Зошто инвестирам во доброволното пензиско осигурување на Сава пензиско

Сите ние од време на време имаме дилема како да ја инвестираме својата заштеда. Притоа, комерцијалистите ни нудат најразлични продукти за кои најчесто ни ги презентираат предностите, а негативните страни подоцна ги дознаваме самите. Јас имав прилика како вработен во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, кое управува со доброволниот пензиски фонд Сава Пензија плус, да ги увидам и предностите и негативностите на овој продукт и активно го користам.

Што ми се допаѓа кај доброволното пензиско осигурување?

  • Можам да вршам уплати кога сакам и колку сакам. Не постојат годишни прагови што мора да се уплатат и штедењето се врши согласно со можностите.    
  • Уплатите можам да ги вршам со траен налог. Трајниот налог повлекува средства автоматски на дефиниран датум кој самиот го одредувам.
  • Приносот на инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд е значајно подобар од приносот кај традиционалните облици на штедење.
  • Во секое време имам можност да ги прегледувам уплатите и остварениот принос на мојата доброволна индивидуална сметка, а еднаш годишно добивам и Извештај за пензиска заштеда или т.н. „зелен плик“.
  • Постои можност и работодавецот да одвојува средства за своите вработени преку организирање на професионална пензиска шема.

Секако продуктот има и свои недостатоци од кои би ги навел следните:

  • Друштвото наплаќа надоместоци за потребите на своето работење. Притоа, од досегашното мое искуство остварениот принос на моите средства значително ги надоместува пресметаните надоместоци.
  • Средствата може да се користат 10 години пред правото на остварување на пензија од прв столб, односно на 54/52 години за мажи/жени. Тоа е долг период во рамки на кој не сум во можност да ги користам средствата, но сепак истото може да се гледа и како предност доколку се земе предвид дека се работи за пензиско осигурување и дека со оваа мерка на некој начин се заштитуваме самите од себе, за да не ги искористиме средствата за краткорочни потреби.  

За крај, би сакал да наведам дека исклучително корисна е мобилната апликација Sava penzisko plan каде имам преглед на сите важни информации кои се однесуваат на моето пензиско осигурување, како за доброволниот така и за задолжителниот пензиски фонд. Апликацијата се состои од прегледи за вредноста на сметководствената единица, аналитика на уплати, принос од инвестициите, вредноста на средствата на конкретен датум и многу други корисни информации.  Со истата може да се врши и ажурирање на личните податоци, како и да се одбере доставата на годишните известувања да се врши на е-маил адреса.

Дивиденда од ALLIANZ SE, BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ легна на сметките на Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 08.05.2023–17.05.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 548.826,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 45.950.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 23.043,12 САД долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      118.697,34 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;

–      242.395,96 евра, од инвестираните средства во компанијата BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и

–      19.123.230,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.

Во тој период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна приливи од камати во износ од  8.548,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.136.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 955,94 САД долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      4.691,83 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;

–      9.362,15 евра, од инвестираните средства во компанијата BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и

–      220.500,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на нивната пензиска заштеда.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2023/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Планови за бонус и други бенефиции

Сé поголем број на компании во нашата земја ги мотивираат своите вработени со исплата на бонус или имаат други форми на бенефиции за успешно завршена работа во компанијата и наградување на вработените. Најчесто исплатата на бонусот е еднаш во годината и секој работник нетрпеливо ја очекува исплатата на својот бонус.

Обично плановите за идниот бонус се претходно „скроени“ и припаѓаат на две големи групи:

  • Првата група на планови е поврзана за инстантно трошење на бонусот – покривање на стари долгови, патување, купување на скапа „играчка“ – мобилен телефон, телевизор, автомобил) или слично, и
  • Втората група на планови се сведува на заштеда на бонусот и негово инвестирање – заштеда во банка, купување недвижност, вложување во инвестициски фонд…

Идејата на текстот подолу е да Ви понуди уште една алтернатива за бенефиција која би можеле да ја добиете од Вашиот работодавач, наспроти најчесто користената бенефиција – исплата на бонус.

Вашата компанија при исплата на бонус, како дел од плата, врши плаќање на придонеси од плата и данок на личен доход. Во 2023 година придонесите од плата изнесуваат 28% додека данокот на личен доход изнесува 10%.

Да претпоставиме дека бонусот кој треба да го земете изнесува во бруто износ 90.000 МКД. Со исплата на бонусот, вие на вашата трансакциска сметка ќе добиете нето износ од 58.320 МКД – види пример подолу.

ОписИзнос, во МКД
Бруто плата90.000
Придонеси од плата (28%)25.200
Данок на личен доход (10%)6.480
Нето износ58.320

Како што веќе потенцирав, работодавачите имаат повеќе начини и видови на бенефиции за своите вработени. Еден од начините, да се обезбеди бенефиција за вработен, е уплата на придонес во доброволен пензиски фонд, преку организирање на професионална пензиска шема од страна на работодавач за своите вработени. Ако го земеме горниот пример, и ако претпоставиме дека работодавачот има на располагање 90.000 МКД кои ги наменил за обезбедување на бенефиција за Вас како негов вработен, ја има законската можност да ги користи даночните бенефиции при уплата во доброволен пензиски фонд за свој вработен.

*Користена е претпоставка дека во рамки на истиот месец покрај бонус ќе земете и редовна плата при што со исплата на плата ќе го искористите „личното даночно ослободување“.

Ова значи дека придонесот уплатен од страна на Вашиот работодавач во доброволен пензиски фонд, кој подлежи на плаќање на данок на личен доход, а кој ќе го добиете како бенефиција на Вашата индивидуална пензиска сметка во доброволен пензиски фонд, ќе изнесува 81.000 МКД (90.000 МКД намалени за платен данок на личен доход од 10%).

Средствата уплатени во доброволен пензиски фонд, се доверени на професионалниот тим на Сава пензиско друштво, кој ги инвестира и се грижи Вашите средства да се оплодуваат со стапки на принос, кои може да се погледнат на следниот линк .

Доколку не Ви е познато доброволното пензиско осигурување и на кој начин Вашиот работодавач може да врши уплата на доброволно пензиско осигурување за Вас, како вработен, можете да прочитате повеќе за предностите и карактеристиките на доброволното пензиско осигурување (трет столб) во моите претходни блогови .

Исто така, распрашајте се дали Вашата компанија има формирано пензиска шема од 3 столб во одредено пензиско друштво. Бидете проактивни и предлагајте различни можности за тоа како Вашиот работодавач може да Ви обезбеди бенефиција и да Ве направи задоволен вработен.

Доколку Вашата компанија е заинтересирана да формира пензиска шема, контактирајте ги нашите пензиски советници.

Ристо Бајатов

Актуар

Вештачка интелигенција (AI) и пензиски фондови

Во последно време, една од темите која привлекува внимание е вештачката интелигенција (AI) односно, како таа може да му помогне на човекот и дали таа може да доведе до пропаѓање на одредени гранки во општеството. 

Од една страна, се луѓето засегнати од широката достапност на вештачката интелигенција и можноста да бидат заменети од неа, загриженоста да ги изгубат нивните работни места и нивните приходи, како што е примерот во IT фирмите кои ја интегрираат сè повеќе и повеќе вештачката интелигенција во нивните компании и отпуштаат луѓе. Како пример се наведува алатка како ChatGTP која може да програмира како Level 3 програмер и да замени голем дел неискусни и не доволно квалификувани кадри. Bо новинарството се генерираат брзи текстови од вештачката интелигенција, која може да ги замени новинарите итн.

Од друга страна, се луѓето кои знаат да ја искористат вештачката интелигенција за да си ја олеснат работата и да генерираат повисок профит.

Тука се и теоретичарите на завери, кои  укажуваа на најцрни сценарија, што би се случило со земјава доколку продолжиме да ја надградуваме вештачката интелигенција. Дел од нив може и да се сфатат сериозно, , кога сме сведоци  дека во разговор со AI, знае да искаже љубов, некое друго чувтсво или мислење,врз основа на поставени прашања. Гледаме како филмови кои беа во жанр на научна фантастика како: The Terminator, Iron Man, I Robot, RoboCop стануваат реалност и можеби во иднина нема и да ги гледаме како научно фантастични филмови, туку ќе ги гледаме како филмови коi беа пред времето и ја предвидоа иднината.

Основачот на ChatGTP, Илон Маск во една прилика беше запрашан што најмногу го плаши, а неговиот одговор беше ,,Развојот на вештачката интелигенција’’ и тоа до каде може да оди тој развој. Малку е иронично е тоа дека некој кој се плаши од вештачката интелигенција, ни даде алатка која можеме да ја користиме сите ние во светот, и остава на нашата свест и совест дали тоа ќе го користиме во добри или лоши цели.

Па ајде сега ќе се вратиме на нашата тема на пензиски фондови и да видиме што мисли вештачката интелигенција за вложувањата и сигурноста на пензиските фондови во Република Северна Македонија.

Го прашавме ChаtGTP и ги пренесуваме изворно неговите одговори:

Зошто треба да се вложува во пензиски фондови во Македонија?

Пензискиот фонд е инвестициски фонд составен од континуирано придонесување на вработените и нивните работодавци, што на крајот на работната кариера на вработениот овозможува извесен износ на пари за пензисирање. Вложувањето во пензиски фондови е долгорочна инвестиција која може да се исплати на долг рок.

Вложувањето во пензиски фондови е важно за следните причини:

1. Долгорочна инвестиција: Вложувањето во пензиски фондови е долгорочна инвестиција, што значи дека се очекува да има растеж во текот на годините.

2. Намалување на ризикот: Пензиските фондови го намалуваат ризикот за инвеститорите, бидејќи парите се инвестираат во различни активи кои се одржливи на долг рок.

3. Повеќе можности за инвестирање: Пензиските фондови имаат повеќе можности за инвестирање, бидејќи инвестициските правила го дозволуваат инвестирање во различни класи на активи, како што се акции, обврзници, итн.

4. Даноци: Во многу земји, вклучувајќи ја и Македонија, вложувањето во пензиски фондови се опфаќа со данок на намалување на данокот на доходот, што значи дека инвеститорите можат да заштедат пари на даноците.

5. Пензисирање: Вложувањето во пензиски фондови го овозможува надополнувањето на пензиската состојба на работниците на долг рок, што значи дека можат да имаат удобен и безбрижен пензис.

Сепак, треба да се има предвид дека инвестициите во пензиски фондови имаат свој ризик, бидејќи вредноста на инвестициите може да падне поради различни причини, како што се финансиска криза, големи промени во пазарот, итн. Затоа е важно да се направи добро истражување пред да се одлучите за вложување во одреден пензиски фонд.

Во Македонија, пензиските фондови се регулирани и надгледувани од страна на Агенцијата за надзор на дополнителните пензиски фондови (МАПАС) и инвестициски фондови (АНДПФИ), што значи дека постојат мерки за заштита на инвеститорите. Исто така, Македонија има стабилна макроекономска средина и се очекува да има растеж на пазарот на краткорочна и долгорочна основа.

Вложувањето во пензиски фондови во Македонија може да биде добра инвестиција за личните финансии на долг рок, бидејќи овозможува надополнување на пензиската состојба на работниците и нивните семејства. Сепак, пред да се одлучите за вложување, е важно да направите детална анализа на различните пензиски фондови, да се консултирате со финансиски советник и да разберете ги сите аспекти на инвестирањето во пензиски фондови.

Кои се предностите на пензиските фондови во Македонија?

1. Систем за задолжителност на вработените: Вработените во Македонија мора да учествуваат во системот за задолжително пензиско осигурување, што им дава можност да инвестираат во пензиски фондови и да го зголемат својот приход во пензија.

2. Диверзификација на инвестициите: Пензиските фондови имаат различни опции за инвестирање на пензиските заштеди, вклучувајќи во тоа акции, обврзници, недвижности и други инвестициски опции. Ова им овозможува да ги диверзификуваат своите инвестиции и да се заштитат од ризиците на еден вид на инвестиција.

3. Професионално управување на инвестициите: Пензиските фондови во Македонија се управуваат од страна на професионални инвестициски менаџери, кои го следат пазарот и ги управуваат инвестициите на фондот во најдобриот интерес на инвеститорите.

4. Долгорочна планирање: Инвестирањето во пензиски фондови е дел од долгорочното планирање за пензија, што овозможува на граѓаните да го подготват својот финансиски статус за иднината. Ова е особено важно во време кога животните трошоци растат, а луѓето живеат подолго.

Дали пензиските фондови во Македонија се сигурни?

Пензиските фондови во Македонија функционираат под строги законски и регулаторни рамки, што ги прави високо регулирани и сигурни институции. Фондовите се надгледуваат од страна на (Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување н.з.), која има за цел да ги заштити интересите на вработените кои се вклучени во пензиските фондови. Фондовите треба да следат принципи на диверзификација на инвестициите и да ги максимизираат добивките, со што ги заштитуваат пензиските приходи на вработените.

Иако не може да се гарантира дека инвестициите во пензиските фондови ќе бидат успешни во секој момент, пензиските фондови се инвестициски институции со долгорочни инвестициски портфолија кои обично имаат значително поголема веројатност за добивка отколку краткорочните инвестиции. Воопшто, пензиските фондови се сметаат за сигурни инвестиции за вработените кои сакаат да ги заштитат своите пензиски приходи во долг период од време.

Забелешка на авторот:

Одговорите од алатката се минимално изменети за терминолошки поблиску да одговараат на изразите кои ги користиме во македонската регулатива.Гледаме дека вештачката интелигенција (АI)  има позитивно мислење за пензиските фондови во Македонија, за тоа како се вложуваат нашите парите, каков менаџерски тим ги води фондовите, што значи и оваа алатка која нема причина да биде со било какви предрасуди кон некој финансиски продукт во Македонија ни кажува дека е добро за секој од нас што порано да почнеме да вложуваме, за наша подобра иднина. Сепак, и покрај тоа што AI може да ви даде одредени насоки дури и за пензиските заштеди, во Сава пензиско друштво на располагање е цел тим на професионалци, кој ќе одговори професионално на сите Ваши прашања, ќе биде Ваш финансиски советник и ќе ве упати во пензиското осигурување.

Младите мајки и мултитаскингот како стил на живеење

„Да правиш две работи истовремено е како да не правиш воопшто ништо“ – вели една американска студија поврзана со мултитаскингот. Асоцијацијата на американски психолози преку студија направена од оваа област истакнува дека при менталното „префрлање“ од една на друга задача се троши повеќе време отколку што се заштедува.

Дополнително, заклучиле дека вообичаено, кога мислиме дека извршуваме успешно повеќе работи одеднаш, всушност не го постигнуваме тоа. Напротив, само рапидно го префрламе нашето внимание од една задача на друга, занемарувајќи го квалитетот во извршувањето.

Мултитаскингот како дел од мајчинството

Способноста за мултитаскинг е есенцијална особина за една млада, современа мајка. Со раѓањето на детето, таа способност се тренира и надоградува секојдневно.

Зарем не се сеќавате на првиот пат кога го земавте во прегратка, а истовремено бришевте истурено млеко на подот? Кога го храневте, а истовремено со една рака си го подготвувате омиленото кафе за кое повеќе од половина ден чекавте погоден момент? Кога го успивавте долго време, па си ставивте bluetooth слушалки и го пуштивте омилениот филм на ТВ?

Со тек на време, ваквата динамика станува рутина и откривате за себеси дека можете многу повеќе од тоа што сте мислеле. 

Мултитаскингот како неопходност

И токму кога ќе воспоставите некаков ред на нештата, доаѓа новиот предизвик – мама се враќа на работа, а детето оди во градинка. Ново ниво на мултитаскинг, нов предизвик. Одговорност на секое поле. Обврски, обврски…како стотици облачиња надвиснуваат над вас. Излезот е да се најде начин како да се исполнуваат, пред да се истурат како пороен дожд врз вас.

Многу често слушам од блиските „фокусирај се само на една работа, никој не очекува сè од тебе“.

Звучи идеално.

Но, реалниот живот на младите мајки не им го допушта ова едноставно решение. Особено ако не растете деца со многу, па и со малку помош. Паровите со деца кои живеат во град различен од фамилијата, знаат на што мислам. Кога сте мултитаскинг мајка бидејќи стилот на живот го бара тоа од вас, потребно е да си го пронајдете најдобриот и најздравиот начин за да ги исполните сите обврски.

Велам и најздравиот, бидејќи секојдневниот мултитаскинг на долг период може да доведе до акумулиран стрес, анксиозност, чувство на вина (зошто не се поминало повеќе време со децата) и очаен недостиг на време за себе.

Порано или подоцна, секоја млада мајка ќе се соочи со истите проблеми, па еве неколку совети од моето искуство кои би сакала да ги споделам со сите Вас:

1.     Воспоставете си граница помеѓу работата и домот

Во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, ни е овозможен хибриден модел на работење. Комбинирана работа од дома со работа во канцеларија. Ова е благодат за младите мајки, бидејќи мене лично ми овозможува во деновите кога работам од дома да заштедам време за превоз, кое во голем град значи многу. Заштеденото време го искористувам за домашните обврски – корисна бенефиција два до три пати неделно.

Сепак, имајте предвид дека работниот простор во домот треба да ви биде место во кое го имате целото ваше внимание и фокус, без дистракции како „Мама, ајде кога ќе завршиш да си играме?“, „Мама, ќе седам до тебе и мирен ќе бидам“, а притоа ќе добиете илјада прашања кои чекаат одговор и сто желби кои чекаат да се остварат.

Работата од дома, со сеприсутно дете до вас не би го препорачала никому – таквиот начин на живот не е добар, ниту за мајката, ниту за детето. Секако, работата од дома е препорачана кога децата се згрижени во градинка или некој друг член од семејството се грижи за нив.

2.     Планирајте ги обврските во работната недела

Јас сум планер по природа и секогаш чувствувам помалку стрес доколку направам организација за неколку дена однапред.

Планирајте кој ден ќе работите од дома, а кој од канцеларија.

Вообичаено деновите кога имам повеќе домашни или приватни обврски после работа, како спортски активности или средба со пријатели, избирам да работам од дома. На тој начин од една страна заштедувам време во превоз низ град, а од друга страна работам попродуктивно и поефикасно. Вообичаено е дека после работниот ден од дома ми следува физичка активност која ќе го надомести чувството на не напуштање на домот цел ден.

3.     Поставувајте си приоритети

При планирањето на обврските, најважно е да направите приоретизирање. Речиси невозможно е да ги исполниме сите обврски кои сме ги замислиле. Затоа, мора прво да ги поделиме обврските на два дела – обврски кои навистина е потребно да ги завршиме што побрзо и обврски кои би било добро да ги завршиме, а ќе преживееме и ако не ги завршиме најбрзо.

На првата група и давам поголем приоритет. Потоа го правиме истото за секоја од групите и така сè додека сите обврски не се подредени по приоритет.

На тој начин, дури и кога некоја обврска ќе остане незавршена ќе се чувствуваме подобро, бидејќи ќе знаеме дека тоа се случило од причина да завршиме други – поважни по приоритетот обврски.

4.     Не си поставувајте нереални цели и барајте помош

Ми требаше подолго време да го научам ова. Најчесто бев во трка со себеси колку повеќе задачи да се сработат и сето тоа да биде квалитетно и точно. Тоа е едно чувство на растргнатост, чувство на „недоволно добар за сите“, чувство на „зошто не завршив уште нешто“, желба да се клонираш и да постигнеш сè.

За кого?  Кој ќе биде среќен од една преморена мајка/сопруга/вработена?

Вистината е дека секоја мајка и домаќинка ќе се сложи со мене дека на обврските им нема крај. Но, треба да одлучиме што е важно денес да се заврши, а што може да почека. Рамнотежа помеѓу обврските и очекувањата.

Лично достигнување ми е моментот кога си признав себеси дека барањето поддршка, во било кој облик, не значи слабост. Затоа е важно да не си правиме самите притисок со некоја утописка перфекција за себеси и да се осигураме дека уживаме во времето поминато со нашите деца.

Подобри мајки ќе бидеме ако и само ако и ние самите сме среќни.

5.     Верувајте во себе

Кога пишувам за мултитаскинг мајки кои работат, прашањето кое ми се наметнува е – „Постои ли жена која не работи?“.

Факт е дека сите жени работат, само нивните области на работа може да бидат различни. Некои работат надвор од домот, а други работат full-time како интегрален дел од семејниот систем – домаќинки.

Без разлика на која страна припаѓаме, наша одговорност ни се семејството и работата. Но, на страна од обврските секогаш треба да бидеме јасни со „времето за себе“.

Фокусот и квалитетното работење од една страна, и сакањето, верувањето и почитувањето на себеси од друга страна, се главните мантри за успех на секое поле.

Позитивни ефекти од добри ергономски решенија на работното место

Ергономијата е наука која го проучува соодветниот дизајн помеѓу канцелариите и вработените. Земајќи ги во предвид човечките способности и ограничувања, ергономски дизајнираниот стил на уредување на работниот простор се обидува да биде ефикасен во исполнувањето на функционалните барања на вработените.

Правилното користење на ергономијата се смета за клучна во модерниот канцелариски дизајн. Идеалниот канцелариски дизајн одбегнува затворени простори и се фокусира на отворени и динамични канцеларии.

Добра идеја е и вклучувањето на самите вработени во планирањето на дизајнот на канцеларијата. Неколку истражувања покажуваат дека вработените кои се вклучени во процесот на дизајнот на сопствените канцеларии во пракса се повеќе посветени и попродуктивни во работата.

 Ергономијата има голем број предности кои можете да ги прочитате во понатамошниот дел од текстот.

1. Ергономијата го подобрува физичкото и менталното здравје на вработениот

Набавка на ергономски канцелариски мебел кој е во согласност со прописите и препораките за здравје при работа, овозможува да се намалат здравствените проблеми, како што се болките во грбот и зглобовите, а воедно и спречува повреди на работното место.

Подоброто физичко здравје директно доведува и до подобро ментално здравје што придонесува за помало ниво на стрес, подобро расположение и подобра концентрација при извршување на работните обврски.

2. Ергономијата доведува до поголема продуктивност кај вработениот

Комбинацијата на различни ергономски решенија како што се подлога за глувче приспособена за удобност на раката, подесување на работната маса согласно потребите на вработениот, ергономска канцелариска столица, држач за лаптоп за нивелирање на висината на екранот, како и останати ергономски решенија доведуваат до поголем комфорт на работното место, со што се зголемува квалитетот на работа, односно продуктивноста кај вработените.

3. Ергономијата ги редуцира трошоците

Со вложување во канцелариска ергономија се намалува ергономскиот фактор на ризик како што е МКП. МКП е мускулно–коскено нарушување кое се јавува по несоодветно седење на столицата.

Според одредени истражувања, на околу една третина од вработените им се плаќа надоместок во случај на МКП. Затоа потребно е да се редуцира ваквиот вид на трошок преку инвестирање во удобна канцелариска столица.

Важноста на ергономијата не може доволно да се нагласи. Организациите кои користат специјализирани услуги имаат подобро разбирање на ентериерот на канцеларијата и подобри можности за интеграција на ергономијата во дизајнот на работниот простор.

Целта на ергономското уредување на административните работни места е да им овозможи на вработените кои своето време го поминуваат на седечко компјутерско работно место, покомфорно работење, ослободување од мускулно скелетна болка, подобрено психо-физичко здравје, зголемена благосостојба, а воедно и зголемување на продуктивноста.

Ергономски дизајнираното работно место создава позитивна разлика во ставовите на вработените, а истовремено ја одржува атмосферата која е соодветна за постигнување на организациските цели.

Стефан Пужовски

Како да го прочитате вашиот годишен извештај за пензиска заштеда?

Секој член од втор и трет столб наскоро треба да добие зелен плик со годишен извештај за својата пензиска заштеда. Ова е масовна и многу важна операција за пензиските друштва со која ќе се испорачаат повеќе од половина милион извештаи – во писмена и електронска форма.

Една од најголемите придобивки со воведување на пензискиот систем со 3 столбови – е транспарентноста и отчетноста на пензиските друштва кон своите членови.

Откако ќе го добиете вашиот зелен плик, паметно е да го отворите и да прочитате што пишува внатре. Во продолжение ќе ви објаснам како полесно да го прочитате вашиот извештај. Имено, извештајот се состои од 3 главни делови:

1. Во првиот дел е презентирана вкупна состојба на вашата сметка на датум 31.12. Средствата кои ги имате на овој датум се добиени со следната формула:

Вкупен износ = број на СЕ (сметководствени единици) * вредност на СЕ

Вашата вкупна состојба на сметка во иднината ќе зависи од овие 2 фактора кои имаат тенденција на пораст:

  • „Бројот на СЕ“ може да се зголеми само ако направите нова уплата во фондот. Генерално, „бројот на СЕ“ ќе расте сé до завршување на вашиот работен век поради прилив на нови придонеси во фондот;
  • Од друга страна, „вредноста на СЕ“ никогаш не е фиксна и се менува секој ден во зависност од движењето на пазарната цена на имотот на фондот. Генерално, и „вредноста на СЕ“ има тенденција на пораст поради тоа што вашиот пензиски фонд низ годините има основна цел да оствари вкупна позитивна стапка на принос.
    Можеби во одредена година тоа нема да биде случај поради остварен негативен принос – но, земено вкупно за сите години до пензионирање – пензиските друштва треба да обезбедат вредноста на СЕ да има пораст.

2. Во вториот дел се презентирани сите ваши уплати/исплати во 2022 година. Презентиран е датум на уплата/исплата, опис на трансакција и бруто износ. Во полето „Опис“ најчесто е наведен месецот за кој се однесува придонесот – во формат: година – месецот.
Пример: 202201
2022 – година, 01 – месец.

Ако во полето „Износ“ има некаква негативна вредност, прочитајте веднаш под самата табела на што се должи тоа. Доколку и понатаму не ви е јасно – слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Во рамки на вториот дел од извештајот има и споредбен графички приказ на состојба на вашата сметка на 31.12 од претходните две години.

3. Третиот дел содржи податоци и насоки за да може сами да се најавите и да имате увид во вашата пензиска сметка кога ќе посакате. Тоа може да го направите на следниот начин:

  • Пристапете на нашата веб страна: www.sava-penzisko.mk  или инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Кликнете на менито – Лична сметка
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот) или
  • инсталирајте ја мобилната апликација Сава пензиско план
  • Внесете ваше корисничко име и лозинка – (види од Извештајот).

Други важни информации:

  • Средствата од Вашата пензиска заштеда од 2 столб се наменети за ваша старосна пензија и не можете да ги користите пред да остварите законско право – на 62 години за жена, и 64 години за маж. Заради тоа што од овие средства ќе добивате еден дел од вашата пензија – не е дозволено овие средства да ги повлечете наеднаш (еднократно); 
  • Мудар потег е да отворите сметка и да си уплаќате сами дополнителен придонес и во 3 столб. Овие средства од 3 столб може да ги користите најрано од 52 години за жена и 54 години за маж. Средствата од 3 столб може да ги повлечете наеднаш (еднократно);

Моја препорака е да почнете да штедите рано – во вашите дваесетти/триесетти години и да уплаќате редовно. Со раниот почеток на уплата ќе имате долг период на оплодување на вашата сметка – со ова би се исполниле услови за сериозна акумулација на средства во следни 30 и повеќе години.

Континуирани приливи од инвестирањето на пензиските заштеди

Ве информираме дека во периодот од 21.11.2022 – 01.12.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 4.212.809,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 34.328.972,00 денари.

Исто така, Ве информираме дека во периодот од 21.11.2022 – 01.12.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 152.973,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 351.120,00 денари.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови влијаат на пензиските заштеди на членовите.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Колку се безбедни вашите средства вложени во пензиските фондови

Секојдневието во кое што денес функционираме се одликува со изразени нестабилност предизвиканa од различни фактори како што се здравствената криза со појавувањето на вирусот ковид-19, или зголемените геополитички ризици по избувнувањето на војната помеѓу Русија и Украина, која што придонесе за зголемени цени на енергенсите и историски високи стапки на инфлација и следствено за значително затегнување на монетарна политика на глобално ниво. Ваквaта нестабилност придонесува за зголемена волатилност на глобалните финансиски пазари. Што значи ова за средствата во пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво?

Пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво немаат висок ризичен профил и средствата во пензиските фондови имаат високо ниво на сигурност и безбедност. Во овој текст ќе се обидеме да претставиме дел од аспектите кои придонесуваат за високото ниво на сигурност на средствата со кои управува Сава пензиско друштво.

Прво, капитално финансираното пензиско осигурување е високо регулирана област. Инвестициската активност секојдневно ги следи квантитативните и квалитативните законски и интерно поставените ограничувања кои се во насока на управување со ризиците на кои се изложени средствата на фондовите. Како резултат на овие лимити, доминантен дел од портфолијата на пензиските фондови е вложен во државни обврзници и депозити кои носат фиксен (заклучен) принос и се со енормно ниска чувствителност на ценовни движења на инструментите. Овие вложувања ги амортизираат негативните движења на берзите при негативни информации.

Од друга страна, инструментите со кои активно се тргува (како што се: домашни и странски акции, удели во акциски фондови, одредени странски обврзници и странски обврзнички фондови) се чувствителни на ценовните движења на берзите. Високо квалитетни и стручни кадри изработуваат бројни анализи преку кои што се определуваат стратешките и тактичките цели на долг и краток рок, соодветно. Преку соодветна тактичка поставеност на портфолијата, како и соодветна диверзификација во финансиски инструменти, се настојува да се ограничат осцилациите на вредноста на сметководствената единица на фондовите како резултат на движењето на финансиските пазари. Од друга стана, падот на вредноста на акциите и другите средства на финансиските пазари се користи за купување по атрактивни цени. Со оглед на долгорочниот карактер на обврските на пензиските фондови и долгиот инвестициски хоризонт, системска пазарна корекција претставува можност преку која ќе се изградат позиции во акции и акциски фондови и останати инструменти кои треба да донесат натпросечни приноси во целокупниот период на инвестирање. Во секој случај, не постои оптимален принос без преземање на оптимален ризик. Во овој контекст е и познатата изрека на Ворен Бафет: „Биди плашлив кога останатите се алчни,  биди алчен кога останатите се плашливи“, која упатува на зголемените можности за добри инвестиции во услови на страв и паника на финансиските пазари, и малкуте добри прилики кога владее оптимизам на пазарите.

Во Сава пензиско друштво, инвестирањето на средствата во фондовите се врши врз основа на принципи како што се ефективно донесување на одлуки при определени улоги и одговорности, јасно дефинирани цели, свесност, разбирање и соодветна толеранција на ризиците, мерење на перформанс на фондовите и транспарентност кои се во насока не само на безбедноста на средствата туку и на остварување на посакуваната, долгорочно определена стапка на принос на фондовите со кои управува Сава пензиско друштво. Во однос на ова, за доброто корпоративно управување придонесува и усвојувањето на CFA Institute Asset Manager Code (Кодекс на управувачи со средства на CFA Institute) кој е чекор напред во потврдата на високиот степен на етичност во работењето на Друштвото.

Погоре наведените аргументи за степенот на сигурност на средствата, поставените долгорочни цели и инвестициски хоризонт и моменталните пазарни корекции налагаат побрзо да се започне со вложувања за пензија, за да средствата расположливи во пензија бидат што повисоки!

Мобинг на работно место – како да го препознаеме?

Мобингот се дефинира како појава на психичко малтретирање на работно место, кое се повторува низ повеќе активности, со цел да се деградира работникот по различни основи.  

Мобингот најчесто започнува со обичен конфликт, се развива бавно и прикриено. Жртвите на мобинг се изложени на малтретирање кое е често повторливо и се случува во долг временски период.

Воопшто не е лесно да се идентификува однесување кое претставува мобинг. Затоа е важно да се знае како да се препознае, доколку не може да се избегне. Личноста која го мобира својот колега во многу случаи не сфаќа дека прави нешто погрешно.  Вработениот кој е жртвата на мобинг, пред да почне да ја решава ситуацијата со претпоставениот, треба да е сигурен дека е жртва на мобинг на работно место. Има ситуации на работното место кои може да ги сметаме за несоодветни, непријатни, но тоа не значи дека е мобинг. На пример, ако вработениот ги прекрши интерните процедури за работа, нормално е да настанат тензии и да бидат изречени санкции од претпоставените, но тоа не е мобинг. Исто така, не можеме да очекуваме луѓето секој ден да бидат добро расположени. Ако колегите повремено покажуваат некоја иритација, која е прилично уникатна и вообичаена, тоа исто така не е манифестација на мобинг. Мобингот не е конфликт, но е конфликт кој доколку не се решава може да прерасне и резултира со малтретирање и мобинг.

Затоа, на прашањето за мобинг на работното место поголемо внимание треба да посветат и големите и малите компании, бидејќи мобингот штети на физичкото и менталното здравје и негативно влијае на професионалното напредување на вработениот, кој е жртва на мобинг.

Совети за препознавање на мобинг на работно место

Фактори кои би можеле да предизвикаат мобинг се себичност, лични проблеми кои често произлегуваат од проблемите дома, комплекси, љубомора, постигнување успех во кариера и психолошки терор на сметка на друг, настојување за неуспех да се обвинат други.

Однесување кое претставува мобинг:

Соодветната комуникација е нарушена

Жртвата на мобинг се прекинува во текот на говорот, се ограничуваат нејзините можностите за изразување.  Во текот на разговорот со жртвата на мобинг, таа се прекинува, и се обраќаат со висок тон, се критикува. Со прекумерната и постојана критика се фрустрира жртвата која почнува да се сомнева во своите способности и ја намалува самодовербата. Во работата и се даваат нецелосни упатства, се задржуваат важни информации за извршување на работните задачи.

Можностите за одржување на социјални односи се нарушени

Се однесуваат како да не постои вработениот кој е жртва на мобингот, се игнорира, не се приметува, се забрануваат контакти со вработениот, се изолира.

Репутацијата на вработениот се загрозува

Вработениот кој е жртва на мобингот е предмет на озборување,  исмејување, се шират невистини за него, се имитираат неговите движења, предмет е на подбивни шеги и сл.

Квалитетот на работата, работните резултати и професионалноста на вработениот се оспоруваат

Вработениот кој е жртва на мобингот постојано се критикува, претерано се контролира, му се даваат ниски оценки за работа, му се доделуваат задачи кои се под или над неговите можности.

Здравјето на вработениот се загрозува

Жртвата се присилува да работи работни задачи кои се штетни по нејзиното здравје, без соодветна заштита. Може да се случи да не и се одобри годишен одмор и слободни денови. Можни се и физички закани, сексуална злоупотреба, намерно предизвикување на стрес. Физички напад на жртвата на работното место може да се случи, но поретко поради можноста од кривични казни.

Сајбер мобинг

Се почесто се сретнува во денешно време поради експанзија на интернет комуникацијата и технолошката писменост и е многу подмолен начин на мобинг. Жртвата може да се исмева со поставување на обични видеа или фотографии на социјалните мрежи, независно дали е тоа направено по пат на е-пошта, социјални мрежи, преку мобилен телефон или друг електронски медиум.  Овој вид на мобинг често има страшни последици на само за жртвата на мобинг, туку и за членовите на нејзиното семејството.

За жал, вработените најчесто сами изнаоѓаат начин за надминување на интерперсоналните проблеми, поради страв да не го изгубат работното место. Затоа вработените, треба добро да ги запаметат следните знаци кои упатуваат на мобинг, доколку имаат колега за кој мислат дека ги мобира (им врши мобинг):

  • постојано се сомнева во Вашите одлуки и ги преиспитува вашите решенија;
  • Ви доделува работа што е штетна по Вашето здравје;
  • Ви доделува работа под Вашето ниво или работа што ја намалува Вашата самопочит;
  • шири гласови и полувистини за Вас;
  • Ве озборува со цел да Ви ја наруши репутација и да добие подобра позиција;
  • и;
  • Ве гледа од високо;
  • ги имитира Вашите мимики, движења и одење;
  • Ве омаловажува и Ви дава навредливи прекари;
  • се однесува како да не постоите;
  • измислува најразлични приказни, шири невистини за Вашиот приватен живот, Ве исмејува. Мета на исмејување може да биде Вашата фризура, начинот на облека, личниот карактер и физичкиот изглед (дебелина итн.).
  • Ве навредува дека не знаете да работите, Ве тера да извршува понижувачки работи, Ве казнува без оправдани причини.

Неколку препораки за вработените:

  • Немојте сами да изнаоѓате начин за надминување на интерперсоналните проблеми кои настануваат, поради несигурноста и стравот да не го изгубите работното место и привилегиите. Обратете се до претпоставените во компанијата, кадровските служби, до судските органи;
  • грижете се за здравјето. Како последица на психички притисок на работно место и лошите работни услови кои влијаат врз Вашето здравје, се јавуваат кардиоваскуларни заболувања или хипертензија, главоболка, стомачни нарушувања, и завршуваат во посериозни ментални нарушувања.
  • не престанувајте да верувате во себе, и не дозволувајте да се сметате себеси за неспособни да ги решите дури и едноставните задачи.

Неколку препораки за претпоставените: Потребна е поголема ангажираност и упатеност на раководителите и менаџерите на ова поле. Вашата улога како претпоставени е клучна, одлучувачка. Темата мобинг на работно место не треба да Ви е непозната и не треба поради некомпетентност и необјективност да го поддржувате мобингот.