Сите ние од време на време имаме дилема како да ја инвестираме својата заштеда. Притоа, комерцијалистите ни нудат најразлични продукти за кои најчесто ни ги презентираат предностите, а негативните страни подоцна ги дознаваме самите. Јас имав прилика како вработен во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, кое управува со доброволниот пензиски фонд Сава Пензија плус, да ги увидам и предностите и негативностите на овој продукт и активно го користам.
Што ми се допаѓа кај доброволното пензиско осигурување?
Можам да вршам уплати кога сакам и колку сакам. Не постојат годишни прагови што мора да се уплатат и штедењето се врши согласно со можностите.
Уплатите можам да ги вршам со траен налог. Трајниот налог повлекува средства автоматски на дефиниран датум кој самиот го одредувам.
Приносот на инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд е значајно подобар од приносот кај традиционалните облици на штедење.
Во секое време имам можност да ги прегледувам уплатите и остварениот принос на мојата доброволна индивидуална сметка, а еднаш годишно добивам и Извештај за пензиска заштеда или т.н. „зелен плик“.
Постои можност и работодавецот да одвојува средства за своите вработени преку организирање на професионална пензиска шема.
Секако продуктот има и свои недостатоци од кои би ги навел следните:
Друштвото наплаќа надоместоци за потребите на своето работење. Притоа, од досегашното мое искуство остварениот принос на моите средства значително ги надоместува пресметаните надоместоци.
Средствата може да се користат 10 години пред правото на остварување на пензија од прв столб, односно на 54/52 години за мажи/жени. Тоа е долг период во рамки на кој не сум во можност да ги користам средствата, но сепак истото може да се гледа и како предност доколку се земе предвид дека се работи за пензиско осигурување и дека со оваа мерка на некој начин се заштитуваме самите од себе, за да не ги искористиме средствата за краткорочни потреби.
За крај, би сакал да наведам дека исклучително корисна е мобилната апликација Sava penzisko plan каде имам преглед на сите важни информации кои се однесуваат на моето пензиско осигурување, како за доброволниот така и за задолжителниот пензиски фонд. Апликацијата се состои од прегледи за вредноста на сметководствената единица, аналитика на уплати, принос од инвестициите, вредноста на средствата на конкретен датум и многу други корисни информации. Со истата може да се врши и ажурирање на личните податоци, како и да се одбере доставата на годишните известувања да се врши на е-маил адреса.
Ве информираме дека во периодот од 08.05.2023–17.05.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 548.826,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 45.950.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 23.043,12 САД долари.
Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:
– 118.697,34 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;
– 19.123.230,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.
Во тој период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна приливи од камати во износ од 8.548,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.136.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 955,94 САД долари.
Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, пристигна прилив од дивиденда во износ од:
– 4.691,83 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;
– 9.362,15 евра, од инвестираните средства во компанијата BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и
– 220.500,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.
Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на нивната пензиска заштеда.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk
Сé поголем број на компании во нашата земја ги мотивираат своите вработени со исплата на бонус или имаат други форми на бенефиции за успешно завршена работа во компанијата и наградување на вработените. Најчесто исплатата на бонусот е еднаш во годината и секој работник нетрпеливо ја очекува исплатата на својот бонус.
Обично плановите за идниот бонус се претходно „скроени“ и припаѓаат на две големи групи:
Првата група на планови е поврзана за инстантно трошење на бонусот – покривање на стари долгови, патување, купување на скапа „играчка“ – мобилен телефон, телевизор, автомобил) или слично, и
Втората група на планови се сведува на заштеда на бонусот и негово инвестирање – заштеда во банка, купување недвижност, вложување во инвестициски фонд…
Идејата на текстот подолу е да Ви понуди уште една алтернатива за бенефиција која би можеле да ја добиете од Вашиот работодавач, наспроти најчесто користената бенефиција – исплата на бонус.
Вашата компанија при исплата на бонус, како дел од плата, врши плаќање на придонеси од плата и данок на личен доход. Во 2023 година придонесите од плата изнесуваат 28% додека данокот на личен доход изнесува 10%.
Да претпоставиме дека бонусот кој треба да го земете изнесува во бруто износ 90.000 МКД. Со исплата на бонусот, вие на вашата трансакциска сметка ќе добиете нето износ од 58.320 МКД – види пример подолу.
Опис
Износ, во МКД
Бруто плата
90.000
Придонеси од плата (28%)
25.200
Данок на личен доход (10%)
6.480
Нето износ
58.320
Како што веќе потенцирав, работодавачите имаат повеќе начини и видови на бенефиции за своите вработени. Еден од начините, да се обезбеди бенефиција за вработен, е уплата на придонес во доброволен пензиски фонд, преку организирање на професионална пензиска шема од страна на работодавач за своите вработени. Ако го земеме горниот пример, и ако претпоставиме дека работодавачот има на располагање 90.000 МКД кои ги наменил за обезбедување на бенефиција за Вас како негов вработен, ја има законската можност да ги користи даночните бенефиции при уплата во доброволен пензиски фонд за свој вработен.
*Користена е претпоставка дека во рамки на истиот месец покрај бонус ќе земете и редовна плата при што со исплата на плата ќе го искористите „личното даночно ослободување“.
Ова значи дека придонесот уплатен од страна на Вашиот работодавач во доброволен пензиски фонд, кој подлежи на плаќање на данок на личен доход, а кој ќе го добиете како бенефиција на Вашата индивидуална пензиска сметка во доброволен пензиски фонд, ќе изнесува 81.000 МКД (90.000 МКД намалени за платен данок на личен доход од 10%).
Средствата уплатени во доброволен пензиски фонд, се доверени на професионалниот тим на Сава пензиско друштво, кој ги инвестира и се грижи Вашите средства да се оплодуваат со стапки на принос, кои може да се погледнат на следниот линк .
Доколку не Ви е познато доброволното пензиско осигурување и на кој начин Вашиот работодавач може да врши уплата на доброволно пензиско осигурување за Вас, како вработен, можете да прочитате повеќе за предностите и карактеристиките на доброволното пензиско осигурување (трет столб) во моите претходни блогови .
Исто така, распрашајте се дали Вашата компанија има формирано пензиска шема од 3 столб во одредено пензиско друштво. Бидете проактивни и предлагајте различни можности за тоа како Вашиот работодавач може да Ви обезбеди бенефиција и да Ве направи задоволен вработен.
Во последно време, една од темите која привлекува внимание е вештачката интелигенција (AI) односно, како таа може да му помогне на човекот и дали таа може да доведе до пропаѓање на одредени гранки во општеството.
Од една страна, се луѓето засегнати од широката достапност на вештачката интелигенција и можноста да бидат заменети од неа, загриженоста да ги изгубат нивните работни места и нивните приходи, како што е примерот во IT фирмите кои ја интегрираат сè повеќе и повеќе вештачката интелигенција во нивните компании и отпуштаат луѓе. Како пример се наведува алатка како ChatGTP која може да програмира како Level 3 програмер и да замени голем дел неискусни и не доволно квалификувани кадри. Bо новинарството се генерираат брзи текстови од вештачката интелигенција, која може да ги замени новинарите итн.
Од друга страна, се луѓето кои знаат да ја искористат вештачката интелигенција за да си ја олеснат работата и да генерираат повисок профит.
Тука се и теоретичарите на завери, кои укажуваа на најцрни сценарија, што би се случило со земјава доколку продолжиме да ја надградуваме вештачката интелигенција. Дел од нив може и да се сфатат сериозно, , кога сме сведоци дека во разговор со AI, знае да искаже љубов, некое друго чувтсво или мислење,врз основа на поставени прашања. Гледаме како филмови кои беа во жанр на научна фантастика како: The Terminator, Iron Man, I Robot, RoboCop стануваат реалност и можеби во иднина нема и да ги гледаме како научно фантастични филмови, туку ќе ги гледаме како филмови коi беа пред времето и ја предвидоа иднината.
Основачот на ChatGTP, Илон Маск во една прилика беше запрашан што најмногу го плаши, а неговиот одговор беше ,,Развојот на вештачката интелигенција’’ и тоа до каде може да оди тој развој. Малку е иронично е тоа дека некој кој се плаши од вештачката интелигенција, ни даде алатка која можеме да ја користиме сите ние во светот, и остава на нашата свест и совест дали тоа ќе го користиме во добри или лоши цели.
Па ајде сега ќе се вратиме на нашата тема на пензиски фондови и да видиме што мисли вештачката интелигенција за вложувањата и сигурноста на пензиските фондови во Република Северна Македонија.
Го прашавме ChаtGTP и ги пренесуваме изворно неговите одговори:
Зошто треба да се вложува во пензиски фондови во Македонија?
Пензискиот фонд е инвестициски фонд составен од континуирано придонесување на вработените и нивните работодавци, што на крајот на работната кариера на вработениот овозможува извесен износ на пари за пензисирање. Вложувањето во пензиски фондови е долгорочна инвестиција која може да се исплати на долг рок.
Вложувањето во пензиски фондови е важно за следните причини:
1. Долгорочна инвестиција: Вложувањето во пензиски фондови е долгорочна инвестиција, што значи дека се очекува да има растеж во текот на годините.
2. Намалување на ризикот: Пензиските фондови го намалуваат ризикот за инвеститорите, бидејќи парите се инвестираат во различни активи кои се одржливи на долг рок.
3. Повеќе можности за инвестирање: Пензиските фондови имаат повеќе можности за инвестирање, бидејќи инвестициските правила го дозволуваат инвестирање во различни класи на активи, како што се акции, обврзници, итн.
4. Даноци: Во многу земји, вклучувајќи ја и Македонија, вложувањето во пензиски фондови се опфаќа со данок на намалување на данокот на доходот, што значи дека инвеститорите можат да заштедат пари на даноците.
5. Пензисирање: Вложувањето во пензиски фондови го овозможува надополнувањето на пензиската состојба на работниците на долг рок, што значи дека можат да имаат удобен и безбрижен пензис.
Сепак, треба да се има предвид дека инвестициите во пензиски фондови имаат свој ризик, бидејќи вредноста на инвестициите може да падне поради различни причини, како што се финансиска криза, големи промени во пазарот, итн. Затоа е важно да се направи добро истражување пред да се одлучите за вложување во одреден пензиски фонд.
Во Македонија, пензиските фондови се регулирани и надгледувани од страна на Агенцијата за надзор на дополнителните пензиски фондови (МАПАС) и инвестициски фондови (АНДПФИ), што значи дека постојат мерки за заштита на инвеститорите. Исто така, Македонија има стабилна макроекономска средина и се очекува да има растеж на пазарот на краткорочна и долгорочна основа.
Вложувањето во пензиски фондови во Македонија може да биде добра инвестиција за личните финансии на долг рок, бидејќи овозможува надополнување на пензиската состојба на работниците и нивните семејства. Сепак, пред да се одлучите за вложување, е важно да направите детална анализа на различните пензиски фондови, да се консултирате со финансиски советник и да разберете ги сите аспекти на инвестирањето во пензиски фондови.
Кои се предностите на пензиските фондови во Македонија?
1. Систем за задолжителност на вработените: Вработените во Македонија мора да учествуваат во системот за задолжително пензиско осигурување, што им дава можност да инвестираат во пензиски фондови и да го зголемат својот приход во пензија.
2. Диверзификација на инвестициите: Пензиските фондови имаат различни опции за инвестирање на пензиските заштеди, вклучувајќи во тоа акции, обврзници, недвижности и други инвестициски опции. Ова им овозможува да ги диверзификуваат своите инвестиции и да се заштитат од ризиците на еден вид на инвестиција.
3. Професионално управување на инвестициите: Пензиските фондови во Македонија се управуваат од страна на професионални инвестициски менаџери, кои го следат пазарот и ги управуваат инвестициите на фондот во најдобриот интерес на инвеститорите.
4. Долгорочна планирање: Инвестирањето во пензиски фондови е дел од долгорочното планирање за пензија, што овозможува на граѓаните да го подготват својот финансиски статус за иднината. Ова е особено важно во време кога животните трошоци растат, а луѓето живеат подолго.
Дали пензиските фондови во Македонија се сигурни?
Пензиските фондови во Македонија функционираат под строги законски и регулаторни рамки, што ги прави високо регулирани и сигурни институции. Фондовите се надгледуваат од страна на (Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување н.з.), која има за цел да ги заштити интересите на вработените кои се вклучени во пензиските фондови. Фондовите треба да следат принципи на диверзификација на инвестициите и да ги максимизираат добивките, со што ги заштитуваат пензиските приходи на вработените.
Иако не може да се гарантира дека инвестициите во пензиските фондови ќе бидат успешни во секој момент, пензиските фондови се инвестициски институции со долгорочни инвестициски портфолија кои обично имаат значително поголема веројатност за добивка отколку краткорочните инвестиции. Воопшто, пензиските фондови се сметаат за сигурни инвестиции за вработените кои сакаат да ги заштитат своите пензиски приходи во долг период од време.
Забелешка на авторот:
Одговорите од алатката се минимално изменети за терминолошки поблиску да одговараат на изразите кои ги користиме во македонската регулатива.Гледаме дека вештачката интелигенција (АI) има позитивно мислење за пензиските фондови во Македонија, за тоа како се вложуваат нашите парите, каков менаџерски тим ги води фондовите, што значи и оваа алатка која нема причина да биде со било какви предрасуди кон некој финансиски продукт во Македонија ни кажува дека е добро за секој од нас што порано да почнеме да вложуваме, за наша подобра иднина. Сепак, и покрај тоа што AI може да ви даде одредени насоки дури и за пензиските заштеди, во Сава пензиско друштво на располагање е цел тим на професионалци, кој ќе одговори професионално на сите Ваши прашања, ќе биде Ваш финансиски советник и ќе ве упати во пензиското осигурување.
„Да правиш две работи истовремено е како да не правиш воопшто ништо“ – вели една американска студија поврзана со мултитаскингот. Асоцијацијата на американски психолози преку студија направена од оваа област истакнува дека при менталното „префрлање“ од една на друга задача се троши повеќе време отколку што се заштедува.
Дополнително, заклучиле дека вообичаено, кога мислиме дека извршуваме успешно повеќе работи одеднаш, всушност не го постигнуваме тоа. Напротив, само рапидно го префрламе нашето внимание од една задача на друга, занемарувајќи го квалитетот во извршувањето.
Мултитаскингот како дел од мајчинството
Способноста за мултитаскинг е есенцијална особина за една млада, современа мајка. Со раѓањето на детето, таа способност се тренира и надоградува секојдневно.
Зарем не се сеќавате на првиот пат кога го земавте во прегратка, а истовремено бришевте истурено млеко на подот? Кога го храневте, а истовремено со една рака си го подготвувате омиленото кафе за кое повеќе од половина ден чекавте погоден момент? Кога го успивавте долго време, па си ставивте bluetooth слушалки и го пуштивте омилениот филм на ТВ?
Со тек на време, ваквата динамика станува рутина и откривате за себеси дека можете многу повеќе од тоа што сте мислеле.
Мултитаскингот како неопходност
И токму кога ќе воспоставите некаков ред на нештата, доаѓа новиот предизвик – мама се враќа на работа, а детето оди во градинка. Ново ниво на мултитаскинг, нов предизвик. Одговорност на секое поле. Обврски, обврски…како стотици облачиња надвиснуваат над вас. Излезот е да се најде начин како да се исполнуваат, пред да се истурат како пороен дожд врз вас.
Многу често слушам од блиските „фокусирај се само на една работа, никој не очекува сè од тебе“.
Звучи идеално.
Но, реалниот живот на младите мајки не им го допушта ова едноставно решение. Особено ако не растете деца со многу, па и со малку помош. Паровите со деца кои живеат во град различен од фамилијата, знаат на што мислам. Кога сте мултитаскинг мајка бидејќи стилот на живот го бара тоа од вас, потребно е да си го пронајдете најдобриот и најздравиот начин за да ги исполните сите обврски.
Велам и најздравиот, бидејќи секојдневниот мултитаскинг на долг период може да доведе до акумулиран стрес, анксиозност, чувство на вина (зошто не се поминало повеќе време со децата) и очаен недостиг на време за себе.
Порано или подоцна, секоја млада мајка ќе се соочи со истите проблеми, па еве неколку совети од моето искуство кои би сакала да ги споделам со сите Вас:
1. Воспоставете си граница помеѓу работата и домот
Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ни е овозможен хибриден модел на работење. Комбинирана работа од дома со работа во канцеларија. Ова е благодат за младите мајки, бидејќи мене лично ми овозможува во деновите кога работам од дома да заштедам време за превоз, кое во голем град значи многу. Заштеденото време го искористувам за домашните обврски – корисна бенефиција два до три пати неделно.
Сепак, имајте предвид дека работниот простор во домот треба да ви биде место во кое го имате целото ваше внимание и фокус, без дистракции како „Мама, ајде кога ќе завршиш да си играме?“, „Мама, ќе седам до тебе и мирен ќе бидам“, а притоа ќе добиете илјада прашања кои чекаат одговор и сто желби кои чекаат да се остварат.
Работата од дома, со сеприсутно дете до вас не би го препорачала никому – таквиот начин на живот не е добар, ниту за мајката, ниту за детето. Секако, работата од дома е препорачана кога децата се згрижени во градинка или некој друг член од семејството се грижи за нив.
2. Планирајте ги обврските во работната недела
Јас сум планер по природа и секогаш чувствувам помалку стрес доколку направам организација за неколку дена однапред.
Планирајте кој ден ќе работите од дома, а кој од канцеларија.
Вообичаено деновите кога имам повеќе домашни или приватни обврски после работа, како спортски активности или средба со пријатели, избирам да работам од дома. На тој начин од една страна заштедувам време во превоз низ град, а од друга страна работам попродуктивно и поефикасно. Вообичаено е дека после работниот ден од дома ми следува физичка активност која ќе го надомести чувството на не напуштање на домот цел ден.
3. Поставувајте си приоритети
При планирањето на обврските, најважно е да направите приоретизирање. Речиси невозможно е да ги исполниме сите обврски кои сме ги замислиле. Затоа, мора прво да ги поделиме обврските на два дела – обврски кои навистина е потребно да ги завршиме што побрзо и обврски кои би било добро да ги завршиме, а ќе преживееме и ако не ги завршиме најбрзо.
На првата група и давам поголем приоритет. Потоа го правиме истото за секоја од групите и така сè додека сите обврски не се подредени по приоритет.
На тој начин, дури и кога некоја обврска ќе остане незавршена ќе се чувствуваме подобро, бидејќи ќе знаеме дека тоа се случило од причина да завршиме други – поважни по приоритетот обврски.
4. Не си поставувајте нереални цели и барајте помош
Ми требаше подолго време да го научам ова. Најчесто бев во трка со себеси колку повеќе задачи да се сработат и сето тоа да биде квалитетно и точно. Тоа е едно чувство на растргнатост, чувство на „недоволно добар за сите“, чувство на „зошто не завршив уште нешто“, желба да се клонираш и да постигнеш сè.
За кого? Кој ќе биде среќен од една преморена мајка/сопруга/вработена?
Вистината е дека секоја мајка и домаќинка ќе се сложи со мене дека на обврските им нема крај. Но, треба да одлучиме што е важно денес да се заврши, а што може да почека. Рамнотежа помеѓу обврските и очекувањата.
Лично достигнување ми е моментот кога си признав себеси дека барањето поддршка, во било кој облик, не значи слабост. Затоа е важно да не си правиме самите притисок со некоја утописка перфекција за себеси и да се осигураме дека уживаме во времето поминато со нашите деца.
Подобри мајки ќе бидеме ако и само ако и ние самите сме среќни.
5. Верувајте во себе
Кога пишувам за мултитаскинг мајки кои работат, прашањето кое ми се наметнува е – „Постои ли жена која не работи?“.
Факт е дека сите жени работат, само нивните области на работа може да бидат различни. Некои работат надвор од домот, а други работат full-time како интегрален дел од семејниот систем – домаќинки.
Без разлика на која страна припаѓаме, наша одговорност ни се семејството и работата. Но, на страна од обврските секогаш треба да бидеме јасни со „времето за себе“.
Фокусот и квалитетното работење од една страна, и сакањето, верувањето и почитувањето на себеси од друга страна, се главните мантри за успех на секое поле.
Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.
Што се случи?
Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.
Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.
Промени во монетарната политика на ФЕД
Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:
На пасивата преку зголемен одлив на депозити – од една страна повисоките приноси ги направија обврзниците поатрактивна инвестиција во споредба со депозитите, од друга страна повисоките трошоци за финансирање и прибирање капитал ги принудија дел од компаниите своите финансиски потреби да ги задоволат со користење на своите средства депонирани во банките, дополнително придодавајќи кон притисокот на депозитната база.
На активата преку намалување на вредноста на обврзниците во кои банките имаат вложувања – имено растот на приносите значи пад на цените на обврзниците и интензивното затегнување на монетарната политика што се случи во текот на 2022 година предизвика значајна корекција на обврзничките пазари.
Банкарска навала
Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.
Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.
Регулаторен одговор
Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.
Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.
(Не)соодветното управување со ризиците
Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.
Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.
Во случајот со СВБ на површина излегоа некои значителни грешки во управувањето со ризиците. Еве неколку risk management лекции од овој случај:
Важноста на проценувањето на ефектите и исходите при различни сцеанрија – кај СВБ е евидентно не земањето предвид на ефектот од промените на каматните стапки врз билансите при донесувањето одлуки од страна на менаџментот;
Важноста на диверзификацијата – СВБ се одликувала со висок концентрациски ризик на депозитната база, односно обврските на банката биле доминантно кон технолошки и биотехнолошки компании, помеѓу кои голем дел стартап компании со сметки во износ кој ги надминува гарантираните 250.000 американски долари од американскиот фонд за заштита на депозитите;
Важноста на употребата на инструменти за заштита – СВБ имала значително намалување на употребата на дериватни инструменти за заштита од каматен ризик во текот на 2022 година – банката ја намалила употребата на каматни свопови во очекување за промени во монетарната политика до крајот на 2022 година;
Важноста на соодветната проценка на ликвидносните потреби – СВБ имала лоша проценка на потребите за ликвидност и класифицирала голем дел од инструментите како инструменти кои се чуваат до доспевање;
Важноста на одржувањето на висока доверба кај клиентите – Кај СВБ се случи материјализирање на репутацискиот ризик на банката кое заврши со банкарска навала.
Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.
Враќање на довербата
Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.
Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.
Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.
Ергономијата е наука која го проучува соодветниот дизајн помеѓу канцелариите и вработените. Земајќи ги во предвид човечките способности и ограничувања, ергономски дизајнираниот стил на уредување на работниот простор се обидува да биде ефикасен во исполнувањето на функционалните барања на вработените.
Правилното користење на ергономијата се смета за клучна во модерниот канцелариски дизајн. Идеалниот канцелариски дизајн одбегнува затворени простори и се фокусира на отворени и динамични канцеларии.
Добра идеја е и вклучувањето на самите вработени во планирањето на дизајнот на канцеларијата. Неколку истражувања покажуваат дека вработените кои се вклучени во процесот на дизајнот на сопствените канцеларии во пракса се повеќе посветени и попродуктивни во работата.
Ергономијата има голем број предности кои можете да ги прочитате во понатамошниот дел од текстот.
1. Ергономијата го подобрува физичкото и менталното здравје на вработениот
Набавка на ергономски канцелариски мебел кој е во согласност со прописите и препораките за здравје при работа, овозможува да се намалат здравствените проблеми, како што се болките во грбот и зглобовите, а воедно и спречува повреди на работното место.
Подоброто физичко здравје директно доведува и до подобро ментално здравје што придонесува за помало ниво на стрес, подобро расположение и подобра концентрација при извршување на работните обврски.
2. Ергономијата доведува до поголема продуктивност кај вработениот
Комбинацијата на различни ергономски решенија како што се подлога за глувче приспособена за удобност на раката, подесување на работната маса согласно потребите на вработениот, ергономска канцелариска столица, држач за лаптоп за нивелирање на висината на екранот, како и останати ергономски решенија доведуваат до поголем комфорт на работното место, со што се зголемува квалитетот на работа, односно продуктивноста кај вработените.
3. Ергономијата ги редуцира трошоците
Со вложување во канцелариска ергономија се намалува ергономскиот фактор на ризик како што е МКП. МКП е мускулно–коскено нарушување кое се јавува по несоодветно седење на столицата.
Според одредени истражувања, на околу една третина од вработените им се плаќа надоместок во случај на МКП. Затоа потребно е да се редуцира ваквиот вид на трошок преку инвестирање во удобна канцелариска столица.
Важноста на ергономијата не може доволно да се нагласи. Организациите кои користат специјализирани услуги имаат подобро разбирање на ентериерот на канцеларијата и подобри можности за интеграција на ергономијата во дизајнот на работниот простор.
Целта на ергономското уредување на административните работни места е да им овозможи на вработените кои своето време го поминуваат на седечко компјутерско работно место, покомфорно работење, ослободување од мускулно скелетна болка, подобрено психо-физичко здравје, зголемена благосостојба, а воедно и зголемување на продуктивноста.
Ергономски дизајнираното работно место создава позитивна разлика во ставовите на вработените, а истовремено ја одржува атмосферата која е соодветна за постигнување на организациските цели.
Секој член од втор и трет столб наскоро треба да добие зелен плик со годишен извештај за својата пензиска заштеда. Ова е масовна и многу важна операција за пензиските друштва со која ќе се испорачаат повеќе од половина милион извештаи – во писмена и електронска форма.
Една од најголемите придобивки со воведување на пензискиот систем со 3 столбови – е транспарентноста и отчетноста на пензиските друштва кон своите членови.
Откако ќе го добиете вашиот зелен плик, паметно е да го отворите и да прочитате што пишува внатре. Во продолжение ќе ви објаснам како полесно да го прочитате вашиот извештај. Имено, извештајот се состои од 3 главни делови:
1. Во првиот дел е презентирана вкупна состојба на вашата сметка на датум 31.12. Средствата кои ги имате на овој датум се добиени со следната формула:
Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ
Вашата вкупна состојба на сметка во иднината ќе зависи од овие 2 фактора кои имаат тенденција на пораст:
„Бројот на СЕ“ може да се зголеми само ако направите нова уплата во фондот. Генерално, „бројот на СЕ“ ќе расте сé до завршување на вашиот работен век поради прилив на нови придонеси во фондот;
Од друга страна, „вредноста на СЕ“ никогаш не е фиксна и се менува секој ден во зависност од движењето на пазарната цена на имотот на фондот. Генерално, и „вредноста на СЕ“ има тенденција на пораст поради тоа што вашиот пензиски фонд низ годините има основна цел да оствари вкупна позитивна стапка на принос. Можеби во одредена година тоа нема да биде случај поради остварен негативен принос – но, земено вкупно за сите години до пензионирање – пензиските друштва треба да обезбедат вредноста на СЕ да има пораст.
2. Во вториот дел се презентирани сите ваши уплати/исплати во 2022 година. Презентиран е датум на уплата/исплата, опис на трансакција и бруто износ. Во полето „Опис“ најчесто е наведен месецот за кој се однесува придонесот – во формат: година – месецот. Пример: 202201 2022 – година, 01 – месец.
Ако во полето „Износ“ има некаква негативна вредност, прочитајте веднаш под самата табела на што се должи тоа. Доколку и понатаму не ви е јасно – слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.
Во рамки на вториот дел од извештајот има и споредбен графички приказ на состојба на вашата сметка на 31.12 од претходните две години.
3. Третиот дел содржи податоци и насоки за да може сами да се најавите и да имате увид во вашата пензиска сметка кога ќе посакате. Тоа може да го направите на следниот начин:
Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот).
Други важни информации:
Средствата од Вашата пензиска заштеда од 2 столб се наменети за ваша старосна пензија и не можете да ги користите пред да остварите законско право – на 62 години за жена, и 64 години за маж. Заради тоа што од овие средства ќе добивате еден дел од вашата пензија – не е дозволено овие средства да ги повлечете наеднаш (еднократно);
Мудар потег е да отворите сметка и да си уплаќате сами дополнителен придонес и во 3 столб. Овие средства од 3 столб може да ги користите најрано од 52 години за жена и 54 години за маж. Средствата од 3 столб може да ги повлечете наеднаш (еднократно);
Моја препорака е да почнете да штедите рано – во вашите дваесетти/триесетти години и да уплаќате редовно. Со раниот почеток на уплата ќе имате долг период на оплодување на вашата сметка – со ова би се исполниле услови за сериозна акумулација на средства во следни 30 и повеќе години.
За да се постигне финансиска дисциплина и да се користат финансиите паметно потребно е да се следат само неколку принципи на личните финансии:
1. Буџетирање
Постојат одредени работи што треба да размислите да ги правите при буџетирање:
Создадете фонд за итни случаи:
Ваквиот фонд се користи за големи или мали непланирани сметки или плаќања кои не се дел од вашите рутински месечни трошоци и трошење, како здравствени трошоци, непланирани поправки во домот или на вашиот автомобил, како и во некои случаи и неочекувана загуба на работното место. Без заштеди, дури и помалиот финансиски шок може да има трајно влијание.
Износот што треба да го имате во итен штеден фонд зависи пред се од вашите примања. Кога го подготвувате размислете за најчестите видови на неочекувани трошоци што сте ги имале во минатото и колку чинат. Ова може да ви помогне да поставите цел за тоа колку сакате да одвоите. Во просек, би требало фондот да ви покрие трошоци за живот за период од 6 месеци.
Следете ги вашите трошоци:
Почнете да ги додавате вашите трошоци секој ден за да можете да ја преземете контролата над трошењето. Може да создадете свој ексел каде што ќе го следите секое купување или ќе преземете апликација за следење на трошоците. На овој начин ќе имате детален преглед за движењето на вашите финансии што понатаму ви овозможува да направите ревизија на истите и да согледате колку одредени добра или услуги ви биле неопходни, а кои непотребни, која потрошувачка треба да се зголеми, а која да се намали.
Следете правило за буџетирање:
Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. 50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци- плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, превоз, осигурување и храна. 30% за несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив ако треба. Тука може да се вклучуваат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување. Останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.
2. План за штедење
Лесно е да кажеме дека сакаме да заштедиме 60.000 денари оваа година, но ни треба начин да ја постигнеме таа цел. Еден од полесните начини е да поставиме подцели, односно како да заштедиме по 5.000 денари секој месец. Тоа може да го направиме или преку зголемување на месечниот доход (прекувремена работа, втора работа) или преку кратење на некои трошоци кои сме утврдиле дека можеме да ги избегнеме.
3. Анализа на задолжувањата
Задолжувањето кое е штетно за личните финансии се сите кредити со високи каматни стапки, како кредитот на кредитните картички, кои се проследуваат од месец во месец. Исто така, треба да се избегнува задолжување за потрошувачка на добра кои лесно ја губат својата вредност, како најнов модел на автомобил, телефон, накит и останати луксузни добра.
Сепак, не секој долг може да се нарече „лош долг“. Задоложување за едукација, започнување на сопствен бизнис или купување на стан/куќа е пример за т.н. „здраво“ задолжување, бидејќи тоа води кон зголемување на идниот доход.
4. Замете го данокот предвид
Пред се, треба да се разбере вашата вистинска заработувачка и како истата се оданочува. Различните извори на доход (плата, инвестирање, наследство и неочекувани-добивки на игра на среќа), различно се оданочуваат и имаат различни даночни олеснувања. Разбирањето како да се искористат даночните олеснувања може да има значително влијание врз вашите финансии.
5. Инвестирај во својата пензија
Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.
Државниот пензиски фонд не ни гарантираг високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.
Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.
Пишуваме за емпатија, дискутираме како да ја дефинираме, обработиме, идентификуваме, како да живееме со неа и како да ја разбереме. Последниве години многу често се зборува за емпатија и што значи да се биде емпат. Емпатијата е способност на разбирање на емоциите према другите луѓе и реагирање на истите тие емоции. Значи да се има емпатија према некого е да можеме да се ставиме во неговите чевли, односно можеме да замислиме како би се чувствувале да сме во иста ситуација. Емпатијата може да се развие, да се учи, но исто така и да се заборави. На светот му е потребна еволуција на емпатијата.
Со развојот на технологијата дошло до тоа човекот заедно со луѓето околу себе да се чувствува осамено. Секако постојат позитивни ефекти од користењето на технологијата, но со преголемо користење луѓето се повеќе ја губат емпатијата, самодовербата, стануваат депресивни и им се немалуваат социјалните и комуникациските вештини. Напредокот на технологијата зазема се поголем замав и воедно е неизбежен дел од денешното постоење, тешко е да се остане имун на нејзиниот напредок, предностите кои таа ги овозможува, но и на потенцијалните потешкотии кои ги предизвикува. Сето ова може да се рефлектира и на работното место, односно се губи емпатијата помеѓу колегите. Стануваме затворени, нервозни па дури и конфликтни. Компаниите кои остваруваат голем успех и чии вработени имаат најдобри перфоманси се секогаш на врвот кога е во прашање емпатијата. Статистиката покажува дека емпатијата денес е поважна од било кога претходно. Позади секој успешен бизнис многу е веројатно дека ќе пронајдете лидер кој ја усовршил способноста за емпатија. Мора да се знае дека успехот не може да дојде доколку се гледаат само финансиите. Еве неколку начини со кои лидерите можат да ја зголемат емпатијата на работното место:
1. Лидерите треба да се поврзат со вработените на човечко ниво пред да влезат во бизнисот. Задоволни вработени ќе овозможат успешен бизнис.
2. Вклучувањето на вработените во донесувањето на одлуки е важно. Разговарајте со нив, спроведете анкети или побарајте нивен придонес во обезбедување на сите неопходни информации и подршка, кои ќе ви помогнат да донесете издржана и аргументирана одлука.
3. Изградете приспособени планови за сите вработени. Вработените имаат уникатни квалитети и предизвици, и секој е посебен на свој начин. Запознајте ги вашите вработени, кои се нивните интереси и креирајте лични планови за нивен развој.
4. Покажете вистински интерес за нивните цели и интереси. Можете да го подобрите нивното задоволство од работата со разбирање што го мотивира вашиот тим да работи подобро. Финансиската надокнада за извршената работа мотиви, нo има многу други фактори кои може да мотивираат, како на пример добрата корпоративна култура и вредностите во компанијата.
5. Споделете ги вашите неуспеси и чувства. Покажете ја вашата човечка страна, т.е. споделете ги вашите неуспеси и како тие искуства ве направиле посилна и помудра личност.
6. Имајте политика на отворени врати. Без разлика дали сте менаџер или директор, направете ги вашите телефонски броеви и електронски адреси достапни за секого и секогаш бидете на располагање за разговор, предлог или сугестија.
7. Отворената комуникација е од суштинско значење. Кога лидерите комуницираат ефективно и често, користејќи ја сопствената личност со тоа покажуваат дека другите можат да го следат примерот, што ќе ја создаде таа култура внатре и надвор.
8. Комбинирајте ја емпатијата со сочувство. Кога луѓето се слушнати без осудување и кога вистински сакаме да ги разбереме низ што минуваат, со тоа се негуваат врските со лидерот и неговиот тим.
9. Слушајте со отворен ум. Да се подобри емпатијата на работното место е да ги слушнеме внимателно вработените и да разбереме како се чувствуваат.
10. Изразете емпатија преку акција. Со активно слушање се уверуваат луѓето дека го имаат целото ваше внимание и дека нивните грижи се слушнати, а тоа ќе придонесе до решавање на истите.
11. Размислете за нивниот обем на работа и исцрпеност. Прекумерната работа е сериозен проблем, затоа треба редовно да се контактира со вработените и да се зема предвид нивниот обем на работа. Лидерите имаат одговорност да забележат и реагираат на знаци на ,,burn out”.
12. Променете ја вашата перспектива. Со менување на нашите перспективи, ги усовршуваме нашите вештини за слушање и се стремиме подлабоко да ги разбереме туѓите искуства.
13. Разберете како вашите избори влијаат на другите. За да ја зголемите емпатијата, почитувајте го вашиот тим и обезбедете искрено образложение зад вашите најпредизвикувачки одлуки. Не е лесно, но добро образложена одлука, полесно се разбира и прифаќа.
14. Покажете вредност и водете со пример. Лидерите кои сакаат да ја зајакнат емпатијата треба да водат со пример, т.е да покажуваат вредности како што се ,,семејството на прво место‘‘, почит и единство.
15. Едуцирајте се, посетувајте обуки и усовршувајте ја емпатијата како лидерска и човечка вештина и вредност. Таа се учи.
Време е да застанеме и да почнеме да ги слушаме луѓето околу себе, да ги примиме и да ги разбереме пораките кои ни ги праќаат и на вистински начин да одговориме на истите. Не треба многу за да изнудиме една насмевка, еден убав гест и да ја направиме работната средина место каде ќе се чувствуваме убаво и каде ќе придонесуваме со целиот свој капацитет. Светот денес има огромна потреба од повеќе емпатија. Сите сме подобри, посилни и помудри кога сме обединети во духот и заедничките цели за иднината.
Љубовта и емпатијата не се луксуз, тие се неопходност. Без нив човештвото не може да преживее. – Далај Лама
Извор на податоци: Forbes.com, Msu.edu.mk, Slobodenpecat.mk