Правило 50/30/20 за буџетирање

Основата на правилното буџетирање се заснова на познатата сметководствена равенка:  Приходите = Расходите. Тоа значи дека нето месечните приходи/приливи (откако ќе се платат придонеси и данок) треба да се распределат така што ќе ги покријат сите категории на расходи/одливи (во кои се вклучуваат и заштедите).

Правилото 50/30/20 е лесен метод за буџетирање кој може да ви помогне ефикасно и одржливо да управувате со вашите финансии. Основното правило е да го поделите вашиот месечен приход  во три категории: 50% за основни потреби, 30% за желби и 20% за заштеди или отплата на долг.

Избалансираната распределба на трошоците во дадените категории е чекор кон поефикасна алокација на вашите финансиски ресурси и овозможува лесно и едноставно следење на трошоците.

Еве како изгледа буџетот што се придржува до правилото 50/30/20:

  1. Потрошете 50% од вашите финансии на основни потреби

50% од вашиот приход треба да ги покрие вашите најпотребни трошоци – плаќања за сите основни работи без кои би било тешко да се живее, а тука спаѓаат: месечна кирија, режиски сметки, транспорт, осигурување и исхрана. 

Доколку трошоците за основни потреби надминуваат 50% од месечните примања, треба да се согледа дали и каде може да се намалат трошоците. Така на пример, да се одлучите за друг вид на транспорт или за наоѓање на нови начини да заштедите пари додека купувате намирници.

  • Потрошете 30% од вашите финансии на желби

Следењето на правилото 50/30/20 не значи дека не можете да уживате во вашиот живот. Тоа едноставно значи да бидете посвесни за вашите пари со наоѓање области во вашиот буџет кои се  непотребно трошење и истите да се намалат или елиминираат.

Ако сте збунети околу тоа дали нешто е потреба или желба, едноставно запрашајте се: „Дали би можел да живеам без ова?”-Ако одговорот е да, тоа е веројатно желба.  Желбите се дефинирани како несуштински трошоци – работи на кои избирате да ги трошите парите, иако би можеле да живеете без нив, ако треба. Тука може да се вклучат: ресторани, облека, теретана, излегување, театар, кино и патување.

  • Заштедете 20% од вашите финансии

Со оглед на тоа што 50% од вашиот месечен приход оди за вашите потреби и 30% се распределуваат на вашите желби, останатите 20% може да се стават за постигнување на вашите цели за штедење или за враќање на сите неподмирени долгови, како рати за кредит.

Постојаното одвојување на 20% од вашата плата секој месец, може да ви помогне да изградите подобар, поиздржлив план за штедење, без разлика дали вашата крајна цел е краткорочно инвестирање како, креирање на фонд за итни случаи, купување автомобил или реновирање, или долгорочни инвестициски планови, како инвестирање во инвестициски фондови, акции, недвижности или доброволно пензиско осигурување.

Преку инвестирање на средства во доброволните пензиски фондови, се јавува нов извор на примања кои  ќе ни овозможат и подобар животен стандард. Доброволниот фонд – Сава Пензија Плус овозможува флексибилно инвестирање, согласно Вашите финансиски и временски можности. За повеќе информации за доброволниот фонд кликнете тука или обратете се до нашите пензиски советници.

Теодора Пана

Најнови информации за приливи во пензиските фондови управувани од Сава пензиско друштво

Почитувани членови и пензионирани членови,

Ве информираме дека во периодот од 01.04.2022 – 10.04.2022 година на сметката на Сава пензиски фонд, пристигнаa приливи од камати во износ од 1.385.012,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 7.219.871,00 денари, како и приливи од дивиденди во износ од:

–      730,62 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      11.887,83 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Во истиот период на сметката на Сава пензија плус, пристигна прилив од каматa во износ од 21.537,00 денари  по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од каматa од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 265.995,00 денари.

Исто така пристигна и прилив од дивиденда во износ од:

–      21,88 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд INVESCO GLOBAL WATER ETF и

–      335,80 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд ISHARES IBOXX INVESTMENT GRADE CORPORATE BOND ETF.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и пропорционално се распределуваат на нивните сметки.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензискиот фонд имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/finance/financial-report/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

Феноменот Хари Потер

Сите ние кои сме родители знаеме дека не е баш така лесно да ги натераме децата да читаат. Особено во периодот на основно образование, лектирите вообичаено се читаат бидејќи мора, под присила, со закана, со ветување на некоја награда и скоро секогаш во ,,пет до дванаесет’’. Секоја чест на исклучоците.

И мојата ќерка Ива, не беше многу наклонета кон лектирите, иако дисциплинирано ги читаше, само затоа што мораше. Сè до нејзината тринаесетгодишна возраст, кога се појави литература за деца, која едноставно и го сврте вниманието и беше многу поразлична од задолжителните лектири. Серијалот на книги Хари Потер.

Серијалот содржи 7 книги, со вкупно околу 4.100 страници, односно нешто над милион зборови. Книгите ги купувавме со најголема желба, а ги читаше во еден здив. Јас никогаш, сè до пишувањето на овој текст, ја немав прашано што беше тоа што ја привлече, што има во таа литература што го немаше во лектирите?

Нејзиниот одговор, денес, е дека ,,има добро развиена приказна која лесно привлекува, стилот на кој е напишана е многу едноставен и разбирлив. Содржински е многу различна од лектирите до тогаш, лектирите до некаде се реалистични. Хари Потер е преполна со фантастични елементи: училиштето Hogwarts, магијата и волшебни суштества, но ликовите се добро развиени и лесно можеш во нив да се пронајдеш’’.

Исто така, вели дека тема на разговор со многу пријатели и биле токму Хари Потер книгите. Така ја запознала и една од своите најдобри другарки.

На прашањето ,,во што мисли дека е феноменот на Хари Потер и зошто е еден од најчитаните серијали?’’, таа одговара дека е ,,најмногу поради ликовите, кои не се едно димензионални. Секој е уникатен карактер. Ликовите не водат низ приказната. Доколку еден серијал, без разлика дали е книга или филм, нема интересни и динамични ликови со кои публиката не може да се поврзе, тој не е успешен’’.

Пет години подоцна, можам да кажам дека Ива е страствен читач и мислам дека оваа литература можеби и создаде љубов кон книгата и пишаниот збор. Но, таа е еден од милионите фанови на овој серијал, за кој се смета дека е феномен од причина што ни претставува еден магичен свет, во кој многу луѓе би сакале да се најдат.

Едно истражување кое било спроведено преку Federation of Children’s Book Groups покажало дека 59% од децата сметаат дека Хари потер книгите им помогнале да ги подобрат своите читачки способности. Половина од децата одговориле дека Хари Потер книгите ги натерале да сакаат да читаат повеќе книги.

Во истото истражување, 84% од наставниците одговориле дека момчето волшебник имало позитивно влијание врз читачките способности на децата, а 2/3 од нив сметаат дека токму Хари Потер ги претворил учениците нечитачи во читачи. Дури 83% од наставниците сметаат дека Хари е добар ,,role model’’ за децата, а 3/4 и самите го прочитале серијалот и уживале во него.

И покрај тоа што е литература за деца, сепак дури 50% од читателската публика на Хари Потер книгите се возрасните. Делумно бидејќи овие, сега возрасни луѓе, израснале со серијалот на книги или филмови, снимени според книгите.

Ако во домот има книги, поверојатно е дека детето ќе посегне по книгата, од љубопитност. Пробајте со различна литература, а ова е само еден личен пример, кој вродил со плод, во детето да се развие љубов кон книгата.

Практични совети за стекнување на нови еко-навики и намалување на потрошувачката на хартија

Хартијата претставува еден од најраспространетите и најчесто употребуваните потрошувачки материјали во светот и покрај порастот во употребата на електронските средства за комуникација (интернет, компјутер, маил, телефон…).

Во минатото, хартијата се правела од стари ткаенини, а денес, првенствено, се прави од целулоза која се наоѓа во дрвото. За да ја добиете хартијата, треба да исечете голем број дрвја. За да се зачуваат шумите и да се спасат дрвјата, многу е важно да се рециклира хартијата, за да се зачува овој природен ресурс.

Уништувањето на шумите е еден од клучните проблеми со животната средина со кои денес се соочуваме. 42 % од целото светско производство на дрво се користи за производство на хартија. Дали вреди животот на сите оние дрвја кои се исечени?

Во 2022. година сите заедно да се сплотиме и да придонесеме за заштита на околината со стекнување на нови еконавики. Доколку сите преземеме неколку мали чекори во нашето секојдневие директно можеме да влијаеме на заштитата на животната околина.

Во продолжение, прочитајте ги нашите практични совети и дознајте како заедно да ја намалиме потрошувачката на хартија за да ги зачуваме природните ресурси на планетата!

1.    Печатете двострано
За документи кои немаат посебни услови за печатење, користете ги двете страни на хартијата за печатење. Ова ќе ви заштеди еден лист хартија.

2.    Користете е-маил
За документи што не се премногу важни и за кои не треба физички докази, користете е-маил. За внатрешни комуникации употребувајате е-маил како комуникациски медиум, наместо да користите регуларна пошта за која треба да се потроши хартија. 

Ако сте член на Пензискиот фонд од Втор или Трет столб, секоја година по пошта добивате „Зелен плик“ со информации за Вашата пензиска заштеда, но зошто да не се регистрирате за електронски годишен извештај, кој ќе пристигнува директно на Вашата е-маил адреса? Одберете да го добивате годишниот извештај по електронски пат.

Со одбирањето на оваа опција Вие сте сигурни дека информациите ќе стигнат брзо и безбедно до Вас, освен тоа ќе покажете дека се грижите и за животната средина.

Ви стојат на располагање повеќе начини за ажурирање на личните податоци. Посетете ја нашата веб-страница и проверете како можете да го направите тоа или контактирајте нé на 02/15 500 https://www.sava-penzisko.mk/

3.    Ограничете ја употребата на летоци и други промотивни материјали
Ограничете го печатењето на летоци и други промотивни материјали, и истите испраќајте ги во електронска форма.

4.    Користете рециклирана или недрвна хартија
Доколку печатењето е неопходно, тогаш употребувајте рециклирана хартија (на пример, хартија од слама/шеќерна репка).

5.    Намалете ја употребата на хартиени чаши, хартиени чинии за еднократна употреба и почнете да користите прибор за повеќекратна употреба

Рестрикцијата во употреба на хартија во секојдневието им помага на компаниите да заштедат на простор за архивирање, а истовремено ја зголемува продуктивноста, помага за брза размена на информации со употреба на е-маил и, најважно, директно влијае на зачувувањето на доверливоста на информациите.

Покрај тоа, компаниите кои се стремат за помала употреба на хартија во работата директно помагаат во заштита на животната средина: Колку помалку хартија користиме, толку повеќе дрва остануваат зачувани.

Мотив повеќе да ја намалиме потрошувачката на хартија се следните интересни факти за неа:

  • Со заштеда на еден тон хартија, можете да заштедите 17 дрвја, 26.000 литри вода, 4.000 киловати електрично напојување и 240 литри гориво;
  • Канцелариски работник произведува 160 килограми хартија отпад, 45 % од сите документи кое се испечатени во текот на денот веднаш по печатењето се фрлени;
  • 50 % од отпадот на сите компании е составен од хартија;
  • Користејќи ја целата хартија што ја трошиме за работа секоја година, можеме да изградиме ѕид од 12 метри од хартија, помеѓу Њујорк и Калифорнија;
  • 324 литри вода што се користи за да се направи 1 кг хартија, 10 литри вода се потребни да се направи еден лист хартија од А4 формат;
  • Хартијата претставува 25 % од депонискиот отпад и 33 % од комуналниот отпад;
  •  93 % од хартијата доаѓа од дрвјата;
  • Секое дрво произведува доволно кислород за дишење на 3 лица;
  • Додека го читате овој текст, веќе се произведени повеќе од 199 тони хартија.

Фриленсинг – предности и решенија на недостатоците

Под поимот фриленсинг (freelancing) се подразбира хонорарна или непостојана работа, па, така, оној кој се занимава со оваа работа е фриленсер, односно работи како хонорарец. Најчесто тоа се луѓе кои немаат сопствена фирма и функционираат како физички лица.

Не секоја професија ја нуди таа можност за таков вид на работа, па вообичаено фриленсерите се дизајнери, архитекти, програмери, новинари, преведувачи, уметници, фотографи, маркетинг-менаџери, веб-девелопери, блогери, сметководители и слични вакви професии.

Често поставувано прашање е кои се главните предности, односно што е тоа што ги мотивира луѓето за да се занимаваат со фриленсинг?

Како главни предности на фриленсингот се издвојуваат:

  • Фриленсерот има флексибилност во одлучувањето, односно сам си го одредува работното време, работното место, како и фирмата со која ќе соработува;
  • Фриленсингот нема потреба од големи инвестиции, неоходно е само компјутерска и софтверска опрема и стабилна интернет-врска;
  • Фриленсерот има солидна заработка во однос на ефективните работни часови, односно има доволни месечни примања со кои лесно ќе може да издвои сума за покривање на персоналниот данок, здравственото и пензиското осигурување.

Но, како најголем проблем кој се појавува во ваквиот вид „професија“ е недостатокот на бенефитите, како што се пензиското и здравственото осигурување.
Решение на овој недостаток за пензиско осигурување нуди Сава пензиско друштво.

Вие како фриленсер можете да се зачлените во Третиот пензиски столб во Сава пензиско друштво и на доброволна основа да си уплатувате свој пензиски придонес, односно да инвестирате во Вашата иднина. Колку порано почнете да инвестирате, толку поголем принос ќе добиете со текот на времето (https://www.youtube.com/watch?v=Mvf0Qw1uGos).

Меѓу големиот број предности, како најголема предност во членувањето во Третиот (доброволен) пензиски фонд е тоа што можете да уплатувате кога сакате и колку сакате. Тие средства се инвестираат и оплодуваат од Сава пензиско друштво и служат како дополнителен приход за пензионерските денови, односно како заштеда за златните години.

Средствата можете да ги подигнете во еднократен или во повеќекратен износ, најрано на 52 години за жена, односно 54 години за маж, а најдоцна на 70 години.

Во прилог линк до калкулатор за пресметка на вашата очекувана пензиска заштеда: https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/calculator/voluntary-individual-plan/.
Како решение во поглед на недостигот на здравственото осигурување, информирајте се кај некоја осигурителна компанија која нуди приватно здравствено осигурување, како што е Сава Осигурување.

НАДМИНЕТЕ ГИ НАДОМЕСТОЦИТЕ И ПРЕТВОРЕТЕ ГИ ВО ПРЕДНОСТИ.

Информирајте се подетално на https://www.sava-penzisko.mk/ или посетете нѐ во најблиската експозитура на НЛБ банка, Сава осигурување или Сава пензиско друштво, каде нашите агенти Ви стојат на располагање околу секое дополнително прашање и ќе Ви помогнат во процесот на зачленување.

Стефан Пужовски

Развојот на македонскиот литературен јазик

Јазикот како средство за комуникација, секогаш го врзуваме со определен народ, нација, на тој начин ги идентификуваме поединците, заедницата, додека пак стандардниот литературен јазик го поврзуваме со државата во која што се употребува и е официјален, службен.

Македонскиот јазик спаѓа во семејството на јужнословенските јазици и се наоѓа во источната подгрупа. Mестото на македонскиот јазик е во индоевропското семејство, односно словенските јазици јужна група и источна подгрупа на јазици. Покрај тоа што спаѓа во словенските јазици, македонскиот јазик, спаѓа и во балканските јазици.

Има определени особини по кои македонскиот јазик се разликува од останатите словенски јазици и тоа: немање падежи, односно деклинација, третосложен определен и динамичен акцент; удвоен предмет, минато време со помошниот глагол сум и глаголска придавка и минато идно време.

Македонскиот јазик во првата половина на XIX век се поклопува со просветителството, односно со погледите за јазикот на нашите претставници: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски. Нивното дело го продолжуваат учебникарите, кои го поставуваат прашањето за литературен македонски јазик: Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Кузман Шапкарев и Јордан Константинов-Џинот.

Македонските говори рано започнале да развиваат извесни црти што ги изделуваат како целост во однос на говорите на соседните јужнословенски јазици. Македонскиот јазик покажал и посебен развиток и во однос на назалните согласки. Тука се појавила вокализација на еровите (редуциран вокал) и промена на назалните согласки кои се одделни појави и по хронолошки пат и по резултатите. Притоа, единствено, во македонскиот јазик дошло до изедначување на Ѧ со Ѣ, по губењето на назалниот призвук.                                                                                                                                                          

Кодификацијата на македонскиот литературен јазик, којашто е и официјално озаконување на литературниот јазик и негова практична примена, ја одразува македонската јазична практика и таа е поврзана со неколку историски настани, односно: со решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, со официјалното усвојување на македонската азбука и на македонскиот правопис.

Нешто подоцна во 1945 година, Комисијата составена од македонски филолози и од општествени дејци поднеле предлог за азбука и за правопис на македонскиот јазик, за, потоа, конечно на 7 јуни 1945 година да биде озаконет правописот. Како клучна фигура која има значаен придонес за кодификацијата на македонскиот литературен јазик и за стандардизацијата на литературно јазичната норма се јавува Блаже Конески.

Македонистиката како наука која ги проучува развојот, правописот и другите карактеристики на македонскиот јазик, започнува да се развива со голема брзина дури по обновувањето на македонската државност во 1944 година. Според тоа, со кодификацијата на современиот македонски литературен јазик и основањето на низа образовни и научни установи, чиј основен предмет на изучување е македонскиот јазик, се создаваат сите услови за непречено и објективно развивање на македонистиката како дел од светската наука за јазикот.

Неизбежен дел којшто следувал по прогласувањето на македонскиот јазик како службен јазик во 1945 година, е донесувањето на македонската азбука, којашто претставува официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Северна Македонија. Таа се заснова на кирилицата со одредени измени приспособени на македонскиот гласовен систем.

Современата македонска азбука се темели на кирилската азбука на Крсте Петков Мисирков. Азбуката е составена од вкупно 31 буква, од кои 5 самогласки и 26 согласки.

Иако точниот број на говорители на македонскиот јазик како мајчин и како втор јазик не е точно познат, се претпоставува дека има помеѓу 1,5 милион и 3,5 милиони кои го говорат македонскиот јазик како мајчин.

Денес можеме да кажеме дека  македонскиот јазик по многу предизвици низ историјата, претставува целосно оформен и современ литературен јазик, но, сепак, не треба да се запре тука, бидејќи  јазикот е непресушен извор, којшто треба, пред сè, постојано да се негува, да се надградува и, секако, да се зачува, пренесувајќи го на идните поколенија.

Користени извори на информации:
makedonskijazik.mk
manu.edu.mk
www.macedonism.org
wikipedia.org

Зелените обврзници како инструмент за финансирање на одржлив развој

Во последно време сме сведоци на акцентирањето на глобалниот концепт за одржлив развој, што, всушност, претставува предизвик со кој се соочува секоја индивидуа, држава, а и светот, воопшто, сè со единствена цел да се обезбеди континуирано зголемување на квалитетот на животот и благосостојбата во државата и да се обезбеди одржлив развој за сегашните генерации без, притоа, да се загрози можноста за задоволување на потребите на идните генерации.

Имајќи го предвид тоа, зелените обврзници се еден од инструментите кои можат да одиграат важна улога во напорите за обезбедување на одржлив развој.  

Што се, всушност, зелени обврзници и кои критериуми треба да ги исполнуваат? Зелените обврзници се какви било обврзнички инструменти каде нето-прибраните средства (прибрани средства намалени за трошоците за нивно издавање) или нивниот  еквивалентен износ ексклузивно ќе бидат употребени за финансирање или рефинансирање, делумно или целосно, нови и/или постојни подобни зелени проекти и кои се усогласени со Принципите на зелени обврзници (ПЗО) при Меѓународната асоцијација на пазарот на капитал (ICMA).

Што претставувват Принципите на зелени обврзници?
ПЗО се доброволни насоки кои препорачуваат транспарентност и обелоденување и промовираат интегритет поради развој на пазарот на зелени обврзници со појаснување на пристапот на издавање на овие инструменти.

ПЗО се наменети за широка употреба на пазарот, бидејќи ги насочуваат издавачите кон клучните компоненти за лансирање на кредибилни зелени обврзници; им помагаат на инвеститорите преку промовирање достапност на информации потребни за оценување на влијанието врз животната средина од зелените обврзници во кои би инвестирале и им асистираат на преземачите на ризик (underwriters) нудејќи витални чекори кои ги олеснуваат трансакциите и го зачувуваат интегритетот на пазарите.

ПЗО препорачуваат јасен процес на обелоденување за издавачите, кои инвеститори,  банки, преземачи на ризик и останати можат да го користат за да ги разберат карактеристиките на која било зелена обврзница. ПЗО ја нагласуваат потребната транспарентност, прецизност и интегритет на информациите кои ќе бидат обелоденети и објавени од издавачите до засегнатите страни преку основни компоненти и клучни препораки.

Какви видови зелени обврзници постојат?
Тековно, постојат четири видови зелени обврзници (дополнителни типови може да се појават како што се развива пазарот и тие ќе бидат вградени во ажурирањата на ПЗО):

  • Обврзница со стандардна зелена употреба на нето-прибраните средства е стандарден должнички инструмент кој е усогласен со ПЗО. Во случај на банкрот на издавачот, имателот на обврзницата има право да бара дополнителни средства од издавачот доколку состојбата на долгот ја надмине вредноста на колатералот.
  • Зелена приходна обврзница е инструмент чија кредитна изложеност е поврзана со заложените готовински текови од приходите, провизиите, даноците итн. Нето-прибраните средства се користат за финансирање на поврзани или неповрзани зелени проекти кои ги следат ПЗО.
  • Зелена проектна обврзница е проектна обврзница за финансирање на еден или повеќе зелени проекти за кои инвеститорот има директна изложеност на ризик кон проектот или проектите со или без потенцијален регрес од издавачот.
  • Зелена секјуритизирана обврзница е обврзница која е обезбедена со еден или повеќе специфични зелени проекти, вклучително, но не и ограничена со колатерализирани обврзници, хипотекарни обврзници или слични структури. Овој инструмент ги следи ПЗО и вообичаено првиот извор на отплата е готовинскиот тек на средствата. На пример, хипотекарните обврзници можат да вклучуваат заеми за енергетски ефикасни домови. [1]

Кои категории зелени проекти можат да бидат финансирани преку издавање зелени обврзници? Подобните категории на зелени проекти вклучуваат, но не се ограничени на финансирање:

  • Обновливи извори на енергија (вклучувајќи производство, пренос, апарати и производи);
  • Енергетска ефикасност (како, на пример, во нови и обновени згради, складирање енергија, централно греење, паметни мрежи, апарати и производи);
  • Спречување и контрола на загадувањето (вклучувајќи намалување на штетни воздушни емисии, контрола на стакленички гасови, санација на почвата, намалување на отпадот, рециклирање отпад итн.);
  • Еколошки одржливо управување со живите природни ресурси и користење на земјиштето (вклучително и еколошки одржливо земјоделство, сточарство, шумарство итн., пошумување и реставрација на природни предели);
  • Копнена и водна биолошка разновидност;
  • Чист транспорт (редуцирање и елиминирање на штетни емисии преку употреба на возила кои не користат фосилни горива);
  • Одржливо управување со водите и отпадните води;
  • Адаптација кон климатските промени (преку следење на истите и развивање системи кои рано предупредуваат на можна опасност);
  • Производи, производни технологии и процеси кои се приспособени на циркуларна економија (креирање и користење на компоненти кои можат да се рециклираат);
  • Зелени објекти кои ги задоволуваат локалните, националните и меѓународните стандарди или сертификати за еколошки перформанси.

[1] Забелешка на авторот.

Ефектот на мултитаскингот во работењето

Сѐ поголемиот обем на работа ја услови потребата да бидеме побрзи и поефикасни и нѐ принудува да работиме повеќе работи одеднаш. Решавањето на повеќе работи одеднаш е познато како мултитаскинг.

Мултитаскингот ни создава чувство на продуктивност, бидејќи решаваме повеќе рутински задачи, а притоа не правиме штета во квалитетот на извршувањето на тие задачи.

Меѓутоа, доколку беспомошно се вртиме во круг, работиме од сѐ по малку, а ништо не завршуваме до крај, тогаш се создава ефект на исцрпеност и фрустрација, со што  ќе резултира до зголемување на работните задачи.

Решавањето на повеќе задачи во еден момент оживеа во 90-тите години на XX век, кога е направено истражување за работната ефикасност при што е донесен заклучок дека работниците се попродуктивни извршувајќи повеќе работи одеднаш. Меѓутоа, практиката подоцна покажа дека мултитаскингот е добар само во случај на извршување на рутински работи кои не бараат поголема концентрација и внимание.

Постојат докази дека човекот кој работи две, три или пет комплексни работи одеднаш, не само што нема да биде продуктивен, туку постои шанса да биде и контрапродуктивен.

Така, многу истражувања и анализи се правени во изминативе години за ефектот на мултитаскингот во работењето. И сите резултати велат дека ние не сме толку добри, како што мислиме, во извршувањето на повеќе работи одеднаш. Според истражувањата, мултитаскингот ја намалува нашата продуктивност дури за 40 %, го забавува нашиот прогрес, влијае на нашиот фокус и ја намалува можноста за учење на нови информации.

Како заклучок на претходното, се поставува прашањето, кои штетни ефекти ги носи мултитаскингот?

  1. Ве пренасочува да мислите на квантитетот во извршувањето на обврските, но не и на квалитетот – при повеќе извори на информации, мозокот не е способен да утврди што е навистина важно за да се задржи во нашата меморија.
  2. Физички напор – при извршување на повеќе задачи одеднаш, ние го пренасочуваме вниманието од едел дел од мозокот до друг. За тоа е потребно многу енергија.
  3. Стрес – како резултат на зголемен физички напор поради извршување на две или повеќе задачи, ние не сме во можност до крај да ги извршиме работните задачи и се јавува стрес.

Но, истражувањата велат дека мултитаскингот нема само штетни ефекти. Мултитаскингот е вештина која се учи. Ако сакаме да ја развиваме нашата вештина за мултитаскинг, треба и ние повеќе да се едуцираме, да ги спознаеме техниките на работа и да вежбаме напорно. За да бидеме попродуктивни во извршувањето на повеќе работни задачи, треба да ги извршуваме оние задачи кои не се премногу тешки и комплицирани.

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

  • Нелсон Мандела

Образованието претставува најмоќната алатка којашто денес еден човек може да ја поседува. Може да се каже дека образованието ни помага да го зголемиме знаењето за да можеме активно да ги постигнуваме и да одговориме на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваме во животот.

Образованието претставува пасош којшто со леснотија ги отвора вратите од иднината давајќи ни моќ којашто никој не може да ја одземе. Образованието е клучот слабоста за да се претвори во сила. Што е уште поважно, тоа ни обезбедува значителна ментална агилност за да донесеме правилни одлуки и да почнеме да дејствуваме кога е потребно.  

Меѓутоа, образованието има многу позитивни бенефити и индивидуални,  но и за општеството во целина. Од една страна, придонесува за креирање на подобри можности за вработување обезбедувајќи поголеми приходи, развивање на различни вештини кои помагаат за просперитетен и среќен живот од повеќе аспекти. Од друга страна, високата стапка на образование овозможува подобрување на економијата, изградба на модерно општество, решавање на општествени проблеми и предизвици и креирање на еднакви можности за сите.

Денес постојат многу формални и неформални типови на образование во безброј области, но финансиското образование и финансиската едукација е тоа што секоја индивидуа треба да го поседува. Финансиската писменост е способност да се  разберат и ефективно да се користат различни финансиски вештини, вклучувајќи лично финансиско управување, буџетирање, инвестирање, управување со ризици и слично.

Во последниве децении финансиските производи и услуги станаа сѐ повеќе распространети збогатувајќи ги финансиските одлуки, но, од друга страна, бараат и разбирање на одредени економски концепти како што се сложената каматна стапка и временската вредност на парите. Како резултат на комплексноста и потребниот период за разбирање, развиените земји се обидуваат финансиската едукација да ја започнат што е можно од порана возраст, преку воведување на предмети во училиштата.

Нивото на финансиска писменост во една држава е од исклучителна важност. Истражувањето спроведено од „Standard & Poor’s“ покажува присуство на силна позитивна врска помеѓу финансиската писменост на населението со економскиот развој на една држава мерено преку реалниот БДП по глава на жител.

Нивото на финансиска писменост може да варира во зависност од нивото на образованието и приходите, но анализите покажуваат дека високообразованите потрошувачи со високи примања можат да бидат исто толку неуки за финансиските прашања како и помалку образованите потрошувачи со пониски приходи (иако, генерално, вторите имаат тенденција да бидат помалку финансиски писмени). Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), луѓето изјавиле дека изборот на вистинската инвестиција за план за штедење во пензија бил постресен отколку од посетата на стоматолог.

Така и во Република Северна Македонија финансиската писменост се смета дека е од јавен интерес, бидејќи индивидуалните и личните одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој на државата. Според податоци добиени од НБРСМ, нивото на финансиска писменост на возрасното население во РС Македонија изнесува 56 % од максимумот, што е блиску до просекот на Југоисточна Европа од 57 %, но е пониско од постигнатите резултати на земјите членки на Европската Унија и ОЕЦД, од 64 и 65 %, соодветно, со што се упатува на неопходноста за понатамошни активности.

Од друга страна, пак, според најновото истражување на ОЕЦД, од аспект на финансиска инклузија, во нашата држава, луѓето најчесто користат платежни услуги (67 % од испитаниците), 44 % се корисници на кредитни производи, а 36 % се изјасниле дека користат одредена форма на заштеда (депозит, удел во инвестициски фонд, заштеди за пензионирање и слично), додека само 5 % се корисници на некаков вид на осигурување.

Според податоците, видливо е дека со текот на годините финансиската писменост на македонското население се зголемува, но процесот на финансиска едукација, несомнено, треба да продолжи со зголемен интензитет и вклучување на сѐ повеќе луѓе во истиот.

Преку креирање и употреба на современи технологии и едукативни алатки (апликации, веб-страници, стимулативни игри и слично) коишто овозможуваат разбирлива, достапна и бесплатна содржина, може да се влијае врз луѓето да донесуваат помудри финансиски одлуки, но и долгорочно да се придржуваат до истите. Потоа, помасовно вклучување на национални настани како што се „Денови на финансиска писменост“, почеста организација на предавања поврзани со финансиска едукација во основното, средното и високото образование и можност за воведување на предмети.

Покрај активностите коишто треба да се преземаат од страна на финансиските и регулаторните институции и луѓето самоиницијативно треба да се залагаат за зголемување на финансиската едукација, преку онлајн курсеви, присуство на организирани настани и предавања од таа област или доколку сакаат подлабоко да навлезат во финансискиот свет, преку полагање на одредени лиценци за финансиска анализа како што е CFA (Chartered Financial Analyst).

Повеќе од 21 милион денари по основ на камати и 43 илјади САД долари од дивиденди за членовите во Сава пензиски фонд за успешен почеток на 2022 година

Ве информираме дека во периодот од 02.01.2022 – 11.01.2022 година на сметката на  Отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, пристигнаа приливи од камати во износ од 2.370.957,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 18.719.444,00 денари.

Во истиот период на сметката на Сава пензиски фонд, Отворен задолжителен пензиски фонд, пристигнаa приливи од дивиденда во износ од:

  • 2.114,55 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Invesco Global Water ETF;  
  • 2.050,12 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares MSCI Chile ETF; 
  • 796,47 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares Global Clean Energy; 
  • 1.485,15 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Ishares Global Tech ETF;
  • 3.373,93 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X Autonomous&Elec-ETF;
  • 19.996,26 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X E-Commerce ETF и
  • 13.662,64 САД долари, од инвестираните средства во инвестицискиот фонд Global X Video Games & Esport.

Во истиот период, на сметката на Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, пристигнаa приливи од камати во износ од 57.419,00 денари, по основ на орочени депозити во домашни банки и прилив од камата од инвестиции во домашни државни обврзници во износ од 107.127,00 денари, како и приливи од дивиденда во износ од 1.005,86 САД долари од инвестираните средства во повеќе инвестициски фондови.

Овие приливи кои се резултат на инвестирањето на пензиските заштеди акумулирани во пензиските фондови, им припаѓаат на членовите и на пензионираните членови на фондовите и пропорционално се распределуваат на нивните сметки.

Повеќе информации за резултатите од инвестирањето на средствата на пензиските фондови имате на https://www.sava-penzisko.mk/mk-mk/company/financial-report/2021/

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk