Сигурно некаде сте слушнале или сте прочитале за поимотearly retirement (предвремено пензионирање). Можеби Ви звучело невозможно или Ве асоцирал на предвремено пензионирање поради бенефициран стаж, меѓутоа не е точно ниту едното, ниту другото. Во овој блог пост нема да пишувам за предвремено пензионирање поради бенефициран стаж, туку ќе го објаснам поимот early retirement и финансиска независност.
Најпрво, важно е да знаете еден клучен податок, а тоа е податокот дека не постои закон кој што вели дека мора да работите до 64/62 години. Сè повеќе станува популарен трендот на барање начини преку кои ќе можете да го напуштите работното место неколку години пред возраста за пензионирање, а да останете финансиски независни. На Запад, тој тренд зема и поголеми размери каде младите бараат начин да се пензионираат и во 30-тите, 40-тите години од својот живот.
Предвременото пензионирање и финансиската независност се овозможи и во Македонија со основањето на доброволните пензиски фондови. Токму доброволните пензиски фондови се еден од подобрите начини да стигнете до таа цел. Приватниот Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус со својата инвестициска стратегија за остварување соодветен долгорочен принос на средствата на фондот, нуди начин таа идеја да се преточи во реалност.
Со цел подобро разбирање на овој концепт, во продолжение ќе биде објаснет концептот на предвремено пензионирање и финансиска независност преку т.н. F.I.R.E. (Financial Independence, Retire Early) movement.
Што е Financial Independence, Retire Early (F.I.R.E) Movement?
Наједноставно дефинирано, целта на F.I.R.E. концептот значи заштеда на поголемиот дел од вашиот тековен приход со цел да се акумулираат доволно средства за да можете да бидете финансиски независни. Тоа значи дека можете да станете финансиски независни и на возраст од 40 години, доколку пред тоа сте штеделе и инвестирале 50-70% од вашиот приход.
Самиот F.I.R.E. концепт не значи само заштеда денес, за да можете утре да си заминете од работното место каде што сте сега, туку значи, штедење денес, за да можете утре да работите колку сакате, каде сакате и како сакате, а во исто време да имате прилив на средства кои ќе ви обезбедат финансиски стабилен живот и животен стандард кој што вие го посакувате.
Со цел да станете финансиски независни и да можете предвремено да се пензионирате потребно е да направите неколку чекори и тоа:
- Да направите промени во тековниот буџет
Првиот чекор до финансиска независност е кратење на трошоците и заштедување минимум 50% од вашата нето плата на месечно ниво. Во реалност тоа би значело бришење и исплата на целиот долг кој го имате што е можно побрзо, наоѓање начини за намалување на трошоците за храна, транспорт, куќните трошоци и останатите трошоци кои ги имате на месечно ниво. Исто така, колку ви е повисока платата и со тоа поголема можноста за штедење, толку побрзо ќе ги акумулирате средствата потребни за предвремено пензионирање, со што пожелно е изнаоѓање и начини за остварување на поголем приход.
- Пресметка на потребните средства за пензионирање на годишно ниво
Најголем дел од нас знаеме колку средства месечно ни се потребни за одржување на животниот стандард кој го преферираме. Со тоа, ќе знаете и колку средства ќе ви требаат на месечно или годишно ниво, доколку одлучите да се пензионирате предвремено. За ваша поголема сигурност, препорачливо е зголемување на износот кој го предвидивте за 10-20%.
Доста важен дел од планирањето на потребните средства за предвремено пензионирање е планирањето на здравственото осигурување. Со оглед на фактот дека вие одлучувате да ја напуштите работата, тоа значи дека нема повеќе да бидете здравствено осигурани, па треба да најдете опција која ќе ви нуди здравствено осигурување. Прва опција би била приватно здравствено осигурување, а втора опција би била наоѓање работа со пола работно време кое ви нуди државно здравствено осигурување, вклучено во вашата бруто плата.
- Предвидување на вкупната заштеда која ви е потребна
За да бидете финансиски независни, најважниот момент кој мора да го планирате е токму овој, односно да ги предвидите вкупните средства кои треба да ги имате како заштеда.
Првото правило за да го постигнете тоа е правилото на 25. Имено, вие треба да имате средства во износ од најмалку 25 пати од годишните трошоци пред да се пензионирате. Тоа значи дека доколку годишно трошите 10.000 евра, потребно е да имате минимум 250.000 евра како заштеда пред да се пензионирате.
Практичен пример за F.I.R.E. концептот би бил следниот:
Вие сте на возраст од 34 години, ангажирани како Senior Developer, и имате нето плата од 120.000 денари. Да претпоставиме дека платата не ви се намалила/зголемила во периодот на штедење за предвремено пензионирање (секако овој пример можете да го прилагодите кон Вашите примања и годишни трошоци кои ги имате).
50% од вашата нето плата ја заштедувате и тоа: 70% на индивидуална сметка во доброволен пензиски фонд, а останатите 30% распределени во: приватно здравствено осигурување, инвестирање во акции или во инвестициски фондови или ги депонирате средствата во банка. Тоа значи дека 60.000 денари ги распределувате: 42.000 денари во доброволен пензиски фонд, а останатите 18.000 денари во претходното наведените финансиски продукти.
Со помош на калкулаторот на веб страната на Сава пензиското друштво – „Mој пензиски план“ (Калкулатор), ќе бидат преставени трите сценарија и пресметка на акумулираната сума во трите сценарија на очекуван принос.
Бруто акумулирана сума, во МКД*
очекуван номинален принос, на годишно ниво | |||
Период на вложување | 4% – песимистичко | 5% – базично | 6% – оптимистичко |
20 години | 14.948.095 | 16.685.396 | 18.658.694 |
25 години | 18.658.694 | 24.083.550 | 27.828.835 |
Ако земеме една од опциите од табелата за пример1, со месечна уплата од 42.000 денари во период од 20 години (законски смеете средствата да ги повлекувате на 54/52 години), вие би уплатиле вкупно 10.080.000 денари за 20 години. Под претпоставка дека стапката на принос е 5%, приносот на тие средства би бил 6.605.396 денари, што значи дека вкупно акумулираните средства би биле 16.685.396 денари. Доколку ги претвориме тие средства во евра, на вашата индивидуална сметка би имале 271.307 евра.
Оваа пресметка е од информативна природа, но доволно го докажува ефектот на штедењето и сложената каматна стапка. Лесно може да се воочи ефектот на „времето“, односно колку подолго штедите, толку поголема акумулација на средства би имале, благодарение на сложената каматна стапка (види претходен текст, 8-то светско чудо, сложената каматна стапка).
Исплатата на средства може да започне на 54/52 години. Во однос на износот на приливи кои може да ги очекувате на месечно ниво, за некоја основна информација поделете ја акумулираната сума на онолку години/месеци колку би сакале да примате пензиски надоместок. Имајте на ум, дека при опција за постепено повлекување на парите, остатокот и понатаму би бил дел од фондот и на тој износ низ годините би се остварувал принос.
Овој пример докажува дека доброволните пензиски фондови треба да ви се прв избор доколку одлучите да го изберете патот на предвремено пензионирање. Доброволните пензиски фондови ви нудат целосна флексибилност на планирање на уплатите и исплатите доколку се одлучите за предвремено пензионирање. Едноставноста, немањето на никакви обврски за редовност или висина на уплати кај доброволното капитално финансирано пензиско осигурување ви нуди начин, вашите планови и соништа да ги реализирате многу побрзо од очекуваното.
- Пресметката е од информативна природа. Добиениот износ на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите кои корисникот самиот ги внесува: период на уплата, моментална состојба на доброволна индивидуална сметка, месечен или годишен износ на доброволен придонес, надомест од уплатени придонеси и очекувана стапка на принос. Во пресметката се вклучени ставките: „надоместок за управување со средствата“ и „трансакциски трошоци“, за повеќе детали отвори.
Приносот на Вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на Вашиот Доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од Вашето друштво кое управува со Доброволниот пензиски фонд. Идните стапки на принос не се гарантирани.
Исплатата на пензиски надоместок од доброволно пензиско осигурување се оданочува согласно одредбите од Законот за данок на личен доход.