Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

  • Нелсон Мандела

Образованието претставува најмоќната алатка којашто денес еден човек може да ја поседува. Може да се каже дека образованието ни помага да го зголемиме знаењето за да можеме активно да ги постигнуваме и да одговориме на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваме во животот.

Образованието претставува пасош којшто со леснотија ги отвора вратите од иднината давајќи ни моќ којашто никој не може да ја одземе. Образованието е клучот слабоста за да се претвори во сила. Што е уште поважно, тоа ни обезбедува значителна ментална агилност за да донесеме правилни одлуки и да почнеме да дејствуваме кога е потребно.  

Меѓутоа, образованието има многу позитивни бенефити и индивидуални,  но и за општеството во целина. Од една страна, придонесува за креирање на подобри можности за вработување обезбедувајќи поголеми приходи, развивање на различни вештини кои помагаат за просперитетен и среќен живот од повеќе аспекти. Од друга страна, високата стапка на образование овозможува подобрување на економијата, изградба на модерно општество, решавање на општествени проблеми и предизвици и креирање на еднакви можности за сите.

Денес постојат многу формални и неформални типови на образование во безброј области, но финансиското образование и финансиската едукација е тоа што секоја индивидуа треба да го поседува. Финансиската писменост е способност да се  разберат и ефективно да се користат различни финансиски вештини, вклучувајќи лично финансиско управување, буџетирање, инвестирање, управување со ризици и слично.

Во последниве децении финансиските производи и услуги станаа сѐ повеќе распространети збогатувајќи ги финансиските одлуки, но, од друга страна, бараат и разбирање на одредени економски концепти како што се сложената каматна стапка и временската вредност на парите. Како резултат на комплексноста и потребниот период за разбирање, развиените земји се обидуваат финансиската едукација да ја започнат што е можно од порана возраст, преку воведување на предмети во училиштата.

Нивото на финансиска писменост во една држава е од исклучителна важност. Истражувањето спроведено од „Standard & Poor’s“ покажува присуство на силна позитивна врска помеѓу финансиската писменост на населението со економскиот развој на една држава мерено преку реалниот БДП по глава на жител.

Нивото на финансиска писменост може да варира во зависност од нивото на образованието и приходите, но анализите покажуваат дека високообразованите потрошувачи со високи примања можат да бидат исто толку неуки за финансиските прашања како и помалку образованите потрошувачи со пониски приходи (иако, генерално, вторите имаат тенденција да бидат помалку финансиски писмени). Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), луѓето изјавиле дека изборот на вистинската инвестиција за план за штедење во пензија бил постресен отколку од посетата на стоматолог.

Така и во Република Северна Македонија финансиската писменост се смета дека е од јавен интерес, бидејќи индивидуалните и личните одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој на државата. Според податоци добиени од НБРСМ, нивото на финансиска писменост на возрасното население во РС Македонија изнесува 56 % од максимумот, што е блиску до просекот на Југоисточна Европа од 57 %, но е пониско од постигнатите резултати на земјите членки на Европската Унија и ОЕЦД, од 64 и 65 %, соодветно, со што се упатува на неопходноста за понатамошни активности.

Од друга страна, пак, според најновото истражување на ОЕЦД, од аспект на финансиска инклузија, во нашата држава, луѓето најчесто користат платежни услуги (67 % од испитаниците), 44 % се корисници на кредитни производи, а 36 % се изјасниле дека користат одредена форма на заштеда (депозит, удел во инвестициски фонд, заштеди за пензионирање и слично), додека само 5 % се корисници на некаков вид на осигурување.

Според податоците, видливо е дека со текот на годините финансиската писменост на македонското население се зголемува, но процесот на финансиска едукација, несомнено, треба да продолжи со зголемен интензитет и вклучување на сѐ повеќе луѓе во истиот.

Преку креирање и употреба на современи технологии и едукативни алатки (апликации, веб-страници, стимулативни игри и слично) коишто овозможуваат разбирлива, достапна и бесплатна содржина, може да се влијае врз луѓето да донесуваат помудри финансиски одлуки, но и долгорочно да се придржуваат до истите. Потоа, помасовно вклучување на национални настани како што се „Денови на финансиска писменост“, почеста организација на предавања поврзани со финансиска едукација во основното, средното и високото образование и можност за воведување на предмети.

Покрај активностите коишто треба да се преземаат од страна на финансиските и регулаторните институции и луѓето самоиницијативно треба да се залагаат за зголемување на финансиската едукација, преку онлајн курсеви, присуство на организирани настани и предавања од таа област или доколку сакаат подлабоко да навлезат во финансискиот свет, преку полагање на одредени лиценци за финансиска анализа како што е CFA (Chartered Financial Analyst).

Зошто софтверските инженери треба да планираат предвремена пензија?

Само неколкумина можат да останат во светот на програмирањето цел живот. Најголем дел од софтверските инженери ќе треба да се адаптираат, да се пренасочат кон повеќе менаџерска работна позиција или пак порано да се пензионираат. Ова е причина повеќе, софтверските инженери да размислуваат за дополнителна заштеда за пензионерски денови, во доброволен пензиски фонд.

Секако ќе има и инженери кои ќе си останат на своето работно место до пензионирање, па така инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд ќе бидат само дополнителна заштеда која ќе помогне да се задржи животниот стандард по влегување во пензија.

Во продолжение од текстот можат да се видат причините зошто инженерите треба да ја планираат својата иднина и да инвестираат во доброволниот пензиски фонд:

  1. Високи приходи

Приходите на софтверските инженери се доста високи. Просечна нето плата на компјутерските програмери во август 2021 година во Р.С. Македонија изнесува 73.805,00 денари (извор: https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?id=40&rbr=13782).

Затоа тие имаат можност да заштедат и да инвестираат одредена сума на пари кои ќе можат да ги користат за да се пензионираат и пред да остварат право на старосна пензија, со навршени 62 години за жени, односно 64 години, за мажи.

  • Висок стрес на работното место

Да се биде софтверски инженер е прилично стресно. Како прво, се се случува брзо. Учењето на нови работи е секојдневна работа и потребно е секогаш да се биде информиран за различните случувања. Некои луѓе едноставно не сакаат да учат кога ќе достигнат одредена возраст.

Во светот на софтверските инженери конкуренцијата е огромна и сосема нормално е дека се раѓаат нови таленти кои можат да бидат потенцијална закана за сегашните програмери да ја изгубат својата работна позиција.

Секако дека ова зависи и од компанијата во која работат, но едно е јасно дека за да се работи како програмер е потребно многу концентрација, фокус и вложување во себе, а понекогаш и продолжување на кариерата во области на менаџмент и управување со луѓе.

  • Староста

Како што заклучивме и претходно, оваа индустрија е базирана на промени, особено последниве децении, па така со стареење и процесот да се биде конкурентен на пазарот со стареење е уште потежок. Кога вработените имаат деца, тоа уште повеќе им отежнува да се во тренд со последните случување и да ги знаат најновите работи кои секојдневно се случуваат.

Како факт исто така може да се спомене и дека доколку сакате да се вработите после 50 години тоа е многу потешко, бидејќи и покрај огромното искуство младите луѓе ќе претставуваат конкуренција за да работат и со помала заработувачка.

Имајќи ги во предвид горенаведените причини, аналитичката способност на софтверските инженери може да им помогне да си направат сопствен план и да си ја испланираат иднината уште сега. За таа цел на нашата веб страна може да се најде и информативен калкулатор кој може да им помогне на сите заинтересирани лица да си направаат индивидуална пресметка и уште сега да почнат да штедат во доброволниот пензиски фонд.

Три чекори до финансиска слобода

Секојдневно читаме разни животни приказни на луѓе кои биле родени во сиромаштија, во текот на животот постигнале успех и сега живеат во големо изобилство и богатство. Има многу вакви примери кај врвните спортисти, холивудските ѕвезди, лица од светот на бизнисот и иновациите.

Тоа се луѓе кои се екстремно успешни и имаат способност и стекната слава да заработат десетици милиони долари годишно. Нивниот живот е многу често јавно презентиран на социјалните медиуми како Facebook, Instagram и слични каде може да се видат слики од нивни летувања, каков посед и јахти имаат, каков живот живеат – нешто што е незамисливо за обичниот човек без разлика на кој дел од светот живее. Не е чудно зошто овие социјални медиуми се забранети во комунистичките земји каде би требало да владее поголема еднаквост помеѓу луѓето – Северна Кореја, Куба и слично.

За да може човек да стекне огромно богатство, тој треба да биде во врвот на својата професија или да биде иноватор и претприемач, на глобално ниво. Очигледно е дека и покрај големата амбиција да станеме богати и славни, да се постигне таков успех е неверојатно тешко, но не и невозможно.

За жал, јас не ги знам тајните на патот до огромниот успех и слава, но она што го знам е како да се осигурам и да си ги постигнам финансиските цели и слобода без компромиси и без напуштање на големите идеи и сонови.

Во продолжение на текстот се понудени три едноставни чекори кои доколку правилно се применуваат – дефинитивно водат до твојата финансиска слобода.

  1. Вработи се и имај личен развој.

Првиот чекор за да станеш финансиски слободен е да се вработиш, да бидеш трудољубив и напорно да работиш, и задолжително да учиш нови вештини. Со трудољубивост и со учење на нови вештини ќе станеш подобар и попродуктивен работник за твојата компанија. Без никаков сомнеж ова ќе биде препознаено од твојата компанија – и компанијата дефинитивно ќе те вреднува повеќе – односно ќе добиеш повисока плата. Ако твоите нови подобрени вештини не бидат препознаени од компанијата каде моментално работиш, без сомнение ќе бидат препознаени од друга компанија на пазарот на труд – и ти дефинитивно ќе ја добиеш твојата заслужена награда.

  • Не ја троши целата плата и штеди.

Без разлика какви вештини имаш и колку пари заработуваш, ти нема да можеш да станеш финансиски слободен ако не штедиш еден дел од твојата плата. Ако си млад и сега започнуваш со работа, можеби твојата плата е прениска за да може да штедиш. Во овој случај, треба да настојуваш да ги подобриш твоите вештини и напорно да работиш за да можеш да заработиш повеќе – и да имаш можност да штедиш. Исто така во рамки на овој чекор треба да го следиш и правилото: Никогаш не троши повеќе од тоа што го заработуваш.

  • Инвестирај ја мудро твојата заштеда.

Кога успешно ќе ги усовршиш првите два чекори, ќе забележиш дека твојата банкарска сметка ќе почне да расте. Практично со секој изминат месец на твојата сметка ќе останува разликата од твојата плата и твоите трошоци – односно заштедата што ја создаваш.

Сега, доаѓа на ред третиот чекор – а тоа е мудро да ја инвестираш твојата заштеда. Тоа значи да најдеш погоден начин каде да ги вложиш твоите заштедени пари и да оствариш одреден принос кој соодветствува со нивото на ризик од самото вложување. Еве неколку достапни алтернативи за вложување:

  • Орочување на депозит во банка,
  • Купување стан со намера за издавање,
  • Вложување во доброволен пензиски фонд,
  • Вложување во инвестициски фонд,
  • Самостојно вложување во хартии од вредност, и слично.

Да разгледаме пример, месечна нето плата од 600ЕУР, месечни трошоци – 400ЕУР, месечна заштеда од 200ЕУР. Доколку приносот на твојата заштеда е 5% годишно, состојбата на твојот имот би била следната[1]:

месецнето платамесечни трошоцизаштедазаштеда – кумул.состојба на имотразлика
16004002002002011
26004002004004022
36004002006006055
46004002008008088
56004002001.0001.01212
      
12060040020024.00030.9986.998
24060040020048.00081.49233.492
36060040020072.000163.74091.740
48060040020096.000297.713201.713

Од табелата погоре може да се забележи дека твоето вложување расте со секој изминат месец. Со порастот на твоето вложување, расте и твојот имот како и основата за вкаматување. Од табелата може да се заклучи дека со месечна заштеда од 200ЕУР и со каматна стапка од 5% – состојбата на твојот имот ќе достигне речиси 300 илјади ЕУР по истек на 40 години. Просечниот работен век на човекот е околу 40 години и доколку се следат овие чекори дефинитивно може да се постигне резултатот погоре.

Исто така може да се забележи и ефектот на „сложената каматна стапка“ (линк до претходен блог – 8мо светско чудо) кој е многу моќен сојузник. Во првите месеци приносот е незначителен – неколку ЕУР, додека после 30-тата година се мери во стотици илјади ЕУР.  


[1] Заради поедноставување, ќе претпоставиме дека за целиот период стапката на инфлација ќе биде 0%. Стапка на инфлација дефинитивно ќе има и на страна на трошоци но и на страна на приходи (пораст на плата). Инфлацијата значајно влијае и на состојбата на твојот имот.

Зошто да читаме книги?

Почнувајќи од 1992 година веќе 29 години на десетти октомври се одбележува Светскиот ден на менталното здравје во повеќе од сто држави ширум светот. Во пресрет на тој ден сакаме со вас да споделиме неколку придобивки од редовното читање книги, а кои придобивки имаат позитивно влијание врз менталното здравје.

Всушност, доколку сте читател на книги сигурно имате забележано дека имате зголемено ниво на емпатија кон луѓето, подобра општествена комуникација, градење на стабилна врска било да е тоа љубовна врска или врска со луѓето, намален ризик од добивање Алцхајмерова болест, зголемена самодоверба и многу други придобивки.

Одредени истражување покажале дека читањето слободна литература има позитивно влијание во градењето на комуникацијата меѓу родителите и децата, исто така, има позитивно влијание врз намалувањето на стресот и го зголемува интересот за културите од целиот свет.

Пет придобивки од читањето книги:

  1. Читањето ја зголемува емпатијата

Со самото читање ние се внесуваме во приказната и потсвесно стануваме дел од неа, а тоа ни помага да развиеме поголемо чувство на емпатија кон другите луѓе во реалниот живот.

  • Читањето ја зголемува менталната флексибилност

Читањето текстови кои од читателот бараат да го протолкува  значењето, покажало дека има одлични резултати во активирањето на мозочните ќелии, а тоа придонесува за зголемување на менталната флексибилност. Менталната флексибилност, пак, им помага на луѓето полесно и побрзо да се адаптираат на новонастанатите ситуации и многу полесно да донесуваат одлуки.

  • Читањето ја зголемува креативноста

Според истражувањето спроведено од страна на Creativity Research Journal во 2013 година, читањето, а особено читањето белетристика, придонесува за зголемување на креативноста и подобро процесирање на информациите.

  • Читањето ја зајакнува функционалноста на мозкот

Американскиот невролог, професор Gregory Berns спроведе истражување чии резултати покажале дека читањето на само 20 страници дневно влијае на мозокот како психолошки така и невролошки.

  • Читањето може да спречи заболување од деменција

Читањето како и другите активности коишто го стимулираат мозокот, покажале дека можат да спречат појава на деменција и Алцхајмерова болест. Тоа го покажало истражувањето спроведено од страна на Институтот Neurology во јули и август 2013 година.  Според ова исражување луѓето кои читаат книги имаат дури 32 % помали шанси да заболат од некоја од гореспоменатите болести.

Ова се само некои од придобивките кои со себе ги носи читањето, секако, тоа има уште поголема моќ, но оставаме на вас да истражите за некои од нив.

Кои вештини треба да ги поседува еден добар лидер во услови на КОВИД-19?

Со менаџирањето луѓето се убедуваат да прават работи што не сакаат да ги прават, додека лидерството ги инспирира луѓето да прават работи за кои никогаш не мислеле дека можат.

                                                                                                                                                       Стив Џобс

Економската и социјалната неизвесност што пандемијата на коронавирус ја предизвика низ целиот свет, создадоа многу нови и тешки предизвици за деловните лидери. Во деловниот свет, лидерите се борат да се справат со новите реалности на социјално дистанцирање и зголемената потреба за работа од дома.

Ова е време кога лидерите треба да инспирираат надеж на своите вработени дури и кога се борат да ги одржат своите бизниси во живот. Но, кои вештини треба да ги поседува еден добар лидер во услови на КОВИД-19?

Добрите лидери треба да поседуваат силен сет на квалитети на лидерство кои помагаат позитивно да комуницираат со вработените, членовите на тимот и клиентите. Некои лидери се природно родени за „ оваа функција “, но, честопати, лидерските вештини може да се научат низ работното искуство и истите да се надградат.

Како најважни лидерски квалитети и вештини што треба да ги поседува еден лидер во услови на КОВИД-19 се:

  1. Комуникација

Добрите комуникациски вештини се клучни, а особено во новото секојдневие, каде голем дел од вработените работат од дома. Лидерите треба јасно и концизно да им ги објаснат работните задачи и организациски цели на своите колеги и вработени. Еден добар лидер треба да биде активен слушател и да воспостави постојан проток на комуникација меѓу членовите на тимот, како и редовно да биде достапен за дискусија за прашања и проблеми од вработените.

  • Учење

Лидерот никогаш не престанува да учи, а особено во ова динамично време предизвикано од пандемијата со коронавирусот. Лидерот треба да биде целосно љубопитен и да трага по континуирано знаење, кое ќе му овозможи брзо надминување на евентуалните неуспеси во работата на тимот.

Приспособувањето кон дигиталните алатки и организирањето на онлајн  состаноци, каде лидерот ќе им го пренесе своето знаење во областа, се клучен фактор за одржување на позитивни резултати во една корпорација.

  • Интегритет и доверба

Врз основа на доследноста во комуникацијата и самоувереноста во дејствата што ги презема еден лидер се гради интегритетот и довербата во работниот тим. Лидерот треба да е полн со енергија и на работите да гледа со своја објективна визија за да може да им ги пренесе на вработените своите цели и планови во иднина. Во услови на пандемија, членовите на тимот го препознаваат секој атом на енергија вложен од лидерот кон нивно обучување и усовршување и се трудат максимално да одговорат на работните обврски.

  •  Флексибилност

Во услови на комбинирана работа  – канцеларија – дома, флексибилноста во работата која ја спроведува лидерот е клучна за непрекинато извршување на работните задачи во еден тим. Флексибилните лидери прават напори да ги приспособат личните ставови и потреби со работните обврски и им овозможуваат поголема слобода на вработените во остварување на целите.

  • Решавање на конфликти

Конфликтите кои се јавуваат во една организација се дефинираат како несогласување меѓу членовите или групите во организацијата предизвикано од повеќе причини и тие се неизбежност во еден организациски систем. Конфликтите, особено, се изразени во услови на КОВИД-19 каде лидерот и вработените не можат да воспостават тековна комуникација во поглед на проблемите во извршувањето на работните цели и задачи.  

Сепак, конфликтот  може да биде продуктивен и да води кон унапредување на работата, а задачата на менаџерот е да се справи со него и да го реши на оптимален начин за организацијата. Како еден од најдобрите начини за решавањето на конфликтите, а кој треба да ги користи еден лидер, е компромисот.

Во процесот на постигнување компромис, секоја од страните делумно губи, а делумно и добива, но на крајот се наоѓа решение што е прифатливо за двете страни.

Лидер не може да биде човек кој не е подготвен за промени, без визија пред себе и доволно храброст, способност, вештина и мудрост, таа визија да ја реализира. Вистинскиот лидер посветува повеќе внимание  на третирањето на сите вработени подеднакво, а нивните сугестии ги смета за пожелни и добредојдени.

Секој лидер е различен на свој начин, но едно е заедничко за сите нив, а тоа е дека тие водат поголема група на приврзаници кои веруваат во нив, во нивните идеи и чекорат по патот кој лидерите го трасираат. Успешната соработка на лидерите со вработените претставува голем двигател во постигнувањето на успешни резултати во една компанија.

Стефан Пужовски

5 совети за градење на односи со колегите во услови на хибриден модел на работа

Сите знаеме дека доколку имаме добар пријател на работа тоа може многу да ни помогне да имаме уште поголема сатисфакција при работењето, а задоволен вработен постигнува подобри резултати во работата.

Сега, во време на Ковид пандемија, кога во компаниите се практикува хибриден модел на работа, односно работа од дома и работа од канцеларија, пријателството со колегите ни е уште поважно.

Додека работиме од дома и додека практикуваме социјална дистанца, пријателите се многу важни за нашето ментално здравје и благосостојба.  Тие можат да ни помогнат да изградиме подобра перспектива, да имаме поголема самоконтрола и да го дадеме најдоброто од себе, како на работа така и во општеството во целина.

Дури и додека работиме од дома и не сме секогаш физички на работа, пријателството е од фундаментално значење за социјалниот живот.

Бројни истражувања откриваат дека добрите односи со колегите и соработката се многу важни за успешна работа. Во продолжение 5 совети за градење и одржување на пријателството со колегите особено во услови кога не сме во канцеларија сите заедно.

  1. Заедничко работење

Еден од најдобрите начини да се гради и одржува пријателство на работа е всушност самата работа. Иако и тим билдинг е убаво да се има, сепак заедничкото работење на сериозни проекти и самата соработка помагаат да се влијае позитивно на пријателството.

  • Избегнување конкуренција

Иако конкуренцијата се чини дека е дел од секоја работа, многу е важно да се најдат начини таа конкуренција да се насочи само кон надворешноста на компанијата.

  • Да си помагаме едни на други

Да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе, за да и другите го направат истото. Помагајте и бидете одговорни за луѓето околу себе и на тој начин ќе се зацврстат односите со колегите на работа.

  • Да бидеме реални

Понекогаш давањето поддршка на некој од колегите коj се соочува со посериозен проблем, а притоа да се биде реален е од особено значење за решавање на проблемот. Многу е подобро да се биде искрен во тој момент отколку само да се каже дека “ти го можеш тоа”.

  • Да се слушаме едни со други

Ново истражување од Универзитетот Вејк Форест покажува дека нивото на кортизолот се намалува кога сме поддржани од колега или претпоставен кој ги слуша и знае нашите чувства. Тоа е од особено значење и на работното место за да се намали стресот и да се постигнат уште подобри резултати.

Околностите во кои се работи за време на Ковид пандемијата, во кои работиме од дома и немаме можност за физички контакти, ги направија пријателствата уште поважни за сите нас. Без разлика низ што поминуваме и колку години имаме, пријателите можат да ни помогнат да го дадеме најдоброто од себе и притоа да се изградат односи на работа кои ќе ни помогнат да напредуваме како на професионален, така и на личен план.

Сегашната криза, идните пензии и алтернативните вложувања

Демографските предизвици со кои се соочуваат повеќето развиени и не толку развиени држави во годините зад нас доведоа до редизајнирање на пензиските системи и преземање на дополнителни мерки кои се насочени кон обезбедување на долгорочни извори на приходи, пред се заради обезбедување на соодветни приходи за идните пензионери.

Неповолните трендови доведоа и до некаде поуспешно, а некаде помалку успешно, кревање на свесноста дека стареењето на населението, особено кога е придружено со одлив на работна сила, на долг рок се очекува да има негативно влијание како врз приливите и финансиската кондиција на државните пензиски фондови, така и врз буџетските приходи.

Ширењето на пандемијата на Ковид-19 доведе до силна фискална поддршка која резултираше, но и понатаму ќе резултира со раст на задолженоста и на буџетските дефицити, што неминовно ќе има негативно влијание врз подготвеноста на државите во иднина да издвојуваат повеќе средства за исплата на пензии и за останати форми на буџетски расходи од социјален карактер.

Оттука од голема важност е потенцирање на потребата за излегување од зоната на комфорност и гледање подалеку, заради осознавање на потребата од долгорочно и дисциплинирано штедење, за себе и за сопствената иднина.

На глобално ниво, справувањето со последиците од глобалната финансиска криза од 2008 година, на кое се надоврза справувањето со економските последици од актуелната пандемија, доведе до рекордни нивоа на ликвидност на пазарите на капитал.

Оваа ликвидност имаше и има за цел поддршка на економиите, но и се рефлектира врз вреднувањата на повеќето класи на инструменти, особено традиционалните класи како што се акциите и обврзниците, што се должи, помеѓу другото, и на релативно повисокото ниво на достапност на овие класи на инструменти.

Високата ликвидност на глобално, но и на локално ниво се рефлектираше и врз пад на каматните стапки на депозитите во домашни банки и домашните државни обврзници, што домашните институционални инвеститори ги изложи на “ризик од реинвестирање“, односно ситуација во која значителен дел од законски регулираниот инвестициски универзум нуди можности за инвестирање под услови кои би се рефлектирале неповолно врз приносите на членовите на пензиските фондови.

Трендот на “поскапување“ кај традиционалните класи на инструменти во изминатиот период доведе до тоа пензиските фондови низ светот, во настојувањето на своите членови да им обезбедат соодветна стапка на принос на долг рок, да алоцираат дел од вложувањата кон алтернативни инвестиции.

Доколку се земат предвид очекуваните приноси на алтернативните класи на инструменти во споредба со оние на традиционалните класи, ваквата тенденција е повеќе од разбирлива, но е можна таму каде што законската рамка тоа го дозволува.

Само за пример, изложеноста (директна и индиректна) на пензиските фондови на Австралија, Канада и Финска кон недвижности, како форма на алтернативни вложувања, на крајот од 2018та година се движеше помеѓу 10% и 15% од вкупните средства.

Детални податоци за овој тренд и за состојбите на крајот од 2019та година во земјите членки на ОЕЦД се достапни во годишниот Извештај на ОЕЦД за пензиските системи.

Алтернативните вложувања се хетерогена класа на инструменти која опфаќа повеќе категории, со различен профил на ризичност, но и со различна достапност од повеќе причини, вклучувајќи различни нивоа на минимални вложувања во случаи кога истите се пропишани како услов, специфични карактеристики на самото вложување и останати фактори.

Сепак, вклучувањето на алтернативните вложувања во портфолијата на долгорочните инвеститори во кои се вбројуваат и пензиските фондови, имаат изразени диверзификациски ефекти, што пак има стабилизирачко влијание врз вкупните приноси.

Идните пензии се прашање кое спаѓа во доменот на долгорочно планирање и кое бара стратешки пристап, заради сензитивноста, комплексноста и социјалната димензија на истото.

Светот се менува, а се менува и големината на пензиските фондови како природен процес. Порастот на средствата под управување, во отсуство на регулаторни приспособувања, со текот на времето може да доведе до тоа дефинираните ограничувања да станат несоодветни за големината на фондовите.

Имајќи ги предвид и овие аспекти, измени во регулативата кои би значеле проширување на инвестицискиот универзум, помеѓу останатото и во делот на алтернативните вложувања, на начин кој ќе биде во интерес на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови, би значеле поддршка на домашните управувачи со пензиски фондови да обезбедат соодветни долгорочни стапки на принос за своите членови.

Секогаш бидете информирани за работите од кои може да зависи вашата иднина

Брзото темпо на живот и големиот број на информации понекогаш може да ви го оттргнат вниманието од важите работи од кои зависи вашата иднина.

Начинот и квалитетот на живот во иднина  во еден дел ќе зависи и од пензијата која што ќе ја добивате. Без разлика колку години имате и уште колку време активно ќе работите секогаш треба да бидете информирани за вашата пензиска заштеда.  

Мобилната апликација Сава пензиско план ви нуди можност на вашиот мобилен телефон  да ги имате сите потребни информации за вашата пензиска заштеда во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус.

Секој член на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје може да се најави на мобилната апликација и на брз и едноставен начин да има целосен увид во својата пензиска заштеда.

Преку мобилната апликација членовите имаат можност за преглед на состојбата и трансакциите, може да генерираат детален извештај, да ги ажурираат личните податоци и да го променат начинот на известување.  Исто така, имаат пристап и до други корисни линкови и информации за работењето и резултатите на пензиските фондови.

Со мобилната апликација Сава пензиско план  бидете секогаш информирани преку редовните известувања за уплатени придонеси на вашата пензиска сметка.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Навремено ажурирајте ги личните податоци

ажурирај денес

Живееме во време кога секојдневно добиваме голем број на информации, па поради тоа понекогаш вниманието не ни е насочено на оние важни одлуки од кои зависи нашата иднина.

Извештајот за пензиска заштеда е дефинитивно важна информација која што треба редовно да ја добиваме. Од пензиските заштеди кои се акумулираат во пензиските фондови ќе зависи пензијата која ќе ја земаат идните пензионери.

За навремено информирање ПОСЕБНО Е ВАЖНО при секоја промена на адреса на живеење, презиме, е-маил, телефон и друг личен податок, членовите треба веднаш да ги ажурираат личните податоци кај своето пензиско друштво.  

Членовите на пензиските фондови Сава пензиски фонд и Сава пензија плус промената на личните податоци можат да ја направат со најава на Лична сметка преку веб сајтот www.sava-penzisko.mk или преку мобилната апликација Сава пензиско план, со корисничкото име и лозинка кои ги добиваат со годишниот извештај.

Доколку ги немаат корисничкото име и лозинка, членовите имаат можност за ажурирање на личните податоци во експозитурите на Сава осигурување а.д. Скопје, НЛБ Банка АД Скопје или во седиштето на Друштвото. Ажурирањето можат да го направат и со достава на пополнето Барање за ажурирање на податоци по пошта или пак со телефонски повик на 02/15-500.  

Секој член при промена на личните податоци може да го промени и начинот на известување и да одбере годишниот извештај да го добива на својата електронска адреса.