Родова не (рамнотежа) во сметководствената професија

Иако, како и секоја професија, сметководството е отворено подеднакво и за мажите и за жените, и истите можат да бидат подеднакво успешни во професијата сепак, за нас кои работиме во сметководствената професија, станува сè поочигледно дека оваа професија во нашата земја е доминантно женска.

Во сметководствените тимови на компаниите доминираат жени, на конференциите, советувањата или семинарите од областа на сметководство сè поретко меѓу учесниците можат да се сретнат мажи, а на огласите за вработување пријавените мажи се далеку помалкубројни во однос на пријавените жени.  

Статистичките податоци во Соединетите американски држави покажуваат дека мнозинството на сметководители и ревизори, во периодот 2020-2023 се доминантно припаднички на понежниот пол, а мажите доминираат во повисоките раководни позиции.

Каква е состојбата во нашата земја?

Во Институтот на сметководители и овластени сметководители на РСМ, има регистрирано вкупно 7.637 овластени сметководители. Од нив 75% се жени, а 25% се мажи.

Ако нема родова предиспозиција за оваа професија, а нема, можеби одговорот на прашањето и објаснувањето на тенденциите за женска доминација во сметководството можат да се најдат во некои карактеристики и предиспозиции кои едно лице треба да ги има за да се занимава со оваа професија.

Сметководствената работа бара високо ниво на прецизност, аналитичност, многу трпение и ориентираност кон детали, бидејќи и најмалиот превид може да има големи последици, преточено во поговорката која ја има и нашиот народ ,,една нула, една кула’’. Пропуст на една бројка од најмало невнимание, може да има домино ефект на билансите, одлуките кои се носат врз основа на истите, како и деловните планови кои се прават за во иднина. Затоа е многу важно на кого ќе му биде доверена сметководствената работа во една компанија и дали лицето кое ја извршува ги има посакуваните карактеристики на еден добар сметководител.

Организираност
Обработката на многу бројки, документи и податоци бара сериозна дневна организација и организациски вештини. Добрата организација овозможува и ефикасност при пронаоѓање на некоја информација која менаџментот/клиентот ја бара во моментот. За да се одговори брзо и точно, мора да се брзо да се размислува и ефикасно да се истражува.

Педантност
Во морето на бројки и податоци, важно е да постои педантност во записи, подлоги, пресметки и документација. Секој запис и секоја бројка треба да биде поткрепена и за истото да се чува доказ. Педантноста овозможува и полесно снаоѓање кога треба да се обезбеди документ или податок.

Ориентација кон детали и ажурност
Бројките мора да бидат точни вистинити, бидејќи се значајни инпути во носењето на одлуки. Во бизнисот важи ,,garbage in, garbage out’’, што во секојдневието на сметководителите и менаџерите/клиентите често може да се слушне, укажувајќи токму на оваа значајност. За да се обезбеди добар податок, сметководителот мора да биде ажурен и со должно внимание да обработува податоци, и тоа да биде нешто што природно му доаѓа, а не нешто на кое треба постојано да биде потсетуван.

Доверливост
Информациите со кои работат сметководителите и до кои имаат пристап се доверливи информации, затоа е важно сметководителите да бидат луѓе од доверба, професионални и да ги држат доверливите информации за себе.

Ориентираност кон бизнисот
Иако може да кажеме дека книжењето е секаде исто, дебит и кредит во секоја компанија исто се користи, сепак сметководство во една дејност се разликува од сметководство во некоја друга дејност. Треба добро да се познава дејноста, односно бизнисот, за да можат да се применуваат сметководствените стандарди важни за тој бизнис, за да може да се советува менаџментот и да се носат добри одлуки врз основа на бројките.

Одговорност
Сметководителите мора да бидат луѓе од доверба и мора да бидат одговорни луѓе, бидејќи управуваат со парите.

Тимски играчи
Сметководството е функција на поддршка на сите организациони единици во една компанија. Во сметководство се носат документи, од сметководство се бараат податоци. Со право се вели дека тоа е крвотокот на компанијата, бидејќи сè се слева таму, а сметководствените канцеларии се многу често посетувани од вработените. Ако е потребна некоја информација, сигурно во сметководство ја имаат. Тоа бара од сметководителите способност да работат со различни карактери на луѓе и да бидат љубезни со сите одговарајќи на нивните различни потреби.

Етичност
Интегритет и чесност, морално однесување и почитување на прописите. Сметководителот треба овие карактеристики да ги има во приватниот живот и да ги рефлектира и во професионалниот. Тоа овозможува да им се верува на сметководителите.

Почитување на рокови и став кон роковите
Сметководителите се програмирани да почитуваат рокови, бидејќи скоро секој ден е врзан со некој рок. Рок за книжење, рок за известување, рок за плаќање…добро управување со роковите го намалува нивото на стрес кој секој рок го носи, поврзан со стравот и ризикот да не заврши обврската во зададениот рок.

Откако ги напишав карактеристиките кои треба да ги поседуваат сметководителите, не можам да си земам за право да кажам дека овие карактеристики се помалку или повеќе развиени и застапени кај жените, отколку кај мажите и дека овие карактеристики го прават влезот во сметководствената професија полесен за жените. Некој можеби ќе каже дека трпеливоста или организираноста е поразвиена кај жените, друг можеби ќе го најде одговорот во аналитичноста, а трет пак може да заклучи дека професијата е ,,монотона’’ по вкусот на мажите. Можеби постојат други мотиви кои ги привлекуваат жените во професијата, како стабилност или полесна достапност на позиции во оваа професија или се работи едноставно само за случајност да се најдеме во овие води.

Над 140 милиони денари приливи од камати во Сава пензиски фонд во четвртиот месец од 2024 година

Ве информираме дека во периодот од 01.04.2024–30.04.2024 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 149.812.352,00 денари и приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 33.495,00 долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во вкупен износ од 64.664,03 долари, 109.611,94 евра и 83.935,80 швајцарски франци, од кои ги издвојуваме:

  • УСД 40.906,07 од инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;
  • ЕУР 71.609,44 од компанијата AIRBUS SE;
  • ЦХФ 83.935,80  од компанијата NESTLE AG.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаа приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.405.458,00 денари, приливи од камати од инвестиции во странска државна обврзница во износ од 1.540,00 долари приливи од дивиденди во вкупен износ од 1.867,49 долари и 3.616,61 евра и 3.365,70 швајцарски франци

 од кои издвојуваме:

  • ЕУР 2.075,36  од компанијата AIRBUS SE и
  • ЦХФ 3.365,70 од компанијата NESTLE AG;

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на нивните пензиски заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2024/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk