на времето и во себе ја опфаќа веројатноста дека вредноста на една инвестиција може да опадне како резултат на промени во економските услови, специфики карактеристични за издавачот на финансискиот инструмент или промени во пазарните услови. Овој ризик ги опфаќа сите класи на финансиски инструменти, иако самите класи на финансиски инструменти може меѓусебно значително да се разликуваат според интензитетот на флуктација на пазарните цени помеѓу финансиските инструменти кои се дел од една класа
  2. Значаен пад на вредноста на одредена инвестиција – ризикот од значаен пад на вредноста на одредена инвестиција се однесува на доживување загуби во одреден временски период поради значајно намалување на вредноста на инвестицијата. Овој ризик може да се согледа квантитативно преку разликата помеѓу максималната вредност на една инвестиција и нејзината најниска точка за време на пад на финансиските пазари, односно при пазарна корекција. Овој ризик е познат како ризик од значајно повлекување на капиталот и всушност не претставува реализирана загуба за еден инвеститор, туку пад на вредноста на инвестираните средства. Сепак, доколку индивидуалниот инвеститор се одлучи да го продаде финансискиот инструмент или инвестицијата која има значајно намалување на вредноста, инвеститорот би реализирал загуба.
  3. Ризик од неостварување на личните финансиски цели – овој ризик се однесува на можноста еден инвеститор да не ги оствари своите лични финансиски цели, која може да дојде како резултат на повеќе фактори: реализиран понизок принос од очекуваниот принос од одредена инвестиција, влошени економски услови, силни пазарни корекции или недоволно вложен капитал за остварување на посакуваните финансиски цели.

Основна алатка за намалување на влијанието на ризикот од ценовна нестабилност и ризикот од значајно повлекување на капиталот е адекватна диверзификација на инвестициите низ различни класи на инструменти. Иако диверзификацијата не може целосно да ги елиминира овие ризици, со оглед на зголемувањето на корелацијата помеѓу различните класи на инструменти за време на системски корекции, истата може да ги ограничи падовите и да ја намали силината на надолните корекции на ниво на вкупно лично портфолио.

Во однос на последниот ризик, иако по својата природа е долгорочен, сепак важно е да се напомене дека навременото финансиско планирање може да придонесе за намалување на овој ризик. Притоа, имањето на основни финансиски познавања и адекватното управување со личните финансии се основа за остварување на финансиските цели на една индивидуа. Личните финансиски цели може да бидат различни по својата природа, може да бидат краткорочни или долгорочни и инвестициските одлуки поврзани со нив мора адекватно да го рефлектираат временскиот хоризонт на располагање, финансиските приливи на индивидуата, личната аверзија или склоност кон преземање ризик, како и останати фактори како што се возраста на поединецот, даночните аспекти, акумулираниот капитал итн.

За подобро да го илустрираме погоре наведеното на едноставен начин, ќе земеме еден пример за лична финансиска цел: Задржување на стандардот на живеење во периодот на пензионирање преку обезбедување на соодветни финансиски приливи. За еден поединец адекватно и навремено да се позиционира за остварување на оваа финансиска цел, треба да преземе соодветни чекори кои вклучуваат адекватни финансиски и инвестициски одлуки. Имено, треба да има познавање од поставеноста на пензискиот систем во земјата, но и свесност дека износот на идната пензија е тесно поврзан со работниот стаж и нивото на примања. Доколку е член на вториот столб, може лесно да провери колку средства наменети за пензија има акумулирано на својата индивидуална сметка. Исто така, постоењето на трет пензиски столб во нашата земја  – доброволно пензиско осигурување му овозможува на поединецот да преземе активни чекори кон остварување на оваа лична финансиска цел преку редовно уплаќање на средства во доброволен пензиски фонд. Овие средства понатаму се инвестираат со што се овозможува зачувување на куповната моќ на истите и остварување на дополнителен принос за поединецот. Возраста на поединецот исто така е важна за адекватно инвестициско одлучување. Имено доколку поединецот има подолг период до пенизонирање, доволен може да биде понизок износ на редовни месечни уплати за остварување на посакуваната цел. Доколку периодот до пензионирање на поединецот е пократок, може да се потребни повисоки износи на уплати за да ја оствари посакуваната финансиска цел.

Мудрите инвестициски одлуки секогаш се резултат на соодветна информираност и финансиско познавање, имајќи ја предвид целосната слика на личните финансии и личните финансиски цели и истите не  базираат на ад хок одлуки или ветувања за брза заработка, туку секогаш ги земаат предвид очекуваните приноси, ризиците, очекуваните приливи, временскиот хоризонт, даночните аспекти, личните преференции и останати фактори релевантни за еден поединец.

МЕСЕЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПАЗАРИТЕ НА КАПИТАЛ – ДЕКЕМВРИ 2025

Како се движат акциите, валутите и берзанските стоки?

Сава пензиско друштво ви го носи најновиот извештај со клучни информации за глобалните пазари.
– Следете ги промените на индексите
– Проверете ги движењата на валутите и цените на суровините
– Информирајте се за состојбите кои влијаат и на вашата иднина

Пензиските фондови инвестираат на долг рок, низ различни фази од деловниот циклус.

Прoчитајте повеќе тука: