Зошто инвестирам во доброволното пензиско осигурување на Сава пензиско

Сите ние од време на време имаме дилема како да ја инвестираме својата заштеда. Притоа, комерцијалистите ни нудат најразлични продукти за кои најчесто ни ги презентираат предностите, а негативните страни подоцна ги дознаваме самите. Јас имав прилика како вработен во Сава пензиско друштво а.д. Скопје, кое управува со доброволниот пензиски фонд Сава Пензија плус, да ги увидам и предностите и негативностите на овој продукт и активно го користам.

Што ми се допаѓа кај доброволното пензиско осигурување?

  • Можам да вршам уплати кога сакам и колку сакам. Не постојат годишни прагови што мора да се уплатат и штедењето се врши согласно со можностите.    
  • Уплатите можам да ги вршам со траен налог. Трајниот налог повлекува средства автоматски на дефиниран датум кој самиот го одредувам.
  • Приносот на инвестираните средства во доброволниот пензиски фонд е значајно подобар од приносот кај традиционалните облици на штедење.
  • Во секое време имам можност да ги прегледувам уплатите и остварениот принос на мојата доброволна индивидуална сметка, а еднаш годишно добивам и Извештај за пензиска заштеда или т.н. „зелен плик“.
  • Постои можност и работодавецот да одвојува средства за своите вработени преку организирање на професионална пензиска шема.

Секако продуктот има и свои недостатоци од кои би ги навел следните:

  • Друштвото наплаќа надоместоци за потребите на своето работење. Притоа, од досегашното мое искуство остварениот принос на моите средства значително ги надоместува пресметаните надоместоци.
  • Средствата може да се користат 10 години пред правото на остварување на пензија од прв столб, односно на 54/52 години за мажи/жени. Тоа е долг период во рамки на кој не сум во можност да ги користам средствата, но сепак истото може да се гледа и како предност доколку се земе предвид дека се работи за пензиско осигурување и дека со оваа мерка на некој начин се заштитуваме самите од себе, за да не ги искористиме средствата за краткорочни потреби.  

За крај, би сакал да наведам дека исклучително корисна е мобилната апликација Sava penzisko plan каде имам преглед на сите важни информации кои се однесуваат на моето пензиско осигурување, како за доброволниот така и за задолжителниот пензиски фонд. Апликацијата се состои од прегледи за вредноста на сметководствената единица, аналитика на уплати, принос од инвестициите, вредноста на средствата на конкретен датум и многу други корисни информации.  Со истата може да се врши и ажурирање на личните податоци, како и да се одбере доставата на годишните известувања да се врши на е-маил адреса.

Дивиденда од ALLIANZ SE, BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ легна на сметките на Сава пензиски фонд и Сава пензија плус

Ве информираме дека во периодот од 08.05.2023–17.05.2023 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 548.826,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 45.950.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 23.043,12 САД долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      118.697,34 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;

–      242.395,96 евра, од инвестираните средства во компанијата BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и

–      19.123.230,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.

Во тој период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна приливи од камати во износ од  8.548,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 2.136.000,00 денари и прилив од каматa од инвестиции во странски државни обврзници, во износ од 955,94 САД долари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      4.691,83 евра, од инвестираните средства во компанијата ALLIANZ SE;

–      9.362,15 евра, од инвестираните средства во компанијата BAYERISCHE MOTOREN WERKE AG и

–      220.500,00 денари, од инвестираните средства во компанијата АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на нивната пензиска заштеда.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2023/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Планови за бонус и други бенефиции

Сé поголем број на компании во нашата земја ги мотивираат своите вработени со исплата на бонус или имаат други форми на бенефиции за успешно завршена работа во компанијата и наградување на вработените. Најчесто исплатата на бонусот е еднаш во годината и секој работник нетрпеливо ја очекува исплатата на својот бонус.

Обично плановите за идниот бонус се претходно „скроени“ и припаѓаат на две големи групи:

  • Првата група на планови е поврзана за инстантно трошење на бонусот – покривање на стари долгови, патување, купување на скапа „играчка“ – мобилен телефон, телевизор, автомобил) или слично, и
  • Втората група на планови се сведува на заштеда на бонусот и негово инвестирање – заштеда во банка, купување недвижност, вложување во инвестициски фонд…

Идејата на текстот подолу е да Ви понуди уште една алтернатива за бенефиција која би можеле да ја добиете од Вашиот работодавач, наспроти најчесто користената бенефиција – исплата на бонус.

Вашата компанија при исплата на бонус, како дел од плата, врши плаќање на придонеси од плата и данок на личен доход. Во 2023 година придонесите од плата изнесуваат 28% додека данокот на личен доход изнесува 10%.

Да претпоставиме дека бонусот кој треба да го земете изнесува во бруто износ 90.000 МКД. Со исплата на бонусот, вие на вашата трансакциска сметка ќе добиете нето износ од 58.320 МКД – види пример подолу.

ОписИзнос, во МКД
Бруто плата90.000
Придонеси од плата (28%)25.200
Данок на личен доход (10%)6.480
Нето износ58.320

Како што веќе потенцирав, работодавачите имаат повеќе начини и видови на бенефиции за своите вработени. Еден од начините, да се обезбеди бенефиција за вработен, е уплата на придонес во доброволен пензиски фонд, преку организирање на професионална пензиска шема од страна на работодавач за своите вработени. Ако го земеме горниот пример, и ако претпоставиме дека работодавачот има на располагање 90.000 МКД кои ги наменил за обезбедување на бенефиција за Вас како негов вработен, ја има законската можност да ги користи даночните бенефиции при уплата во доброволен пензиски фонд за свој вработен.

*Користена е претпоставка дека во рамки на истиот месец покрај бонус ќе земете и редовна плата при што со исплата на плата ќе го искористите „личното даночно ослободување“.

Ова значи дека придонесот уплатен од страна на Вашиот работодавач во доброволен пензиски фонд, кој подлежи на плаќање на данок на личен доход, а кој ќе го добиете како бенефиција на Вашата индивидуална пензиска сметка во доброволен пензиски фонд, ќе изнесува 81.000 МКД (90.000 МКД намалени за платен данок на личен доход од 10%).

Средствата уплатени во доброволен пензиски фонд, се доверени на професионалниот тим на Сава пензиско друштво, кој ги инвестира и се грижи Вашите средства да се оплодуваат со стапки на принос, кои може да се погледнат на следниот линк .

Доколку не Ви е познато доброволното пензиско осигурување и на кој начин Вашиот работодавач може да врши уплата на доброволно пензиско осигурување за Вас, како вработен, можете да прочитате повеќе за предностите и карактеристиките на доброволното пензиско осигурување (трет столб) во моите претходни блогови .

Исто така, распрашајте се дали Вашата компанија има формирано пензиска шема од 3 столб во одредено пензиско друштво. Бидете проактивни и предлагајте различни можности за тоа како Вашиот работодавач може да Ви обезбеди бенефиција и да Ве направи задоволен вработен.

Доколку Вашата компанија е заинтересирана да формира пензиска шема, контактирајте ги нашите пензиски советници.

Ристо Бајатов

Актуар

Risk management лекции од случајот Silicon Valley Bank

Во изминатиов период глобалните финансиски пазари беа потресени од веста за колапсот на американската СВБ (Silicon Valley Bank). Со вкупни средства од над 210 милијарди американски долари на крајот на 2022 година, банката е 16та по големина банка во САД и втора по големина што се соочи со колапс по колапсот на банката Washington Mutual во 2008 година.

Што се случи?

Во периодот 2019 -2021 СВБ забележа значителен раст на депозитната база. Високата ризичност и ниските каматни стапки на кредитите влијаеле за голем дел од овие средства банката да ги инвестира во хартии од вредност, доминантно американски државни обврзници и хартии од вредност обезбедени со хипотека. Овие хартии од вредност биле купени во период на релативно ниски каматни стапки, односно по релативно понизок принос и повисоки цени.

Купените обврзници сметководствено биле класифицирани дел како обврзници расположливи за продажба, односно обврзници кои се вреднуваат по фер вредност и чија промена на цена има влијание врз капиталот на банката и дел како обврзници кои се чуваат до достасување, односно обврзници кои се вреднуваат по амортизиран трошок и влијанието на промената на цената на овие хартии не може директно да се согледа преку билансите на банката.

Промени во монетарната политика на ФЕД

Поради високата инфлација, ФЕД, во текот на 2022 година преку повеќе монетарни алатки како што се квантитативното затегнување, односно намалување на својот биланс и кревањето на основната каматна стапка, започна затегнување на монетарната политика. Растот на каматните стапки имаше влијание и врз активата и врз пасивата на банките:

  1. На пасивата преку зголемен одлив на депозити – од една страна повисоките приноси ги направија обврзниците поатрактивна инвестиција во споредба со депозитите, од друга страна повисоките трошоци за финансирање и прибирање капитал ги принудија дел од компаниите своите финансиски потреби да ги задоволат со користење на своите средства депонирани во банките, дополнително придодавајќи кон притисокот на депозитната база.
  2. На активата преку намалување на вредноста на обврзниците во кои банките имаат вложувања –  имено растот на приносите значи пад на цените на обврзниците и интензивното затегнување на монетарната политика што се случи во текот на 2022 година предизвика значајна корекција на обврзничките пазари.

Банкарска навала

Така, СВБ соочувајќи се со одлив на депозити и зголемени ликвидносни потреби, за да ги обезбеди потребните средства за депонентите продаде дел од обврзниците во своето портфолио. Овие обврзници беа продадени со големи загуби кои дополнително го намалија капиталот на банката, по што банката најави докапитализација.

Ваквиот развој на настаните предизвика раст на недовербата и паника помеѓу штедачите, создавајќи банкарска навала во која за еден ден беа повлечени повеќе од 40 милијарди американски долари, по што банката беше преземена од регулаторите.

Регулаторен одговор

Американските власти реагираа брзо со цел да спречат прелевање на кризата во банкарскиот систем: објавија дека сите депоненти ќе бидат обесштетени во целосен износ истовремено воведувајќи програма преку која финансиските институции кои се соочуваат со ликвидносни потреби ќе може да ги заложат американските државни обврзници по номинална вредност, во замена за кредит со рок на доспевање до една година.

Дополнително се поизвесни се најавите за креирање поголеми регулаторни барања за средните и малите банки во САД.

(Не)соодветното управување со ризиците

Иако многу фактори влијаеа за ваквиот развој на настаните, несоодветното управување со ризиците е можеби најобјаснувачкиот краток одговор на прашањето зошто се случи ова.

Управувањето со ризиците е значаен процес како во компаниите така и во финансиските институции, кој опфаќа идентификување, мерење и оценување, контрола и следење на ризиците во една компанија. Во суштина, управувањето со ризиците вклучува дефинирање на прифатливи нивоа на ризик и преземање дејствија кои го одржуваат ризикот во рамки на прифатливото ниво.

Во случајот со СВБ на површина излегоа некои значителни грешки во управувањето со ризиците. Еве неколку risk management лекции од овој случај:

  1. Важноста на проценувањето на ефектите и исходите при различни сцеанрија – кај СВБ е евидентно не земањето предвид на ефектот од промените на каматните стапки врз билансите при донесувањето одлуки од страна на менаџментот;
  2. Важноста на диверзификацијата – СВБ се одликувала со висок концентрациски ризик на депозитната база, односно обврските на банката биле доминантно кон технолошки и биотехнолошки компании, помеѓу кои голем дел стартап компании со сметки во износ кој ги надминува гарантираните 250.000 американски долари од американскиот фонд за заштита на депозитите;
  3. Важноста на употребата на инструменти за заштита – СВБ имала значително намалување на употребата на дериватни инструменти за заштита од каматен ризик во текот на 2022 година – банката ја намалила употребата на каматни свопови во очекување за промени во монетарната политика до крајот на 2022 година;
  4. Важноста на соодветната проценка на ликвидносните потреби – СВБ имала лоша проценка на потребите за ликвидност и класифицирала голем дел од инструментите како инструменти кои се чуваат до доспевање;
  5. Важноста на одржувањето на висока доверба кај клиентите – Кај СВБ се случи материјализирање на репутацискиот ризик на банката кое заврши со банкарска навала.

Случајот со СВБ само ја потенцира значајноста на процесите поврзани со управувањето со ризиците и потребата од соодветно управување со ризиците во финансиските институции. Иако специфики карактеристични за банката доведоа до колапсот, потенцијален пад на довербата во финансиските институции, пред се во банките, би водел кон поширок негативен импакт од овој настан.

Враќање на довербата

Наредните чекори на регулаторите и властите се во насока на враќање на довербата на клиентите во финансискиот систем. Имено, довербата е од круцијално значење за доброто функционирање на еден финансиски систем и затоа регулаторите завземаат одлучен став дека ќе ги заштитат штедачите правејќи се што е потребно за да се задржи довербата на соодветно ниво.

Во процесите на инвестирањето на средствата и управувањето со ризиците на пензиските фондови, Сава пензиско друштво применува високо ниво на прудентност во интерес на членовите.

Во тој контекст, промоцијата на финансиска писменост помеѓу населението, споделувањето на целосни и темелни информации и запознавањето со заложбите и дејствијата на регулаторите во процесот на одржување на финансиска стабилност, се едни од основите на кои се гради довербата во финансискиот систем, што е неопходно за непречено и ефикасно функционирање на истиот.

Над 100 илјади долари приливи од дивиденди и повеќе од 80 милиони денари приливи од камати во задолжителниот пензиски фонд Сава пензиски фонд

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 19.09.2022 – 29.09.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 802.275,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 79.963.789,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      34.680,25 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      37.654,68 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;

–      11.179,02 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      9.627,10 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;

–      4.821,73 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      2.979,75 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–     13.337,85 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR и

–     308.550,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ФЕРШПЕД АД СКОПЈЕ.

Во истиот период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна прилив од каматa во износ од 6.183,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.101.199,00 денари, како и приливи од дивиденди во износ од:

–      1.251,75 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      912,87 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд FIDELITY FINANCIALS ETF;

–      283,67 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд SPDR S&P KENSHO NEW ECONOMIE;

–      349,72 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD FTSE PACIFIC ETF;

–      66,69 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд COMM SERV SELECT SECTOR SPDR;

–      91,02 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–     371,00 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд UTILITIES SELECT SECTOR SPDR и

–     8.800,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ФЕРШПЕД АД СКОПЈЕ.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, влијаат на висината на пензиските заштеди на членовите и на пензионираните членови на фондовите. Повеќе информации за резултатите од управувањето со пензиските фондови на Сава пензиско друштво имате во последните квартални извештаи на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk, (02) 3224 229

Работа од дома – нова реалност или зголемена опасност

Ковид пандемијата е нешто со што светот за пр впат се сретна  во својата модерна историја. Последиците од неа се уште се чувствуваат и ќе се чувствуваат уште долго. Меѓутоа, на почетокот најмногу се почувствуваа кај милиони луѓе кои беа отпуштени од работа и беа приморани да седат дома.

Новата реалност беше сурова и не принуди сите нас да бидеме ограничени во движењето и да се изолираме едни од други. Сето ова бараше да се делува брзо и да се бараат алтернативни начини за исполнување на секојдневните работни обврски бидејќи економијата не смее да сопре и мора да оди напред.

Со други  зборови започна револуција на работните места. Информатичката технологија и дигитализацијата која беше отпочната од претходно, играа клучна улога во овие тешки моменти за човештвото.

Компаниите забрзано отпочнаа да се опремуваат со опрема за своите вработени. Преносните компјутери, аудио уредите за комуникација и мрежната опрема беа мошне актуелни и барани. Алатките како Microsoft Teams, Zoom, WebEx и слични на нив станаа незаменливи во секојдневната комуникација. Сите почнаа забрзано да го прифаќаат новиот начин на работа и да се навикнуваат на него.

Ако се направи ретроспектива денес, две години подоцна ќе видиме дека работите се вратени во нормала и нема повеќе никакви ограничувања во поглед на слободата на движење. Голем дел од компаниите ги вратија своите вработени во нормален режим на работа во своите работни простории.

Меѓутоа, голем дел од нив ги согледаа придобивките од работењето од дома и продолжија да го  применуваат и понатаму. Некои компании како во случајот на Сава пензиско друштво, преку сопствени искуства и анализи применија хибриден односно комбиниран начин на работа.

Ако се анализираат  статистичките податоци од релевантни светски фактори ќе се дојде до заклучок дека околу 70 проценти од вработените се спремни да го задржат овој начин на работење од дома, додека над 60 проценти од компаниите размислуваат за реорганизирање на својот работен простор за да се адаптираат на хибриден начин на работење.

Можностите и аргументите ги има и на двете страни. Вработените ќе ги намалат трошоците за патување до работното место додека компаниите ќе ги намалат режиските трошоци кои во нормални услови се поголеми.

Како резултат на ова, трендот на работа од далечина е сè повеќе присутен во светски рамки и бројот на луѓе кои работат на овој начин се зголемува експоненцијално. Сè повеќе млади сонуваат да станат “ИТ номади” и да работат од некоја плажа или хотел со поглед на океан и притоа да има некој освежителен коктел покрај нивниот преносен компјутер.

Но, сепак не е сè така едноставно како што изгледа на прв поглед. На самите почетоци од пандемијата сите компании најмногу се фокусираа на овозможување на континуитет на работењето. Ризиците кои произлегуваат од работењето на далечина беа ставани во втор план, а реално гледано тоа и временски беше невозможно. 

Поголемиот дел од компаниите не поседуваа модерна опрема за заштита од кибернетски напади, немаа изработено стратегии за кибернетска безбедност, вработените не беа доволно обучени да ги користат новите ИТ алатки и да се соочат со новите опасности кои произлегуваат од новиот начин на работа.

Деновите кога компаниите сите свои документи и информации ги чуваа во сопствена мрежа која е изолирана и недостапна за остатокот од светот, се далеку зад нас. 

Како ризик кој е најочигледен е самото тоа што најголемиот дел од работните задачи се изведуваат online  преку глобалната мрежа. Безброј мобилни платформи, веб сервиси кои се достапни до сите, работа во облак, паметни телефони и уште многу други побаруваат засебна заштита како резултат на нивната изложеност и ранливост.

Технолошкиот развој, забрзана дигитализација, меѓутоа исто така и Ковид пандемијата создадоа огромни можности за хакерите и кибернетските измамници. Во време на пандемијата бројот на phishing пораки е зголемен за 600%.

Една од пет компании е жртва на кибернетски напад како резултат на работа од дома. Компанијата Google излезе со податок дека на почетокот на пандемијата, само во април 2020 година биле блокирани 18 милиони пораки кои биле препознаени како опасни.

Како резултат на сето ова, загубите на компаниите предизвикани од кибернетски криминал се  големи и стануваат уште поголеми. Полoвина од кибернетските напади се насочени кон малите и средни компании поради тоа што се претпоставува дека тие немаат преземено соодветни мерки за заштита.

Тука битно е да се напомене дека многу компании прават една многу суштинска грешка. Со цел да бидат конкурентни на пазарот и да бидат во тренд ја форсираат дигиталната трансформација на сметка на кибернетската безбедност која е запоставена или во најмала рака не е во чекор со дигитализацијата.

Кибернетската безбедност е клучен сегмент од дигитализацијата која  штити од кибернетските напади и како таква треба да е составен дел на сите процеси на дигиталната трансформација.

Кибернетската безбедност не смее да се смета како технички или ИТ проблем туку потребно е да биде еден од приоритетите во рамките на една компанија. Тука голема улога игра и раководството на компанијата кое треба активно да ја промовира кибернетската безбедност.

Од тука може да се надоврземе на почетната елаборација  дека работата од дома е новата нормалност на денешново време меѓутоа со себе носи многу опасности и скриени замки. Поради тоа целокупниот процес треба да се постави на здрави нозе и да се преземат вистинските чекори со цел да се минимизираат ризиците кои произлегуваат од него.

На почетокот треба да се изработи соодветна документација со која ќе се дефинира под кои услови и како ќе се одвива работата од дома. Треба да се изработат правилници, процедури, упатства , методологии  во кои прецизно ќе се  категоризираат работните места.

Исто така во нив ќе се одредат условите кои треба да ги исполни новата работна околина, опремата која треба да се поседува, начинот на поврзување со ресурсите и  инфраструктурата на компанијата  и секако исполнување на законските обврски во поглед на ваквиот начин на работа.

Откако сето тоа ќе се документира се преминува кон практично имплементирање на процесот преку обезбедување на неопходната информатичка, комуникациска опрема и едукација на вработените за користење на таа опрема преку претходно дефинирани правила и постапки.

На крај може да се резимира дека работењето од дома е нова реалност која носи многу олеснувања и бенефити како за компаниите така и за вработените. Се претпоставува дека до 2035 година ќе има над 1 милијарда луѓе кои ќе работат од дома. Ќе се намали емисијата на штетни гасови во атмосферата.

Според некои претпоставки исто така ќе се дисперзира и работното население надвор од големите градски средини. Ќе се намали опасноста од пренесување на заразни болести а како резултат на тоа и ќе се избегне намалена работна продуктивност.

Но, сепак постојат и предизвици и опасности од ваквиот начин на работење. Осаменоста и недостаток на комуникација е еден од тие предизвици и начинот на справување со него. Компаниите треба да работат на овој предизвик и да преземаат соодветни чекори за подобрување на менталното здравје кај вработените.

Исто така како предизвик се јавува и  тоа што не сите вработени имаат опремени  работни простории во кои ќе можат да работат. Затоа компаниите  треба да ги опремат своите вработени со неопходните основни средства за работа од дома. Управувањето со сопственото работно време исто така е предизвик.

Во минатото се знаеше работниот ден кој обично трае од 8 до 16 часот, а потоа се одеше дома кон своите приватни обврски . Со работа од дома тој баланс е нарушен и многу од вработените ги имаат изместено тие граници па имаат чувство дека работат преку цел ден.

Компаниите и раководството тука треба да имаат проактивна улога и да ги охрабруваат вработените да ги завршуваат своите обврски во рамките на своето работно време.

Како најголем предизвик или подобро кажано опасност која демне постојано при работа од дома се кибернетските напади. Масовната дигитализација е незапирлив процес и тој ќе продолжи со уште поголема динамика.

Работата во облак ќе се зголемува, а со тоа и опасноста од компромитирање на податоците кои се чуваат таму. Регулативата за заштита на лични податоци е исто така многу битен елемент во овие времиња на дигитална револуција.

На пазарот се појавуваат еден куп на нови технологии кои со себе носат и нови и непознати опасности. Поради тоа треба да се биде внимателен и да се пристапува со максимална претпазливост и сериозност при имплементирањето  на работење од дома.

Најбитно е да се започне процесот, зошто како што некогаш некој мудар човек кажал: 
Не е битно колку споро се движиш сè додека притоа не запираш.

Приливи од дивиденди од домашни и странски компании во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Ве информираме дека во периодот од 22.07.2022 – 03.08.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 3.824.686,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 15.626.553,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 960.592,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

  • 12.577,60 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      23.970,80 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      589.391 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 139.908,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки, прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 299.785,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 741.028,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      367,36 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      784,00 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      281.744,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Континуитет на високи приливи од камати и дивиденди во пензиските фондови, дел од нив и од инвестициски фондови како GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF

Ве информираме дека во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 2.920.683,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 58.340.198,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      11.103,62 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      4.372,27 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 48.548,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.465.077,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      276,38 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      86,48 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на сите членови на фондовите.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

ESG практики во инвестициското одлучување на Сава пензиско друштво а.д. Скопје

Односот кон животната средина, социјалните аспекти и корпоративното управување содржани во кратенката ESG (Environmental, Social and Governance) се збир на критериуми со кои се оценува однесувањето на компаниите од страна на општествено одговорните инвеститори во процесот на проверка/скрининг на потенцијалните инвестиции.

Критериумите за животната средина се однесуваат на мерењето, објавувањето и поставените цели за намалување на негативниот отпечаток на една компанија кон животната средина, вклучувајќи ги и корпоративните политики кои се однесуваат на климатските промени и целите поставени со Парискиот договор.

Социјалните критериуми се однесуваат на системот на управување со односот кон вработените, добавувачите, клиентите и заедниците каде што компанијата функционира, додека оценката на корпоративното управување е насочено кон квалитетот на управувањето од страна на раководството на компанијата, платите и надоместоците на раководството, надворешните ревизии, внатрешните контроли, правата на акционерите итн.

Користењето на ESG критериумите во оценката на потенцијалните инвестиции е во голем пораст бидејќи сè повеќе инвеститори и издавачи ги користат податоците за ESG за да го поддржат нивното одлучување за инвестирање.

Растот делумно произлегува од регулаторните барања насочени кон институционалните инвеститори, како пензиските фондови и банките, но причина за пораст е и зголемената свесност на инвеститорите за одржливиот развој.

Практиката на ESG инвестирање започна во 1960-тите како општествено одговорно инвестирање, при што инвеститорите исклучуваа акции или цели индустрии од нивните портфолија врз основа на деловни активности како што се производството на тутун, алкохолни пијалаци, организирање на игри на среќа или коцкање или вмешаност во режимот на апартхејдот во Јужна Африка.

ESG практиките сега се цврсто инкорпорирани во агендите на институционалните инвеститори и управувачите со средства. Додека некои инвеститори го сметаа ESG како нешто повеќе од вежба со штиклирање пред неколку години, сега овој пристап претставува клучна алка од процесот на инвестирање, а регулаторните тела одиграа клучна улога во ова.

Всушност, усогласувањето со регулаторниот развој е еден од главните двигатели во прифаќањето на ESG, според истражувањето на Барнет Вадингам, спроведено меѓу пензиските фондови и управувачите со средства.

Анкетата покажува дека 91% од испитаниците велат дека еволуирачката регулатива и законските барања се клучен фактор зошто ги земаат предвид ESG размислувањата при нивното одлучување и спроведување на инвестициите.

Други причини вклучуваат управување со ризик (77%), препораки од советници (57%), побарувачка од членовите, корисниците и креаторите на политики (28%) и влијанијата од колегите (17%). (Извор: Barnett Waddingham, Sustainable Investor Insights Survey)

Сава пензиско друштво а.д. Скопје, зазема активен став за примената и почитувањето на ESG стандардите во процесот на инвестициското одлучување, во доменот на инвестиции во странски компании и македонски акционерски друштва.

Активно го следиме развојот на настаните на ова подрачје, особено развојот на регулативата на ова поле на светско ниво, насочена помеѓу другото и кон проблематиката на greenwashing, односно искажувањето на неосновани или погрешни тврдења за карактеристиките на одржливост и придобивките од инвестицискиот продукт.

Одлуките ги носиме критички и на рационална основа, позиционирајќи ги портфолијата на пензиските фондови на начин за кој имаме разумно уверување дека е во најдобар интерес на членовите на фондовите со кои управуваме.

Во однос на нашата изложеност кон странски финансиски инструменти, при разгледување на ESG перформансот на странските компании, во предвид се земаат повеќе показатели, соодветно групирани во трите подгрупи: животна средина, општествена и социјална одговорност и корпоративно управување.

Во отсуство на обврзувачка регулатива, пензиските фондови како институционални инвеститори и засегната страна од практиките на компаниите во кои се инвестирани средствата, играат клучна улога во подобрувањето на практиките на домашните компании.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје водејќи се од својата визија за транспарентност и високи морални вредности, како и посветеноста на градење на одржливоста на пензискиот систем, човечката околина и општеството во целина, како одговорен управувач во низа македонски акционерски друштва, со примена на пристапот на активно сопствеништво (active ownership), за ESG практиките на компаниите зборува директно, преку учество на акционерски собранија, како и директен контакт со менаџментот на акционерските друштва, со цел подобрување на одржливоста на компаниите, како и намалување на економските ризици во иднина.

За учеството и активностите на Сава пензиско друштво а.д. Скопје при застапување на пензиските фондови на акционерските собранија на домашните компании може да се прочита детално на web страната на Друштвото, во делот каде се објавуваат Извештаите од учеството на акционерски собранија.

Високи приливи од дивиденди во пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 26.06.2022 – 10.07.2022 година на сметката на Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаa приливи од камати во износ од 8.341.660,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 11.097.740,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      97.896,21 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF;

–      4.706,53 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–      34.680,25 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      1.828.500,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА АД ПРИЛЕП и

–      13.860,06 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Во периодот од 26.06.2022 – 10.07.2022 година на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна прилив од камати во износ од 230.583.361,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 413.825,00 денари.

Во истиот период на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      3.145,75 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд VANGUARD S&P 500 ETF;

–      143,77 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF;

–      1.251,75 САД долари, од инвестираните средства во компанијата SHELL PLC;

–      442.000,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА АД ПРИЛЕП и

–      391,50 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk