Личен пензиски советник – нова услуга за нашите членови

Гласот на членовите и нивните реални потреби од секогаш биле во фокусот на работењето на Сава пензиско друштво. Во време на сè поголемо присуство на дигитални алатки и вештачка интелигенција, друштвото свесно избира поинаков пат – човечки пристап, лична комуникација и градење доверба. Токму од таа определба произлегува новата услуга „Личен пензиски советник“, наменета да ја доближи пензиската тематика до секој поединечен член и да ја направи разбирлива и подостапна.

Прашањето за пензиската сигурност често се доживува како апстрактен систем составен од бројки, законски одредби и далечни датуми. За многумина, пензијата изгледа како нешто што допрва ќе дојде и затоа останува на маргините на секојдневниот интерес. Сепак, јазот помеѓу институционалното управување со пензиските фондови и индивидуалниот член постепено се стеснува. Со воведувањето на услугата „Личен пензиски советник“, Сава пензиско друштво прави значаен исчекор кон разбирливо, подостапно и похумано пензиско осигурување.

Услугата е дизајнирана да ја стави личната комуникација во преден план и да им овозможи на членовите чувство дека имаат реална поддршка за управување и планирање на своите пензиски заштеди. Преку официјалната веб-страница на Сава пензиско друштво, секој член на пензиските фондови може едноставно да ја користи услугата со внесување на својот матичен број (ЕМБГ). За само неколку секунди, системот прикажува кој е неговиот личен пензиски советник, односно стручното лице задолжено за неговата индивидуална пензиска сметка.

Она што ја издвојува оваа услуга е флексибилноста и автономијата што им се нуди на членовите. Наместо пасивно да чекаат информации, тие можат директно да го контактираат својот личен пензиски советник. На тој начин, комуникацијата станува поедноставна, побрза и прилагодена на реалните потреби и динамиката на современиот начин на живот.

Во основата на „Личен пензиски советник“ е концептот на лична грижа и индивидуален пристап. Личниот советник не е само техничка или административна поддршка, туку професионален водич кој им помага на членовите подобро да ги разберат своите пензиски права, личните сметки, акумулацијата на средствата, уплатите на придонеси, остварениот принос од инвестирањето на средствата, како и долгорочните можности за штедење преку доброволното пензиско осигурување. Целта е секој член да добие јасна, целосна и разбирлива слика за сопствената пензиска иднина, без нејасна терминологија и сложени објаснувања.

Примарниот мотив на Сава пензиско друштво е членовите да знаат дека не се сами во овој долгорочен процес. Во време на интензивна дигитализација, кога автоматизираните системи сè почесто го заменуваат личниот контакт, оваа услуга ја враќа човечката димензија и гради доверба преку персонализиран пристап и континуирана комуникација.

Особено значаен аспект е фактот што услугата „Личен пензиски советник“ е целосно бесплатна за сите членови на пензиските фондови. Нема дополнителни трошоци, скриени надоместоци или обврски, што испраќа јасна порака дека пристапот до информации и стручна поддршка, особено кога станува збор за пензиската заштеда и финансиската иднина – треба да биде стандард, а не привилегија.

Со оваа иницијатива, Сава пензиско друштво уште еднаш ја потврдува својата посветеност на транспарентноста, достапноста и долгорочната грижа за финансиската иднина на своите членови, правејќи значаен чекор кон појасен, посигурен и похуман пензиски систем.

Камати, дивиденди, приноси – што е што?

Во секојдневните разговори неретко се слуша прашањето: „Колкава камата нуди пензискиот фонд?“

Прашањето не е изненадувачко. Со оглед на историјата, големината, улогата и значењето на банките во подолг временски период, кога се зборува за вложувања очекувано е да се појави асоцирање на депозити, каде каматата е однапред утврдена варијабла.

Но, пензиските фондови, кај нас и во светот, работат на поинаков начин и затоа е важно да знаеме што точно значат камата, дивиденда и принос и зошто станува збор за сосема различни поими.

Каматата[1] е надоместок кој го добивате затоа што банката прибраните депозити ги користи за свои деловни цели, во најголем дел, за пласмани во кредити. Фиксната камата е познат и широко прифатен поим кога се зборува за депозити. Кај варијабилната камата (вообичаено присутна кај кредитите) постои однапред дефиниран механизам преку кој што имаме претстава како ќе се пресмета, иако крајниот износ се менува. Тоа е суштината: каматата секогаш произлегува од претходно договорен принцип.

Кога пензиски фонд (или било кој друг инвеститор) директно вложува во акции, добива соодветен дел од сопственоста во компаниите чии акции ги поседува. Тоа право на сопственост му носи и право на дивиденда, доколку компанијата оствари добивка и реши да распредели дел од неа на акционерите.

Кога пензиски фонд (или било кој друг инвеститор) вложува во удели на инвестициски фондови, тој не станува сопственик на поединечните компании вклучени во тие фондови, туку сопственик на удел во самиот фонд. Сепак, токму затоа што инвестицискиот фонд (најчесто Exchange Traded Fund – ETF) поседува акции во компании кои исплаќаат дивиденда, тој ги собира тие дивиденди и потоа, зависно од својата стратегија, или ги реинвестира или ги распределува на своите инвеститори.

Кај  пензиските фондови со дефинирани придонеси (defined contribution funds), во кои спаѓаат и домашните пензиски фондови од вториот и третиот столб на капитално финансираниот пензиски систем, не постои договорена камата, ниту фиксна ниту варијабилна. Наместо тоа, фондовите инвестираат во различни класи на инструменти, согласно регулаторно пропишани критериуми, со цел остварување на највисок принос, во интерес на членовите и пензионираните членови. Приносот го вклучува сето она што го носи инвестирањето:

  1. дивидендите кои ги исплаќаат компаниите,
  2. каматите од вложувањата во депозити,
  3. купонските камати од обврзници,
  4. промените во вредноста на самите вложувања,
  5. промените во вредноста на валутата на странските вложувања
  6. надоместоците кои се наплатуваат и трошоците директно поврзани со инвестирањето.

За сите елементи од приносот кој го остваруваат пензиските фондови, членството може да се информира преку јавно достапни информации кои редовно се објавуваат од страна на пензиските друштва.

Приносот е резултат на професионално управување, пазарни услови и регулаторни правила. Пензиските друштва и регулаторот МАПАС, водејќи се од дел од основните принципи на системот, транспарентноста во работењето и безбедноста на средствата, обезбедуваат целосна контрола на процесот на инвестирање, но и редовно известување и објавување на резултатите од инвестирањето.

Податоците за остварениот принос на пензиските фондови секогаш може да се најдат на официјалната страница на МАПАС: како и на веб страните на секое од пензиските друштва.Секако, се објавуваат и наплaтуваните надоместоци од пензиските друштва за периодот за кој е објавен приносот. Вредноста на сметководствената единица пак дава информација колкава е вредноста на 100те денари вложени на почетокот од функционирањето на фондот.

Тука е важно да се потенцира дека прикажаните податоци за периоди подолги од една година се сведени на годишно ниво (ануализирани). Исто така, важно е да се напомене и дека пензиските фондови кај нас се единствени институционални инвеститори кои објавуваат и реални стапки на принос.

За членовите на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, во мобилната апликација Сава Пензиско План достапни се податоци како за нето приливите на личната сметка, така и за состојбата на пензиската заштеда. Разликата е всушност резултатот од управувањето со портфолиото на соодветниот пензиски фонд и е релевантна за проценка во подолг временски период, имајќи предвид дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори, кои носат и имплементираат одлуки низ различни фази од деловниот и пазарниот циклус.

 Сава пензиско друштво стои на располагање за сите прашања поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување. Побарајте нѐ 🙂

[1] Кога станува збор за камата од обврзници, важно е да се направи разлика во природата на периодичните парични приливи кои пензиските фондови ги добиваат од вложувањата во домашни обврзници, зависно од тоа дали истите се континуирани (bullet bonds) или структурни (amortizing bonds). Кај bullet обврзниците периодично се исплаќа/добива само купонска камата, а целата главнина се враќа на крајот на доспевањето. Кај amortizing обврзниците, пак, секоја исплата вклучува и камата и дел од главнината, па каматата се пресметува врз постепено намалувачка основа (основата се намалува бидејќи главнината се отплаќа во секоја рата).

 

Месечен преглед на пазарите на капитал Јануари 2026

Како се движат акциите, валутите и берзанските стоки?

Сава пензиско друштво ви го носи најновиот извештај со клучни информации за глобалните пазари.

– Следете ги промените на индексите

– Проверете ги движењата на валутите и цените на суровините

– Информирајте се за состојбите кои влијаат и на вашата иднина

Пензиските фондови инвестираат на долг рок, низ различни фази од деловниот циклус.

Преземете го целиот извештај

Концептот на мултифондови

Портфолијата на пензиските фондови во нашата земја имаат средна ризичност која во голема мера е дефинирана од законската и регулаторната рамка во која функционираат. Така, средствата на пензиските фондови во висок процент можат да бидат инвестирани во ниско ризични инструменти како државни обврзници, додека максималната изложеност кон поризични инструменти како акции и инвестициски фондови издадени надвор од земјата е ограничена на 30% од вкупното портфолио. Притоа, издавачите на акции и управувачите со инвестициски фондови, како и самите фондови треба да доаѓаат од развиени земји (земји-членки на ЕУ или ОЕЦД) и да исполнуваат високи услови за квалитет, како висок кредитен рејтинг или високи нивоа на пазарна капитализација или средства под управување.

Како да се оствари повисок принос за идните пензионери а истовремено соодветно да се управува со ризичноста на портфолијата на пензиските фондови, односно да не се презема превисок ризик? Одговорот на ова прашање се наоѓа во концептот на мултифондови, односно фондови поврзани со животниот циклус.

Мултифонд е инвестициска структура која нуди повеќе основни фондови во рамките на еден производ. Притоа, инвеститорите можат да ги распределат своите средства во различни подфондови  врз основа на нивната толеранција на ризик и цели.

Мултифондот комбинира различни подфондови со цел распределување на ризикот. Притоа, инвеститорите можат да изберат подфонд чија инвестициска стратегија е најадекватна согласно нивната подготвеност за преземање ризик или да се префрлаат помеѓу подфондовите. Во однос на нивоата на ризик, овие подфондови вообичаено се категоризираат во конзервативни, балансирани и агресивни фондови.

Тесно поврзани со концептот на мултифондови претставуваат т.н. фондови поврзани со животниот циклус (анг.life cycle funds). Кај овие фондови, распределбата на средства се прилагодува автоматски со текот на времето врз основа на возраста на инвеститорот.

За да се разбере идејата позади фондовите поврзани со животниот циклус, важно е да се разбере концептот на временска диверзификација на парите.

Временската диверзификација се однесува на верувањето дека колку подолго држите една инвестиција, толку помалку ризична станува, бидејќи краткорочната нестабилност на приносите има тенденција да се измазнува со текот на времето.

Односно, во кратки временски периоди, приносите на инструментите можат силно да флуктуираат. Но, низ долг временски период, на пример повеќе декади, просечниот принос на една инвестиција има тенденција да конвергира кон долгорочниот очекуван принос. Дополнително, ефектот на сложена каматна стапка (compound interest rate), односно вкаматување на каматата дополнително овозможува да се  компензираат краткорочните загуби.

Временската диверзификација и фондовите поврзани со животниот циклус се тесно конектирани бидејќи фондовите поврзани со животниот циклус се дизајнирани околу принципот дека ризикот треба да се намалува со намалувањето на инвестицискиот хоризонт на членот. Ова апликативно значи дека кога еден член на пензиски фонд е помлад (има подолг инвестициски хоризонт), тој може да преземе поголем ризик (да биде дел од фонд со поголема изложеност кон акции и акциски инвестициски фондови), а како што членот се приближува кон пензионирање (намалување на инвестицискиот хоризонт), тој треба да ја намали изложеноста кон ризик (да биде дел од фонд со поголема изложеност кон обврзници или готовина).

Фондовите поврзани со животниот циклус ја операционализираат временската диверзификација преку усогласување на ризикот со временскиот хоризонт на членот:

  • Подолг инвестициски хоризонт => Повеќе време => поголема толеранција на ризик
  • Пократок инвестициски хоризонт => Помалку време => помала толеранција на ризик

Генерално, фондовите поврзани со животниот циклус можат да се поделат во три главни подфондови:

  1. Растечки/агресивен фонд – се поврзува со рана фаза на членовите. Помлади членови со подолг инвестициски хоризонт. Кај овој подфонд алокацијата кон акции е повисока и истиот има повисока ризичност, односно поголема нестабилност на приносите, но и повисоки очекувани приноси. Временската диверзификација го прави ова прифатливо бидејќи временскиот период е доволен за средствата на еден член да се опорават од потенцијални значајни падови.
  2. Балансиран фонд – се поврзува со средна фаза на членовите. Овој подфонд има членови кои имаат пократок инвестициски хоризонт од членовите во агресивниот фонд и истиот има поумерен пристап во својата инвестициска политика, односно поголема изложеност кон понеризични инструменти (обврзници) и помала изложеност кон поризични инструменти (акции).
  3. Конзервативен фонд – се поврзува со доцна фаза на членовите (период кој е близу пензионирањето). Кај овој подфонд алокацијата кон обврзници и готовина е висока и истиот има ниска ризичност, односно мала нестабилност на приносите, но и пониски очекувани приноси. Целта е да се зачува куповната моќ на средствата истовремено избегнувајќи го ризикот од потенцијални значајни падови на нивната вредност.

Во услови на постоење на повеќестолбен пензиски систем и капитално финансирано пензиско осигурување, концептот на мултифондови, односно фондови поврзани со животниот циклус, е логичен понатамошен чекор во градењето на стабилен и одржлив систем бидејќи овозможува поголеми приноси, односно поголем раст на средствата на идните пензионери истовремено водејќи сметка за ризичноста на портфолијата на пензиските фондови.