Повеќе од 30 милиони денари приливи од камати во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 14.10.2021 – 23.10.2021 година во пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје, пристигнати се приливи од камати во вкупен износ од 30.473.841,00 денари.

Подетално, на сметката на Сава пензиски фонд (Отворен задолжителен пензиски фонд) пристигнаa приливи од камати во износ од 461.594,00  денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 29.438.315,00 денари.

На сметката на Сава пензија плус (Отворен доброволен пензиски фонд) пристигна прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 573.932,00 денари.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензискиот фонд, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондот и пропорционално се распределуваат на нивните сметки.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на финансиските извештаи, кои се објавуваат на веб страната на Друштвото.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Сегашната криза, идните пензии и алтернативните вложувања

Демографските предизвици со кои се соочуваат повеќето развиени и не толку развиени држави во годините зад нас доведоа до редизајнирање на пензиските системи и преземање на дополнителни мерки кои се насочени кон обезбедување на долгорочни извори на приходи, пред се заради обезбедување на соодветни приходи за идните пензионери.

Неповолните трендови доведоа и до некаде поуспешно, а некаде помалку успешно, кревање на свесноста дека стареењето на населението, особено кога е придружено со одлив на работна сила, на долг рок се очекува да има негативно влијание како врз приливите и финансиската кондиција на државните пензиски фондови, така и врз буџетските приходи.

Ширењето на пандемијата на Ковид-19 доведе до силна фискална поддршка која резултираше, но и понатаму ќе резултира со раст на задолженоста и на буџетските дефицити, што неминовно ќе има негативно влијание врз подготвеноста на државите во иднина да издвојуваат повеќе средства за исплата на пензии и за останати форми на буџетски расходи од социјален карактер.

Оттука од голема важност е потенцирање на потребата за излегување од зоната на комфорност и гледање подалеку, заради осознавање на потребата од долгорочно и дисциплинирано штедење, за себе и за сопствената иднина.

На глобално ниво, справувањето со последиците од глобалната финансиска криза од 2008 година, на кое се надоврза справувањето со економските последици од актуелната пандемија, доведе до рекордни нивоа на ликвидност на пазарите на капитал.

Оваа ликвидност имаше и има за цел поддршка на економиите, но и се рефлектира врз вреднувањата на повеќето класи на инструменти, особено традиционалните класи како што се акциите и обврзниците, што се должи, помеѓу другото, и на релативно повисокото ниво на достапност на овие класи на инструменти.

Високата ликвидност на глобално, но и на локално ниво се рефлектираше и врз пад на каматните стапки на депозитите во домашни банки и домашните државни обврзници, што домашните институционални инвеститори ги изложи на “ризик од реинвестирање“, односно ситуација во која значителен дел од законски регулираниот инвестициски универзум нуди можности за инвестирање под услови кои би се рефлектирале неповолно врз приносите на членовите на пензиските фондови.

Трендот на “поскапување“ кај традиционалните класи на инструменти во изминатиот период доведе до тоа пензиските фондови низ светот, во настојувањето на своите членови да им обезбедат соодветна стапка на принос на долг рок, да алоцираат дел од вложувањата кон алтернативни инвестиции.

Доколку се земат предвид очекуваните приноси на алтернативните класи на инструменти во споредба со оние на традиционалните класи, ваквата тенденција е повеќе од разбирлива, но е можна таму каде што законската рамка тоа го дозволува.

Само за пример, изложеноста (директна и индиректна) на пензиските фондови на Австралија, Канада и Финска кон недвижности, како форма на алтернативни вложувања, на крајот од 2018та година се движеше помеѓу 10% и 15% од вкупните средства.

Детални податоци за овој тренд и за состојбите на крајот од 2019та година во земјите членки на ОЕЦД се достапни во годишниот Извештај на ОЕЦД за пензиските системи.

Алтернативните вложувања се хетерогена класа на инструменти која опфаќа повеќе категории, со различен профил на ризичност, но и со различна достапност од повеќе причини, вклучувајќи различни нивоа на минимални вложувања во случаи кога истите се пропишани како услов, специфични карактеристики на самото вложување и останати фактори.

Сепак, вклучувањето на алтернативните вложувања во портфолијата на долгорочните инвеститори во кои се вбројуваат и пензиските фондови, имаат изразени диверзификациски ефекти, што пак има стабилизирачко влијание врз вкупните приноси.

Идните пензии се прашање кое спаѓа во доменот на долгорочно планирање и кое бара стратешки пристап, заради сензитивноста, комплексноста и социјалната димензија на истото.

Светот се менува, а се менува и големината на пензиските фондови како природен процес. Порастот на средствата под управување, во отсуство на регулаторни приспособувања, со текот на времето може да доведе до тоа дефинираните ограничувања да станат несоодветни за големината на фондовите.

Имајќи ги предвид и овие аспекти, измени во регулативата кои би значеле проширување на инвестицискиот универзум, помеѓу останатото и во делот на алтернативните вложувања, на начин кој ќе биде во интерес на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови, би значеле поддршка на домашните управувачи со пензиски фондови да обезбедат соодветни долгорочни стапки на принос за своите членови.

Секогаш бидете информирани за работите од кои може да зависи вашата иднина

Брзото темпо на живот и големиот број на информации понекогаш може да ви го оттргнат вниманието од важите работи од кои зависи вашата иднина.

Начинот и квалитетот на живот во иднина  во еден дел ќе зависи и од пензијата која што ќе ја добивате. Без разлика колку години имате и уште колку време активно ќе работите секогаш треба да бидете информирани за вашата пензиска заштеда.  

Мобилната апликација Сава пензиско план ви нуди можност на вашиот мобилен телефон  да ги имате сите потребни информации за вашата пензиска заштеда во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус.

Секој член на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје може да се најави на мобилната апликација и на брз и едноставен начин да има целосен увид во својата пензиска заштеда.

Преку мобилната апликација членовите имаат можност за преглед на состојбата и трансакциите, може да генерираат детален извештај, да ги ажурираат личните податоци и да го променат начинот на известување.  Исто така, имаат пристап и до други корисни линкови и информации за работењето и резултатите на пензиските фондови.

Со мобилната апликација Сава пензиско план  бидете секогаш информирани преку редовните известувања за уплатени придонеси на вашата пензиска сметка.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Навремено ажурирајте ги личните податоци

ажурирај денес

Живееме во време кога секојдневно добиваме голем број на информации, па поради тоа понекогаш вниманието не ни е насочено на оние важни одлуки од кои зависи нашата иднина.

Извештајот за пензиска заштеда е дефинитивно важна информација која што треба редовно да ја добиваме. Од пензиските заштеди кои се акумулираат во пензиските фондови ќе зависи пензијата која ќе ја земаат идните пензионери.

За навремено информирање ПОСЕБНО Е ВАЖНО при секоја промена на адреса на живеење, презиме, е-маил, телефон и друг личен податок, членовите треба веднаш да ги ажурираат личните податоци кај своето пензиско друштво.  

Членовите на пензиските фондови Сава пензиски фонд и Сава пензија плус промената на личните податоци можат да ја направат со најава на Лична сметка преку веб сајтот www.sava-penzisko.mk или преку мобилната апликација Сава пензиско план, со корисничкото име и лозинка кои ги добиваат со годишниот извештај.

Доколку ги немаат корисничкото име и лозинка, членовите имаат можност за ажурирање на личните податоци во експозитурите на Сава осигурување а.д. Скопје, НЛБ Банка АД Скопје или во седиштето на Друштвото. Ажурирањето можат да го направат и со достава на пополнето Барање за ажурирање на податоци по пошта или пак со телефонски повик на 02/15-500.  

Секој член при промена на личните податоци може да го промени и начинот на известување и да одбере годишниот извештај да го добива на својата електронска адреса.

Флексибилна опција за ваша побезбедна иднина

Од секогаш сите замислуваме дека своите пензионерски денови ќе ги поминеме на некое убаво место, некој на море, некој на планина и дека ќе имаме време да се занимаваме со нашето хоби кое е заборавено во трката со времето и парите.

Но, сите бегаме од реалноста во која бројот на работно активното население се намалува поради зголемениот број на иселувања на млади луѓе, намалениот наталитет, а истовремено бројот на пензионери расте.

Сепак, постои решение за оние што навреме ќе го согледаат овој проблем. Ако сакате да си обезбедите пристојна пензија која ќе ви овозможи остварување на вашите планови треба навреме да започнете со дополнително штедење.

Една од најдобрите и најисплатливи опции за ова е да вложувате во доброволни пензиски фондови, односно во трет пензиски столб.

Еден од доброволните пензиски фондови во нашата земја е Сава пензија плус, управуван од Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

Предноста на доброволното пензиско штедење е – флексибилноста. Секое лице на возраст од 15 до 70 години може да биде член на доброволен пензиски фонд. Уплатите во доброволниот пензиски фонд, секој индивидуално ги прилагодува согласно своите можности.

Предноста на овој финансиски продукт е токму флексибилноста при одредување на висината на средствата кои сака да ги вложи во трет столб, како и начинот и динамиката на нивна уплата.

Уплатите во Сава пензија плус не се задолжителни, а во случај на нередовни уплати, членството не престанува. Веќе уплатените средства продолжуваат да се инвестираат од страна на пензискиот фонд и да остваруваат принос.

Она што треба да се знае за доброволното пензиско осигурување е тоа што овој процес е долгорочен. Затоа, започнете навреме со планирање на вашата иднина и остварување на вашите соништа.

Важно е да се напомене дека средствата уплатени во доброволен пензиски фонд најрано можат да се користат 10 години пред остварување на право на пензија, односно на 52 години за жена и 54 години за маж.

При исплата на доброволен пензиски надоместок од индивидуална сметка, предмет на оданочување е само остварената добивка на уплатените средства. Во случај на смрт, средствата се целосно наследни.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk