Сѐ поголемиот обем на работа ја услови потребата да бидеме побрзи и поефикасни и нѐ принудува да работиме повеќе работи одеднаш. Решавањето на повеќе работи одеднаш е познато како мултитаскинг.
Мултитаскингот ни создава чувство на продуктивност, бидејќи решаваме повеќе рутински задачи, а притоа не правиме штета во квалитетот на извршувањето на тие задачи.
Меѓутоа, доколку беспомошно се вртиме во круг, работиме од сѐ по малку, а ништо не завршуваме до крај, тогаш се создава ефект на исцрпеност и фрустрација, со што ќе резултира до зголемување на работните задачи.
Решавањето на повеќе задачи во еден момент оживеа во 90-тите години на XX век, кога е направено истражување за работната ефикасност при што е донесен заклучок дека работниците се попродуктивни извршувајќи повеќе работи одеднаш. Меѓутоа, практиката подоцна покажа дека мултитаскингот е добар само во случај на извршување на рутински работи кои не бараат поголема концентрација и внимание.
Постојат докази дека човекот кој работи две, три или пет комплексни работи одеднаш, не само што нема да биде продуктивен, туку постои шанса да биде и контрапродуктивен.
Така, многу истражувања и анализи се правени во изминативе години за ефектот на мултитаскингот во работењето. И сите резултати велат дека ние не сме толку добри, како што мислиме, во извршувањето на повеќе работи одеднаш. Според истражувањата, мултитаскингот ја намалува нашата продуктивност дури за 40 %, го забавува нашиот прогрес, влијае на нашиот фокус и ја намалува можноста за учење на нови информации.
Како заклучок на претходното, се поставува прашањето, кои штетни ефекти ги носи мултитаскингот?
- Ве пренасочува да мислите на квантитетот во извршувањето на обврските, но не и на квалитетот – при повеќе извори на информации, мозокот не е способен да утврди што е навистина важно за да се задржи во нашата меморија.
- Физички напор – при извршување на повеќе задачи одеднаш, ние го пренасочуваме вниманието од едел дел од мозокот до друг. За тоа е потребно многу енергија.
- Стрес – како резултат на зголемен физички напор поради извршување на две или повеќе задачи, ние не сме во можност до крај да ги извршиме работните задачи и се јавува стрес.
Но, истражувањата велат дека мултитаскингот нема само штетни ефекти. Мултитаскингот е вештина која се учи. Ако сакаме да ја развиваме нашата вештина за мултитаскинг, треба и ние повеќе да се едуцираме, да ги спознаеме техниките на работа и да вежбаме напорно. За да бидеме попродуктивни во извршувањето на повеќе работни задачи, треба да ги извршуваме оние задачи кои не се премногу тешки и комплицирани.