Вештини за подобрување на комуникацијата во работна средина – 4 дел

Зошто лидерот на тимот не треба да нуди решенија

Откако се запознавме со двата основни начини на размислување кај учесниците во тимот (fixed mindset и growth mindset), употребата на структурирани пораки во секојдневната комуникација и примената на психолошки безбедна средина за вработените, следи анализа на улогата на лидерот на тимот во рамките на овие процеси.

Битно е лидерот на тимот да не нуди решенија бидејќи на тој начин ја намалува индивидуалноста на членовите на тимот, го обесхрабрува независното размислување и ги намалува вештините на членовите на тимот за решавање на проблеми. 

Негативни последици од нудењето на решенија од лидер на тимот се следните:

  • Ако лидерот им обезбедува решенија на вработените, тогаш тие ќе се потпрат на неговите одговори и нема да развијат чувство на сопственост и одговорност,  
  • Нудењето решенија од страна на лидерот ги спречува вработените да размислуваат критички, да бидат креативни и да учат во процесот на решавање на проблемите што резултираат со попречување на нивниот раст и развој,
  • Нудењето решенија од лидерот може да резултира вработените да станат зависни и ги спречува вработените да размислуваат независно и да се двоумат при процесот на носење на одлуки.

За да се постигне максимален ефект од страна на лидерот на тимот, потребно е тој да ги примени следните начела на однесување:
– Поставување прашања со отворен крај,
– Активно слушање,
– Охрабрување на соработката помеѓу колегите,             
– Појаснување на улогите и очекувањата од вработените,
– Охрабрување на само-рефлексија, преку пренесување на повратни информации (feedback),
– Обезбедување на ресурси и обуки за подобрување на вештините на вработените,
– Промовирање на можностите за учење како начин за личен раст и развој.

Примена на овие методи, може да биде катализатор со помош на кој ќе се креира средина која ја охрабрува автономијата на вработените, го охрабрува независното размислување и овозможува членовите на тимот да ги развијат своите вештини за решавање проблеми.

Во наредниот текст ќе се запознаеме со правилното поставување на цели, односно поставување на СМАРТ цели.

Вештини за подобрување на комуникацијата во работна средина – 3 дел

Психолошки безбедна средина

Претходно во комуникациски вештини се запознавме со двата основни начини на размислување кај учесниците во тимот (fixed mindset и growth mindset) и употребата на структурирани пораки во секојдневната комуникација.

Од исклучителна важност е деловната комуникација да се одвива во околности кои обезбедуваат психолошки безбедна средина за вработените.

Психолошки безбедна средина претставува работна средина каде што сите се чувствуваат слободно да комуницираат за сите теми, да презентираат идеи, прашања, размислувања или да презентираат констатирани грешки и каде веруваат дека за тоа нема да бидат казнети или омаловажени. Односно, тоа претставува организациска клима каде работата е добро поставена, менаџерите се достапни за комуникација и отворено се поставуваат и дискутираат прашања.

За обезбедување на психолошки безбедна средина потребно е да се промовира самосвест и да се ценат нови идеи од членовите на тимот. Отворено да се разговара за работните процеси каде секој може да го искаже своето мислење и да понуди повеќе можни решенија.

Подобрувањето на работната средина ќе се овозможи доколку менаџерот на тимот ги информира членовите на тимот за новите настани, ги појаснува очекувањата и обврските од секој член од тимот како и да ги појасни причините за промени, доколку се спроведуваат. Од друга страна, членовите на тимот е потребно да имаат можност да го искажат своето мислење, кое менаџерот е потребно да го цени колку што е можно повеќе.

Притоа, основните психолошки потреби на членовите на тимот може да бидат од следна природа:

  • потреба за структура (кога, каде, зошто, како),
  • препознавање (лична вредност, квалитетно спроведена работа, надминување на предизвиците, независност),
  • активност (учење, постигнување, совладување, забава, иновации).

Доколку се овозможи психолошки безбедна средина за вработените и доколку се одговори на нивните психолошки потреби, може да се очекува зголемена ефективност и продуктивност од членовите на тимот што е придобивка за сите.

Каква треба да е улогата на лидерот во рамките на овој процес е наредна тема на серијалот за комуникациски вештини. Се читаме повторно за недела дена.  

Дивиденди од инвестираните пензиски заштеди во BMW, SAN, APPLE, Алкалоид, Универзална инвестициона банка, пристигнаа на сметкaтa на Сава пензиски фонд

Ве информираме дека во периодот од 01.05.2024–31.05.2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 90.275.851,00 денари и приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 23.043,12 долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 45.284,39 долари, 479.024,29 евра и 27.571.640 денари, од кои ги издвојуваме:

  • ЕУР 195.310,93  од компанијата BMW GY
  • ЕУР 140.027,10  од компанијата SAN FP
  • ЕУР 143.686,26  од компанијата ALV GY
  • УСД 3.952,55 од компанијата APPLE INC.
  • МКД 7.152.080,00 од Универзална инвестициона банка АД Скопје и
  • МКД 20.419.560,00 од  АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.789.083,00 денари, приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 955,94 долари, приливи од дивиденди во вкупен износ од 1.048,77 долари и 19.332,39 евра и 2.769.936,00 денари.

 од кои издвојуваме:

  • ЕУР 7.801,31  од компанијата BMW GY
  • ЕУР 5.851,50 од компанијата SAN FP
  • ЕУР 5.679,58 од компанијата ALV GY и
  • МКД 2.769.936,00 од Универзална инвестициона банка АД Скопје

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Вештини за подобрување на комуникацијата во работна средина – 2 дел

Употреба на структурирани пораки во комуникацијата

Во претходниот текст за комуникациски вештини се запознавме со двата основни начини на размислување кај учесниците во тимот  и можностите на одредување на кој од нив припаѓаат учесниците во нашиот тим.

Нареден чекор кој би можел да биде корисен во деловната комуникација, како и во приватната комуникација, е употребата на структурирани пораки.

Структурираната порака е фундаментална комуникациска техника за влијателна комуникација, каде пораката одговара на три поврзани прашања: ШТО + ЗОШТО + КАКО. Структурираната порака се користи за ефективна комуникација кога сакаме да ја пренесеме содржината од нашата порака во што е можно појасна, концизна и логичка форма.

Структурираните пораки можат да се користат на работното место во следните прилики:

  • пренесување на клучни и важни пораки,
  • во изразувањето позитивни и негативни повратни информации (анг: feedback) на колегите,
  • презентација на идеи, предлози, извештаи, резултати, нови правила и политики, процеси и процедури,
  • делегирање на задачи и поставување на цели на членовите на тимот,
  • објавување на промени во политиките, процедурите или насоките на компанијата,
  • за програми за обуки, работилници или семинари.

Во продолжение следат примери на комуникација со структурирани пораки:

Пример на директна комуникација со структурирана порака

Што: Го разгледував вашиот неодамнешен извештај. Забележав дека има грешки во податоците во извештајот како и податоци кои не беа пополнети.

Зошто: Ова може да резултира со неточни и недоволни податоци кои се поднесуваат до регулаторот.

Како: За да го поправиме ова, размислете за темелно разгледување на извештајот пред да го предадете и пополните ги сите податоци за извештајот.

Што уште (дополнителни прашања за разрешување на ситуацијата)?:

Како можеме да го подобриме вашиот процес на подготовка на извештаи? Дали е потребна помош од друг оддел во фирмата? До кога можеш да поднесеш извештај со точни и потполни податоци?

Пример на спроведување на план за изразувањето на негативен feedback  

Што: Член на тимот не ги извршил работните задачи договорени со акциски план,

Зошто: Откако членот на тимот се согласил за акцискиот план, членот на тимот заклучил дека не го има потребното знаење и вештини за да го спроведе,

Како: Во отворен разговор, ќе ги одредиме вештините со кои членот на тимот е потребно да се стекне за да ги спроведе задачите. Откако ова ќе биде утврдено, ќе се разгледа дали друг член на тимот може да помогне околу овие вештини преку менторство или обука. Доколку е потребно, членот на тимот кој е потребно да го спроведе акцискиот план може да посетува надворешна обука. Откако ќе биде одреден начинот на кој членот на тимот ќе ги стекне потребните вештини, активно се следи процесот на неговата обука, како и примената на овие вештини за извршување на акцискиот план.

Како што е видливо и од примерите, комуникацијата со структурирани пораки претставува добро организиран и јасен метод на комуникација кој обезбедува информации на систематски начин. Примената на овој метод на комуникација ќе ви овозможи подобрување на комуникацијата со членовите на Вашиот тим.

Ефектите во деловната комуникација ќе биде многу поголеми доколку се истата се одвива во психолошки безбедна средина. Со оваа тема ќе се запознаеме во наредниот текст за комуникациски вештини.

Вештини за подобрување на комуникација во работна средина – 1 дел

Дали имате фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст?

Со какви предизвици се соочувате на работното место и со работењето во тим? Дали понекогаш се прашувате дали применувате соодветен начин на комуникација со колегите? Како да постигнеме подобри резултати на работното место?

Сите ние понекогаш си ги поставуваме овие прашања. Работењето во тим има свои предности но понекогаш е тешко да се координираат различните темпераменти, навики и преференции. Една од причините може да биде и начинот на размислување (анг: mindset) на учесниците во тимот, односно дали имаат фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст.

Tеоријата познава два типа вработени: fixed mindset и growth mindset. Импровизирано, но точно, првите велат “јас тоа не го знам, друг нека го направи”, вторите велат “ќе научам“.

Како да го утврдиме начинот на размислување на членовите во тимот и зошто тоа е важно?

Лицата со фиксен начин на размислување веруваат дека имаат одредени таленти, квалитети и особини кои се наследени и фиксни. Тие имаат тенденција да веруваат дека не постои начин да се надминат или да се издигнат над своите ограничувања преку учење, обуки или адаптирање.

За разлика од нив, лицата со начин на размислување насочен кон раст веруваат дека нивните најосновни способности можат да се развијат преку посветеност и напорна работа – мозокот и талентот се само почетна точка. Овој аспект креира љубов кон учењето и издржливост што е од суштинско значење за поголеми достигнувања.

Не е едноставно да се препознае дали личноста има фиксен начин на размислување или начин на размислување насочен кон раст. Исти лица може да се однесуваат различно зависно од ситуацијата, на што може да има влијание моменталното лично задоволство од организацијата, лични и приватни причини, соочувањето со согорување (анг: burnout) и сл.

Сепак, би можеле да ни послужат следните индикатори за идентификување на начинот на размислување на нашите соработници:

– Лицата со фиксен начин на размислување покажува поголем отпор да прифати нова задача. Најчесто причината е бидејќи мислат дека не се добри во спроведувањето на задачата. Од друга страна, лицата со начин на размислување насочен кон раст полесно прифаќаат нови задачи, во што препознаваат можност за лично усовршување,

– Лицата со фиксен начин на размислување не се склони кон промени, за разлика од лицата со начин на размислување насочен кон раст, кои полесно ги прифаќа промените,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст инвестира во само-подобрување, за разлика од лицата со фиксен начин на размислување кои генерално не покажуваат иницијатива за стручни обуки,

– Лицата со фиксен начин на размислување не толерираат критика. Од друга страна лицата со начин на размислување насочен кон раст сметаат дека критиката може да им помогне да се подобрат,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст се пофлексибилни и наоѓаат решенија на алтернативен начин,

– Лицата со начин на размислување насочен кон раст помалку се плашат од неуспех бидејќи повеќе се фокусирани кон разбирање на процесот. Постигнувањето на целта им е важно, но исто толку важен е и начинот на кој ќе се постигне целта.

Се надеваме дека овие индикатори ќе ви помогнат за да утврдите дали вашите соработници повеќе тежнеат кон едниот или другиот начин на размислување. Зошто тоа може да биде битно?

Доколку соработуваме со лице со фиксен начин на размислување потребно е да се утврдат причините зошто е тоа така, односно да се утврдат ситуациите кога се чувствуваат несигурни, какви се очекувањата што ги имаат од себе или очекувањата за нивното место во организацијата. На тој начин ќе бидеме во можност да им помогнеме да го надминат фиксниот начин на размислување преку конструктивен feedback и да ги ослободиме од притисокот од евентуален неуспех при спроведувањето на работните задачи. Потребно е да добијат признание за својот труд, да се цени нивниот напредок и да се наградат за нивните постигнувања и подобрувања.

Соработката со лица со начин на размислување насочен кон раст е полесна, бидејќи тие имаат тенденција да работат напорно и постојано сакаат да учат, со што самите целат кон високи резултати. Секако и кон овие лица е потребно да се однесуваме со разбирање и препознавање на постигнатите цели.  

Она што е од исклучителна важност за двете групи на лица е за нив да се обезбеди психолошки безбедна средина во која ќе можат да го остварат својот реален потенцијал.

Комуникацијата со членовите во тимот може да се подобри со употреба на структурирани пораки која ќе биде презентирана во наредниот текст за употреба на вештини за подобрување на комуникација во работна средина.