Благосостојбата на вработените во период на КОВИД-19

Пандемијата со КОВИД-19 ни наметна „ново нормално“ како во приватниот, така и во професионалниот живот.

Социјалната изолација, осаменоста, „тенката“ граница помеѓу работните обврски и приватниот живот, стравот од губењето на работата или саканата личност, создаваат тежина, која може да биде голема и значително да влијае на менталното здравје. 

Принудени да се борат со овие дополнителни стресови, додека сè уште треба да работaт, вработените се соочуваат со неочекувани предизвици кога станува збор за нивната ментална благосостојба и имаат потреба од поддршка, додека се на своите работни места.

Свесни за ова и загрижени за своите вработени, кои во голема мера своите активности ги извршуваа од дома,  Сава пензиско друштво, спроведе истражување каде низ повеќе прашања ги истражи ставовите на своите вработени за нивната благосостојба и ментално здравје во време на пандемијата, како и нивните стравови и надежи за работата и состојбата по завршувањето на пандемијата.

Резултатите беа очекувани и за истите сметаме дека може да се генерализираат и разгледуваат во еден поширок контекст.

Над 43 % од вработените се изјасниле дека имаат високо ниво на благосостојба. Сепак, кај голем дел од нив се јавува некое средно ниво на истрошеност, кое перспективно при продолжување на овие услови, може да премине во високо ниво и да доведе до зголемување на истрошеноста и намалување на продуктивноста и благосостојбата на вработените.

Фактори кои имале најголемо влијание врз продуктивноста на вработените се:

  • Намалена социјализација и недостаток на комуникација со колегите;
  • Тешкотии при гасење на „работниот“ режим. И покрај тоа што над 88 % од нашите вработени целосно или делумно настојуваат да го задржат ритамот на животот и рутините кои ги имале пред промените поради КОВИД-19, сепак, по осумчасовна работа, вработените имаат тешкотии  да воспостават соодветен баланс работа-дома и да се исклучат од работа;
  • Грижа за член од семејството. Една поголема слабост на работата од дома е тоа што и покрај тоа што се елиминираат дистракциите кои можат да се јават при работа од канцеларија, сепак, доколку вработениот нема соодветни услови за работа од дома, може лесно да се деконцентрира поради бучавата или други домашни обврски, како и грижата за децата или повозрасни членови од семејството;
  • Недостатокот на јасна визија или план за живот на професионално и приватно ниво, по завршувањето на пандемијата создава загриженост и анксиозност. Најчести симптоми на анксиозност кои се почувствувале кај вработените во изминатиот период се: неможност за релаксација, напнатост, вознемиреност и нервоза, како и преголема загриженост за различни нешта.

Како најголем страв за вработените за постпандемискиот период е евентуалното продолжување со тековното темпо на работа, кое, воедно, е и главна причина за истрошеност и дебаланс на приватен професионален живот.

Исто така, вработените стравуваат дека постпандемискиот живот ќе се одликува со намалена грижа за вработениот и намалена флексибилност на работното место.

Најголема желба на вработените е да се подобри балансот работа-дома, кое се поврзува со желбата во иднина да се продолжи комбинираниот начин на работа, токму поради поголемата флексибилност што ја нуди тој начин на работа.

Како топ 3 причини зошто би се вратиле на работното место, кои нашите вработени ги избраа се: недостаток на работната атмосфера, социјализација и поголема продуктивност на работното место.

Во согласност со податоците добиени од спроведената анкета, Сава пензиско друштво продолжува да ги подобрува работните услови и да ги приспособува работните процеси, а притоа да ги задоволи желбите и потребите на своите вработени, со цел подобрување на нивната севкупна благосостојба, притоа без да се влијае на дејноста на Друштвото.

5 совети како да останете продуктивни додека работите од дома

Дали работењето од дома Ви го одвлекува фокусот од најбитните задачи кои треба да ги завршите?

Дали Ви е тешко да го менаџирате времето додека работите од дома?

Дали ја сакате работата од дома, а притоа сакате да смените некои работи за да се зголеми Вашата продуктивност?

Доколку одговорот е позитивен, тогаш оваа статија е токму за Вас.

Во продолжение на текстот ќе откриете неколку лесни чекори, кои ќе Ви помогнат да ја зголемите Вашата продуктивност при работа од дома.

  • Организирајте го работниот простор

Чист и организиран работен простор може да Ви помогне во создавање на добра работна атмосфера. Изберете место со добро осветлување и место кое нема да Ви го одвлекува вниманието. Сите потребни работи чувајте ги на едно место. Не дозволувајте Вашата работна маса да стане неуредна. Ова ќе Ви помогне подобро да се фокусирате на работата а, истовремено, како  да ја зголемите и продуктивноста.

  • Направете одреден распоред за извршување на работните задачи

Кога работите од дома, многу е лесно да се опуштите. Без „нормалната“ рутина за станување, облекување за работа и одење во канцеларија, многу луѓе почнуваат да прават работи по случаен избор. Затоа, многу е важно да си направите распоред  на работните задачи кои треба да ги завршите во текот на денот и да се придржувате до истиот.

  • Исклучи ги известувањата на мобилниот телефон

Истражувањата покажуваат дека во просек се потребни 25 минути повторно да се фокусирате на работата, откако ќе Ви биде одвлечено вниманието. Известувањата од социјалните мрежи можат, навистина, да бидат проблем да ја задржите концентрацијата при работата. Мејловите не ги проверувајте многу често, туку одредете два термина во текот на работното време во кои ќе испраќате и ќе одговарате на мејловите.

  • Практикувајте физичка активност

Физичката активност не е важна само за телото, туку и за Вашето ментално здравје. Пред да започнете со работа, убаво би било да излезете на утринска прошетка, трчање или, пак, возење велосипед. За да ја зголемите продуктивноста, практикувајте истегнување додека сте на пауза.

  • Правете пауза на секои 90 минути

Истражувачите од Државниот универзитет во Флорида откриле дека елитните изведувачи (спортисти, шахисти, музичари и слично), кои работат во интервали не повеќе од 90 минути, се попродуктивни од оние кои континуирано работат повеќе од 90 минути. Правењето на кратки и редовни паузи може да ја подобрат Вашата концентрација и нивото на ефикасност.

Сегашната криза, идните пензии и алтернативните вложувања

Демографските предизвици со кои се соочуваат повеќето развиени и не толку развиени држави во годините зад нас доведоа до редизајнирање на пензиските системи и преземање на дополнителни мерки кои се насочени кон обезбедување на долгорочни извори на приходи, пред се заради обезбедување на соодветни приходи за идните пензионери.

Неповолните трендови доведоа и до некаде поуспешно, а некаде помалку успешно, кревање на свесноста дека стареењето на населението, особено кога е придружено со одлив на работна сила, на долг рок се очекува да има негативно влијание како врз приливите и финансиската кондиција на државните пензиски фондови, така и врз буџетските приходи.

Ширењето на пандемијата на Ковид-19 доведе до силна фискална поддршка која резултираше, но и понатаму ќе резултира со раст на задолженоста и на буџетските дефицити, што неминовно ќе има негативно влијание врз подготвеноста на државите во иднина да издвојуваат повеќе средства за исплата на пензии и за останати форми на буџетски расходи од социјален карактер.

Оттука од голема важност е потенцирање на потребата за излегување од зоната на комфорност и гледање подалеку, заради осознавање на потребата од долгорочно и дисциплинирано штедење, за себе и за сопствената иднина.

На глобално ниво, справувањето со последиците од глобалната финансиска криза од 2008 година, на кое се надоврза справувањето со економските последици од актуелната пандемија, доведе до рекордни нивоа на ликвидност на пазарите на капитал.

Оваа ликвидност имаше и има за цел поддршка на економиите, но и се рефлектира врз вреднувањата на повеќето класи на инструменти, особено традиционалните класи како што се акциите и обврзниците, што се должи, помеѓу другото, и на релативно повисокото ниво на достапност на овие класи на инструменти.

Високата ликвидност на глобално, но и на локално ниво се рефлектираше и врз пад на каматните стапки на депозитите во домашни банки и домашните државни обврзници, што домашните институционални инвеститори ги изложи на “ризик од реинвестирање“, односно ситуација во која значителен дел од законски регулираниот инвестициски универзум нуди можности за инвестирање под услови кои би се рефлектирале неповолно врз приносите на членовите на пензиските фондови.

Трендот на “поскапување“ кај традиционалните класи на инструменти во изминатиот период доведе до тоа пензиските фондови низ светот, во настојувањето на своите членови да им обезбедат соодветна стапка на принос на долг рок, да алоцираат дел од вложувањата кон алтернативни инвестиции.

Доколку се земат предвид очекуваните приноси на алтернативните класи на инструменти во споредба со оние на традиционалните класи, ваквата тенденција е повеќе од разбирлива, но е можна таму каде што законската рамка тоа го дозволува.

Само за пример, изложеноста (директна и индиректна) на пензиските фондови на Австралија, Канада и Финска кон недвижности, како форма на алтернативни вложувања, на крајот од 2018та година се движеше помеѓу 10% и 15% од вкупните средства.

Детални податоци за овој тренд и за состојбите на крајот од 2019та година во земјите членки на ОЕЦД се достапни во годишниот Извештај на ОЕЦД за пензиските системи.

Алтернативните вложувања се хетерогена класа на инструменти која опфаќа повеќе категории, со различен профил на ризичност, но и со различна достапност од повеќе причини, вклучувајќи различни нивоа на минимални вложувања во случаи кога истите се пропишани како услов, специфични карактеристики на самото вложување и останати фактори.

Сепак, вклучувањето на алтернативните вложувања во портфолијата на долгорочните инвеститори во кои се вбројуваат и пензиските фондови, имаат изразени диверзификациски ефекти, што пак има стабилизирачко влијание врз вкупните приноси.

Идните пензии се прашање кое спаѓа во доменот на долгорочно планирање и кое бара стратешки пристап, заради сензитивноста, комплексноста и социјалната димензија на истото.

Светот се менува, а се менува и големината на пензиските фондови како природен процес. Порастот на средствата под управување, во отсуство на регулаторни приспособувања, со текот на времето може да доведе до тоа дефинираните ограничувања да станат несоодветни за големината на фондовите.

Имајќи ги предвид и овие аспекти, измени во регулативата кои би значеле проширување на инвестицискиот универзум, помеѓу останатото и во делот на алтернативните вложувања, на начин кој ќе биде во интерес на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови, би значеле поддршка на домашните управувачи со пензиски фондови да обезбедат соодветни долгорочни стапки на принос за своите членови.

Секогаш бидете информирани за работите од кои може да зависи вашата иднина

Брзото темпо на живот и големиот број на информации понекогаш може да ви го оттргнат вниманието од важите работи од кои зависи вашата иднина.

Начинот и квалитетот на живот во иднина  во еден дел ќе зависи и од пензијата која што ќе ја добивате. Без разлика колку години имате и уште колку време активно ќе работите секогаш треба да бидете информирани за вашата пензиска заштеда.  

Мобилната апликација Сава пензиско план ви нуди можност на вашиот мобилен телефон  да ги имате сите потребни информации за вашата пензиска заштеда во Сава пензиски фонд и Сава пензија плус.

Секој член на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје може да се најави на мобилната апликација и на брз и едноставен начин да има целосен увид во својата пензиска заштеда.

Преку мобилната апликација членовите имаат можност за преглед на состојбата и трансакциите, може да генерираат детален извештај, да ги ажурираат личните податоци и да го променат начинот на известување.  Исто така, имаат пристап и до други корисни линкови и информации за работењето и резултатите на пензиските фондови.

Со мобилната апликација Сава пензиско план  бидете секогаш информирани преку редовните известувања за уплатени придонеси на вашата пензиска сметка.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Човечки наспроти финансиски капитал

Првата лекција при градење на свесност за потребата од управување со личните финансии е разграничувањето помеѓу човечкиот и финансискиот капитал и разбирање на нивната динамика низ животниот и работен век на една индивидуа.

За таа цел првенствено да дефинираме што е капитал. Најбазичната дефиниција за капитал е нешто што генерира парични текови односно  парични приливи во одреден или неодреден иден временски период.

По дефиниција, човечкиот капитал се вештините и знаењата кои еден индивидуалец ги поседува и кои се очекува во иднина да ги претвори во финансиски капитал преку финансиски надоместоци за својот труд како плата, дивиденда од сопствен бизнис, раст на вредноста на својот бизнис или друга форма на финансиска компензација.

Финансискиот капитал од друга страна се сите материјални (стан/куќа, автомобил, банкарски депозит, акции, обврзници и слично) и нематеријални добра (патенти и друга интелектуална сопственост, концесии, лиценци и слично) кои истиот индивидуалец ги поседува, намалени за сите долгови кои тој/таа ги има во моментот.

И двете категории на капитал се мерливи, односно со методи на финансиска математика може точно или приближно да се определи нивната монетарна вредност во сегашноста.

Со одредени исклучоци, сите индивидуи имаат иста динамика на движење на човечкиот капитал и тоа:

  • Човечкиот капитал е највисок на почетокот на работниот век на секој индивидуалец;
  • Човечкиот капитал е најнизок на крајот на работниот век на секој индивидуалец;
  • Доедукација и совладување на нови вештини го зголемува човечкиот капитал (на пример магистратура или специјализација, или курс за совладување на одредена вештина, програмски јазик и слично);
  • Сите фактори кои влијаат негативно на работоспособноста на еден индивидуалец ја намалуваат вредноста на човечкиот капитал (на пример незгода или болест, структурна промена на пазарот на работна сила како роботизација и автоматизација и слично)

За горната динамика има и математичко објаснување кое е валидно и едноставно за разбирање: Ако вашиот човечки капитал е едноставно збир на сите ваши идни примања по основ на вашиот труд, тогаш бројот на години/месеци во работен однос помножен по вредноста на трудот (износот на плата), соодветно сведен на сегашна вредност го дефинира износот на вашиот човечки капитал.

Па така, колку повеќе периоди (месеци) во работен однос пред себе, толку поголем човечки капитал и обратно, што пократок период до пензионирање, толку помал човечки капитал.

На долниот приказ и прикаченото видео се прикажани нивоата на човечки (зелена боја) и финансиски (сива боја) капитал во животниот век на една индивидуалец.

За разлика од човечкиот капитал, финансискиот капитал кај повеќето индивидуи е најнизок на почетокот од работниот век бидејќи на пазарот на труд најчесто влегуваме по завршување на средно училиште или факултет, и неретко, во таа фаза финансискиот капитал е дури негативен поради евентуален долг за финансирање на студиите или потрошувачката во периодот пред вработување. Па така, како одминува времето, намалувањето на човечкиот капитал треба да биде компензирано со соодветно зголемување на финансискиот капитал. Оваа динамика е најдобро објаснета на горниот графички приказ.

Секако, со помош на соодветен пензиски или финансиски советник, вредноста на човечкиот капитал може многу прецизно да се квантифицира, додека со редовно (еднаш годишно) преиспитување на околностите што ја дефинираат вредноста на човечкиот капитал, се управува со промените на вредноста на човечкиот капитал, односно се дефинира потребата за зголемување на човечкиот капитал доколку е тоа можно преку: доедукација, реквалификација, промена на кариера и слично) или се вршат измени врз финансискиот капитал: се зголемува штедењето или се прават измени во портфолиото на финансиски капитал со цел истиот да ги рефлектира ризиците врз човечкиот капитал.

Во основа, ризичноста на човечкиот капитал треба да биде рефлектирана во ризичноста на финансискиот капитал, па така, што понеизвесни парични текови по основ на плата во иднината тоа помалку ризик во финансиското портфолио.

И обратно, колку што се посигурни и поизвесни идните примања по основ на плата, толку е поголема можноста за преземање на ризик во сопствениот финансиски капитал.

Преку соодветно управување и зголемување на финансискиот капитал во текот на работниот век се обезбедува посигурна иднина и поголем приход во пензија, период кога човечкиот капитал е најнизок. Една од можностите за зголемување на финансискиот капитал е преку штедење во доброволниот пензиски фонд Сава пензија плус.

Напомена: Текстот е изработен и објавен во рамки на кампањата за одбележување на Деновите на финансиска писменост чија примарна цел е подигање на свеста за значењето на индивидуалните и лични одлуки во финансиското здравје на индивидуалците но и на финансискиот систем во целина. Сава пензиско друштво преку своите агенти за продажба и деловни партнери НЛБ Банка и Сава Осигурување, како и преку своите дигитални канали за комуникација Ви стои на располагање за презентирање на можноста за зголемување на сопствениот финансиски капитал преку пензиските фондови со кои управува.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Линк youtube.

Флексибилна опција за ваша побезбедна иднина

Од секогаш сите замислуваме дека своите пензионерски денови ќе ги поминеме на некое убаво место, некој на море, некој на планина и дека ќе имаме време да се занимаваме со нашето хоби кое е заборавено во трката со времето и парите.

Но, сите бегаме од реалноста во која бројот на работно активното население се намалува поради зголемениот број на иселувања на млади луѓе, намалениот наталитет, а истовремено бројот на пензионери расте.

Сепак, постои решение за оние што навреме ќе го согледаат овој проблем. Ако сакате да си обезбедите пристојна пензија која ќе ви овозможи остварување на вашите планови треба навреме да започнете со дополнително штедење.

Една од најдобрите и најисплатливи опции за ова е да вложувате во доброволни пензиски фондови, односно во трет пензиски столб.

Еден од доброволните пензиски фондови во нашата земја е Сава пензија плус, управуван од Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

Предноста на доброволното пензиско штедење е – флексибилноста. Секое лице на возраст од 15 до 70 години може да биде член на доброволен пензиски фонд. Уплатите во доброволниот пензиски фонд, секој индивидуално ги прилагодува согласно своите можности.

Предноста на овој финансиски продукт е токму флексибилноста при одредување на висината на средствата кои сака да ги вложи во трет столб, како и начинот и динамиката на нивна уплата.

Уплатите во Сава пензија плус не се задолжителни, а во случај на нередовни уплати, членството не престанува. Веќе уплатените средства продолжуваат да се инвестираат од страна на пензискиот фонд и да остваруваат принос.

Она што треба да се знае за доброволното пензиско осигурување е тоа што овој процес е долгорочен. Затоа, започнете навреме со планирање на вашата иднина и остварување на вашите соништа.

Важно е да се напомене дека средствата уплатени во доброволен пензиски фонд најрано можат да се користат 10 години пред остварување на право на пензија, односно на 52 години за жена и 54 години за маж.

При исплата на доброволен пензиски надоместок од индивидуална сметка, предмет на оданочување е само остварената добивка на уплатените средства. Во случај на смрт, средствата се целосно наследни.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk