Пет принципи на личните финансии

За да се постигне финансиска дисциплина и да се користат финансиите паметно потребно е да се следат само неколку принципи на личните финансии:

1.  Буџетирање

Постојат одредени работи што треба да размислите да ги правите при буџетирање:

Создадете фонд за итни случаи:

Ваквиот фонд се користи за големи или мали непланирани сметки или плаќања кои не се дел од вашите рутински месечни трошоци и трошење, како здравствени трошоци, непланирани поправки во домот или на вашиот автомобил, како и во некои случаи и неочекувана загуба на работното место. Без заштеди, дури и помалиот финансиски шок може да има трајно влијание.

Износот што треба да го имате во итен штеден фонд зависи пред се од вашите примања. Кога го подготвувате размислете за најчестите видови на неочекувани трошоци што сте ги имале во минатото и колку чинат. Ова може да ви помогне да поставите цел за тоа колку сакате да одвоите. Во просек, би требало фондот да ви покрие трошоци за живот за период од 6 месеци.

Следете ги вашите трошоци:

Почнете да ги додавате вашите трошоци секој ден за да можете да ја преземете контролата над трошењето. Може да создадете свој ексел каде што ќе го следите секое купување или ќе преземете апликација за следење на трошоците. На овој начин ќе имате детален преглед за движењето на вашите финансии што понатаму ви овозможува да направите ревизија на истите и да согледате колку одредени добра или услуги ви биле неопходни, а кои непотребни, која потрошувачка треба да се зголеми, а која да се намали.

Следете правило за буџетирање:

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. 50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци- плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее,  а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, превоз, осигурување и храна.  30% за  несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив ако треба. Тука може да се вклучуваат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување. Останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

2.  План за штедење

Лесно е да кажеме дека сакаме да заштедиме 60.000 денари оваа година, но ни треба начин да ја постигнеме таа цел. Еден од полесните начини е да поставиме подцели, односно како да заштедиме по 5.000 денари секој месец. Тоа може да го направиме или преку зголемување на месечниот доход (прекувремена работа, втора работа) или преку кратење на некои трошоци кои сме утврдиле дека можеме да ги избегнеме.

3.  Анализа на задолжувањата

Задолжувањето кое е штетно за личните финансии се сите кредити со високи каматни стапки, како кредитот на кредитните картички, кои се проследуваат од месец во месец. Исто така, треба да се избегнува задолжување за потрошувачка на добра кои лесно ја губат својата вредност, како најнов модел на автомобил, телефон, накит и останати луксузни добра.

Сепак, не секој долг може да се нарече „лош долг“. Задоложување за едукација, започнување на сопствен бизнис или купување на стан/куќа е пример за т.н. „здраво“ задолжување, бидејќи тоа води кон зголемување на идниот доход.

4. Замете го данокот предвид

Пред се, треба да се разбере вашата вистинска заработувачка и како истата се оданочува. Различните извори на доход (плата, инвестирање, наследство и неочекувани-добивки на игра на среќа),  различно се оданочуваат и имаат различни даночни олеснувања. Разбирањето како да се искористат даночните олеснувања  може да има значително влијание врз вашите финансии.

5. Инвестирај во својата пензија

Правилно планирање на пензија е неопходно во случај да треба да ја покриете секоја долгорочна потреба што може да се јави подоцна во вашиот живот.  

Државниот пензиски фонд не ни гарантираг високи примања, но затоа, преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои, не само што ќе ни го задржат, туку ќе ни овозможат и подобар животен стандард.

Доколку пензионирањето е далеку за Вас, тоа е добра вест. Сава Пензија Плус и времето се на Вашата страна. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана

Емпатија- предизвик за човештвото и лидерите

Пишуваме за емпатија, дискутираме како да ја дефинираме, обработиме, идентификуваме, како да живееме со неа и како да ја разбереме. Последниве години многу  често се зборува за емпатија и што значи да се биде емпат. Емпатијата е способност на разбирање на емоциите према другите луѓе и реагирање на истите тие емоции. Значи да се има емпатија према некого  е да можеме да се ставиме во неговите чевли, односно можеме да замислиме како би се чувствувале да сме во иста ситуација. Емпатијата може да се развие, да се учи, но исто така и да се заборави. На светот му е потребна еволуција на емпатијата.

Со развојот на технологијата дошло до тоа човекот заедно со луѓето околу себе да се чувствува осамено. Секако постојат позитивни ефекти од користењето на технологијата, но со преголемо користење  луѓето се повеќе ја губат емпатијата, самодовербата, стануваат депресивни и им се немалуваат социјалните и комуникациските вештини. Напредокот на технологијата зазема се поголем замав и воедно е неизбежен дел од денешното постоење, тешко е да се остане имун на нејзиниот напредок, предностите кои таа ги овозможува, но и на потенцијалните потешкотии кои ги предизвикува. Сето ова може да се рефлектира и на работното место, односно се губи емпатијата помеѓу колегите. Стануваме затворени, нервозни па дури и конфликтни. Компаниите кои остваруваат голем успех и чии вработени имаат најдобри перфоманси се секогаш на врвот кога е во прашање емпатијата. Статистиката покажува дека емпатијата денес е поважна од било кога претходно. Позади секој успешен бизнис многу е веројатно дека ќе пронајдете лидер кој ја усовршил способноста за емпатија. Мора да се знае дека успехот не може да дојде доколку се гледаат само финансиите. Еве неколку начини со кои лидерите можат да ја зголемат емпатијата на работното место:

1.      Лидерите треба да се поврзат со вработените на човечко ниво пред да влезат во бизнисот. Задоволни вработени ќе овозможат успешен бизнис.

2.      Вклучувањето на вработените во донесувањето на одлуки е важно. Разговарајте со нив, спроведете анкети или побарајте нивен придонес во обезбедување на сите неопходни информации и подршка, кои ќе ви помогнат да донесете издржана и аргументирана одлука.

3.      Изградете приспособени планови за сите вработени. Вработените имаат уникатни квалитети и предизвици, и секој е посебен на свој начин. Запознајте ги вашите вработени, кои се нивните интереси и креирајте лични планови за нивен развој.

4.      Покажете вистински интерес за нивните цели и интереси. Можете да го подобрите нивното задоволство од работата со разбирање што го мотивира вашиот тим да работи подобро. Финансиската надокнада за извршената работа мотиви, нo има многу други фактори кои може да мотивираат, како на пример добрата корпоративна култура и вредностите во компанијата.

5.      Споделете ги вашите неуспеси и чувства. Покажете ја вашата човечка страна, т.е. споделете ги вашите неуспеси и како тие искуства ве направиле посилна и помудра личност.

6.      Имајте политика на отворени врати. Без разлика дали сте менаџер или директор, направете ги вашите телефонски броеви и електронски адреси достапни за секого и секогаш бидете на располагање за разговор, предлог или сугестија.

7.      Отворената комуникација е од суштинско значење. Кога лидерите комуницираат ефективно и често, користејќи ја сопствената личност со тоа покажуваат дека другите можат да го следат примерот, што ќе ја создаде таа култура внатре и надвор.

8.      Комбинирајте ја емпатијата со сочувство. Кога луѓето се слушнати без осудување  и кога вистински сакаме да ги разбереме низ што минуваат, со тоа се негуваат врските со лидерот и неговиот  тим.

9.       Слушајте со отворен ум. Да се подобри емпатијата на работното место е да ги слушнеме внимателно вработените и да разбереме како се чувствуваат.

10.  Изразете емпатија преку акција. Со активно слушање се уверуваат луѓето дека го имаат целото ваше внимание и дека нивните грижи се слушнати, а тоа ќе придонесе до решавање на истите.

11.   Размислете за нивниот обем на работа и исцрпеност. Прекумерната работа е сериозен проблем, затоа треба редовно да се контактира со вработените и да се зема  предвид нивниот обем на работа. Лидерите имаат одговорност да забележат и реагираат на знаци на ,,burn out”.

12.  Променете ја вашата перспектива. Со менување на нашите перспективи, ги усовршуваме нашите вештини за слушање и се стремиме подлабоко да ги разбереме туѓите искуства.

13.  Разберете како вашите избори влијаат на другите. За да ја зголемите емпатијата, почитувајте го вашиот тим и обезбедете искрено образложение зад вашите најпредизвикувачки одлуки. Не е лесно,  но добро образложена одлука, полесно се разбира и прифаќа.

14.  Покажете вредност и водете со пример. Лидерите кои сакаат да ја зајакнат емпатијата треба да водат со пример, т.е да покажуваат вредности како што се ,,семејството на прво место‘‘, почит и единство.

15.  Едуцирајте се, посетувајте обуки и усовршувајте ја емпатијата како лидерска и човечка вештина и вредност. Таа се учи.

Време е да застанеме и да почнеме да ги слушаме луѓето околу себе, да ги примиме и да ги разбереме пораките кои ни ги праќаат и на вистински начин да одговориме на истите. Не треба многу за да изнудиме една насмевка, еден убав гест и да ја направиме работната средина место каде ќе се чувствуваме убаво и каде ќе придонесуваме со целиот свој капацитет. Светот денес има огромна потреба од повеќе емпатија. Сите сме подобри, посилни и помудри кога сме обединети во духот и заедничките цели за иднината.

Љубовта и емпатијата не се луксуз, тие се неопходност. Без нив човештвото не може да преживее. – Далај  Лама
 
 
Извор на податоци: Forbes.com, Msu.edu.mk, Slobodenpecat.mk

Како функционира 3 столб?

Верувам дека имате слушнато за 3 столб – доброволното пензиско осигурување, но дали знаете како функционира и кои права ги имате доколку уплаќате придонес во доброволен пензиски фонд?

1. За да може да имате индивидуална сметка од 3 столб, треба да склучите договор со пензиско друштво. Кон договорот може да се приклучи и трето физичко лице-уплаќач, кое би уплатувалo средства во Ваше име доколку Вие не сте во можност. После склучување на договорот, може да вршите уплати на вашата индивидуална сметка – по ваш избор. Може да уплаќате кога сакате и колку сакате и нема никакви пенали или ограничувања. Со оглед на тоа што при исплата на парите, висината на пензискиот надоместок најмногу ќе зависи од износот акумулиран на сметката, мој совет е после склучувањето на договорот да направите траен налог во вашата банка со кој секој месец автоматски ќе се повлекува определен износ од вашата банкарска сметка и истиот ќе се трансферира на вашата индивидуална сметка во 3 столб.

2. Секоја ваша уплата се евидентира на вашата индивидуална сметка која се води на ваш ЕМБГ. Најрано средствата може да ги користите од 52 години за жена и 54 години за маж, а најдоцна на 70 години. Средствата од доброволниот пензиски фонд може да ги повлечете на повеќе начини и во подолг временски период, но може и сите одеднаш – преку еднократна исплата. Во случај на смрт, средствата од индивидуалната сметка заедно со акумулираниот принос се наследни. Во случај на траен инвалидитет, средствата може да ги повлечете без оглед на возраста и пред 52/54 години.

3. Една посебна причина зошто да вложувате во 3 столб е приносот, или народски кажано – каматата која пензиското друштво ќе ја оствари за вас. Имено, задача на пензиското друштво е да ги инвестира пензиските заштеди на сите членови во различни хартии од вредност и приносот од инвестираните средства влијае на висината на Вашата пензиска заштеда.

Остварениот номинален принос на Сава пензија плус може да го следите тековно на следниот линк. За водење на индивидуалните сметки и управување со средствата, пензиските друштва наплаќаат 2 главни вида на провизии:

  • Надоместок од уплатен придонес (влезна провизија), која се пресметува само еднаш при уплата на придонесот, и
  • Месечен надоместок од нето вредност на средствата акумулирани во пензискиот фонд (управувачка провизија), кој се пресметува еднаш месечно. 

Повеќе информации за сите надоместоци кои се наплаќаат кај Доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус имате на следниот линк.

Важно е да се напомене дека управувачката провизија е веќе пресметана во остварениот номинален принос, со тоа што номиналниот принос е во нето износ после платени провизии, трошоци и слично.

4. Во продолжение е наведен начинот на кој се евидентираат уплатените средства на вашата сметка во 3 столб:

ПозицијаИзнос
Бруто уплата на придонес1.000 МКД
Влезна провизија = 2,5%-25 МКД
Нето уплата на придонес975 МКД
  
Вредност на СЕ на даден датум150,25 МКД
Број на СЕ6,489185 СЕ

Пример:

После извршената уплата од 1.000 МКД, Сава пензиско друштво наплаќа влезна провизија од 2,5% или 25 МКД. Остатокот од средствата (1.000 – 25 = 975 МКД) се конвертираат во сметководствени единици (СЕ) на денот на уплатата. Под претпоставка на денот на уплатата 1 СЕ да има вредност 150,25 МКД, вие на тој датум ќе купите 6,489185 СЕ. Овие СЕ ќе бидат додадени на вашата индивидуална сметка.

5. Остварениот принос на доброволниот пензиски фонд се изразува преку порастот на СЕ. Со почетокот на доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус во 2009 година, 1 СЕ изнесуваше 100,00 МКД. Денес во 2023 година истата изнесува над 200 МКД што практично значи дуплирање на вложените средства на членовите кои вршеле уплати во 2009 година. Со други зборови, вие на денот на вашето пензионирање ќе имате вкупни средства кои директно ќе зависат од бројот на СЕ кои сте ги купиле. Со секоја нова уплата, на вашата сметка се додаваат нови СЕ во зависност од вредноста на СЕ на датумот на уплата. Во меѓувреме со остварување на позитивен принос на фондот сите членови имаат бенефит од повисоката вредност на СЕ.

6. Околу сигурноста на средствата, со доверба може да се каже дека пензиското осигурување е високо регулиран сегмент со редовни ревизии од страна на МАПАС и надворешни ревизорски друштва. Пензиските друштва речиси 20 години функционираат на македонскиот пазар, имаат фидуцијарна одговорност и се грижат за парите на членовите исто како за свои пари.

После направена прва уплата, вие секоја година ќе добивате годишен извештај во кој се презентирани детали за сите ваши уплати, вкупна состојба на сметка, во кои инструменти сме ги вложиле средствата од фондот и сл. На дното од извештајот може да се забележи корисничко име и лозинка со кои можете да ја проверите вашата сметка во било кое време на интернет страната на Друштвото www.sava-penzisko.mk.

Ова е мојот прв текст од серија на текстови на тема 3 столб со кој јас и моите колеги се надеваме дека ќе го доближиме овој продукт до нашите сограѓани. Доколку имате одредени прашања, ве молам слободно обратете се до колегите кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања на 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)  (02) 3224 229, www.mapas.mk

Европски ден за заштита на личните податоци

Личните податоци на луѓето се обработуваат секоја секунда – на работа, во нивната секојдневна комуникација во јавните установи, во здравствените институции, кога купуваат стоки или услуги, патуваат или сурфаат на интернет. Луѓето генерално не се запознаени со ризиците поврзани со заштитата на нивните лични податоци и кои се нивните права во овој поглед. Тие ретко се свесни за тоа што можат да направат ако сметаат дека нивните права се прекршени или за улогата на националните агенции за заштита на податоците.

Со развојот на технологијата се зголемува и опасноста од злоупотреба на личните податоци. Технологиите кои се базираат на вештачка интелигенција, се поголемата мрежна поврзаност и се поголемиот број на податоци во облак, го зголемуваат и ризикот од разни малверзации кои се поврзани со личните податоци како што се: кражба на идентитет, разни уцени и слично.

Имајќи ја во предвид важноста на личните податоци, Советот на Европа на 26 април 2006 година донесе одлука 28 јануари да биде прогласен за Ден за заштита на податоците. Всушност овој ден претставува годишнина од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, кој претставува првиот правно обврзувачки меѓународен документ од областа на заштитата на личните податоци, што има за цел да ја подигне свеста и да ги промовира добрите практики за заштита на приватноста и заштита на личните податоци.

Европскиот ден за заштита на личните податоци е годишен настан кој ја подига свеста за важноста на заштитата на податоците и приватноста. Овој ден, исто така, промовира дијалог и соработка помеѓу поединци, организации и влади за прашања поврзани со заштитата на податоците и приватноста.

Овој датум се одбележува секоја година од сите земји членки на Советот на Европа како и од институциите на ЕУ.

Овој ден се одбележува и во нашата држава, и по повод истото, оваа година Агенцијата за заштита на личните податоци, во соработка со Делегација на Европската Унија, Фондацијата за Интернет и општество Метаморфозис и Центарот за правни истражувања и анализи, ќе организираат јавен настан насловен ,,Заедно за заштита на личните податоци‘‘.

              Сава пензиско друштво го усогласи своето работење и постапување со Законот за заштита на личните податоци, а со една и единствена цел, да се исполнат стандардите и начелата поврзани со обработката на личните податоци во насока на обезбедување на законитост, правичност, транспарентност и точност на личните податоци, како и доверливост, интегритет и достапност на личните податоци во информацискиот систем, соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно во однос на целта заради кои се прибираат, со запазување на роковите за чување на личните податоци.

Деловен бонтон, грешки и како да ги избегнеме

Деловен бонтон претставува начин на однесување во една организација ,всушност збир на одредени правила и прописи кои ги регулираат внатрешните и надворешните односи на организацијата, внатрешно помеѓу вработените и надворешно со клиентите, партнерите, конкурентите…

Тој е важен бидејќи создава професионална атмосфера со взаемно почитување и ја подобрува комуникацијата што и помага на организацијата да служи како продуктивно место т.е. вработените да се чувствуваат подобро на нивните работни места.

Во секоја работна  организација намерно или ненамерно се прават деловни бонтон грешки кои знаат да го нарушат односот и помеѓу вработените и помеѓу клиентите . Петте најчести  грешки кои се прават:

(Не)поздравување – кога вработените во една организација избегнуваат поздрав , тие губат од градењето врска помеѓу себе и колегите или клиентите , а така ја губат и работната цел.

-Едноставен контакт со очи, насмевка или користење на некои основни комуникациски вештини се доволни за колегите и клиентите  да се чувствуваат пријатно и добредојдени.

Чекање – оставањето на колегата или клиентот да чека, а претходно сте договориле деловен состанок , без никакво објаснување и извинување е непристојно.

-Извинување или објаснување каде ќе се наведе временска рамка во кое е нагласено доцнењето (десет, триесет минути или еден час) е сосема доволно.

Доцнење во работниот процес – кога вработените во една организација извршуваат активности кои се во ланец, секое доцнење го става колегата кој треба да продолжи со процесот во теснец со времето и создава непотребен притисок и вознемиреност.

-Бидете одговорни и почитувајте ги роковите. Со тоа искажувате почит спрема колегите и нивното време.

Прекинување на разговор или деловен состанок – честопати се случува некој да прекине разговор или состанок без претходно да се извини. Најголем проблем претставуваат мобилните телефони кои се користат и кои знаат често со нивното ѕвонење и јавување да прекинат разговор или состанок.

-Добар деловен бонтон е да се исклучат мобилните телефони, или доколку се очекува важен повик претходно да се известат присутните и разговорот да се заврши за кратко време.

Недостаток на почит и учтивост – честопати се случува некој клиент да има невообичаено барање, а да добие негативна реакција и да биде третиран како да нема право на такво барање.

-Секогаш треба да се покаже учтивост и почит кон таквите клиенти, објаснувањето дека организацијата има правила според кои се води и дека барањето не може да се одобри, затоа што се прекршуваат правилата кои важат за сите и дека исклучок и отстапки не се прават е повеќе од доволно.

Нарушување на довербата – кога некој од колегите или клиентите каже во доверба нешто доверливо, не е прифатливо да се оди наоколу и да се пренесува на другите.

Ваквото однесување создава негативен впечаток во организацијата за личноста која се доверила.

Успешните организации секогаш имаат една работа која претставува темел според кој се водат и функционираат, а тоа е високиот стандард на деловен бонтон со јасни и пропишани правила:

Правило бр.1 Користење имиња на деловни состаноци

Лесно е да се заборават имињата на личностите кои учествуваат на деловниот состанок, па затоа добро е нивните имиња да бидат запишани но претходно да се внимава на нивниот правопис. Сепак е треба да се знае дека некои личности сакаат и претпочитаат да им се обраќаат по формално со Г-дин, Г-ѓа, Г-ца или со титулите кои ги имаат.

“Однесувајте се со другите, како што би сакале да се однесуваат кон вас самите.”

Правило бр.2 The tree R (recognition, respect, response)

Recognition (препознавање) -користење имиња и поздрави

Respect (почитување) -постапување со почит, вредност, учтивост и извинување таму каде што наложува ситуацијата

Response (одговор) – клиентите не сакаат да чекаат, тие сакаат одговори и решенија

Правило бр.3 Гардероба и хигиена

Валканата облека , несредени нокти, нечистата коса и особено мирисот на телото можат да бидат пресудни особено ако работиме со надворешни клиенти

Правило бр.4 Невкусни шеги

Правењето шеги во моменти кога тоа е несоодветно, покажува недостаток на чувствителност. Шеги од типот за раса, инвалидитет, религија се недозволиви во една организација каде што деловниот бонтон се смета за темел на организацијата.

Правило бр.5 Благодарност

Благодарноста  е едноставно учтивост. Всушност да се покаже благодарност на некого што извршил задача што не е во описот на неговите обврски само за да помогне е многу важно, придонесува за подобра внатрешна меѓусебна комуникација.

Правило бр.6 Телефонски бонтон

Следењето, прислушувањето, грубата комуникација и оставањето некој да чека од другата старана е непрофесионално и неприфатливо.

Правило бр.7 Претставување

Во деловниот свет мажот прв се претставува на жена. Жена се претставува прва доколку мажот е на повисоко хиерархиско ниво.

Правило бр.8 Во ресторан на деловен ручек

Мажите влегуваат први и ја држат вратата отворена за да влезат дамите. Доколку организатор на деловниот ручек е дама, таа влегува прва, а гостите по неа. Мажот секогаш ја придржува столицата и помага при облекување на капут или палто. Првите минути се посветени на теми кои не се поврзани со бизнисот. Гостите секогаш први нарачуваат.

Деловниот бонтон може да не научи како да се фокусираме на мали нешта навидум неважни, но сите заедно прават голема разлика, посебно на работните места помеѓу вработените во организацијата и нивната комуникација меѓусебно и со клиентите.

Значајни приливи од камати и дивиденди во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 23.12.2022 – 04.01.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 10.199.029,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      41.716,65 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR MSCI ACWI ex-US (ETF);

–      56.806,13 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF;

–      4.212,38 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      138.532,94 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF.

Дополнително, Ве информираме дека во периодот од 23.12.2022 – 04.01.2023 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 457.549,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      1.623,36 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANECK GOLD MINERS ETF;

–      111,39 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      3.995,03 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на членовите и пензионираните членови.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Време за планирање

Се надевам дека секој од вас има направено груба пресметка на својата пензија од прв и втор столб следејќи ги упатствата во моите последни неколку блогови. Следна работа која треба да се направи е солиден план со кој ќе ги постигнете вашите финансиски цели. Новогодишните и божиќните празници се фантастичен тајминг за поставување на план – кој треба да се оствари во новата година како и после тоа. Исклучете го телевизорот, викнете ги и останатите членови од вашето семејство, земете лист и пенкало и може да почнеме.

1.На левата страна ставете ги сите ваши приходи кои ги очекувате во новата година, а на десната страна сите ваши трошоци. Во трошоци ставете ги и ратите за вашите кредити кои ги имате. Разликата помеѓу приходите и трошоците е вашата заштеда која ќе ја направите во новата година.

Колкава е таа разлика? Дали може да се намалат трошоците или зголемат приходите? Размислете

2. Колкава сума на пари би сакале да имате кога ќе се пензионирате? Уште колку години имате до пензија? Дали разликата која ви останува ќе биде доволна за да ја постигнете вашата цел?

Моите колеги од Сава пензиско друштво имаат изработено прецизен калкулатор – „мој пензиски план“ (Калкулатор) кој ќе пресмета колкава идна акумулација би имале доколку почнете со вложување во нашиот доброволен пензиски фонд.

Вредностите подолу се преземени од калкулатор – „мој пензиски план“, со очекуван принос од 5% и уплата од 6.000 МКД – месечно: 

Очигледен е ефектот на „compounding“ за период од 30 години за кој пишував во повеќе блогови претходно. Околу стапката на принос, проверете ги остварените номинални стапки на принос во минатото на нашиот доброволен пензиски фонд на следниот линк.

Дали некаде на друго место би можеле да добиете очекуван принос од 5%, или повеќе? Проверете ги каматните стапки во вашата банка, или можеби приносите на компаниите за животно осигурување. 

Во крајна линија, дали ќе го остварите вашиот план зависи само од вас. Јас сум сигурен дека секој од нас може да живее поефикасно – со намалување или елиминирање на одредени трошоци, или остварување на дополнителни приходи. Со ефикасноста ќе создадете и ќе ги зголемите вашите заштеди.

Заштедите инвестирајте ги редовно и мудро. Отворете пензиска сметка во нашиот доброволен пензиски фонд. Направете траен налог во вашата банка – со трајниот налог автоматски ќе се трансферира одреден износ од вашата трансакциска сметка на вашата пензиска сметка. Со ова ќе ги активирате заштедите вредно да работат за вас.

Задржете ја дисциплината, инвестирајте редовно, работете вредно – тоа е патот на успехот. Најголемата опасност за не-остварување на вашиот план е да чекате и да не правите ништо – под изговор дека сте млади, дека има доста време, дека баш сега треба да се проживее итн.

Ви посакувам многу здравје и среќа за вас и вашите семејства во новата 2023 година!

* Пресметката е од информативна природа. Добиениот износ на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите: период на уплата, месечен или годишен износ на доброволен придонес, надомест од уплатени придонеси и очекувана стапка на принос. Во пресметката се вклучени ставките: „надоместок за управување со средствата“ и „трансакциски трошоци“, за повеќе детали отвори.

Приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот Доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со Доброволниот пензиски фонд. Идните стапки на принос не се гарантирани.

Исплатата на пензиски надоместок од доброволно пензиско осигурување се оданочува согласно одредбите од Законот за  данок на личен  доход.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Повеќе од 30 милиони денари од камати и над 500 илјади долари приливи од дивиденди во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Почитувани членови и пензионирани членови,
 
Ве информираме дека во периодот од 14.12.2022 – 22.12.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 559.187,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 31.062.736,00 денари.
 
Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:
 
–      37.180,98 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL TECH ETF;
–      46.895,57 евра, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES STOXX EUROPE 600 UCITS ETF (DE);
–      4.510,74 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES CYBERSECURITY & TECH;
–      2.125,52 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES U.S. MEDICAL DEVICES;
–      3.605,91 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL CLEAN ENERGY;
–      15.471,95 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;
–      9.626,71 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES SEMICONDUCTOR ETF;
–      121.772,24 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
–      34.680,25 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;
–      5.181,14 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;
–      70.602,43 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES MSCI UNITED KINGDOM ETF;
–      80.563,13 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES MSCI GLOBAL MIN VOL FACTOR;
–      8.080,38 САД долари, од инвестираните средства во компанијата THE ESTEE LAUDER COMPANIES INC;
–      13.601,73 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд HEALTH CARE SELECT SECTOR SPDR FUND;
–      15.221,61 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR;
–      10.088,96 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;
–      40.143,60 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
 
Истовремено, Ве информираме дека во периодот од 14.12.2022 – 22.12.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигна прилив од каматa во износ од  5.984,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 343.116,00 денари.
 
Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:
 
–      1.374,61 евра, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES STOXX EUROPE 600 UCITS ETF (DE);
–      274,43 САД долари, од инвестираните средства во компанијата THE ESTEE LAUDER COMPANIES INC;
–      1.251,75 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;
–      2.557,97 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES MSCI GLOBAL MIN VOL FACTOR;
–      2.351,22 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES MSCI UNITED KINGDOM ETF;
–      72,51 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL CLEAN ENERGY;
–      137,76 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES CYBERSECURITY & TECH;
–      32,75 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES U.S. MEDICAL DEVICES;
–      701,88 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES GLOBAL TECH ETF;
–      193,35 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES SEMICONDUCTOR ETF;
–      1.025,32 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;
–      437,04 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;
–      256,01 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;
–      4.796,14 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;
–      71,67 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;
–      423,40 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR и
–      242,53 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд HEALTH CARE SELECT SECTOR SPDR FUND.
 
Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди..
 
Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/
 
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Празнување на Божиќ

Божиќ е денот кога христијаните од целиот свет го слават Христовото раѓање. Црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 25 декември, додека црквите кои го користат јулијанскиот календар го прославуваат на 7 јануари. Божиќ е празник на раѓање на нов живот, на надеж и радост.

Ниту еден празник нема повеќе народни обичаи, ритуали и обреди кои во голем дел се задржале до денес. Но многу од обичаите се прилагодени на современиот начин на живеење.

Матеја и Ива ни ја пренесуваат традицијата на славење на Божиќ, секоја за својата земја.

Празнување на Божиќ во Словенија

Четири недели пред Божиќ почнува да тече времето на адвентот, коешто во богослужбата е наменето за очекување на доаѓањето на Исус, односно на неговото раѓање. Првата недела од адвентот по правило почнува меѓу 27 ноември и 3 декември. Времето на адвентот завршува по четвртата недела на адвентот, вечерта пред Божиќ. Еден од симболите на адвентот е венецот со четири свеќи. Првата недела од адвентот на него се пали една свеќа, втората недела две свеќи, а третата и четвртата сите четири свеќи.

Порано домаќинките два дена пред Божиќ печеле штрудли со ореви, афион или тарагон. Исто така печеле и медени колачи и божиќен леб. Божиќниот леб е обреден леб, којшто денес е заменет со овошен колач. Празнувањето на Божиќ се одвивало на скромен начин.

На 24 декември, односно на светата вечер, се собирале семејствата и ги поставувале јаслите, коишто ги изработувале од хартија. Јаслите се мали фигури или слики, поставени на избрано место за божиќните празници, како симболичен приказ на раѓањето на Исус. Фигурите во јаслите се најмалку три: Марија, Исус во јаслите и Јозеф. Вообичаено во симболичната штала се поставени овци со овчари, а во малата штала има уште и вол и магаре, како симбол на двата извори на христијанството (јудаизмот и паганството). Речиси секогаш се додаваат и ангели. Честопати над шталата е поставена ѕвезда комета.

Членовите на семејството заедно ја украсувале елката, на којашто закачувале ситни јаболка, домашни колачиња и бонбони. Семејствата потоа се облекувале празнично, земале факели и ги натопувале во смола и се упатувале на полноќната миса. Одејќи по патот пееле божиќни песни, а децата се забавувале во снегот. Полноќната миса е света миса, којашто во црквите традиционално почнува на полноќ, кога божиќната вечер му го отстапува местото на денот на Божиќ.

На 25 декември, на божиќното утро, се сечел лебот и луѓето заминувале на миса. Божиќниот појадок се состоел од леб и чај, а за божиќниот ручек домаќинките подготвувале говедска супа, печено месо, салата од зелка и пржени компири. За божиќната вечер јаделе леб, месо и штрудла.

На 26 декември, односно на денот на Свети Стефан семејствата ги посетувале роднините и пријателите. 

Божиќ денес се празнува поинаку, најчесто во кругот на семејството, а елементите на празнувањето се преземени и во некои семејства, чиишто членови не се верници, бидејќи во последните неколку века тие станаа дел од словенечката традиција. Така, на денот пред Божиќ, сè уште се пече штрудла, а на светата вечер членовите на семејството се собираат на вечера, за којашто најчесто со подготвува печено месо, односно некое поубаво јадење. Просторијата е украсена, при што во преден план се светилки, свеќички и шарени украси, а масата може да ја краси и адвентски венец. Согласно со свеченоста на празникот луѓето честопати се облечени во поубава облека. Повеќето од нив најдоцна на ден пред Божиќ поставуваат јасли и божиќна елка, под којашто таа вечер или следното утро се наоѓаат подароците, коишто ги носи Дедо Мраз. Тој е митолошки добар човек од поново време, којшто ги презел цртите на св. Миклавж и ги споил со други ликови. Верниците по вечерата сè уште заминуваат во црквите, на полноќна миса.

Празнување на Божиќ во С. Македонија

Подготовките за Божиќ кај нас, во православието по јулијанскиот календар, започнуваат четириесет дена претходно, пред 7 јануари кога започнува Божиќниот пост кој претставува прочистување на духот и телото.

Денот воочи Божиќ, се нарекува Бадник. Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски, да бидеш буден. На тој ден традиционално се сечат бадникови гранки од дабово дрво и со нив се украсува домот. Бадниковото гранче го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Дабово дрво отсекогаш се сметало за најиздржливо и највековито. 

Обичај е рано наутро, на Бадник децата да одат по куќи и да пеат традиционални бадникови песни пред домаќините, со што се симболизира ширењето на веста за Христовото раѓање, а децата добиваат дарови од домаќините како симбол на даровите кои мудреците ги принеле пред Исус Христос.

 Со овој ден веќе започнува Божиќното славење. Со вечерата на денот пред Божиќ, на Бадник завршуваат предбожиќните пости.

На Бадник вечерата се одвива во кругот на семејството и се послужува посна вечера, риба, грав, тиква, ореви и суво овошје. Во некои краеви за Бадниковата вечер се меси обредно бадниково лепче кое се дели на онолку делови колку што има членови во семејството и во него се става паричка. По разделување на лепчето помеѓу домашните, за оној кој ќе ја пронајде паричката во своето парче се верува дека во текот на годината ќе биде благословен, ќе го прати среќа и благосостојба.

На првиот ден на Божиќ на 7 јануари, рано наутро ѕвонат црковните ѕвона, луѓето свечено облечени присуствуваат на утринска божиќна литургија во црквите.

Обичај е на Божиќ луѓето да се поздравуваат со „Христос се роди“ , а отпоздравуваат со „Навистина се роди“.  Доколку се праќа пишана честитка вообичаено се пишува „Мир Божји, Христос се роди“

Божиќ е празник кога целото семејство е заедно. Со Божиќ е врзана и поговорката „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си“ со што се истакнува дека Божиќ се прославува во кругот на семејството.

По некои стари обичаи првиот гостин кој ќе влезе во куќата на Божиќ се нарекува „положајник“. Најчесто тој специјален гостин е однапред договорен, пријател на куќата кој им посакува добро здравје и бериќет на домашните, но може да биде и случаен минувач. Најважно е положајникот да има чиста душа и добри намери. Доколку минатогодишниот положајник донел среќа и благосостојба на семејството, тогаш се повикува истиот да биде првиот гостин во куќата и наредната година.

Обичај е домовите да се красат со божиќни декорации, да се кити елка чие значење се поврзува со симбол на вечен живот и вечна надеж. Се прават венци од гранки од зимзелени дрва, а венецот во форма на круг претставува вечност и бескрајна љубов.

За Божиќ семејството се собира на Божиќен ручек, а трпезата е свечена поставена и богата со храна. Домашните се даруваат меѓу себе со пригодни подароци. Но најважно е чувството на мир, љубов, надеж и радост со семејството.

Важно е да на идните генерации да се пренесе значењето на Божиќ, празнувањето и да се пренесуваат традициите и ритуалите.

Во суштина на празнувањето е споделување на љубов, радост со семејството, со најблиските. Божја љубов за сите. Тоа е вистинското значење на Божиќ.

Празникот е наменет за квалитетно поминување на времето со семејството и задлабочување во самите себе си, што сè почесто забораваме да го правиме, бидејќи „потрошувачкиот дух“ ни ги украде нашите вредности, како што се љубовта, почитувањето, сочувството.

Божиќ нека ви донесе мир, среќа, здравје и радост, а Новата година нека ви ги исполни сите желби што тивко ги посакувате во себе си.

Приливи од дивиденди во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус од INTEL CORPORATION, LVMH MOET HENNESSY LOUIS VUITTON SA, HONEYWELL INTERNATIONAL INC, MICROSOFT CORP

Ве информираме дека во периодот од 02.12.2022 – 13.12.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигна прилив од камата во износ од 415.057,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.279.926,00 денари.
 
Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:
 
–      30.691,94 САД долари, од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;
–      20.452,50 евра, од инвестираните средства во компанијата LVMH MOET HENNESSY LOUIS VUITTON SA;
–      15.096,30 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC;
–      16.052,58 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и
–      6.664,00 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP.
 
Во тој период, на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од  50.564,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 151.995,00 денари.
 
Во истиот период на сметката на Сава пензија плус пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:
 
–      1.047,55 САД долари, од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;
–      297,77 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC;
–      517,50 евра, од инвестираните средства во компанијата LVMH MOET HENNESSY LOUIS VUITTON SA;
–      453, 44 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF и
–      258,47 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP.
 
Овие приливи се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на членовите..
 
Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/
 
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk