Над 100 илјади долари и повеќе од 4,7 милиони денари приливи од дивиденди во Сава пензиски фонд, а на сметката на Сава пензија плус пристигнаа повеќе од 3 милиони денари приливи од камати

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 26.05.2022 – 14.06.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 8.568.784,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 15.027.526,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      14.363,47 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC;

–      21.378,97 САД долари, од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;

–      12.770,37 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INV GR CORP BD;

–      49.301,06 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR MSCI ACWI ex-US и

–      5.311,73 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP

        и

–      4.711.445,00 денари, од инвестираните средства во компанијата Македонијатурист АД Скопје.

Понатаму, Ве информираме дека во периодот од 26.05.2022 – 14.06.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 137.533,00 денари  по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.957.832,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      283,32 САД долари, од инвестираните средства во компанијата HONEYWELL INTERNATIONAL INC.;

–      900,64 САД долари од инвестираните средства во компанијата INTEL CORPORATION;

–      360,72 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF;

–      220,47 САД долари, од инвестираните средства во компанијата MICROSOFT CORP и

–      521.452,00 денари, од инвестираните средства во компанијата Македонијатурист АД Скопје.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Сава пензиско друштво а.д. Скопје со донација на Сензорна соба за ООУ „Ј. Х. Песталоци“ – Скопје го прослави својот 17ти роденден

Нашето Друштво основано во 2005та година, прославува 17 години на постоење. Во овие 17 години, успешно ја спроведуваме нашата мисија да обезбедиме финансиска сигурност и одржлива иднина за нашите членови, нашите вработени, нашите партнери и нашите сопственици.

Преку раст на вредноста на пензиските заштеди се стремиме да обезбедиме соодветна пензија за нашите членови. На вработените им овозможуваме професионален и личен развој, а на сопствениците соодветен поврат на капиталот. Преку одговорно работење ние креираме вредност за општеството.

Овогодинешното одбележување на нашиот роденден беше во насока на создавање на поубава и поздрава иднина за генерациите кои доаѓаат, преку организирање на низа  општествено одговорни активности, кои беа под иницијативата СРЦЕ ЗА СВЕТОТ. Оваа иницијатива, која се спроведува на ниво на Сава Осигурителна Групација ја става во фокус општествената одговорност и придонесот кон одржлив развој на сите членки во оваа Групација и на сите поединци, вработени во Групацијата, преку корпоративно волонтерство.

Како еден сегмент од оваа иницијатива е и донацијата на средства за опремување на Сензорна соба во едно од основните училишта на територија на градот Скопје.

„Како компанија која односот кон човечката околина и општеството го гради единствено преку призмата на одржливост и инклузивност, со огромно задоволство ја прифативме  иницијативата на раководството на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ да ја реализира донацијата за адаптирање на една од образовните простории во специјална, Сензорна соба која ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат децата со атипичен развој“ – истакна Коста Ивановски – Член на Управниот Одбор на отворањето на Сензорната соба.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Начини на стимулирање на вработените за поголема успешност на компанијата

Дигиталната револуција и постојаниот развој на работната околина во 21 век стојат зад растот на феноменот наречен поврзани вработени. Луѓето се повеќе се потпираат на технологијата и мобилните уреди за извршување на нивните секојдневни задачи и одговорности. Како резултат на тоа, многу компании агресивно инвестираат во дигитални технологии за да воспостават врска со вработените.

Сепак, една од најголемите заблуди за дигиталната трансформација е дека технологијата ја игра главната улога. Технологијата е алатка, но луѓето треба да бидат во фокусот на иновациите.

Не можете да создадете поврзана работна сила освен ако вашите вработени немаат заедничка цел да споделуваат и следат. Оттука, важно е да се промовира визијата на компанијата низ целата организација. Ефективен начин да се направи тоа е споделување на визијата, мисијата и вредностите во лесно достапна платформа.

Следниот чекор е да ги споделите организациските цели со вашите вработени за да можат да ги усогласат нивните индивидуални цели со нив. Овозможете му на секој човек во организацијата да постигне повеќе.

Дајте им глас на вашите вработени – Според Форбс, вработените кои чувствуваат дека се слушнати имаат 4 пати поголема веројатност да бидат мотивирани да дадат се од себе на работа. Погрижете се да поттикнете отворени и значајни разговори во вашата организација. Обезбедете им на вашите вработени достапни канали за внатрешна комуникација за да ги изразат своите мислења и идеи за перформансите на бизнисот.

Слушнете што всушност велат вашите вработени и постапете според тоа – Дали редовно спроведувате анкети за инволвирање на вработените? Дали поттикнувате редовни состаноци еден на еден? Дали слушате, мерите и што е најважно, постапувате според она што вашите вработени имаат да го кажат? Секогаш слушајте ги вашите вработени кои можеби знаат подобро од вас. Едноставно не можете да бидете експерт за сè. Затоа, од витално значење е да се опкружите со луѓе со различни вештини, кои се експерти во она што го прават.

Дополнително, дајте инспирација во вашиот тим на вработените постојано да учат, да прашуваат, и да се поврзуваат со своите колеги и останати тимови. Сава пензиско друштво спроведува анкети и состаноци, со цел да ги слушне мислењата, идеите и предлозите на своите вработени.

Помогнете му на секој вработен да ги постигне своите цели – Инспирирањето на вашите вработени да постават и да постигнат индивидуални цели е одличен начин да ги мотивирате и да им помогнете да се развијат. Поттикнете го личниот и професионалниот развој, погрижете се вашите вработени да се свесни за различните опции за тоа како да напредуваат во нивните кариери во вашата организација.

Вклучете се во секојдневните активности – Разговарајте со вашите вработени. Истражувајте други теми освен работата. Обидете се да ги запознаете луѓето кои работат за вас. Што ги интересира? Што прават надвор од работа?

Запознавањето со вашите вработени не само што ќе покаже дека се грижите за луѓето кои работат за вас, туку исто така може да ве изложи на вештини и знаења што не сте ни знаеле дека ги имате во бизнисот.

Микс од работа и забава преку надворешни активности, тим билдинг и дружењето надвор од работното место значително ќе придонесе луѓето да се поврзат и да создадат врски кои се нераскинливи при извршување на работата, но ќе опстанат понатаму и како пријателства.

Компанијата треба да ја негува визијата и да продолжи да ја пренесува на тимовите преку грижа за најважниот ресурс – луѓето. Покажувањето интерес за своите вработени е најлесниот начин да се развијат вработени кои се поврзани меѓусебе. Најпрво, луѓето треба да бидат на прво место: сите вработени – без разлика на нивната позиција или колку добро ја извршуваат својата работа – сакаат да бидат почитувани и ценети за нивниот придонес.

Почитта доаѓа во многу различни форми: почитување на мислењето, почитување на времето, почитување на културата и многу повеќе. Но, почитта е двонасочна улица. Вработените, исто така, треба да ги почитуваат своите работодавци и сопствената кариера, наместо да ги гледаат своите работни места и плати само како нешто на кое имаат право.

Потоа, бариерите за информации треба да се срушат:информациите се моќ, а работодавците традиционално ја користат оваа моќ со селективно давање информации на вработените или задржување на дел од нив.

Организациите денес повеќе не можат да си дозволат практика на селективна комуникација. Вработените мора да бидат информирани, преку постојана, целосна, транспарентна и неограничена комуникација од нивните соработници, менаџери и клиенти – за тоа што се случува во организацијата и нивното место во неа. Само кога ќе имаат целосни информации вработените можат и ќе дадат се што имаат на нивната организација.

Како компаниите да се поврзат со своите вработени?

Отвореното комуницирање со вработените, препознавањето на добро завршената работа и давањето простор за раст значително ќе го подобри нивниот ангажман и патеката по која треба да се движи една компанија.

Каква разлика би направила една компанија која може да го предизвика секој од вработените да решава проблеми, да дава препораки, да ги изразува своите нови идеи и да се грижи за клиентите? Одговорот е едноставен – неизмерно многу.

Секоја компанија денес има потреба од вработени кои се ентузијасти и кои го даваат најдоброто од себе на работа. На компаниите им е потребно тоа не само од најдобрите вработени, туку и од секој вработен, за да бидат конкурентни на пазарот, да опстанат, да напредуваат.

Единствениот елемент што ја разликува една компанија од друга, повеќе од било што друго се луѓето и напорот што го вложуваат.

Поврзувањето на вработените е повеќе од обичен социјален ангажман. Тоа е заедничка визија, мисија и вредности на една компанија. Поврзувањето на вработените создава компаниска култура која не само што е инклузивна, туку и обезбедува вистинско чувство на припадност и промовира прогресивни идеи, иновации, а со тоа и раст на бизнисот.

Таквата компаниска култура е заразна и развива вработени кои уживаат во својата работа, пристапуваат кон работата со итност, ентузијазам и на проактивен начин.

Како се создава една таква работна сила? Првиот чекор е да се проценат нивоата на поврзаност на вработените едни со други, како и со вашиот бизнис. Тоа може да се дознае доколку одговорите на следните прашања:

  1. Дали вашите вработени одат над своите можности и чекор подалеку за да им помогнат на своите соработници?
  2. Дали се тука еден за друг и си помагаат?
  3. Дали вашите вработени се посветени на компанијата и го имаат на ум нејзиниот најдобар интерес?
  4. Дали вашите вработени се трудат да се подобрат себеси и да го подобрат својот квалитет на работа?

Компаниите сè повеќе се свесни за важноста на тоа да имаат добра организациска клима, задоволни и ангажирани вработени, кои со страст и ентузијазам ќе ја извршуваат својата работа. Во овој контекст се повеќе компании преку посебно креирани анкети го осознаваат мислењето на своите вработени за организациската клима, нивното задоволство и нивниот ангажман.

Во Сава пензиско друштво направивме вакво истражување од кое произлегоа одлични резултати од кои може да се заклучи дека:

  • Во однос на организациската клима, вработените меѓусебно си помагаат во заедничкото создавање и се задоволни од работната средина, а просечната оценка согласно утврдената анкета е 4,21 (на скала од 1 до 5);
  • Во однос на задоволство на вработените, тие се изјаснуваат дека се целосно задоволни од нивната моментална работа, па така утврдената просечна оценка изнесува 4,32 (на скала од 1 до 5);
  • Дури 75% од анкетираните вработени се изјасниле дека својата работа ја извршуваат енергично и со страст, што значи дека имаме висок процент на ангажирани вработени. Куриозитет во резултатите од нашето истражување е дека неангажирани вработени нема, односно ниту еден наш вработен не изразува незадоволство од извршување на работата.

Резултатите кои ги добивме во нашето мерење се споредуваат со индекси и просечни резултати на група компании и со задоволство можевме да констатираме дека оценките кои ги даваат нашите вработени се значително повисоки, што ја позиционира нашата компанија како компанија со добра организациска клима и задоволство на вработените.

Шампионската титула по петнаесетти пат во рацете на одбојкарките на Работнички, освоена “двојна круна”

Јас отсекогаш сум бил љубител на спортот, но одбојка немав гледано никогаш. Една од моите пријателки која играше за ОК Работнички ме покани да одам да гледам нивен натпревар и јас со задоволство ја прифатив поканата и одлучив да отидам да видам еден одбојкарски натпревар. Тој ден бев многу пријатно изненаден и импресиониран од сите девојки, одбојкарки бидејќи дојдоа да ме поздрават и да ми се заблагодарат што сум дошол да ги бодрам.

После натпреварот мојата пријателка ме праша дали сакам да се фотографираме, јас помислив дека ќе се фотографирам само со неа, но сите девојки од клубот сакаа да се запознаат со мене и да се фотографираат. Ми рекоа дека сум им носел среќа и дека сум поканет на секој следен натпревар повторно да им дадам поддршка.

Се спријателив со сите девојки и почнаа секој натпревар да ме викаат да одам да им држам среќа, ме викаа заедно со нив и на кафе и на концерти. Бев изненаден и фасциниран од девојките, беа многу дружељубиви, но и полни со ентузијазам за победа. Се играше финален натпревар од купот на Македонија во Струмица.  Јас не можев да отидам бидејќи немав превоз и одлучив да гледам на телевизија. Силно во себе знаев дека девојките ќе го освојат купот. Во нивните очи се гледаше  силна желба за победа, но и голема борбеност, истрајност и посветеност на натпреварот. Дадоа максимум од себе, одлично одиграа и заслужено победија.

По завршување на мечот и освојувањето на купот, во текот доделувањето на  медалите, капитенот на тимот Тамара Стојанова и Антонија Баталаковска, моите најдобри пријателки, ме поздравија со симболичен гест со направено срце за мене, бидејќи играле за мене. Им бев премногу благодарен. Многу убав гест кој што првпат ми се случи и никогаш нема да го заборавам. Бев пријатно изненаден и премногу среќен. Девојките се многу добри, паметни, културни, воспитани и со големо срце. Многу ги засакав и ми влегоа во срце. Кога станаа шампиони и го освоија првенството, на прославата ме поканија и мене, како дел од нив.

Прекрасно е чувството да бидеш опкружен со прекрасни личности како девојките, кои знаат да го ценат искреното пријателство. Чест и задоволство ми беше да бидам дел од такво пријателство.

Оттогаш на секој натпревар бев посебен гостин кој што седеше на нивната клупа, дури ако требаше некој од стручниот штаб ќе отидеше горе на трибина, само за да седам јас доле кај девојките. Како дел од нив секогаш имаше место за мене и тоа ме натера да го засакам тој тим. Бев горд на нив, силно верував во нив и секогаш ги бодрев.

Секој натпревар го играа од срце за клубот ОК Работнички. Тие девојки се како едно семејство и јас бев дел од тоа семејство, и се чувствував така бидејќи тие искрено правеа да се чувствувам така. Тоа е едно големо и искрено пријателство кое не може да се опише со зборови и секој треба да го доживее.

Девојките од другите тимови кои не ме познаваа доволно, а ме гледаа секој натпревар како ги бодрам одбојкарките на ОК Работнички, ме прашуваа кој сум јас, и дали сум спонзорот на тимот. И така еден ден ми дојде идеја и одлучив на еден од моите колеги, Коста Ивановски, Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво (користам прилика да го поздравам) да му раскажам за сите овие убави моменти и да го прашам дали постои можност да им помогнеме и да бидеме спонзор на тимот, бидејќи нашето Друштво дава поддршка на спортски субјекти за развој на спортот во нашата земја.

Мој предлог беше да им дадеме поддршка и предлогот беше одлично прифатен од страна на мојот драг колега. Со задоволство ме поддржа и рече ,,Зошто да не, вреди за нив да направиме мал чекор, а тие тоа многу ќе го ценат’’. Така и се случи, Сава пензиско друштво стана спонзор на ОК Работнички и на дресовите гордо го носат нашето лого и име на Друштвото.

Оваа сезона силно верував дека со наша поддршка ќе успеат да постигнат високи резултати.  Започнаа одлично во првенството, се бореа како лавици, се трудеа и немаа ниеден пораз на 20 првенствени натпревари.   

Оваа година се играше финален натпревар од купот на Македонија во Кавадарци. На почетокот на натпреварот започнаа со просечно играње, помалку од максимумот што можеа да го дадат, но не се предадоа и се вратија од негатива која крајно финализираше со победите. Докажаа дека  со макотрпна работа, тимска игра и позитивна поддршка може да успеат во целта.

Јас не можев да присуствувам, но им давав поддршка пред малите екрани и силно верував дека ќе успеат во тоа и не ме разочараа. Со одлична игра стигнаа и до финалето на првенството на Македонија без никакви потешкотии со само еден пораз.   

Но девојките кои многу добро ги познавам никогаш не се откажуваат лесно, се трудат секогаш да го дадат својот максимум и да се вратат од негатива од 2-0 во натпревари на 2-1 и секако, тоа само по себе дава поголема самодоверба дека можат да се вратат целосно и дека ништо не е готово.

На четвртиот натпревар покажаа сила дека можат да одиграатперфектно за да не дозволат домаќините да го освојат првенството на свој терен, бидејќи така беше полесно. Но нашите девојки тоа не го дозволија и се вратија од негатива на нерешен резултат кој се играше до три добиени натпревари.

Последниот натпревар беше одлучувачки за тоа кој ќе освои и ќе биде подобар . Тоа и се случи. оваа година ја освоија двојната круна и многу ме израдуваа.  Мило ми е што за нив се потрудив да направам  мал чекор, бидејќи заслужуваат. И го оправдаа. И повеќе од тоа. 

Стекнување здрава навика

,,Силата не доаѓа од физичкиот капацитет, таа доаѓа од нескротливата волја” –Махатма Ганди

Сите ние имаме навики и ритам на живеење. Кога станува збор за развој на успешна кариера, добро здравје или едноставно балансиран живот, стекнувањето на здрави навики е од голема важност. Стекнувањето на нова здрава навика не може да се случи преку ноќ.

За да се направи позитивна промена потребна е желба, енергија, фокус и време. Се смета дека во просек се потребни 30 до 60 повторувања за да се создаде нова здрава навика. Секако, желбата е неминовна.

Зашто да одбереме трчање?

  • Трчањето додава години во вашиот живот, но и живот на вашите години

Медицинските истражувања поврзани со трчањето и долговечноста покажуваат дека трчањето придонесува за кардиоваскуларна кондиција, помалку масти, понизок холестерол, контрола на гликоза и инсулин, посилни коски, регулирање на хормоните, позитивно невролошко функционирање. Овозможува долг, продуктивен, активен и здрав живот.

Едно истражување на Универзитетот Ball State USА, открива дека група од 75 годишни тркачи (кои трчале 50 години), имаат биолошки профили поблиски до 25 годишните дипломирани студенти отколку до нивните врсници-невежбачи.

  • Трчањето го подобрува имунолошкиот систем

Трчањето го зајакнува природниот имунитет на телото и ја зајакнува неговата реакција и отпорност на бактериски и вирусни инфекции. Ги зајакнува белите крвни зрнца кои се важни за имунитетот, со трчањето  се зголемува температурата на телото што му помага да се бори против инфекцијата и ги спречува бактериите да се размножуваат.

Го намалува стресот и го намалува количеството на стрес хормоните во организмот. Бидејќи стресот директно влијае врз имунолошкиот систем  и ја намалува неговата функција, трчањето го зајакнува имунитетот и му пркоси на стресот.

  • Трчањето го подобрува расположението и овозможува добро ментално здравје и квалитетен сон

Со трчањето во телото се ослободуваат хормоните ендрофин и сератонин кои директно влијаат на доброто расположение и добриот сон. Се случуваат промени во мозокот кои овозможуваат бистар ум а ја смируваат неговата прекумерна активност предизвикана од стрес и анксиозност.

На прашањето: ,,Зошто трчаш”? многу луѓе тркачи, особено нови даваат одговор: ,,Tрчањето прави да се чувствувам подобро” и зборуваат за емоции, добро расположение, еуфорија, ментална енергија, добар сон и помалку сиви денови.

Анкетата спроведена од Асоцијацијата за анксиозност и депресија на Америка, покажа дека 20% од анкетираните возрасни претпочитаат трчање како стратегија за борба против стресот.

  • Трчањето ја поткрева самодовербата

За трчање е потребна мотивација, дисциплина, издржливост. Чувството на задоволство поради вложениот напор ја зголемува самодовербата и дава чувство на исполнетост и гордост. Се создава циклус во кој здравата навика и самодовербата се хранат една со друга помагајќи ни да создадеме уште поголеми промени кои имаат позитивно влијание врз нашиот живот.

Со текот на времето тоа чувство на достигнување се прелева и во другите области на живеењето, од лични до професионални и инспирира преземање нови предизвици.

Секако, тука е и добриот тен, телесната тежина и добрата мускулатура кои доаѓаат сами по себе.

Трчањето не е лесно, но е мерливо. Ги мериме минутите, километрите за да можеме да видиме каде сме биле на почетокот од нашето патување и колку далеку сме стигнале, а создава и спомени за вложениот труд и како сме се чувствувале.  Тоа пак не учи на едноставна вистина дека трудот дава резултати. Трудот вреди.

Со трчањето се запознав одамна, во студентските денови, низ годините следуваа прекини поради формирање на семејство и улогата на мајка, но секогаш со огромно задоволство му се навраќам рекреативно и можам слободно да кажам дека тоа преставува еден од моите најдобри избори во животот.

За започнување на нова навика за трчање потребни ви се удобни патики и желба да се движите бавно или малку побрзо и тоа со темпото кое што сами ќе си го зададете. И сето тоа е бесплатно!

Останатото е емоција која треба да се почувствува.

Колку пари ви требаат за рано пензионирање?

Дали сте размислувале да се пензионирате порано? Со рано пензионирање ќе имате слободно време да се посветите на вашите најблиски, да патувате и да правите работи што вие ги сакате. За да си го овозможите ова ќе треба да заштедите одредена сума на пари – од која самите ќе се финансирате до крај на животот.

Висината на заштедата која треба да ја имате ќе зависи од следните две прашања:

  • На која возраст би сакале да се пензионирате, и
  • Колку посакувате да трошите – на месечно ниво.

Логично, доколку сакате да се пензионирате порано ќе ви треба повисок износ на средства отколку да се пензионирате подоцна. Доколку посакувате да трошите повеќе ќе треба да планирате и повисока заштеда.

  1. За да може да ја пресметате вкупната сума ќе ви треба податок за тоа колку долго живее просечен македонец на одредена возраст – односно да знаете за колку месеци треба да ги покриете вашите потреби. Интересно е тоа што овој податок има јавен карактер и редовно се објавува од Државниот завод за статистика во рамки на „морталитетни таблици“ за одреден период.

    Овие „морталитетни таблици“ покрај веројатноста за доживување или смрт до секој нареден роденден го содржат и податокот кој нас ни треба за оваа пресметка – „очекувано траење на живот“.

    Во продолжение е наведено очекуваното траење на живот за мажи и жени на одредена возраст, преземено од последните објавени морталитетни таблици за период 2018-2020 година.   
 Очекувано траење на животот 
Возрастмажжена
5025,8329,34
5124,9628,42
5224,0727,49
5323,2326,58
5422,4025,68
5521,5824,78
5620,7523,89
5719,9523,02
5819,1622,17
5918,4121,31
6017,6520,46
6116,9219,63
6216,2018,79
6315,5117,99
6414,8317,18
6514,1416,38
6613,5015,62
6712,8714,86
6812,2414,10
6911,6213,36
7010,9912,61

Табелата се чита на следниот начин:

  • маж на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 25,83 години или 309,96 месеци = 25,83*12=309,96;
  • жена на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 29,34 години или 352,08 месеци = 29,34*12=352,08.
  • Со оглед на тоа што веќе знаете колку би живееле во просек доколку се пензионирате на определена возраст, следниот чекор е да се пресмета вкупната сума врз основа на посакуваниот месечен износ кој би го трошеле за периодот. Оваа вкупна сума предлагам да биде пресметана на едноставен начин:

Вкупна сума = посакуван месечен износ * очекувано траење на живот во месеци

На пример, доколку сте жена и планирате да се пензионирате на 50 години и планирате месечна пензија од 300ЕУР, ќе ви биде потребна вкупна сума од 105.624 ЕУР:

300 ЕУР * 29,34 *12 = 105.624 ЕУР

На истиот начин може да се пресмета дека ќе ви бидат потребни 176.040 ЕУР доколку посакувате месечен износ од 500 ЕУР.

Нормално, овие пресметани износи погоре ќе бидат дополнување на вашите приходи од други извори, вклучително и:

  • Приходи по основ на старосна пензија од прв столб и втор столб – по навршување на 62 години за жена и 64 години за маж;
  • Други приходи: кирии, дивиденди и слично.
  • Неопходен елемент при планирањето е солидна стапка на принос за да го одржите стандардот најмалку на ниво на инфлација за која пишував во претходните блогови. Покрај тоа, потребно е да се земат предвид и следните битни работи:
  • Што ако живеете подолго од просечниот македонец?
  • Што ако ви бидат потребни дополнителни средства за лекување?

Очигледно е дека покрај основната вкупна сума паметно е да планирате и дополнителна заштеда која ќе служи како маргина во случај да се појават одредени непредвидени трошоци во голем износ.

Се надевам дека со мојот краток текст ве поттикнав на размислување за оваа важна тема. Доколку имате одредени прашања или сугестии, слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

ристо бајатов

Правило 50/30/20 за буџетирање

Основата на правилното буџетирање се заснова на познатата сметководствена равенка:  Приходите = Расходите. Тоа значи дека нето месечните приходи/приливи (откако ќе се платат придонеси и данок) треба да се распределат така што ќе ги покријат сите категории на расходи/одливи (во кои се вклучуваат и заштедите).

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. Основното правило е да го поделите вашиот месечен приход  во три категории: 50% за основни потреби, 30% за желби и 20% за заштеди или отплата на долг.

Избалансираната распределба на трошоците во дадените категории е чекор кон поефикасна алокација на вашите финансиски ресурси и овозможува лесно и едноставно следење на трошоците.

Еве како изгледа буџетот што се придржува до правилото 50/30/20:

  1. Потрошете 50% од вашите финансии на основни потреби

50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци – плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, транспорт, осигурување и исхрана. 

Доколку трошоците за основни потреби надминуваат 50% од месечните примања, треба да се согледа дали и каде може да се намалат трошоците. Така на пример, да се одлучите за друг вид на транспорт или за наоѓање на нови начини да заштедите пари додека купувате намирници.

  • Потрошете 30% од вашите финансии на желби

Следењето на правилото 50/30/20 не значи дека не можете да уживате во вашиот живот. Тоа едноставно значи да бидете посвесни за вашите пари со наоѓање области во вашиот буџет кои се  непотребно трошење и истите да се намалат или елиминираат.

Ако сте збунети околу тоа дали нешто е потреба или желба, едноставно запрашајте се: „Дали би можел да живеам без ова?”-Ако одговорот е да, тоа е веројатно желба.  Желбите се дефинирани како несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив, ако треба. Тука може да се вклучат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување.

  • Заштедете 20% од вашите финансии

Со оглед на тоа што 50% од вашиот месечен приход оди за вашите потреби и 30% се распределуваат на вашите желби, останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

Постојаното одвојување на 20% од вашата плата секој месец, може да ви помогне да изградите подобар, поиздржлив план за штедење, без разлика дали вашата крајна цел е краткорочно инвестирање како, креирање на фонд за итни случаи, купување автомобил или реновирање, или долгорочни инвестициски планови, како инвестирање во инвестициски фондови, акции, недвижности или доброволно пензиско осигурување.

Преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои  ќе ни овозможат и подобар животен стандард. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски и временски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана

Најнови информации за приливи во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 01.04.2022 – 10.04.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, пристигнаa приливи од камати во износ од 1.385.012,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 7.219.871,00 денари, како и приливи од дивиденди во износ од:

–      730,62 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      11.887,83 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, пристигна прилив од каматa во износ од 21.537,00 денари  по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од каматa од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 265.995,00 денари.

Исто така пристигна и прилив од дивиденда во износ од:

–      21,88 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      335,80 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и пропорционално се распределуваат на нивните сметки.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/finance/financial-report/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Феноменот Хари Потер

Сите ние кои сме родители знаеме дека не е баш така лесно да ги натераме децата да читаат. Особено во периодот на основно образование, лектирите вообичаено се читаат бидејќи мора, под присила, со закана, со ветување на некоја награда и скоро секогаш во ,,пет до дванаесет’’. Секоја чест на исклучоците.

И мојата ќерка Ива, не беше многу наклонета кон лектирите, иако дисциплинирано ги читаше, само затоа што мораше. Сè до нејзината тринаесетгодишна возраст, кога се појави литература за деца, која едноставно и го сврте вниманието и беше многу поразлична од задолжителните лектири. Серијалот на книги Хари Потер.

Серијалот содржи 7 книги, со вкупно околу 4.100 страници, односно нешто над милион зборови. Книгите ги купувавме со најголема желба, а ги читаше во еден здив. Јас никогаш, сè до пишувањето на овој текст, ја немав прашано што беше тоа што ја привлече, што има во таа литература што го немаше во лектирите?

Нејзиниот одговор, денес, е дека ,,има добро развиена приказна која лесно привлекува, стилот на кој е напишана е многу едноставен и разбирлив. Содржински е многу различна од лектирите до тогаш, лектирите до некаде се реалистични. Хари Потер е преполна со фантастични елементи: училиштето Hogwarts, магијата и волшебни суштества, но ликовите се добро развиени и лесно можеш во нив да се пронајдеш’’.

Исто така, вели дека тема на разговор со многу пријатели и биле токму Хари Потер книгите. Така ја запознала и една од своите најдобри другарки.

На прашањето ,,во што мисли дека е феноменот на Хари Потер и зошто е еден од најчитаните серијали?’’, таа одговара дека е ,,најмногу поради ликовите, кои не се едно димензионални. Секој е уникатен карактер. Ликовите не водат низ приказната. Доколку еден серијал, без разлика дали е книга или филм, нема интересни и динамични ликови со кои публиката не може да се поврзе, тој не е успешен’’.

Пет години подоцна, можам да кажам дека Ива е страствен читач и мислам дека оваа литература можеби и создаде љубов кон книгата и пишаниот збор. Но, таа е еден од милионите фанови на овој серијал, за кој се смета дека е феномен од причина што ни претставува еден магичен свет, во кој многу луѓе би сакале да се најдат.

Едно истражување кое било спроведено преку Federation of Children’s Book Groups покажало дека 59% од децата сметаат дека Хари потер книгите им помогнале да ги подобрат своите читачки способности. Половина од децата одговориле дека Хари Потер книгите ги натерале да сакаат да читаат повеќе книги.

Во истото истражување, 84% од наставниците одговориле дека момчето волшебник имало позитивно влијание врз читачките способности на децата, а 2/3 од нив сметаат дека токму Хари Потер ги претворил учениците нечитачи во читачи. Дури 83% од наставниците сметаат дека Хари е добар ,,role model’’ за децата, а 3/4 и самите го прочитале серијалот и уживале во него.

И покрај тоа што е литература за деца, сепак дури 50% од читателската публика на Хари Потер книгите се возрасните. Делумно бидејќи овие, сега возрасни луѓе, израснале со серијалот на книги или филмови, снимени според книгите.

Ако во домот има книги, поверојатно е дека детето ќе посегне по книгата, од љубопитност. Пробајте со различна литература, а ова е само еден личен пример, кој вродил со плод, во детето да се развие љубов кон книгата.