
Секоја година Министерството за финансии се соочува со истата задача: да обезбеди доволно средства за покривање на буџетскиот дефицит и за рефинансирање на доспеаниот долг, по најниска можна цена. Во јануари 2026 година Министерството за финансии многу успешно ја издаде на меѓународните пазари десеттата еврообврзница и обезбеди €1 милијарда во две транши од по €500 милиони, а побарувачката достигна €2 милијарди евра во рок од еден час по објавувањето на почетната каматна стапка. Учествуваа повеќе од 150 меѓународни инвеститори, вклучувајќи реномирани институции од Германија, САД и Обединетото Кралство. Накратко, државата плаќа помалку кога многу инвеститори се натпреваруваат да ѝ позајмат средства.
На домашниот пазар приказната е поинаква. Денарските државни хартии од вредност се продаваат преку Народната банка, во име на Министерството за финансии, преку волуменски аукции, каде што цената и купонската стапка однапред се утврдени, а примарните дилери доставуваат понуди само за износите. Аукциите често се мали. Странските инвеститори кои би сакале да купуваат денарски обврзници се соочуваат со пазар до кој е тешко да се пристапи, па купувачи најчесто се истите домашни институции. Кога базата на кредитори е ограничена, заемо-корисникот има помала преговарачка моќ и обично во такви околности плаќа и повисока цена за задолжување.
Во однос на горенаведеното, добра идеја е нашата земја да воспостави врска i-link со Euroclear. i-link на Euroclear претставува „меѓународна врска“ што ќе и овозможи на Државата да издава државни обврзници деноминирани во MKD нудејќи ги истите до глобалната инвеститорска база на Euroclear. Овие купени обврзници би се чувале на Custody-сметки во Euroclear и со евентуална зголемена ликвидност би можеле да бидат предмет на интерес од странските инвеститори.
Оваа врска би ги овозможила следните позитивни работи наведени во продолжение на текстот.
- Пониски трошоци за задолжување
Пензиски фондови, осигурителни компании и менаџери на средства од странство би можеле да купуваат денарски обврзници преку сметките што веќе ги користат, без потреба од воспоставување локално чување на хартии од вредност. Поголем број понудувачи за секоја емисија би му овозможиле на Министерството да издаде обврзници со пониска купонска каматна стапка.
- Зголемена ликвидност на државните обврзници
Обврзницата што лесно може да се продаде има поголема вредност за инвеститорот, а инвеститорите кои можат релативно брзо да излезат од позицијата бараат помала премија за ризик, што значи дека обврзница со овие карактеристики би имала понизок купон, односно државата би платила понизок трошок (камата).
- Постабилни цени на издадените обврзници
Подлабок пазар е помалку подложен на големи осцилации, а пониската волатилност значи и пониска ризична премија.
- Подолги рочности на ново-издадените обврзници
По правило, долгорочните инвеститори се заинтересирани и се извор на побарувачка за подолги рочности од минимум 15 години, а од друга страна издавањето обврзници на подолг рок го намалува ризикот од рефинансирање во неповолен момент.
Потенцијалните заштеди би можеле да бидат значителни со оглед на висината на износот на обврзниците кои би се издавале. Како едноставна илустрација, доколку врската го намали просечниот принос за само 25 б.п. на годишна емисија од 10 милијарди денари, државата би заштедила околу 25 милиони денари годишно. Истата заштеда би се повторувала со секоја нова емисија и би се акумулирала кај обврзниците кои остануваат во оптек. Оваа бројка е само пример, бидејќи реалниот ефект зависи од пазарните услови, но јасно покажува како и мали разлики во приносот можат да се претворат во значителни суми на заштеда.
Постои и уште една важна придобивка, поврзана со валутата. Добро поддржан пазар на денарски обврзници ѝ овозможува на државата повеќе да се задолжува во сопствена валута, а поевтиното денарско финансирање ја прави таа опција попривлечна. Корист би имале и домашните банки и компании, бидејќи поликвидната крива на државни обврзници обезбедува посигурни реперни стапки за формирање цена на сопствените кредити и обврзници.
Соседството веќе се движи во таа насока. Неодамна, Министерот за финансии на Србија изјави дека поврзувањето со Euroclear ќе ја прошири инвеститорската база и ќе им овозможи на најголемите професионални фондови полесен пристап до динарските државни хартии од вредност. По неколку години подготовки во соработка со Централниот регистар за хартии од вредност, Министерството за финансии и Народната банка на Србија, целосната имплементација започна на 1 септември 2026 година. Пет постојни динарски обврзници, како и идните емисии, сега можат да се порамнуваат преку Euroclear Bank.
Македонија веќе покажа дека може да ја добие довербата на странските инвеститори кога се задолжува во евра а поврзување со i-link би ѝ ја дал истата можност и за денарските емисии.
* Текстот е авторски осврт на тема од јавен интерес поврзана со развојот на финансиските пазари и управувањето со јавниот долг. Ставовите презентирани во текстот се лични ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите, политиките или деловните позиции на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. Содржината има информативен и едукативен карактер.










