Финансиски институции, PISA тестови, идни пензии и селективност

Веќе извесно време внимание на јавност предизвикуваат неповолните резултати од PISA тестирањето на учениците од средните училишта. Притоа, далеку помала популарност имаат резултатите од истражувањата за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови, кои укажуваат на релативно неповолно ниво на познавања на членовите на пензиските фондови за капитално финансираното пензиско осигурување.

Зошто е ова важно? Затоа што станува збор за сегмент од домашниот финансиски систем кој се однесува на идните пензии, па оттука, заради социјалната димензија, има посебна улога во домашниот финансиски систем и суштински се разликува од останатите чинители на истиот.

Имајќи го предвид ова, кај друштвата кои управуваат со пензиските фондови, како и кај Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), покрај високото ниво на транспарентност во работењето, се преземаат и низа активности за едукација на членството, што е особено видливо на веб страницата https://penzija.mk/edukacija/.

Сава пензиско друштво вложува дополнителни напори за едукација на јавноста, преку објава на едукативни текстови со кои се настојува на поблизок начин да се појасни не само начинот на работа на Друштвото, туку и поставеноста на капитално финансираниот пензиски систем во целина.

Впечатокот за потребата од интензивирање на едукативните активности се засилува во периоди на ценовни корекции на пазарите на капитал, кои имаат влијание врз вредноста на сметководствената единица, која претставува пропорционален удел на членот во нето вредноста на фондот.

Во години на солидни приноси и раст на вредноста на сметководствената единица, во кои во суштина се акумулира одредена „резерва“, интересот на јавноста за перформансот на фондовите вообичаено е низок.

Но, при неповолни движења, на социјалните мрежи па дури и во одредени медуми, се коментираат краткорочните движења на сметководствената единица, без да се земе предвид фактот дека пензиските фондови се долгорочни инвеститори и како такви средствата ги инвестираат на долг рок, низ повеќе деловни циклуси кои опфаќаат фази на раст, но и на пад на економската активност, факти познати на секој дипломиран економист и присутни отсекогаш.

Целта на пензиските фондови е да се обезбеди оптимален принос на долг рок, до моментот на пензионирање на членот на задолжителниот фонд, односно до моментот во кој член на доброволниот фонд кој има право на повлекување на средствата, носи одлука тоа право да го искористи.

Гледано наназад, приносот се остварува во подолг временски период во чии рамки можат да се носат различни заклучоци зависно од изборот на временскиот период кој се анализира. Нормално е да постојат разлики помеѓу приносот остварен во текот на една година, просечните приноси остварени низ 2, 3, 4 или повеќе години, како и просечниот принос остварен од датумот на формирањето на фондот.

Можноста за избор на временската рамка за која ќе се коментираат резултатите дава можност за селективност, но и можност за покажување на свесност, одговорност поврзана со опасностите од short-termism, познавање на или напор за запознавање со проблематиката, како и фокус кон прашања кои се релевантни сега, а кои ќе имаат влијание врз идните остварувања.

Имено, во сферата на инвестирањето познато е дека минатите приноси не се гаранција за идните остварувања.

Исто така, познато е и дека пензиските системи еволуираат и дека промените бараат соодветна адаптација на инвестицискиот универзум, која на пензиските фондови би им ја проширила листата на можни вложувања по примерот на пензиските фондови во развиените држави, но и по примерот на актуелните промени во Хрватска.

Сава пензиско друштво останува посветено при управувањето на средствата на пензиските фондови, при носењето на одлуките, при барањата за регулаторни измени и при секое постапување да работи исклучиво во интерес на членството, со долгорочен фокус при носење и имплементација на инвестициските одлуки.

Како и досега, Сава пензиско друштво продолжува со едукативните активности и останува отворено за сите прашања поврзани со капитално финансираното пензиско осигурување.

Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (2 дел)

Во претходниот блог пишував за правото на старосна пензија како и начинот на пресметка на пензијата од првиот столб, односно Фондот на ПИОСМ. Сепак пензијата од Фондот на ПИОСМ е само еден дел од твојата старосна пензија. Вториот дел треба да се исплаќа од твојата акумулација во вториот столб.

Прашањето е колкава пензија може да се добие од вториот столб?

Одговорот зависи од повеќе фактори:

  • Висина на пензиска сметка – колку е повисок износот, толку е повисока пензијата;
  • Возраст на пензионирање – доколку подоцна се пензионирате ќе имате и повисока пензија со оглед на намалување на период на користење на пензијата;
  • Пол на пензионерот – жените во просек живеат подолго од мажите што значи период на користење на пензијата во просек е подолг во однос на мажите – следствено жените би имале понизок износ на пензија. 

Од овие фактори, најважен е факторот „висина на пензиска сметка“ кој зависи од висината на твојата плата и годините на работа до пензија. Исто така многу важен услов за повисока сметка е и стапката на номинален принос остварена од твоето пензиско друштво. Последните остварени номинални стапки на принос од пензиските друштва може да ги погледнете на следниот линк: Принос

Со оглед на тоа што е практично невозможно прецизно да се пресмета висина на пензиска сметка во момент на пензионирање, предлагам секој од вас да направи апроксимативна пресметка на следниот начин.

  1. Направете груба пресметка на вашата пензија од првиот столб – види пресметка од мојот претходен блог „ Прашања и одговори – старосна пензија за членови од вториот столб (1) “ за висина на пензија од прв столб;
  2. Изберете ниво на заменска стапка кое сакате да го постигнете кога ќе се пензионирате;
  3. Пресметајте уште колку средства ќе ви бидат потребни до возраст 62/64 години;

Пример:

Параметри:

Жена на возраст 62 години

Работен стаж од 30 години, целиот работен стаж е во период после 01.01.2006 година

Пензиска основица во година на пензионирање = 30.000 МКД

Заменска стапка = 30 години * 1,14% = 34,20%

Пензиска основица = 30.000 МКД

Старосна пензија од првиот столб = 34,20% * 30.000 МКД = 10.260 МКД

  1. Од примерот погоре може да се заклучи дека жена за 30 години стаж ќе има заменска стапка од 34,20%.
  2. Доколку сакате заменска стапка од 100% – а тоа значи да имате пензија колку што сте имале просечна плата, тогаш ви недостасуваат уште 65,80%, односно 65,80% * 30.000 МКД = 19.740 МКД
  • Во претходниот блог „колку пари ви требаат за рано пензионирање?“ пишував како грубо да пресметате посакувана сума за пензионирање. Според примерот погоре и текстот во претходниот блог, жена на возраст од 62 години има очекувано траење на живот 18,79 години и доколку посакувана пензија е 19.740 МКД, сумата која ќе ви биде потребна е:

19.740 МКД * 18,79 * 12 = 4.450.975 МКД

Сепак, во овој износ не е вклучен и ефект на инфлација кој би ја задржал куповната моќ на денешните 19.740 МКД а кој би требало да го добивате после повеќе години. За ова ќе ви треба и солидна стапка на принос на овие средства за целото време – пред и после пензионирање.

Следен чекор е да ја проверите вашата сметка во вториот столб  и да видите колкава акумулација имате. Пресметајте доколку работите секој месец до пензија со тековниот придонес во вториот столб уште колку средства би се собрале. Овде треба да се предвиди и добивање на унапредување или зголемување на плата за перидот до пензија. Додадете и стапка на принос за целиот период до пензионирање.

Како стоите во однос на планот?

Дали можеби треба да уплаќате дополнителни средства во третиот столб за да го остварите планираното?

Никогаш не е рано да се размислува за пензија и за пензиска заштеда

Динамиката на нашето професионално опкружување наметнува процеси, проекти, задачи и активности кои во голема мера го насочуваат нашето внимание. Кога ќе се навратам на моите рани почетоци во мојата кариера и моите размислувања за иднината, тоа секогаш беше поврзано со актуелни краткорочни планови. За себе и мојата иднина на долг рок не размислував. Едноставно, немав план. Тоа не беше на мојата агенда.

На ова се потсетив при една моја неодамнешна средба со еден млад успешен професионалец, кој кога зборувавме за долгорочни планови поврзани со пензиската заштеда, едноставно ми одговори дека не планира во иднина, кога ќе заврши неговиот професионална кариера да живее од пензија.

Одлично, си помислив – тој има план. Се сеќавам, на тие години и јас размислував така. Кога бев млад пензионирањето ми изгледаше далечно.

Она што тогаш не го знаев беа повеќе работи. Се оженив и на голема радост на  мојата сопруга и на мене набргу дојдоа децата. Децата значат ангажман, посветеност, одговорност и љубов, многу љубов.

Да бидеш родител е најтешката и најблагородната работа на светот. Тоа што не го знаев до тогаш е дека со најголемо задоволство ќе го потрошам најголемиот дел од заработените пари за сопствените деца. Сепак инвестирам во нивната иднина, образование и благосостојба. Ако пред тоа воопшто или малку размислував за мојата иднина по завршување на мојот професионален ангажман, сега тоа не е така.

Родител си додека си жив и тоа е мисија која го дефинира моето постоење, но во иднина, кога децата ќе си заминат по својот пат, за да не бидеме нивен товар, треба да размислуваме како да си осигуриме достојна пензија.

Времето немилосрдно поодминува, додека се свестиш си навлегол во средните години. Да можам да го вратам времето назад сѐ би направил исто повторно…со една мала разлика.

Сега знам дека можев, и требаше да одвојувам дел од заработените средства уште кога го почнував мојот професионален ангажман., а не малку подоцна. Зошто?… можеби ќе се запрашате.

Па еве вака…Она што ме очекува како основица за пензија од прв и втор столб е заменска стапка од 65-75% од просекот на месечните примања за време на мојот цел работен век.

Да, тука се вклучени и годините кога бев приправник, со пониска плата годините кога се развивав и растев и годините кога го остварувам зенитот на мојот професионален ангажман.

Со првата пензија значително ќе ми се намали квалитетот на животот, со оглед дека пензијата ќе биде пониска од моите дотогашни месечни примања, а тоа значи откажување од многу работи. Јас знам дека не сум спремен за тоа.

Решение? – Трет столб.

Дополнителната пензиска заштеда во доброволниот пензиски фонд – Сава пензија плус  ми овозможува да имам дополнителен извор на приход во пензионерските денови. Средствата кои ги штедам во фондот во континуитет растат, затоа што носат стабилни приноси од инвестициите, а пензискиот систем е строго регулиран.

Уплатата на мојата дополнителна пензиска заштеда можам да ја направам кога сакам и колку ми се можностите. Најчесто најлесната опција е да се направи траен банкарски налог за уплата во доброволен пензиски фонд.

Состојбата на мојата пензиска сметка во Сава пензиско друштво секогаш можам да ја проверам на апликацијата Сава пензиско план, на мојот мобилен телефон. Сава пензиско друштво е предводник во алатките за дигитална комуникација и единствено друштво кое има мобилна апликација.

Третиот столб ми носи многу бенефиции, поголем сигурност и повисок стандард по пензионирањето, средствата се наследуваат, а доколку ми е потребна определена сума одеднаш по мои навршени 54 години, или 52 за жени, можам да ја подигнам во целост или делумно, а средствата кои остануваат на мојата сметка повторно се инвестираат и се остварува принос.

Овие мисли ми прелетаа во еден миг додека ја слушав реченицата од овој млад менаџер кој рече дека не планира да живее од пензија.

Ќе ви го кажам и вам она што му го кажав нему:

Никогаш не е рано да се размислува за пензија и пензиска заштеда!

Кодекс на облекување на работно место

Изборот на соодветна облека за работното место може да биде комплицирано, особено на почетокот на кариерата или доколку треба да присуствувате на некој настан во рамките на компанијата.

Во последниве години кодексот на облекување што се бара на работното место се менува, еволуира, компаниите стануваат пофлексибилни. Изборот на облеката на работното место треба да овозможи да се чувствувате удобно и во исто време професионално.

Доколку претходно преовладувал стилот наречен business formal „деловно формално“ сега се повеќе доминира стилот business casual „деловно секојдневно“.

Business formal стилот подразбира кодекс на облекување кој е строг, уреден, и вклучува облека како скроени костуми со неутрални конзервативни бои, како на пример: црна, сива, темно сина, нијанси на кафена боја и никогаш светли бои.

Жените може да се одлучат за костум со здолниште или костум со панталони, како и костум фустан. Должината на фустаните и здолништата треба да биде до колена. Деталите и накитот се дискретни и сведени на минимум.

Business formal стилот најчесто се применува во канцелариски средини во професии како финансии, банкарство, адвокатура и владини институции, како и кај менаџерските нивоа на раководење. Се применува и за формални настани, деловни вечери, церемонии за доделување на награди и други важни настани.

Business casual стилот е сè повеќе распространет и применлив на работните места во компаниите. Овој кодекс на облекување се разликува од Business formal со тоа што внесува некои промени во традиционалното деловно формално облекување.

Не постои универзална дефиниција за Business casual, иако се уште е во формален контекст, сепак е пофлексибилен и по неформален. Исто така може да варира во зависност од компанијата, работниот контекст и индустријата.

Business casual стилот овозможува да се задржи професионалниот изглед без да се жртвува удобноста. Погоден е за секојдневното деловно работење на работното место, состаноци со клиенти, со вработени и интервјуа за работа.

Главната причина за ширењето и прифаќањето на стилот Business casual е токму во неговата сестраност и прилагодливост на различни ситуации и потреби, овозможувајќи да се усогласи професионализмот со личната удобност во нормалната професионална рутина во канцеларија, деловни посети и состаноци, како и контакти со јавноста.

Вообичаени се следните општи упатства, кои имаат тенденција да дадат генерални насоки за примена на Business casual облекување на работното место:

Женската секојдневна деловна облека вклучува елегантни панталони или сукња со средна должина, како и фустан со класичен крој. За горниот дел може да се избере кошула, блуза со долг ракав и кардиган.

Кошулите и блузите со краток ракав се препорачува да се комбинираат со парчиња за покривање на рамената како палто или елегантно скроена јакна. Се препорачува избегнување на прекумерно високи штикли и спортски патики. Изгледот може да се надополни и да се комбинира со додатоци како ремен и умерен накит.

Боите се најчесто неутрални, но може да се вклучи и пожива боја на облека или додаток, но секогаш со почитување на формалноста.

Машката секојдневна деловна облека нема строги правила, освен исклучување на фармерките, а панталоните можат да се комбинираат со кошули со долг ракав, како палто или пуловер во зависност од сезоната. Облеката може да се комбинира со вратоврска и ремен, препорачливо во темна боја.

Иако Business casual е по неформален начин на облекување, отколку Business formal стилот, тој сè повеќе се проширува и во формални работни средини, како што се финансискиот, правниот и банкарскиот сектор, пред сè заради прифаќање на тековите на модернизација кај помладите генерации, создавање на пријателска средина и промовирање на благосостојба кај вработените.

И покрај промовирањето и прифаќање на помалку формална работна атмосфера, со флексибилен кодекс на облекување, сепак е неопходна претпазливост и внимание за да се избегне несоодветен изглед и непрофесионална облека на работното место.

Секогаш е препорачливо да се почитуваат воспоставени норми и да се прави разлика помеѓу она што е соодветно или што може да биде несоодветно за работното место.

Генерални правила за работното место во било која компанија е препораката да се избегнува облека која е светкава, со претерано изразени контрасти и дезени, да се избегнува облека наменета за спортување, премногу тесна или премногу кратка облека, како и премногу широка или лабава, шорцеви или мини здолништа, нападна и впечатлива шминка, блузи без прерамки или кои го оставаат стомакот непокриен, исечена и скината облека како: скинати фармерки, апостолки, претерано големи логоа.

Глобалната здравствена вонредна состојба, предизвикана од пандемијата, предизвика многу промени на навиките, не само во приватниот живот, туку пред сè и на професионално поле.

Многумина од вработените долги месеци, па и се уште ја работат својата работа од дома, што доведува до промени и преминување кон поудобна и полежерна облека.

Можноста да се работи од дома, да се одржуваат далечински состаноци и интервјуа преку различни платформи за видео конференции, овозможија голем број на вработени да се прилагодат на поудобна и комфорна облека.

Без оглед на промените во кодексот на облекување на работното место, кои можеби ќе следат во идниот период предизвикани од промената на одвивањето на работните процеси од канцеларија или од дома, или начинот на одржување на состаноците, вработените секогаш треба да водат сметка за уредноста, нивната претставителност, чиста коса и чиста неизвалкана облека.

Во одбирањето на соодветна облека за работното место од важност е да се обрне внимание и на културата на компанијата и да се постапи соодветно.

Секоја компанија има свои специфични навики и потребно е прилагодување кон нив и колку што е можно да се биде во склад со дејноста, обичаите на работното место, како и дали работните процеси бараат комуникација со клиенти и деловни состаноци.

Некои компании може да бараат формален начин на облекување за посета на клиенти и конференции, а да дозволуваат деловна секојдневна облека за секојдневно нормално работење во канцеларија.

Начинот на облекување игра важна улога и помага да се проектира позитивна слика и да се создаде добар впечаток, затоа треба внимателно да се пристапи кон одбирање на облеката соодветна за работното место, како и секоја друга пригода.

Приливи од дивиденди од домашни и странски компании во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Ве информираме дека во периодот од 22.07.2022 – 03.08.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 3.824.686,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки, приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 15.626.553,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 960.592,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

  • 12.577,60 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      23.970,80 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      589.391 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 139.908,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки, прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 299.785,00 денари и прилив од камата од инвестиции во домашни обврзници издадени од банки, во износ од 741.028,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      367,36 САД долари, од инвестираните средства во компанијата VERIZON COMMUNICATIONS INC,

–      784,00 САД долари, од инвестираните средства во компанијата JP MORGAN CHASE & CO. и

–      281.744,00 денари, од инвестираните средства во компанијата ВИТАМИНКА АД ПРИЛЕП.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и влијаат на висината на пензиските заштеди.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Континуитет на високи приливи од камати и дивиденди во пензиските фондови, дел од нив и од инвестициски фондови како GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF

Ве информираме дека во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд пристигнаa приливи од камати во износ од 2.920.683,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 58.340.198,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од дивиденди во износ од:

–      11.103,62 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      4.372,27 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Во периодот од 11.07.2022 – 21.07.2022 година на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд пристигнаа приливи од камати во износ од 48.548,00 денари по основ на орочени депозити во домашни банки и приливи од камати од инвестиции во домашни државни обврзници, во износ од 1.465.077,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, Отворен доброволен пензиски фонд, пристигна прилив од дивиденда во износ од:

–      276,38 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X AUTONOMOUS&ELEC-ETF и

–      86,48 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд GLOBAL X VIDEO GAMES& ESPORT.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови и влијаат на висината на пензиските заштеди на сите членови на фондовите.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2022/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Како компаниите да се поврзат со своите вработени?

Отвореното комуницирање со вработените, препознавањето на добро завршената работа и давањето простор за раст значително ќе го подобри нивниот ангажман и патеката по која треба да се движи една компанија.

Каква разлика би направила една компанија која може да го предизвика секој од вработените да решава проблеми, да дава препораки, да ги изразува своите нови идеи и да се грижи за клиентите? Одговорот е едноставен – неизмерно многу.

Секоја компанија денес има потреба од вработени кои се ентузијасти и кои го даваат најдоброто од себе на работа. На компаниите им е потребно тоа не само од најдобрите вработени, туку и од секој вработен, за да бидат конкурентни на пазарот, да опстанат, да напредуваат.

Единствениот елемент што ја разликува една компанија од друга, повеќе од било што друго се луѓето и напорот што го вложуваат.

Поврзувањето на вработените е повеќе од обичен социјален ангажман. Тоа е заедничка визија, мисија и вредности на една компанија. Поврзувањето на вработените создава компаниска култура која не само што е инклузивна, туку и обезбедува вистинско чувство на припадност и промовира прогресивни идеи, иновации, а со тоа и раст на бизнисот.

Таквата компаниска култура е заразна и развива вработени кои уживаат во својата работа, пристапуваат кон работата со итност, ентузијазам и на проактивен начин.

Како се создава една таква работна сила? Првиот чекор е да се проценат нивоата на поврзаност на вработените едни со други, како и со вашиот бизнис. Тоа може да се дознае доколку одговорите на следните прашања:

  1. Дали вашите вработени одат над своите можности и чекор подалеку за да им помогнат на своите соработници?
  2. Дали се тука еден за друг и си помагаат?
  3. Дали вашите вработени се посветени на компанијата и го имаат на ум нејзиниот најдобар интерес?
  4. Дали вашите вработени се трудат да се подобрат себеси и да го подобрат својот квалитет на работа?

Компаниите сè повеќе се свесни за важноста на тоа да имаат добра организациска клима, задоволни и ангажирани вработени, кои со страст и ентузијазам ќе ја извршуваат својата работа. Во овој контекст се повеќе компании преку посебно креирани анкети го осознаваат мислењето на своите вработени за организациската клима, нивното задоволство и нивниот ангажман.

Во Сава пензиско друштво направивме вакво истражување од кое произлегоа одлични резултати од кои може да се заклучи дека:

  • Во однос на организациската клима, вработените меѓусебно си помагаат во заедничкото создавање и се задоволни од работната средина, а просечната оценка согласно утврдената анкета е 4,21 (на скала од 1 до 5);
  • Во однос на задоволство на вработените, тие се изјаснуваат дека се целосно задоволни од нивната моментална работа, па така утврдената просечна оценка изнесува 4,32 (на скала од 1 до 5);
  • Дури 75% од анкетираните вработени се изјасниле дека својата работа ја извршуваат енергично и со страст, што значи дека имаме висок процент на ангажирани вработени. Куриозитет во резултатите од нашето истражување е дека неангажирани вработени нема, односно ниту еден наш вработен не изразува незадоволство од извршување на работата.

Резултатите кои ги добивме во нашето мерење се споредуваат со индекси и просечни резултати на група компании и со задоволство можевме да констатираме дека оценките кои ги даваат нашите вработени се значително повисоки, што ја позиционира нашата компанија како компанија со добра организациска клима и задоволство на вработените.

Стекнување здрава навика

,,Силата не доаѓа од физичкиот капацитет, таа доаѓа од нескротливата волја” –Махатма Ганди

Сите ние имаме навики и ритам на живеење. Кога станува збор за развој на успешна кариера, добро здравје или едноставно балансиран живот, стекнувањето на здрави навики е од голема важност. Стекнувањето на нова здрава навика не може да се случи преку ноќ.

За да се направи позитивна промена потребна е желба, енергија, фокус и време. Се смета дека во просек се потребни 30 до 60 повторувања за да се создаде нова здрава навика. Секако, желбата е неминовна.

Зашто да одбереме трчање?

  • Трчањето додава години во вашиот живот, но и живот на вашите години

Медицинските истражувања поврзани со трчањето и долговечноста покажуваат дека трчањето придонесува за кардиоваскуларна кондиција, помалку масти, понизок холестерол, контрола на гликоза и инсулин, посилни коски, регулирање на хормоните, позитивно невролошко функционирање. Овозможува долг, продуктивен, активен и здрав живот.

Едно истражување на Универзитетот Ball State USА, открива дека група од 75 годишни тркачи (кои трчале 50 години), имаат биолошки профили поблиски до 25 годишните дипломирани студенти отколку до нивните врсници-невежбачи.

  • Трчањето го подобрува имунолошкиот систем

Трчањето го зајакнува природниот имунитет на телото и ја зајакнува неговата реакција и отпорност на бактериски и вирусни инфекции. Ги зајакнува белите крвни зрнца кои се важни за имунитетот, со трчањето  се зголемува температурата на телото што му помага да се бори против инфекцијата и ги спречува бактериите да се размножуваат.

Го намалува стресот и го намалува количеството на стрес хормоните во организмот. Бидејќи стресот директно влијае врз имунолошкиот систем  и ја намалува неговата функција, трчањето го зајакнува имунитетот и му пркоси на стресот.

  • Трчањето го подобрува расположението и овозможува добро ментално здравје и квалитетен сон

Со трчањето во телото се ослободуваат хормоните ендрофин и сератонин кои директно влијаат на доброто расположение и добриот сон. Се случуваат промени во мозокот кои овозможуваат бистар ум а ја смируваат неговата прекумерна активност предизвикана од стрес и анксиозност.

На прашањето: ,,Зошто трчаш”? многу луѓе тркачи, особено нови даваат одговор: ,,Tрчањето прави да се чувствувам подобро” и зборуваат за емоции, добро расположение, еуфорија, ментална енергија, добар сон и помалку сиви денови.

Анкетата спроведена од Асоцијацијата за анксиозност и депресија на Америка, покажа дека 20% од анкетираните возрасни претпочитаат трчање како стратегија за борба против стресот.

  • Трчањето ја поткрева самодовербата

За трчање е потребна мотивација, дисциплина, издржливост. Чувството на задоволство поради вложениот напор ја зголемува самодовербата и дава чувство на исполнетост и гордост. Се создава циклус во кој здравата навика и самодовербата се хранат една со друга помагајќи ни да создадеме уште поголеми промени кои имаат позитивно влијание врз нашиот живот.

Со текот на времето тоа чувство на достигнување се прелева и во другите области на живеењето, од лични до професионални и инспирира преземање нови предизвици.

Секако, тука е и добриот тен, телесната тежина и добрата мускулатура кои доаѓаат сами по себе.

Трчањето не е лесно, но е мерливо. Ги мериме минутите, километрите за да можеме да видиме каде сме биле на почетокот од нашето патување и колку далеку сме стигнале, а создава и спомени за вложениот труд и како сме се чувствувале.  Тоа пак не учи на едноставна вистина дека трудот дава резултати. Трудот вреди.

Со трчањето се запознав одамна, во студентските денови, низ годините следуваа прекини поради формирање на семејство и улогата на мајка, но секогаш со огромно задоволство му се навраќам рекреативно и можам слободно да кажам дека тоа преставува еден од моите најдобри избори во животот.

За започнување на нова навика за трчање потребни ви се удобни патики и желба да се движите бавно или малку побрзо и тоа со темпото кое што сами ќе си го зададете. И сето тоа е бесплатно!

Останатото е емоција која треба да се почувствува.

Колку пари ви требаат за рано пензионирање?

Дали сте размислувале да се пензионирате порано? Со рано пензионирање ќе имате слободно време да се посветите на вашите најблиски, да патувате и да правите работи што вие ги сакате. За да си го овозможите ова ќе треба да заштедите одредена сума на пари – од која самите ќе се финансирате до крај на животот.

Висината на заштедата која треба да ја имате ќе зависи од следните две прашања:

  • На која возраст би сакале да се пензионирате, и
  • Колку посакувате да трошите – на месечно ниво.

Логично, доколку сакате да се пензионирате порано ќе ви треба повисок износ на средства отколку да се пензионирате подоцна. Доколку посакувате да трошите повеќе ќе треба да планирате и повисока заштеда.

  1. За да може да ја пресметате вкупната сума ќе ви треба податок за тоа колку долго живее просечен македонец на одредена возраст – односно да знаете за колку месеци треба да ги покриете вашите потреби. Интересно е тоа што овој податок има јавен карактер и редовно се објавува од Државниот завод за статистика во рамки на „морталитетни таблици“ за одреден период.

    Овие „морталитетни таблици“ покрај веројатноста за доживување или смрт до секој нареден роденден го содржат и податокот кој нас ни треба за оваа пресметка – „очекувано траење на живот“.

    Во продолжение е наведено очекуваното траење на живот за мажи и жени на одредена возраст, преземено од последните објавени морталитетни таблици за период 2018-2020 година.   
 Очекувано траење на животот 
Возрастмажжена
5025,8329,34
5124,9628,42
5224,0727,49
5323,2326,58
5422,4025,68
5521,5824,78
5620,7523,89
5719,9523,02
5819,1622,17
5918,4121,31
6017,6520,46
6116,9219,63
6216,2018,79
6315,5117,99
6414,8317,18
6514,1416,38
6613,5015,62
6712,8714,86
6812,2414,10
6911,6213,36
7010,9912,61

Табелата се чита на следниот начин:

  • маж на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 25,83 години или 309,96 месеци = 25,83*12=309,96;
  • жена на возраст од 50 години во просек ќе живее уште 29,34 години или 352,08 месеци = 29,34*12=352,08.
  • Со оглед на тоа што веќе знаете колку би живееле во просек доколку се пензионирате на определена возраст, следниот чекор е да се пресмета вкупната сума врз основа на посакуваниот месечен износ кој би го трошеле за периодот. Оваа вкупна сума предлагам да биде пресметана на едноставен начин:

Вкупна сума = посакуван месечен износ * очекувано траење на живот во месеци

На пример, доколку сте жена и планирате да се пензионирате на 50 години и планирате месечна пензија од 300ЕУР, ќе ви биде потребна вкупна сума од 105.624 ЕУР:

300 ЕУР * 29,34 *12 = 105.624 ЕУР

На истиот начин може да се пресмета дека ќе ви бидат потребни 176.040 ЕУР доколку посакувате месечен износ од 500 ЕУР.

Нормално, овие пресметани износи погоре ќе бидат дополнување на вашите приходи од други извори, вклучително и:

  • Приходи по основ на старосна пензија од прв столб и втор столб – по навршување на 62 години за жена и 64 години за маж;
  • Други приходи: кирии, дивиденди и слично.
  • Неопходен елемент при планирањето е солидна стапка на принос за да го одржите стандардот најмалку на ниво на инфлација за која пишував во претходните блогови. Покрај тоа, потребно е да се земат предвид и следните битни работи:
  • Што ако живеете подолго од просечниот македонец?
  • Што ако ви бидат потребни дополнителни средства за лекување?

Очигледно е дека покрај основната вкупна сума паметно е да планирате и дополнителна заштеда која ќе служи како маргина во случај да се појават одредени непредвидени трошоци во голем износ.

Се надевам дека со мојот краток текст ве поттикнав на размислување за оваа важна тема. Доколку имате одредени прашања или сугестии, слободно обратете се до моите колеги кои со задоволство ќе одговорат на вашите прашања 02/15-500, kontakt@sava-penzisko.mk.

ристо бајатов

Правило 50/30/20 за буџетирање

Основата на правилното буџетирање се заснова на познатата сметководствена равенка:  Приходите = Расходите. Тоа значи дека нето месечните приходи/приливи (откако ќе се платат придонеси и данок) треба да се распределат така што ќе ги покријат сите категории на расходи/одливи (во кои се вклучуваат и заштедите).

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. Основното правило е да го поделите вашиот месечен приход  во три категории: 50% за основни потреби, 30% за желби и 20% за заштеди или отплата на долг.

Избалансираната распределба на трошоците во дадените категории е чекор кон поефикасна алокација на вашите финансиски ресурси и овозможува лесно и едноставно следење на трошоците.

Еве како изгледа буџетот што се придржува до правилото 50/30/20:

  1. Потрошете 50% од вашите финансии на основни потреби

50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци – плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, транспорт, осигурување и исхрана. 

Доколку трошоците за основни потреби надминуваат 50% од месечните примања, треба да се согледа дали и каде може да се намалат трошоците. Така на пример, да се одлучите за друг вид на транспорт или за наоѓање на нови начини да заштедите пари додека купувате намирници.

  • Потрошете 30% од вашите финансии на желби

Следењето на правилото 50/30/20 не значи дека не можете да уживате во вашиот живот. Тоа едноставно значи да бидете посвесни за вашите пари со наоѓање области во вашиот буџет кои се  непотребно трошење и истите да се намалат или елиминираат.

Ако сте збунети околу тоа дали нешто е потреба или желба, едноставно запрашајте се: „Дали би можел да живеам без ова?”-Ако одговорот е да, тоа е веројатно желба.  Желбите се дефинирани како несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив, ако треба. Тука може да се вклучат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување.

  • Заштедете 20% од вашите финансии

Со оглед на тоа што 50% од вашиот месечен приход оди за вашите потреби и 30% се распределуваат на вашите желби, останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

Постојаното одвојување на 20% од вашата плата секој месец, може да ви помогне да изградите подобар, поиздржлив план за штедење, без разлика дали вашата крајна цел е краткорочно инвестирање како, креирање на фонд за итни случаи, купување автомобил или реновирање, или долгорочни инвестициски планови, како инвестирање во инвестициски фондови, акции, недвижности или доброволно пензиско осигурување.

Преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои  ќе ни овозможат и подобар животен стандард. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски и временски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана