Кодекс на облекување на работно место

Изборот на соодветна облека за работното место може да биде комплицирано, особено на почетокот на кариерата или доколку треба да присуствувате на некој настан во рамките на компанијата.

Во последниве години кодексот на облекување што се бара на работното место се менува, еволуира, компаниите стануваат пофлексибилни. Изборот на облеката на работното место треба да овозможи да се чувствувате удобно и во исто време професионално.

Доколку претходно преовладувал стилот наречен business formal „деловно формално“ сега се повеќе доминира стилот business casual „деловно секојдневно“.

Business formal стилот подразбира кодекс на облекување кој е строг, уреден, и вклучува облека како скроени костуми со неутрални конзервативни бои, како на пример: црна, сива, темно сина, нијанси на кафена боја и никогаш светли бои.

Жените може да се одлучат за костум со здолниште или костум со панталони, како и костум фустан. Должината на фустаните и здолништата треба да биде до колена. Деталите и накитот се дискретни и сведени на минимум.

Business formal стилот најчесто се применува во канцелариски средини во професии како финансии, банкарство, адвокатура и владини институции, како и кај менаџерските нивоа на раководење. Се применува и за формални настани, деловни вечери, церемонии за доделување на награди и други важни настани.

Business casual стилот е сè повеќе распространет и применлив на работните места во компаниите. Овој кодекс на облекување се разликува од Business formal со тоа што внесува некои промени во традиционалното деловно формално облекување.

Не постои универзална дефиниција за Business casual, иако се уште е во формален контекст, сепак е пофлексибилен и по неформален. Исто така може да варира во зависност од компанијата, работниот контекст и индустријата.

Business casual стилот овозможува да се задржи професионалниот изглед без да се жртвува удобноста. Погоден е за секојдневното деловно работење на работното место, состаноци со клиенти, со вработени и интервјуа за работа.

Главната причина за ширењето и прифаќањето на стилот Business casual е токму во неговата сестраност и прилагодливост на различни ситуации и потреби, овозможувајќи да се усогласи професионализмот со личната удобност во нормалната професионална рутина во канцеларија, деловни посети и состаноци, како и контакти со јавноста.

Вообичаени се следните општи упатства, кои имаат тенденција да дадат генерални насоки за примена на Business casual облекување на работното место:

Женската секојдневна деловна облека вклучува елегантни панталони или сукња со средна должина, како и фустан со класичен крој. За горниот дел може да се избере кошула, блуза со долг ракав и кардиган.

Кошулите и блузите со краток ракав се препорачува да се комбинираат со парчиња за покривање на рамената како палто или елегантно скроена јакна. Се препорачува избегнување на прекумерно високи штикли и спортски патики. Изгледот може да се надополни и да се комбинира со додатоци како ремен и умерен накит.

Боите се најчесто неутрални, но може да се вклучи и пожива боја на облека или додаток, но секогаш со почитување на формалноста.

Машката секојдневна деловна облека нема строги правила, освен исклучување на фармерките, а панталоните можат да се комбинираат со кошули со долг ракав, како палто или пуловер во зависност од сезоната. Облеката може да се комбинира со вратоврска и ремен, препорачливо во темна боја.

Иако Business casual е по неформален начин на облекување, отколку Business formal стилот, тој сè повеќе се проширува и во формални работни средини, како што се финансискиот, правниот и банкарскиот сектор, пред сè заради прифаќање на тековите на модернизација кај помладите генерации, создавање на пријателска средина и промовирање на благосостојба кај вработените.

И покрај промовирањето и прифаќање на помалку формална работна атмосфера, со флексибилен кодекс на облекување, сепак е неопходна претпазливост и внимание за да се избегне несоодветен изглед и непрофесионална облека на работното место.

Секогаш е препорачливо да се почитуваат воспоставени норми и да се прави разлика помеѓу она што е соодветно или што може да биде несоодветно за работното место.

Генерални правила за работното место во било која компанија е препораката да се избегнува облека која е светкава, со претерано изразени контрасти и дезени, да се избегнува облека наменета за спортување, премногу тесна или премногу кратка облека, како и премногу широка или лабава, шорцеви или мини здолништа, нападна и впечатлива шминка, блузи без прерамки или кои го оставаат стомакот непокриен, исечена и скината облека како: скинати фармерки, апостолки, претерано големи логоа.

Глобалната здравствена вонредна состојба, предизвикана од пандемијата, предизвика многу промени на навиките, не само во приватниот живот, туку пред сè и на професионално поле.

Многумина од вработените долги месеци, па и се уште ја работат својата работа од дома, што доведува до промени и преминување кон поудобна и полежерна облека.

Можноста да се работи од дома, да се одржуваат далечински состаноци и интервјуа преку различни платформи за видео конференции, овозможија голем број на вработени да се прилагодат на поудобна и комфорна облека.

Без оглед на промените во кодексот на облекување на работното место, кои можеби ќе следат во идниот период предизвикани од промената на одвивањето на работните процеси од канцеларија или од дома, или начинот на одржување на состаноците, вработените секогаш треба да водат сметка за уредноста, нивната претставителност, чиста коса и чиста неизвалкана облека.

Во одбирањето на соодветна облека за работното место од важност е да се обрне внимание и на културата на компанијата и да се постапи соодветно.

Секоја компанија има свои специфични навики и потребно е прилагодување кон нив и колку што е можно да се биде во склад со дејноста, обичаите на работното место, како и дали работните процеси бараат комуникација со клиенти и деловни состаноци.

Некои компании може да бараат формален начин на облекување за посета на клиенти и конференции, а да дозволуваат деловна секојдневна облека за секојдневно нормално работење во канцеларија.

Начинот на облекување игра важна улога и помага да се проектира позитивна слика и да се создаде добар впечаток, затоа треба внимателно да се пристапи кон одбирање на облеката соодветна за работното место, како и секоја друга пригода.

Приливи од дивиденди од домашни и странски компании во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Ве информираме дека во периодот од 22.07.2022 – 03.08.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 3.824.686,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 15.626.553,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 960.592,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

  • 12.577,60 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      23.970,80 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      589.391 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 139.908,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки, прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 299.785,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 741.028,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      367,36 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      784,00 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      281.744,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Континуитет на високи приливи од камати и дивиденди во пензиските фондови, дел од нив и од инвестициски фондови како GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF

Ве информираме дека во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 2.920.683,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 58.340.198,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      11.103,62 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      4.372,27 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 48.548,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.465.077,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      276,38 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      86,48 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на сите членови на фондовите.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Како компаниите да се поврзат со своите вработени?

Отвореното комуницирање со вработените, препознавањето на добро завршената работа и давањето простор за раст значително ќе го подобри нивниот ангажман и патеката по која треба да се движи една компанија.

Каква разлика би направила една компанија која може да го предизвика секој од вработените да решава проблеми, да дава препораки, да ги изразува своите нови идеи и да се грижи за клиентите? Одговорот е едноставен – неизмерно многу.

Секоја компанија денес има потреба од вработени кои се ентузијасти и кои го даваат најдоброто од себе на работа. На компаниите им е потребно тоа не само од најдобрите вработени, туку и од секој вработен, за да бидат конкурентни на пазарот, да опстанат, да напредуваат.

Единствениот елемент што ја разликува една компанија од друга, повеќе од било што друго се луѓето и напорот што го вложуваат.

Поврзувањето на вработените е повеќе од обичен социјален ангажман. Тоа е заедничка визија, мисија и вредности на една компанија. Поврзувањето на вработените создава компаниска култура која не само што е инклузивна, туку и обезбедува вистинско чувство на припадност и промовира прогресивни идеи, иновации, а со тоа и раст на бизнисот.

Таквата компаниска култура е заразна и развива вработени кои уживаат во својата работа, пристапуваат кон работата со итност, ентузијазам и на проактивен начин.

Како се создава една таква работна сила? Првиот чекор е да се проценат нивоата на поврзаност на вработените едни со други, како и со вашиот бизнис. Тоа може да се дознае доколку одговорите на следните прашања:

  1. Дали вашите вработени одат над своите можности и чекор подалеку за да им помогнат на своите соработници?
  2. Дали се тука еден за друг и си помагаат?
  3. Дали вашите вработени се посветени на компанијата и го имаат на ум нејзиниот најдобар интерес?
  4. Дали вашите вработени се трудат да се подобрат себеси и да го подобрат својот квалитет на работа?

Компаниите сè повеќе се свесни за важноста на тоа да имаат добра организациска клима, задоволни и ангажирани вработени, кои со страст и ентузијазам ќе ја извршуваат својата работа. Во овој контекст се повеќе компании преку посебно креирани анкети го осознаваат мислењето на своите вработени за организациската клима, нивното задоволство и нивниот ангажман.

Во Сава пензиско друштво направивме вакво истражување од кое произлегоа одлични резултати од кои може да се заклучи дека:

  • Во однос на организациската клима, вработените меѓусебно си помагаат во заедничкото создавање и се задоволни од работната средина, а просечната оценка согласно утврдената анкета е 4,21 (на скала од 1 до 5);
  • Во однос на задоволство на вработените, тие се изјаснуваат дека се целосно задоволни од нивната моментална работа, па така утврдената просечна оценка изнесува 4,32 (на скала од 1 до 5);
  • Дури 75% од анкетираните вработени се изјасниле дека својата работа ја извршуваат енергично и со страст, што значи дека имаме висок процент на ангажирани вработени. Куриозитет во резултатите од нашето истражување е дека неангажирани вработени нема, односно ниту еден наш вработен не изразува незадоволство од извршување на работата.

Резултатите кои ги добивме во нашето мерење се споредуваат со индекси и просечни резултати на група компании и со задоволство можевме да констатираме дека оценките кои ги даваат нашите вработени се значително повисоки, што ја позиционира нашата компанија како компанија со добра организациска клима и задоволство на вработените.

Стекнување здрава навика

,,Силата не доаѓа од физичкиот капацитет, таа доаѓа од нескротливата волја” –Махатма Ганди

Сите ние имаме навики и ритам на живеење. Кога станува збор за развој на успешна кариера, добро здравје или едноставно балансиран живот, стекнувањето на здрави навики е од голема важност. Стекнувањето на нова здрава навика не може да се случи преку ноќ.

За да се направи позитивна промена потребна е желба, енергија, фокус и време. Се смета дека во просек се потребни 30 до 60 повторувања за да се создаде нова здрава навика. Секако, желбата е неминовна.

Зашто да одбереме трчање?

  • Трчањето додава години во вашиот живот, но и живот на вашите години

Медицинските истражувања поврзани со трчањето и долговечноста покажуваат дека трчањето придонесува за кардиоваскуларна кондиција, помалку масти, понизок холестерол, контрола на гликоза и инсулин, посилни коски, регулирање на хормоните, позитивно невролошко функционирање. Овозможува долг, продуктивен, активен и здрав живот.

Едно истражување на Универзитетот Ball State USА, открива дека група од 75 годишни тркачи (кои трчале 50 години), имаат биолошки профили поблиски до 25 годишните дипломирани студенти отколку до нивните врсници-невежбачи.

  • Трчањето го подобрува имунолошкиот систем

Трчањето го зајакнува природниот имунитет на телото и ја зајакнува неговата реакција и отпорност на бактериски и вирусни инфекции. Ги зајакнува белите крвни зрнца кои се важни за имунитетот, со трчањето  се зголемува температурата на телото што му помага да се бори против инфекцијата и ги спречува бактериите да се размножуваат.

Го намалува стресот и го намалува количеството на стрес хормоните во организмот. Бидејќи стресот директно влијае врз имунолошкиот систем  и ја намалува неговата функција, трчањето го зајакнува имунитетот и му пркоси на стресот.

  • Трчањето го подобрува расположението и овозможува добро ментално здравје и квалитетен сон

Со трчањето во телото се ослободуваат хормоните ендрофин и сератонин кои директно влијаат на доброто расположение и добриот сон. Се случуваат промени во мозокот кои овозможуваат бистар ум а ја смируваат неговата прекумерна активност предизвикана од стрес и анксиозност.

На прашањето: ,,Зошто трчаш”? многу луѓе тркачи, особено нови даваат одговор: ,,Tрчањето прави да се чувствувам подобро” и зборуваат за емоции, добро расположение, еуфорија, ментална енергија, добар сон и помалку сиви денови.

Анкетата спроведена од Асоцијацијата за анксиозност и депресија на Америка, покажа дека 20% од анкетираните возрасни претпочитаат трчање како стратегија за борба против стресот.

  • Трчањето ја поткрева самодовербата

За трчање е потребна мотивација, дисциплина, издржливост. Чувството на задоволство поради вложениот напор ја зголемува самодовербата и дава чувство на исполнетост и гордост. Се создава циклус во кој здравата навика и самодовербата се хранат една со друга помагајќи ни да создадеме уште поголеми промени кои имаат позитивно влијание врз нашиот живот.

Со текот на времето тоа чувство на достигнување се прелева и во другите области на живеењето, од лични до професионални и инспирира преземање нови предизвици.

Секако, тука е и добриот тен, телесната тежина и добрата мускулатура кои доаѓаат сами по себе.

Трчањето не е лесно, но е мерливо. Ги мериме минутите, километрите за да можеме да видиме каде сме биле на почетокот од нашето патување и колку далеку сме стигнале, а создава и спомени за вложениот труд и како сме се чувствувале.  Тоа пак не учи на едноставна вистина дека трудот дава резултати. Трудот вреди.

Со трчањето се запознав одамна, во студентските денови, низ годините следуваа прекини поради формирање на семејство и улогата на мајка, но секогаш со огромно задоволство му се навраќам рекреативно и можам слободно да кажам дека тоа преставува еден од моите најдобри избори во животот.

За започнување на нова навика за трчање потребни ви се удобни патики и желба да се движите бавно или малку побрзо и тоа со темпото кое што сами ќе си го зададете. И сето тоа е бесплатно!

Останатото е емоција која треба да се почувствува.

Колку пари ви требаат за рано пензионирање?

Дали сте размислувале да се пензионирате порано? Со рано пензионирање ќе имате слободно време да се посветите на вашите најблиски, да патувате и да правите работи што вие ги сакате. За да си го овозможите ова ќе треба да заштедите одредена сума на пари – од која самите ќе се финансирате до крај на животот.

Висината на заштедата која треба да ја имате ќе зависи од следните две прашања:

  • На која возраст би сакале да се пензионирате, и
  • Колку посакувате да трошите – на месечно ниво.

Логично, доколку сакате да се пензионирате порано ќе ви треба повисок износ на средства отколку да се пензионирате подоцна. Доколку посакувате да трошите повеќе ќе треба да планирате и повисока заштеда.

  1. За да може да ја пресметате вкупната сума ќе ви треба податок за тоа колку долго живее просечен македонец на одредена возраст – односно да знаете за колку месеци треба да ги покриете вашите потреби. Интересно е тоа што овој податок има јавен карактер и редовно се објавува од Државниот завод за статистика во рамки на „морталитетни таблици“ за одреден период.

    Овие „морталитетни таблици“ покрај веројатноста за доживување или смрт до секој нареден роденден го содржат и податокот кој нас ни треба за оваа пресметка – „очекувано траење на живот“.

    Во продолжение е наведено очекуваното траење на живот за мажи и жени на одредена возраст, преземено од последните објавени морталитетни таблици за период 2018-2020 година.   
 Очекувано траење на животот 
Возрастмажжена
5025,8329,34
5124,9628,42
5224,0727,49
5323,2326,58
5422,4025,68
5521,5824,78
5620,7523,89
5719,9523,02
5819,1622,17
5918,4121,31
6017,6520,46
6116,9219,63
6216,2018,79
6315,5117,99
6414,8317,18
6514,1416,38
6613,5015,62
6712,8714,86
6812,2414,10
6911,6213,36
7010,9912,61

Табелата се чита на следниот начин:

  • маж на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 25,83 години или 309,96 месеци = 25,83*12=309,96;
  • жена на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 29,34 години или 352,08 месеци = 29,34*12=352,08.
  • Со оглед на тоа што веќе знаете колку би живееле во просек доколку се пензионирате на определена возраст, следниот чекор е да се пресмета вкупната сума врз основа на посакуваниот месечен износ кој би го трошеле за периодот. Оваа вкупна сума предлагам да биде пресметана на едноставен начин:

Вкупна сума = посакуван месечен износ * очекувано траење на живот во месеци

На пример, доколку сте жена и планирате да се пензионирате на 50 години и планирате месечна пензија од 300ЕУР, ќе ви биде потребна вкупна сума од 105.624 ЕУР:

300 ЕУР * 29,34 *12 = 105.624 ЕУР

На истиот начин може да се пресмета дека ќе ви бидат потребни 176.040 ЕУР доколку посакувате месечен износ од 500 ЕУР.

Нормално, овие пресметани износи погоре ќе бидат дополнување на вашите приходи од други извори, вклучително и:

  • Приходи по основ на старосна пензија од прв столб и втор столб – по навршување на 62 години за жена и 64 години за маж;
  • Други приходи: кирии, дивиденди и слично.
  • Неопходен елемент при планирањето е солидна стапка на принос за да го одржите стандардот најмалку на ниво на инфлација за која пишував во претходните блогови. Покрај тоа, потребно е да се земат предвид и следните битни работи:
  • Што ако живеете подолго од просечниот македонец?
  • Што ако ви бидат потребни дополнителни средства за лекување?

Очигледно е дека покрај основната вкупна сума паметно е да планирате и дополнителна заштеда која ќе служи како маргина во случај да се појават одредени непредвидени трошоци во голем износ.

Се надевам дека со мојот краток текст ве поттикнав на размислување за оваа важна тема. Доколку имате одредени прашања или сугестии, слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

ристо бајатов

Правило 50/30/20 за буџетирање

Основата на правилното буџетирање се заснова на познатата сметководствена равенка:  Приходите = Расходите. Тоа значи дека нето месечните приходи/приливи (откако ќе се платат придонеси и данок) треба да се распределат така што ќе ги покријат сите категории на расходи/одливи (во кои се вклучуваат и заштедите).

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. Основното правило е да го поделите вашиот месечен приход  во три категории: 50% за основни потреби, 30% за желби и 20% за заштеди или отплата на долг.

Избалансираната распределба на трошоците во дадените категории е чекор кон поефикасна алокација на вашите финансиски ресурси и овозможува лесно и едноставно следење на трошоците.

Еве како изгледа буџетот што се придржува до правилото 50/30/20:

  1. Потрошете 50% од вашите финансии на основни потреби

50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци – плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, транспорт, осигурување и исхрана. 

Доколку трошоците за основни потреби надминуваат 50% од месечните примања, треба да се согледа дали и каде може да се намалат трошоците. Така на пример, да се одлучите за друг вид на транспорт или за наоѓање на нови начини да заштедите пари додека купувате намирници.

  • Потрошете 30% од вашите финансии на желби

Следењето на правилото 50/30/20 не значи дека не можете да уживате во вашиот живот. Тоа едноставно значи да бидете посвесни за вашите пари со наоѓање области во вашиот буџет кои се  непотребно трошење и истите да се намалат или елиминираат.

Ако сте збунети околу тоа дали нешто е потреба или желба, едноставно запрашајте се: „Дали би можел да живеам без ова?”-Ако одговорот е да, тоа е веројатно желба.  Желбите се дефинирани како несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив, ако треба. Тука може да се вклучат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување.

  • Заштедете 20% од вашите финансии

Со оглед на тоа што 50% од вашиот месечен приход оди за вашите потреби и 30% се распределуваат на вашите желби, останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

Постојаното одвојување на 20% од вашата плата секој месец, може да ви помогне да изградите подобар, поиздржлив план за штедење, без разлика дали вашата крајна цел е краткорочно инвестирање како, креирање на фонд за итни случаи, купување автомобил или реновирање, или долгорочни инвестициски планови, како инвестирање во инвестициски фондови, акции, недвижности или доброволно пензиско осигурување.

Преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои  ќе ни овозможат и подобар животен стандард. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски и временски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана

Мојот мајчин јазик – Турски јазик

Според некои неофицијални статистики, турскиот јазик во Република Северна Mакедонија, како мајчин јазик го зборуваат над 80.000 граѓани. Јазикот претежно го зборуваат македонски граѓани со турско потекло. Согласно мултикултурниот и мултиетничкиот карактер на нашата држава, во некои основни и средни училишта каде што има мнозинство Турци, наставата се одвива на турски јазик.

На 21 декември 1944, за првпат, во основното училиште ,,Tефејуз’’ во Скопје имало настава на турски јазик. Во нашата држава има повеќе радио и телевизиски станици кои емитуваат програма на турски јазик, а од 1950 година, во Скопје постои и турски театар.

Турскиот јазик е аглутинативен јазик што припаѓа на семејството на турски јазици, кој се зборува во Југоисточна Европа и Западна Азија. Тој претставува продолжение на отоманскиот турски, кој е западно огуски јазик од групата огуски јазици од семејството на турски јазици.

Јазикот се зборува во географијата на поранешната Отоманска империја, која ги опфаќа Турција, Балканот, Егејските острови, Кипар и Блискиот Исток.

Според Ethnologue, турскиот е 16-ти најзборуван јазик во светот со приближно 83 милиони говорници. Турскиот јазик има статус на национален официјален јазик во Турција, Република Кипар и Северен Кипар.

Турскиот јазик се карактеризира со граматички карактеристики како што се аглутинација и хармонија на самогласки, кои ги споделува со многу други турски јазици. Јазикот обично има редослед подмет-предмет-прирок во однос на структурата на реченицата.

За разлика од јазиците како германскиот и арапскиот, некои од зборовите на турскиот јазик, каде што нема граматички род (мажественост, женственост, полова дискриминација), се од странски јазици како арапски, персиски и француски.

Покрај тоа, другите огуски јазици како што се азербејџански, гагаузи и туркменски имаат високо ниво на меѓусебна разбирливост со турскиот.

Турскиот јазик се пишува со латиница уште од Азбучната револуција во 1928 година под водство на Ататурк. Правилата за правопис на стандардниот турски јазик се контролирани од Здружението за турски јазик.

Истанбулскиот дијалект, исто така наречен истанбулски турски, е стандардна форма на турскиот и турскиот пишан јазик се заснова на овој дијалект. Меѓутоа, постојат различни турски дијалекти во Југоисточна Европа и Блискиот Исток, а овие дијалекти имаат различни фонетски разлики со истанбулскиот турски

Се претпоставува дека турскиот, туркменскиот, саларскиот и азербејџанскиот јазик еволуирале од јазикот наречен Ана Огуз. Западниот огранок на овој предјазик, кој ќе го формира турскиот турски, се развил околу Анадолската Селџуска држава и Анадолските кнежевства помеѓу 11 и 15 век и еволуирал во староанадолски турски.

Неоотоманскиот турски јазик се развива меѓу 19 и 20 век. Како резултат на реформите направени во републиканскиот период, доживеаја различни промени во јазикот од 20 век. Во класификацијата на јазичното семејство, турскиот турски припаѓа на семејството на турски јазици, кое вклучува околу 30 живи јазици што се зборуваат во Источна Европа, Централна Азија и Сибир, и е во групата огузиски јазици кои припаѓаат на Шаз.

Турскиот јазик се зборува како мајчин јазик или втор јазик во различни земји и региони во Југоисточна Европа и Блискиот Исток. Јазикот се зборува како мајчин јазик од мнозинството во поголемиот дел од Анадолија, Источна Тракија и северниот дел на островот Кипар.

Турските малцинства кои живеат во Северна Сирија и Ирак, некои Егејски острови и на југот и истокот на Балканот, кои се опфатени со географијата на поранешната Отоманска империја, исто така го користат турскиот јазик како мајчин јазик.

Со оглед на Орхонските натписи, напишани на турски, старотурски и првиот познат пишан извор на турски јазици, тој има историја од приближно 1.300 години. Исто така, се смета дека постои хипотетички предтурски, кој е заеднички предок на сите турски јазици кои припаѓаат на источната група и групата огури, чиј член е и старотурскиот. На 1 ноември 1928 година, оваа азбука од 29 букви, која беше адаптирана од латинското писмо за турски, беше усвоена наместо старата турска азбука со арапско потекло.

Азбучна револуција е името што генерално се дава на процесот на усвојување на овој закон и ставање на новата азбука во Турција. Оваа азбука се користи за турскиот јазик во Турција, Република Кипар, Турската Република Северен Кипар и на Балканот.

Содржината на турската азбука не е сосема иста со азбуките на другите земји кои користат латински букви во нивните системи за пишување, туку содржи букви добиени за да се исполнат звуците на турскиот јазик (Ç, Ş, Ğ, I, İ, Ö , Ü). Покрај тоа, буквите Q, W и X во основната латиница ISO не се вклучени во турската азбука од латинско потекло.

Во азбуката, обично секоја буква е еквивалентна на фонема; сепак, некои букви може да сочинуваат повеќе од еден звук. На пример, буквата „е“ го формира звукот /æ/ во првиот слог од зборот „дојди“ и гласот /е/ во последниот слог. Изговорот на буквите во турската азбука исто така се разликува од изговорот на буквите во некои западни јазици. На пример, додека буквата C се изговара како /d͡ʒ/ на турски, таа може да се чита како /ˈsiː/ на англиски.

Користени извори од: tr.wikipedia.org преведен на македонски)

Прочитајте повеќе во Неделата на мајчиниот јазик:

Зелените обврзници како инструмент за финансирање на одржлив развој

Во последно време сме сведоци на акцентирањето на глобалниот концепт за одржлив развој, што, всушност, претставува предизвик со кој се соочува секоја индивидуа, држава, а и светот, воопшто, сè со единствена цел да се обезбеди континуирано зголемување на квалитетот на животот и благосостојбата во државата и да се обезбеди одржлив развој за сегашните генерации без, притоа, да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации.

Имајќи го предвид тоа, зелените обврзници се еден од инструментите кои можат да одиграат важна улога во напорите за обезбедување на одржлив развој.  

Што се, всушност, зелени обврзници и кои критериуми треба да ги исполнуваат? Зелените обврзници се какви било обврзнички инструменти каде нето-прибраните средства (прибрани средства намалени за трошоците за нивно издавање) или нивниот  еквивалентен износ ексклузивно ќе бидат употребени за финансирање или рефинансирање, делумно или целосно, нови и/или постојни подобни зелени проекти и кои се усогласени со Принципите на зелени обврзници (ПЗО) при Меѓународната асоцијација на пазарот на капитал (ICMA).

Што претставувват Принципите на зелени обврзници?
ПЗО се доброволни насоки кои препорачуваат транспарентност и обелоденување и промовираат интегритет поради развој на пазарот на зелени обврзници со појаснување на пристапот на издавање на овие инструменти.

ПЗО се наменети за широка употреба на пазарот, бидејќи ги насочуваат издавачите кон клучните компоненти за лансирање на кредибилни зелени обврзници; им помагаат на инвеститорите преку промовирање достапност на информации потребни за оценување на влијанието врз животната средина од зелените обврзници во кои би инвестирале и им асистираат на преземачите на ризик (underwriters) нудејќи витални чекори кои ги олеснуваат трансакциите и го зачувуваат интегритетот на пазарите.

ПЗО препорачуваат јасен процес на обелоденување за издавачите, кои инвеститори,  банки, преземачи на ризик и останати можат да го користат за да ги разберат карактеристиките на која било зелена обврзница. ПЗО ја нагласуваат потребната транспарентност, прецизност и интегритет на информациите кои ќе бидат обелоденети и објавени од издавачите до засегнатите страни преку основни компоненти и клучни препораки.

Какви видови зелени обврзници постојат?
Тековно, постојат четири видови зелени обврзници (дополнителни типови може да се појават како што се развива пазарот и тие ќе бидат вградени во ажурирањата на ПЗО):

  • Обврзница со стандардна зелена употреба на нето-прибраните средства е стандарден должнички инструмент кој е усогласен со ПЗО. Во случај на банкрот на издавачот, имателот на обврзницата има право да бара дополнителни средства од издавачот доколку состојбата на долгот ја надмине вредноста на колатералот.
  • Зелена приходна обврзница е инструмент чија кредитна изложеност е поврзана со заложените готовински текови од приходите, провизиите, даноците итн. Нето-прибраните средства се користат за финансирање на поврзани или неповрзани зелени проекти кои ги следат ПЗО.
  • Зелена проектна обврзница е проектна обврзница за финансирање на еден или повеќе зелени проекти за кои инвеститорот има директна изложеност на ризик кон проектот или проектите со или без потенцијален регрес од издавачот.
  • Зелена секјуритизирана обврзница е обврзница која е обезбедена со еден или повеќе специфични зелени проекти, вклучително, но не и ограничена со колатерализирани обврзници, хипотекарни обврзници или слични структури. Овој инструмент ги следи ПЗО и вообичаено првиот извор на отплата е готовинскиот тек на средствата. На пример, хипотекарните обврзници можат да вклучуваат заеми за енергетски ефикасни домови. [1]

Кои категории зелени проекти можат да бидат финансирани преку издавање зелени обврзници? Подобните категории на зелени проекти вклучуваат, но не се ограничени на финансирање:

  • Обновливи извори на енергија (вклучувајќи производство, пренос, апарати и производи);
  • Енергетска ефикасност (како, на пример, во нови и обновени згради, складирање енергија, централно греење, паметни мрежи, апарати и производи);
  • Спречување и контрола на загадувањето (вклучувајќи намалување на штетни воздушни емисии, контрола на стакленички гасови, санација на почвата, намалување на отпадот, рециклирање отпад итн.);
  • Еколошки одржливо управување со живите природни ресурси и користење на земјиштето (вклучително и еколошки одржливо земјоделство, сточарство, шумарство итн., пошумување и реставрација на природни предели);
  • Копнена и водна биолошка разновидност;
  • Чист транспорт (редуцирање и елиминирање на штетни емисии преку употреба на возила кои не користат фосилни горива);
  • Одржливо управување со водите и отпадните води;
  • Адаптација кон климатските промени (преку следење на истите и развивање системи кои рано предупредуваат на можна опасност);
  • Производи, производни технологии и процеси кои се приспособени на циркуларна економија (креирање и користење на компоненти кои можат да се рециклираат);
  • Зелени објекти кои ги задоволуваат локалните, националните и меѓународните стандарди или сертификати за еколошки перформанси.

[1] Забелешка на авторот.

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

  • Нелсон Мандела

Образованието претставува најмоќната алатка којашто денес еден човек може да ја поседува. Може да се каже дека образованието ни помага да го зголемиме знаењето за да можеме активно да ги постигнуваме и да одговориме на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваме во животот.

Образованието претставува пасош којшто со леснотија ги отвора вратите од иднината давајќи ни моќ којашто никој не може да ја одземе. Образованието е клучот слабоста за да се претвори во сила. Што е уште поважно, тоа ни обезбедува значителна ментална агилност за да донесеме правилни одлуки и да почнеме да дејствуваме кога е потребно.  

Меѓутоа, образованието има многу позитивни бенефити и индивидуални,  но и за општеството во целина. Од една страна, придонесува за креирање на подобри можности за вработување обезбедувајќи поголеми приходи, развивање на различни вештини кои помагаат за просперитетен и среќен живот од повеќе аспекти. Од друга страна, високата стапка на образование овозможува подобрување на економијата, изградба на модерно општество, решавање на општествени проблеми и предизвици и креирање на еднакви можности за сите.

Денес постојат многу формални и неформални типови на образование во безброј области, но финансиското образование и финансиската едукација е тоа што секоја индивидуа треба да го поседува. Финансиската писменост е способност да се  разберат и ефективно да се користат различни финансиски вештини, вклучувајќи лично финансиско управување, буџетирање, инвестирање, управување со ризици и слично.

Во последниве децении финансиските производи и услуги станаа сѐ повеќе распространети збогатувајќи ги финансиските одлуки, но, од друга страна, бараат и разбирање на одредени економски концепти како што се сложената каматна стапка и временската вредност на парите. Како резултат на комплексноста и потребниот период за разбирање, развиените земји се обидуваат финансиската едукација да ја започнат што е можно од порана возраст, преку воведување на предмети во училиштата.

Нивото на финансиска писменост во една држава е од исклучителна важност. Истражувањето спроведено од „Standard & Poor’s“ покажува присуство на силна позитивна врска помеѓу финансиската писменост на населението со економскиот развој на една држава мерено преку реалниот БДП по глава на жител.

Нивото на финансиска писменост може да варира во зависност од нивото на образованието и приходите, но анализите покажуваат дека високообразованите потрошувачи со високи примања можат да бидат исто толку неуки за финансиските прашања како и помалку образованите потрошувачи со пониски приходи (иако, генерално, вторите имаат тенденција да бидат помалку финансиски писмени). Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), луѓето изјавиле дека изборот на вистинската инвестиција за план за штедење во пензија бил постресен отколку од посетата на стоматолог.

Така и во Република Северна Македонија финансиската писменост се смета дека е од јавен интерес, бидејќи индивидуалните и личните одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој на државата. Според податоци добиени од НБРСМ, нивото на финансиска писменост на возрасното население во РС Македонија изнесува 56 % од максимумот, што е блиску до просекот на Југоисточна Европа од 57 %, но е пониско од постигнатите резултати на земјите членки на Европската Унија и ОЕЦД, од 64 и 65 %, соодветно, со што се упатува на неопходноста за понатамошни активности.

Од друга страна, пак, според најновото истражување на ОЕЦД, од аспект на финансиска инклузија, во нашата држава, луѓето најчесто користат платежни услуги (67 % од испитаниците), 44 % се корисници на кредитни производи, а 36 % се изјасниле дека користат одредена форма на заштеда (депозит, удел во инвестициски фонд, заштеди за пензионирање и слично), додека само 5 % се корисници на некаков вид на осигурување.

Според податоците, видливо е дека со текот на годините финансиската писменост на македонското население се зголемува, но процесот на финансиска едукација, несомнено, треба да продолжи со зголемен интензитет и вклучување на сѐ повеќе луѓе во истиот.

Преку креирање и употреба на современи технологии и едукативни алатки (апликации, веб-страници, стимулативни игри и слично) коишто овозможуваат разбирлива, достапна и бесплатна содржина, може да се влијае врз луѓето да донесуваат помудри финансиски одлуки, но и долгорочно да се придржуваат до истите. Потоа, помасовно вклучување на национални настани како што се „Денови на финансиска писменост“, почеста организација на предавања поврзани со финансиска едукација во основното, средното и високото образование и можност за воведување на предмети.

Покрај активностите коишто треба да се преземаат од страна на финансиските и регулаторните институции и луѓето самоиницијативно треба да се залагаат за зголемување на финансиската едукација, преку онлајн курсеви, присуство на организирани настани и предавања од таа област или доколку сакаат подлабоко да навлезат во финансискиот свет, преку полагање на одредени лиценци за финансиска анализа како што е CFA (Chartered Financial Analyst).